ДВАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА НА БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА Зборник на излагања ...

ДВАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА НА
БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА


Зборник на излагања






Национална установа - Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола


ДВАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
НА БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА


Зборник на излагања
Тркалезна маса, Битола


Битола, 2025




Издава
Националната установа – Универзитетска библиотека


„Св. Климент Охридски“ - Битола
ул. „Пеце Матичевски“ бр. 39, Битола


За издавачот
м–р Емилија Стефановска-Давкова


Издавачки совет:


докторанд Фатма Бајрам Аземовска
м–р Милка Котевска
Марија Марковска


Главни и одговорни уредници
м–р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски


Маријан Колевски


CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје


821.163.3-1(082)
821.163.3-32(082)


РОДНОКРАЈНА средба на битолските писатели во Македонија (20 ; Битола)
Дваесетта роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
: зборник на излагања : тркалезна маса, Битола / [главни и одговорни
уредници Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, Маријан Колевски]. - Битола :
Национална установа Универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски",
2025. - 97, [3] стр. ; 25 см


ISBN 978-608-5045-10-5


COBISS.MK-ID 66472965




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


5


20. ЗБОРНИК НА ИЗЛАГАЊА


(20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија)


Приредил м–р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, виш библиотекар


Моите зборови запишани во споменот на идните генерации


Секој збор запишан во овој зборник е семе кое го сееме во почвата на
времето. Можеби изгледа мало, но веруваме дека тоа знае кога да никне и
тоа во рацете на некој вљубеник на пишаниот збор.
Овие зборови се неми сведоци на нечии соништа, победи и традиции кои
се трудиме да ги пренесуваме на идните генерации. Тие се мост за оние
што ќе дојдат после нас, за да не чекорат сами низ лавиринтите на своите
мисли. Овие зборови ќе им шепнат за оние кои чекореле и твореле пред нив,
а денес чекорат тие.
Две децении роднокрајните писатели од Битола оставаат зад себе
непроценливо богатство на пишаниот збор. Зборников од јубилејната
дваесетта средба на тема „Моите зборови запишани во споменот на идните
генерации“ ги собра дванаесеттемина роднокрајни писатели членови на
Друштвото на писатели на Македонија: Даниела Андоновска-Трајковска,
Петре Димовски, Љубе Митрејчевски, Добре Тодоровски, Ели Маказлиева,
Христо Петрески, Весна Мундишевска-Вељановска, Биљана Котевска-
Димко, Елизабета Јончиќ, Милица Димитријовска-Радевска, Зоран
Пејковски и Мирјана Стојановска.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


6


И уште девет роднокрајни писатели од Битола: Сања Мучкајева-
Видановска, Илче Стојановски, Марија Трифуновска-Тасеска, Игор
Трајковски-Фоја, Божин Андоновски, Лили Бошевска, Никола Ристевски,
Светлана Папачек и Аница Златевска, чии творби беа избрани по конкурсот
распишан на оваа тема.
И оваа година писателите оставија дел од своите зборови запишани во
споменот, за да бидат читани од идните генерации — како еден времеплов
низ настани и случки, овековечени низ страниците на овој зборник.
Нека овие зборови живеат долго, нека се преточат во приказни, во
спомени и во нови зборови што ќе ги создаваат генерациите што доаѓаат.
Овој зборник ќе остане сведок за нашиот глас, макар и шепот, кој допрел до
утрешнината.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


7


Роднокрајни писатели од Битола
членови на Друштвото на писатели на


Македонија




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


8


Даниела Андоновска-Трајковска


ЖУ РОНГ ЖУРОНГ


кога ќе имам доволно години
сама со ранец на грбот
ќе се искачам на врвот од себеси
ќе го превртам виделото наопаку
небото ќе ми биде земја
земјата небо
ќе престанам да го бројам времето
ќе ги вратам деновите што ми биле позајмени
меѓу ѕвездите
ќе ги пуштам нозете да ми висат
на 1300 метри надморска височина
мислите слободно ќе ми лебдат во воздухот
без цензура
дишењето мое ќе се гнезди
меѓу врвовите на прстите на Бог
ќе се шират белите дробови на тишината
ќе заискрува темнината
и ќе бидам будна
кога во мене ќе влегуваат луѓето
по оган


луѓето не знаат да го чуваат огнот,
заспиваат и го забораваат
ми вели Маунт Хенг,
и со поглед на богомолка ме втиснува на каменот
Божество на долговечноста станувам
во илјадници сонца се распрснува
мојата песна
и ти дожежува во срцето


Жу Ронг
Журонг, ме гледаш
и ме изговараш




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


9


Жу Ронг
Журонг, те гледам
и ти изгревам на лицето


НА СОБОРНАТА КАРПА НА БЕСМРТНОСТА
ВРЕМЕТО СПИЕ


спие времето на темето на Бог
де се подигнува
де се спушта
со дишењето на Моунт Хенг


Џанг Гулао игра шах со вечноста
ги лови мислите што ги шират
крилјата на синото платно
потпивнува од виното исцедено од тревки
белото магаренце трпеливо молчи во џебот
и ја чека водата од неговата уста
за да воскресне


тишината
се рони од Соборната карпа на бесмртноста
и паѓа врз храмовите
како ситни капки дожд на вечен живот
со црвено мастило
мудроста се втиснува врз камењата
нозете ни исчезнуваат во облаците
старецот ни го извиткува погледот
патот исчезнува под белите копита


на темето на Бог
спие времето
де се подигнува
де се спушта
со дишењето на Моунт Хенг




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


10


ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ПЕСНАТА (РЕЗ 46)
На Св. Софија


Времето слој по слој се лупи
од ѕидовите на Св. Софија
и ги открива вековите


Мојот стих се одбива од куполата
и во кружна форма
како мудрост ми се враќа.


Дишат зборовите под мојата кожа.
Песната сама се искачува
по небото.


Ситни капки тишина
ми капнуваат
на челото


Нотите пеат совршено
во храмот на нашите
срца.


НЕБО ВО ЕЗЕРОТО (ЗАРЕЗ 47)


Шушка есента под нашите чекори
Небото носи мочуриште во клунот
И потонува во езерото
Илјадници мисли испливуваат
Во погледите
Шумата кривулесто се издолжува
На нашите лица
Песната нè прска со солена среќа
На челото
Нашите спомени
Паѓаат од дрвјата
На клупата седнуваат




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


11


и нè погледнуваат


Со полни срца злато
си одиме
дома.




ОГНЕНА ПЕСНА (РЕЗ 47)
На Аполон


гулаби ни слетуваат во погледите
и ги колваат зборовите што ни капат
од очите


од срцето на земјата извира огнена песна
тивка, пивка, лековита
ја пиеме голтка по голтка


ПЕСНА ЗА ВРЕМЕТО
Археолошки комплекс Сердика


Во ходниците влегуваме
Низ древната врата што не простува
По патот што нѐ опоменува дека сме застраниле
Со погледот што го откопува сонот на човештвото


Чекориме по ‘рбетот на времето
Што тргува со камени зборови
По калдрмата на вековите


Од своите мисли се сопнуваме
И сами ги градиме бедемите на опсадата
Тука сме
И не сме сами
Ни шепоти провевот што се вовлекува
Низ ѕидините
Не сме сами, изговара тишината
Со тупотот на коњите и товарот на времето
Не сме сами, ми шепоти сонот




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


12


И ми вели да се разбудам
Во новото утре кое се сеќава на тоа што било вчера.


ВРЕМЕ И ЧОВЕК (РЕЗ 49)


во ходниците на времето влегуваме доброволно
низ древната врата што не простува
и одеднаш престануваме да се сеќаваме кои сме
и сами си ги градиме бедемите на опсадата
за да го откопаме сонот на човештвото
и за да нè боли секогаш кога низ нас ќе минуваат
правите на случувањата


МИСЛИ КАКО ПЕПЕРУТКИ (ЗАРЕЗ 55)


има едни мисли кои како пеперутки
слетуваат во туѓи реченици
послушно легнуваат на рамото на осаменоста
и кротко гледаат низ прозорецот
пред кој се одигрува животот
не ни насетуваат
дека некој може да им ги смачка срценцата
само со еден замав со раката
иако се од другата страна на стаклото


ПРЕСУВАНА МИСЛА (ЗАРЕЗ 26)
На децата од Газа заглавени помеѓу бетонот и пејзажот


Сол ми тече низ вените
И мислата ми е неподвижна
Потисната од камени блокови
И не знам ни дали е ден или е ноќ
Крвта истекла до мене
И лежи на бетонско заглавје
Се гледаме в очи и не си простуваме


Има отпечатоци од прсти




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


13


Врз моето камено небо
Го гребам ревносно за да го излупам
Си ги полнам ноктите со црвени крвни зрнца
И секунди од камчиња собирам во моето очно дно
Се надевам дека еден ден ќе го составам
Мозаикот на животот
И дека низ забите на каменот
Ќе изникне стебленцето на надежта
И ќе ме огрее со насмевка


Но папсувам
Си го цицам прстот како некогаш кога бев многу мал
Се виткам како фетус
И сонувам дека не сум сè уште роден
Дека папочната врвка е мојата единствена врска
Со животот надвор
Иако и оваа земја
Во која се скриени семињата на иднината
И во чија утроба лежам
Личи на мајка


Но не
Не постојат неба од камен
Не постои свет во кој е нормално
Децата да заспиваат под покривка од јалова земја
И нема да сум јас тој кој ќе се разбуди под закана
Колку е утешителна таа мисла иако е смачкана
Под пресата на стравот...
Но, знаете ли што?
Можеби не постои ништо друго,
Можеби еве сè си замислувам,
Можеби и Бог не постои,
Но постои мама
Таа што никогаш нема да ме заборави
Да, да, таа жена
што гребе од другата страна на небото




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


14


СЛЕПИ СЕНКИ


има сенки невидливи со голо око
зашто други сенки паѓаат врз нив
сенки од висококатници, згради и облакодери
кои се држат на влакно од гнила идеја,
истрошени куќи во кои живее осаменоста,
сенки со замрзнати зборови под јазикот
одбиваат да истечат
од другата страна на комуникацијата
имаат страв од височина
зашто некој некогаш им рекол
дека не е возможно да се чекори слепо
на жицата од сонот
и да се одржи рамнотежата на јавето
и дека соништата никогаш не се остваруваат
колку и да ги притискаме очните капаци
со опачината на дланките
и дека ако сепак светлината одлучи
молскавично да нѐ погледне среде мракот
сами ќе ѝ го предадеме виделото
за да продолжиме да живееме
во удобната сенка
на јажето што над главата ни виси во јамка




СТРАВ ОД ЛЕТАЊЕ


стравот од летање се храни
од гравитацијата со која јавето
го повлекува сонот
и тој се распрснува како меур од сапуница
како никогаш да не се смеел
на крилјата на пеперутката





20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


15


РАСКРИЛЕНО НЕБО (ЗАРЕЗ 1)


зборови ко пеперутки
со насмеани крилца
го преселуваат небото
во очите на минувачите
мислите полетуваат
високо во иднината


едно шарено и раскрилено небо
се смее и плаче
во погледот на утрото


НЕБОТО МИ СЛЕТА НА ДЛАНКА


утрово
во солзи
небото ми слета на дланката
се напи од линијата на животот
колвна од моите мисли истрошени
и летна повторно во времето




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


16


Петре Димовски


ГОЛЕМОТО РАЗУРНУВАЊЕ НА БИТОЛА


Прошетува низ Битола Рудолф Арчибалд Рајс, Ангелина. Познатиот
форензички научник, хемичар и професор на Универзитетот во Лозана,
публицистот и дописникот од Големата војна, кој светот го запознава со
страдањата на македонскиот човек. Очевидец е кога една војска ја напушта
Битола, а друга влегува во градот. Влегуваат војските на Антантата.
Централните Сили излегуваат од Битола. Но, не заминуваат далеку, туку се
стационираат по подножјето на Пелистер. И го гледа и тоа Рудолф, како од
таму со топовите жестоко ја гранатираат Битола.
И додека бијат топовите, звукот на авионите, што го најавуваат
учеството во разурнувањето на градот тревожно надоаѓа. Сирените
вознемирувачки ја потврдуваат опасноста од бомбите. Експлозии го
тресат градот, пламтат огнови, чад и прашина прекриваат, мирисот на
согорен органски материјал се шири низ воздухот. Населението на Битола
е во куќите, во кералите. Бомбите пробиваат низ градбите, шрапнелите
прободуваат во телата. Многу смрт. Смрт на невини цивили, кои ништо
не посакале друго освен да живеат. Тоа право експлозиите им го одземаат-
сведоштво кажувањето од Рудолф Арчибалд Рајс за големите злосторства
брз незаштитеното население на градот.
Дел од жителите на Битола заминале. Некои се одведени да кулучат
за потребите на војските. Но дел останале во своите домови, иако постојано
градот е бомбардиран. Останале зашто нема каде да отпатуваат. Секаде
наоколу е војна, за нив нема место на спасот. Би побегнале во планината да
не се таму војските на Централните Сили. Но, тие се таму и продолжуваат
со гранатирање на градот.
Цивилното, домородното население гине во експлозиите. Гинат
деца, жени, немоќни старци. Закриени во куќите, а од бомбите и таму не
можат да се сокријат. Не излегуваат од нив зашто војските ќе ги одведат на
копање ровови, градење на патишта и утврдувања, каде исто така животот е
ставен на вересија. Младите мажи, и од нив повозрасните се мобилизирани
на фронтовите. Војските се настрвиле врз овој невин град да го поништат.
Гракаат и колваат црни гаврани. И тоа ни е сведоштво од Рудолф.
Градот нема своја, македонска војска што ќе го штити од напаста,
Ангелина. Градот е сосема незаштитен пред големата разурнувачка и




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


17


убиствена моќ на Централните Сили.
Рудолф ги дава сведоштвата за тоа. Гледа потресна сцена. Мајка
заштитува три дечиња - едно на раце, двете завлечени под нејзината облека,
ветувајќи им мајката дека безбедни се со неа и таа ќе ги спаси. Авионите
на Централните Сили надоаѓаат во ноќ и пуштаат бомби врз куќите на
градот во кои се сокриени неговите немоќни жители. Тоа се посмртоносни
од смртоносните бомби. Во себе го затвораат отровот кој експлозијата го
ослободува низ нивните домови и им ги труе животите бојниот отров.
„Ги наоѓам во куќата четирите жители. Мртви од отровите.“ Така сведочи
Рудолф. И се движи меѓу урнатините по улиците. Пресретнува сцена. Момче
гимназијалец, за девојки донесени на лекување прашува болничар пред
болницата: „Дали оние две млади девојки се опасно ранети?“ Болничарот
одговара: „Се плашам дека нема да преживеат“, но го издава гласот дека
тие веќе се мртви.
„Тие ми се сестри“ кажува гимназијалецот и се оддалечува во плач.
Таа ноќ, меѓу 16 и 17 март 1917, кога првпат се употребени
проектилите со гасно полнење над Битола, од распрскувачките проектили
загинале 19 цивили, додека со гасните бомби се убиени 62 цивили - од нив
25 жени и 32 деца. И од тој ден, кажува Рудолф, проектилите со отровни
гасови паѓаат секој ден на сите делови на несреќниот град. Централните
Сили ги пуштаат ноќе, кога сиромашните жители се во сон и никако да не
можат да ѝ избегаат на смртта.
Рудолф сведочи дека бојни отрови се користени врз овој маченик
град, наменети против неговото население. Како би биле против војниците
во градот кога тие се заштитени со маски?! Незаштитено е цивилното
население и тоа умира. Нема мртви војници, туку само цивили.
Движејќи се по улиците на Битола, пренатрупани со урнатини, среќава
страшни сцени. „Среќавам сцена на многучлено семејство. Активистите од
хуманитарната организација ги извлекле членовите од куќата. Сите се мртви
- единаесетмина. Од дете годиначе до нивниот дедо. А сè што посакувале
од овој свет било да живеат.“ И запишува Рудолф: „Битола е отворен град и
според еден член од Хашката Конвенција од 1907 година, која ја потпишале
и царевите на Централните Сили, забранува бомбардирање на отворените
градови каков што е Битола. Но, Хашката Конвенција ја искинале.“
Те среќава Рудолф, Ангелина. Не се познавате, но забележува со
каква решителност и верба брзаш, и нагодува, да најдеш храна за детето кое
го држиш за рачето. Уште ниту одот не му е стабилно зацврстен, а кажува
тоа, на што мајката забрзува. „Гладно сум, мама!“
Гладно дете во гладен град. Каде да се најде храна за да се засити
гладот? Ја бараат сите, секому недостига. Ниту Рудолф многу нема, ама има




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


18


широко срце. Својата му ја подарува на детето. Ја подземаш, Ангелина, со
благослов и солза ти навира во окото од возбудата што пробива низ тебе во
сознанието дека по твојата земја се движат и добри луѓе.
И некоја верба го опфаќа Рудолф Арчибалд Рајс дека добрината ќе
го спаси човештвото. Треба да ѝ се даде можноста да дојде до израз. Таа
се понесува во срцето. Смета дека не сторил многу, а зафатила поплава од
благодарност.
Но, злокобниот звук по небото го оттргнува од мислата и го опфаќа
лутина што ништо повеќе не може да стори од тоа што го прави. И заклучува
дека човек секогаш треба да стори многу повеќе од тоа што го прави за да
се изгради светот на добрината. Свет во кој војните ќе бидат закопани во
минатото. А по небото ќе пловат само авионите во кои не е изграден простор
за бомби. Убеден е дека можен е таков свет, зашто опомената на злото го
потврдува тоа. Злото само урива, разградува, ништи и поништува. А за да
завладее доброто треба да се поништи коренот на злото. Тоа го понесува
како сознание што треба да се следи.
Сепак светот е премногу комплициран и таа борба до конечна победа
на доброто над злото ќе трае долго низ времето. Зашто сè уште човекот е
немоќен пред злото. Поставеноста негова е таква што големиот широк свет
пламнува од една искра. Доволна е само мала, ненасетна искра што ќе го
запали и ќе го изгори светот, а ете, немоќна е силата на доброто да го згасне
пожарот пред да начини голема штета. Но тоа, Рудолф сфаќа, не е негов
пораз во вербата, туку убедување како постојано треба да се дејствува за да
ѝ се затвори потребата и просторот на настанување на таа злокобна искра и
да не ѝ се даде времето да светне и да запали.
„Битола е најнесреќниот град на земјата“, им пишува Рудолф на
пријателите. „А беше најбогатиот град на овие простори.“
Патот Рудолф го води кон други насоки, нови средби и отворени
видувања. Собира информации, открива и потврдува факти, отвора
сознанија. Најцелосно ја има сликата на светот во кој е дојден да го открива.
Дека на таа раскрсница, каде се случуваат постојаните судири на туѓи
интереси живее народ страдалник, на кој пропагандите му го раскинуваат
ткивото. Тој народ го има својот јазик кој не се зборува ниту во Белград, ниту
во Софија, туку е само македонски. Народот што го зборува е македонскиот,
јазикот е на Македонецот. Земјата во која тој живее е Македонија.
Го запишува Рудолф тоа и запишано го праќа до трансферите на
информации - за да остане потврдено, незаборавено и трајно.
Го поставува пред светот прашањето: Зошто сите ги убиваат овие
кутри, страдални луѓе, а не ги заштитува никој од тие што дошле тука? Само
туѓинци се однесуваат така, а тоа однесување ги потврдува дојденците дека




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


19


се туѓинци. Боли страдањето на својот - не боли страдањето на туѓинецот,
ја потврдува својата мисла Рудолф.


***
Имаш повеќе средби со Мис Мери Метјус, Ангелина. Заеднички
стравувате над животот на твоето дете Фиданко. Таа е целосно посветена на
заштита на обесправените и пожртвувано се бори да стигне хуманитарната
помош до нив. Одомаќинета е со својата дејност тука. А војните беа овде и
кога таа не беше дојдена. По пристигнувањето тука од Америка се сретна
со нив. Веројатно и дојде за со нив да се сретне, зашто знаеше дека битките
што се водат оставаат сирачиња. Започна да работи во Домот за сирачиња.
Го надгледуваше Домот во Илинденскиот период, им помагаше на тие
што останале сами, што ги изгубиле своите родители. Се жртвуваше да ги
прибере и нахрани. Им помагаше да им ја намали болката за загубата.
Со таа хуманитарна дејност продолжува, еве, и во текот на оваа
голема војна. А со војните се и болестите. Ги лекува болните ученици. Ги
лекува и учителите. Во градот надоаѓаат и многу бегалци, како што се случи
и со тебе, Ангелина, бегајќи од воените дејствија на Завојот на Црна. Ги
лекува и нив.
Мис Мери Метјус во еден период од својата дејност беше единствена
Американка во Битола. Тоа е времето кога во Солун беше нејзината колешка
Мис Елен Стон.
Работата на Мери Метјус овде започна години порано. Кога Бордот
на комесаријатот за Мисионерство во странство на Америка, по нејзино
барање, ѝ ја одобри мисионерската работа. Таа тогаш веднаш тргна на пат,
во свет кој до тогаш ѝ беше непознат.
„Стигнав во Монастир, Европска Турција во годината 1888 да
учителствувам во Американското училиште за девојки“, им соопштува на
своите пријатели по пристигнувањето во Македонија. Ех, со колкав копнеж
сонувало тоа девојче, Мери Метјус, од училишната клупа во планинската
пазува на Хољок за работата што ќе постане нејзина животна опсесија!
Таму се приклучи кон мисионерското друштво Маунт Хољок, за кога ќе го
заврши училиштето да појде во мисија и да им помага на обесправените.
Бурно време во најбурниот свет. Каков преломен вриеж за еден град!
Мери Метјус е понесена од текот на настаните. Од година во година од
нејзиното мисионерско време се менуваат владетелите на градот Битола, во
кој таа дојде. Кога пристигна во Македонија, во Монастир, тука владееше
Османлиската Империја. Се случува Илинденското востание, македонските
борци се востанаа против ропството. Година за година, во тој бурен тек
на животот во Македонија, Мери Метјус е сведок за големите настани
што се менуваат, со големи последици по месното население. Набргу




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


20


по Илинденското востание е Младотурската револуција - во Монастир
Младотурците ја преземаат власта. Мери Метјус е фотограф и сведок на
славењето на нивната победа, одржано во Битола. Војните продолжуваат.
Првата балканска, Втората балканска. Па настапува Големата светска
војна. Се менуваат господарите на градот. И за сето време главна грижа
на Мери Метјус се ученичките од Американското училиште за девојки. Во
ова училиште се учи по програмата од училиштето на планината Хољок во
кое таа учеше. Во Домот за згрижување на деца сирачиња при училиштето,
Мери внесе топлина и љубов за секое дете.
Мери Метјус ги следи и ги запишува настаните во дневникот. Еве, за
тоа, како постојано ги вознемирува минувањето на стационираните војници
во градот низ градината на Американското училиште и дворот на Домот за
згрижување на сирачиња. Често таа интервенира да го напуштат поседот
на мисионерството за да ги заштити згрижените. По повикот на госпоѓата
Дворјак, неколку пати директно дејствува тие да излезат надвор од имотот.
Воениот доктор Милер со двајца пријатели ѝ беше на чај. Беа љубезни да
појдат кај капетанот на војниците и да се пожалат на нивното постојано
минување низ поседот на мисијата. Таа интервенција донесе тишина.
Но тишината набргу потоа, во 11.45 часот претпладне ја разбија
Централните Сили кои го гранатираа градот, продолжувајќи го гранатирањето
до 3.30 попладне.
Во хаосот од експлозиите господинот Ефтим скина роза од неговата
градина за да се почувствува мирисот на животот. И темјанушките, и
маргаритките се во цвет. А зумбулите почнуваат да ги отвораат цветовите.
На 2 јануари имаше ужасна артилериска битка на западниот и
северниот фронт од 8.30 до 9.30 часот и попладне. Гранатите од Централните
Сили паднаа на пладне. На 3 јануари гранатите паѓаат околу пладне. Во
текот на денот се води битка. Вечерта е мирна. На четврти бомбите паѓаат
цело попладне, освен од 5 до 6 часот кога беше мирно и кога Унча го поправи
урнатиот ѕид за кој Мери Метјус му подаваше тули. Наредниот ден бомбите
паѓаат надвор од градот и во градот. Во саботата гранатирано е претпладне.
Многу граѓани на Битола се повредени од бомбите. Мирно е во неделата од
3.30 до 4.15 часот попладне. Бомби паѓаат понеделникот, паѓаат и вторникот.
Две удрија во куќата на господинот Цико што е блиску до училиштето.
Гранатите фрлени од Централните Сили паѓаат секој ден.
Сега е 17 јануари. Гранатирањето на градот продолжува. Има многу
куќи, продавници, стоваришта, што се разурнати од експлозиите. И има
многу жртви од цивилното население.
На трети март пристигнаа 10 камиони натоварени со брашно
од Хуверовата комисија во градот да им бидат продадени на тие што ќе




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


21


платат а дадени на тие кои не можат да платат. По специјалната наредба на
Гувернерот, Мери Метјус секоја недела обезбедува вреќа до две за потребите
на училиштето.
Еве што запиша Мери Метјус за 7 март. Денот е среда. „Убав топол
ден. Госпоѓа Харли, сестра на фелдмаршалот, сер Џон Френч од Британските
Сили во Франција, и нејзината ќерка Едит беа тука на некоја недела, давајќи
им соодветна храна на малите деца.“ Тоа се оние две дами, Ангелина, од
кои доби храна за Фиданко. А се случил трагичен настан. Зошто, ќе се
запрашаш, така подмолно страдаат добрите луѓе! „Попладнето појдов да ги
повикам дамите на чај во утрото“, продолжува со записот во дневник Мери
Метјус. „Престојуваат во куќа близу Владиното Седиште. Беше три и пол
часот. Обично во тоа време почнува гранатирањето. Тоа го имав на ум и им
сугерирав да одиме долу во зградата. Мис Едит служеше чај и беше појдена
по уште една шолја кога граната удри во улицата и ги разби прозорците на
просторијата каде што седевме. Погледнав кон госпоѓа Харли чие тело се
вкочани. Нејзиното лице постана многу бело. Видов крв да тече по нејзиното
лице. Со Мис Едит ја положивме на подот и побрзав до Владата да побарам
амбулантно возило да ја пренесе госпоѓа Харли до болницата. Гувернерот и
неговиот персонал беа долу во визбата, чекајќи да престане гранатирањето.
По четврт или половина час беше сметано за безбедно да дојдат горе.
Госпоѓа Харли беше однесена во болницата. Но само што ја поставија на
операционата маса, таа почина. Парче стакло ѝ го одзеде нејзиниот корисен
живот. Мис Едит рече: „Бевме свесни за опасностите кога доаѓавме, но во
Битола сакавме да ги нахраниме бебињата и малите деца.“
Од 1917 година Мери Метјус ја презема грижата, во контакт со
семејствата на луѓето кои отпатувале од Македонија да работат во Америка,
паричните средства што тие ги испраќаат до своите семејства овде да
стигнат безбедно, и да ги добијат, во време кога нема друг гарант што може
да го обезбеди тоа.
„Благодарение на Мери Метјус, стигнуваат парите кај семејството
што им ги праќам од Америка“, кажувал иселеникот Димитриј.
А во својот дневник таа година Мис Мери Метјус забележа:
„Опожарените села во голема мера беа обновени со парите од Македонците
во Америка.“
Мис Мери Метјус била работлива, и остроумна, снаодливо
постапувајќи во исклучително ризични моменти. Мисијата била во
опасност да биде главна цел на авионските бомбардирања, а исто така и на
топовските гранати од полите на Пелистер кога на шести април Америка им
објави војна на Централните Сили. А на главната зграда на Американското
училиште поставено е американското знаме, Видливо е од воздухот и




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


22


од планинскиот предел под Пелистер. Мери Метјус не пропушти да го
забележи тоа и брзо ја отклони опасноста. Знамето го симна од покривот и
го постави на прозорецот, закривајќи го од тие две опасни точки, од небото
и од планината, да не биде видливо.
Мери Метјус во годината 1917, додека паѓаат бомбите над градот,
фрлени од авионите на Централните Сили, во визбата од куќата пишува
писмо до Мисионерскиот одбор, искажувајќи му голема благодарноста
што ѝ е дозволено да остане и натаму во Битола, меѓу луѓето кои од неа
имаат голема потреба во времето на Големата војна, а кога многу други,
што биле во можност да помогнат, заминале од градот. Таа останува да ја
продолжи работата, единствена и избрана по својот дух што го прифаќа
предизвикот пред опасностите кои постојано го демнат и загрозуваат
животот. Таа животот им го посвети на девојките од Битола, ученички во
Американското училиште, како и на целиот град Битола, помагајќи им на
загрозените кога помошта им е многу потребна. Овие години, шеснаесеттата
и седумнаесеттата, Мери Метјус, Ангелина, е единствената американска
мисионерка во Монастир. Тоа, секако, го дознаваш и лично од неа.


***
Битола дваесет и два месеци непрекинато топовски е гранатирана
и авионски е бомбардирана од Централните Сили. И дење и ноќе. Ноќе,
додека жителите на градот спијат врз куќите паѓаат гасни бомби од кои
цивилите, што за разлика од воените лица немаат и не поседуваат гас-маски
за заштита од боевите отрови, умираат во сон. Тие, што вдишиле отров, а
по некоја случајност остануваат живи, имаат тешки оштетувања на белите
дробови и проблемите им траат со месеци.
Во градот Американската болница на Црвениот крст е преоптоварена
со работа. Дневно во неа на третман се јавуваат по сто педесетина
пациенти, кои настрадале од артилериските и авионските бомбардирања
што ги извршиле Централните Сили. При бомбардирањето се користени
разурнувачки, запаливи и гасни бомби. Тие предизвикуваат страотни
уривања, големи пожари и масовна смрт кај цивилното население, жители
на градот, а и бегалци од селските населби, погодени од огнот на војната,
кои во голем број тука побарале засолниште.
Во болницата работат докторите Еугени Флод Киз и Мабел Флуд.
Меѓу волонтерките се медицинските сестри: Мис Емили Симондс, Мис
Роџерс, Мис Роуз, госпоѓата Фримен, Мис Кросли, Мис Каролин Моунтеин
и Мис Сакстон. Болницата е сместена во куќа со типична архитектура на
Османлиската Империја. Балконот, умешно е изграден надвиснато, што
претставува специјална харемска градба. Во неа се сокривале жените на
харемот. Низ малите решеткасти прозорци можеле да гледаат кон обете страни




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


23


нанадвор по улицата, додека од надвор не биле видливи. На бегалците, кои
дошле во градот, Црвениот крст им дава картичка, и со неа добиваат храна.
Болестите во лошите услови на живеење напаѓаат и се шират. Военото време
носи повреди и ранувања од секојдневното гранатирање и бомбардирање
на Битола. Голема опасност претставува тифусното заболување со многу
смртни последици. Присутни се и други заболувања кои постојано го следат
животот. Како предуслов за намалување на заболувањата е одржувањето
хигиена, за што условите се многу мали во воената средина. За превентивно
дејствување и отстранување на тој проблем болницата на бегалците им
обезбедува бања. Притоа им се стерилизира и облеката. За воспоставување
на утврден ред, што ќе ја задржи дисциплината за користење на услугата, да
нема прескокнувања и некористење на истата, по завршување на капењето
добиваат печат на картичките за храна. Без тој печат храната не може да се
добие. Раководител на Американскиот црвен крст во Битола е капетанот
Ланинг Мек Фарланд.
Храната што ја добиваат неделно се состои од приближно килограм
леб и пола килограм ориз, и нешто грав и шеќер.


***
Ангелина, немаш своја куќа тука, на Завојот на Црна. Таа што ја
имаше ја разурнала војната.
„Тука е тежок животот за тебе“, ти кажува Чичко Косте. „Раскрсница
е на патиштата по кои минуваат војските и постојано сме во стравот од нив.
Можеби во Битола ќе најдеш засолниште.“
„И во Битола смртта е поприсутна од животот“, му кажуваш.
„Помагаат хуманитарни организации, и добрите луѓе, така таму преживеавме
со Фиданко, ама во вакво тешко време и тие сосема се ограничени. А бегалци
има многу. Друг пат нема што води кон излез. И тревјето се пособрани, и
корењето од билките извлечени од земјата. За мене и некако ќе се снаоѓам,
ама детето е ситно, чувствително на сите удари од животот. Внимателни
сме, но дали ќе се довардиме од болештини кога толку често напаѓаат?!
Во дилема сум, дали да сме тука или да сме таму. И не ја гледам разликата,
право да ти кажам Чичко Косте. Како таму и тука постојано паѓаат бомби
и гранати, и постојано се умира. Олеснително таму е што се грижат
хуманитарките за Фиданко.“
„Прави како ти отвора умот, Ангелина. Што можам јас ќе помогнам,
ама можноста за помош ни е одземена на сите кога немаме ништо. Тоа го
виде. Затоа сме останати толку малкумина, мнозинството заминало. Дали се
снашле да преживеат, никој не може да каже.“
„Насекаде иста е неизвесноста.“
„Ги тераат ли ангарија на работа во Битола?“




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


24


„Кого ќе дофатат го носат да работи за војските. Ние, скриени во
куќите, одбегнувавме.“
„Ако таму за детето е подобро и побезбедно, однеси го назад! Тука
децата гладуваат со денови. А колку дете во гладот може да издржи?! Не
издржуваат ниту мајките, ниту можеме да издржиме ние некадрите мажи,
неколкумина што останавме. Сето вредно е втурнато во војната.“
„И бегањето, патувањето е исполнето со многу опасности, Чичко
Косте. Стравот ме стега за детето.“
„Со што го донесе наваму?“
„На раце. Се прикрадував, се завлекував низ опасностите, силно ме
држеше вербата дека поблиску ќе бидам до татко му Михаил. Но времето нè
оддалечува, не се пресретнавме.“
„Ќе демнам за насет кога вовчето ќе оди за назад. Ќе видам дали
можеш да се собереш во некое закриено местенце во него и колку е безбедно
за вас да одете кон Битола. “
Во деновите потоа, Косте беше наслезен по мостот од другата
страна на Завојот на Црна, каде минуваше теснолинејката и, во неодредено
време, вовчето по неа. Наметнуваше разговор со капетанот на војската,
стационирана од другата страна од Населбата, спомнувајќи ја и потребата
Ангелина со мало дете да отпатува за Битола. Му вети капетанот дека ќе
обезбеди место за нив.
Во Битола пристигнуваш во ноќ, Ангелина. И вовчето патуваше во
ноќ. Но улиците на Битола ти се познати и знаеш каде е хуманитарното
седиште. Некако необично е мирно и тивко додека прескокнувате по
урнатините од куќите попаднати по улиците. Не се жалиш што секој чекор
ти се сопина во одот, само забрзано грабинаш кон целта да ја достигнеш
безбедно.
Те плашат експлозиите на бомбите и гранатите и молиш Бога да
остане тивко барем до вашето пристигнување до хуманитарното седиште.
Но, се слушна разлеано брчење кое набрзо стигна над градот.
Стресоа експлозии. Бомбардирањето ве фати на отворен простор. Го
припи Фиданко до градите, држејќи го в раце, бегајќи од експлозиите од кои
не може да се избега, зашто непознато е местото каде ќе грофнат.
Страотен тресок ве фрли врз урнатините на улицата. Почувствува
како те прорежа нешто топло и остро. И сфати дека падната си со детето
врз каменот и не знаеш дали со вас е животот или смртта. Темнина е во
темнината, во целосна тишина си и сфаќаш дека неповратно потонуваш.
Уште само мислата е со тебе пред да исчезне и таа. „Не го исполнив
ветувањето до Михаил, да му го дочувам синот до неговото враќање.“
Во ноќта, кога Рудолф беше во подземните простории од куќата




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


25


долетаа по небото авиони и фрлија над градот експлозивни проектили.
Бомбите одекнуваат со страшни експлозии, разурнаа многу куќи и запалија
пожарни огнови. Можеше да чуе изофкувања низ ноќта и да види, во денот
што настапи, движење на ранети. Погинатите се затрупани под урнатини или
неподвижни пред погледот. Забележа подалеку во улицата, крај урнатина над
која сè уште наслегнуваше прашина мало детенце над падната жена. Забрза
и им пријде. Жената не се подвижуваше. Детенцето ја гушнало и мируваше
крај неа. Не плачеше. Дали знаеше дека е мртва? Да, Рудолф веднаш откри
дека шрапнели ѝ го одзеле животот. Детето изгледаше тажно и изгубено.
Не го подигна погледот кон него. А силно го порази откритието. Таа беше
жената што пред некое време го пресретна во улицата. Со детето, кое беше
гладно и за кое тој можеше само толку да стори, да му го отстапи својот
оброк за неговиот глад. Го препозна и детенцето. Ги спушти рацете кон него
и го подигна. Тоа со ништо не се спротивстави. Само кога се оддалечуваше,
имајќи го во рацете, забележа дека неговиот поглед постојано остана
свртен кон својата мајка. Сликата му открива дека тоа е свесно дека таа го
напуштила.
Им го предаде на милосрдните сестри да се грижат за него. Додека
не го преземе неговиот татко, за кого беше заведено дека е непознато каде
престојува. Но претпоставуваа дека веројатно ќе дојде по него кога ќе
разбере каде му е детето.
По него дојде Малина. Од Мис Мери Метјус дозна дека Ангелина
загина од бомбите на Централните Сили, а нејзиното дете Фиданко е
преземено во хуманитарната организација.
Домаќинот Ставре од куќата која ѝ го даде првото гостопримство
кога стигна во градот тргна на пат за Населбата на Завојот на Црна. Се
распрашуваше за куќата на Ангелина и така стигна до нејзиниот сосед
Косте.
„Има ли Ангелина род за да разговарам со нив“, беше барањето на
Ставре.
„Нејзиниот стопан некаде е на фронтовите, но немаме вест за него.
Се случило ли нешто со Ангелина?“, јанѕа го зафати Косте, гледајќи како
непознат човек се распрашува за неа.
„Ангелина загина во бомбардирањето на Битола…“
Веста тешко го погоди Косте, кој Ангелина ја гледаше како своја
ќерка.
„Како е детето Фиданко?“, се созеде да праша.
„За тоа дојдов, да известам за детето. Не е повредено, а сместено
е во хуманитарната организација. Да знаат каде е неговиот род, неговиот
татко… Близок може да го преземе од таму.“




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


26


„Ќе појдам јас“, рече Косте. „Ќе го преземам Фиданко“, кажа.
Косте во Битола стигна со Ставре и го поведе Фиданко во Населбата
на Завојот на Црна.


***
„Секоја воена страна македонскиот човек го смета за потенцијален
шпион и нема верба во него, бидејќи родот и верноста се премногу очигледни
за која било страна да се потпре на неговата лојалност“, рече дописникот на
National Geographic magazines Херберт Кори.
„Во која смисла“, праша капетанот од неговата придружба.
„Па еве што кажа една постара жена од Завојот на Црна кога ја прашав
дали е Србинка или Бугарка, (и направив една изворна фотографија за
списанието): ’Ниту Србинка, ниту Бугарка сум‘, ми рече. ’Јас сум Македонка
и мачнина ми е од оваа војна.‘ Кај неа не може да сметаат на лојалност ниту
Србите ниту Бугарите. Па и моето сознание, капетане, дека многуте бегства
од српските и од бугарските војски се токму од Македонците, затоа што тие
војски, во кои се ставени, не ги сметаат за своја армија.“
Капетанот се замисли и по кратко време одговори:
„Да! Во право си дека не може да им се верува! Моите војници ме
известија дека нема никого во Населбата на Завојот на Црна при нашето
пристигнување. Сите куќи ги пребараа, човек од Населбата никаде не
најдоа. Испратив и патроли по ридиштата и бреговите на реката, но и
таму не пресретнаа никого. А одеднаш, кога им ја препуштивме Населбата
на италијанската војска, улиците се исполнија со деца. Калливи и
распарталавени, од каде излегоа никако не можевме да откриеме.“
Веста дека во Населбата на Завојот на Црна, по повлекувањето на
Централните Сили од Населбата, најдени се изгладнети деца, неверојатно
валкани, со бледи и испиени лица, вошливи и премрзнати зашто снегот
удира во голото месо низ дупките од парталавата облека, стигна и до Мис
Емили Симондс, во Битола.
„Морам веднаш да сторам нешто за тие деца“, им кажа на колешките
во Американскиот црвен крст. Знаеше по состојбите во војната дека
хранителите нивни или се на фронтовите или се погинати. И почна да се
подготвува за на пат...




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


27


Милица Димитријовска-Радевска


НАМЕТКА


Облечи ја наметката од пајажина од графити
Напиши -во почетокот беше зборот
И зборот беше во телото и би светлина
Од хаосот во мозочните клетки
Кој има храброст од џебовите на наметката
Да ги извлече сите бои на стравот?
Маркерот повлекува бесконечни линии
Ситни и срамежливи извичници
Во ритамот на срцебиежот на дланките
Испотен поглед шара низ графиконот на белината
Бесконечен копнеж на двете грлици
Кои маневрираат под плафонот на темнината.


ВРАТА


НА ВРАТА ОД НАПУШТЕНА КУЌА
Децата на улиците што повеќе ги нема
Ги читаат графитите со нов код
Напуштено, оставено запустено трње на суетата
Вратата во лежечка положба
Ја чува темнината и студенилото
На оставеното и изгубено време
Неповрат.


СКИЦА ОД ЈУНГ


На долга низа
Како обид за летање
Нанижани сите варијации
На телото на небиднината
Ситен мал бел отпечаток




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


28


Како врзоп од страсти
Клукаат, лелекаат, липаат, лебдат
Децата на новото време
Заробени во матрицата
На стравот од летање
Удираат по типките од тастатурите
На закотвените соништа.
Разбудете го детето во себе
Барам деца со свежина на лаванда
Во низата растегната на ѕидот на обидите
Мали ситни прозорчиња тракаат
Како тркалата на стар велосипед
Отворете ги очите-врискам во полутемнина
На денот што сите нѐ одминува.


ТЕГОБНОСТ


Цел ден во стомакот
Ми се тркалаат рими
Ем гол ем зол
Ем матно ем клатно
Вазната е празна
Ликот е вик
Од смеата се греат
Лагата и тагата
И така
Едно метнах
Друго прелетнах
Стануваат влез
За кукавички вез
И каков пробиотик
Да начнеш за спас
Секој пред своето его
Се поклонува
И кон ѕидот се приклонува




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


29


Елизабета Јончиќ


СВЕТЛИНАТА


Не можам без светлина,
за тоа се сетив одеднаш
во мислите отчовечени
Во прашање одненадеж зададено:
Добро,
а,
кога си ти среќна?
Каква е мојата, нашата, вашата Среќа?
Изгризена, кревка, палачинка
на која постојано дотураме мед
ја призавиткуваме и замотуваме
во шалот на времето,
ја грубиме со стиснати заби,
ѝ навлекуваме цимет, ја балсамираме
да се навекува.
Што е животот?


ШТО Е ЖИВОТОТ


Испоистече, испоискапи
̶ времето.
Испоистече, испоискапи
̶ животот
Душиче,
не држи лутина...
Се испоубивме, се испогубивме
̶ безвредно
Во прозракот проѕре светлината
престани да чмаеш во темница
бесмислата во пчелина облека
челично клука во фурната на глувите
не губи го слухот,




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


30


Животот е пресоздавање на смислата.


ПРАВ


Кремену, чезнееш опсипан во прав
твоето собитие е врзано со силен удар
приземјен и цврст,
спрострен меѓу искрата и ударот
се чудиш на лудоста
изродена во незамислива преобразба
̶ Пламен!
Се создава ли на слепо
Огнилото на светлината
и како стрела еднакво ги допира ли сите
што чекорат во оган пред Кралицата Желба?
Не можеш да ме вразумиш,
прокапувам како нектар,
чекорам ко тихо ветре
лебдам во воздухот
ситна ко полен, силна ко радост
спрострена меѓу искрата и ударот.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


31


Биљана Котевска-Димко


ТРАЈАН


Се родив на сам ден Велигден- така ми имаа кажано. 195 и некоја,
строг комунизам. Само мажите ја коментираа политиката, а жените се
крстеа кришно по аурите, пред камарите кај што несеа јајца кокошките.
На мајка ми ѝ бев петто дете. Претходните четири ѝ умирале набрзо после
породувањето.
Дедо ми, свекор ѝ, бил комунист со сите салтанати, таков посакувал
да го направи и татко ми, но татко ми беше романтична душа.
Мајка ми ме родила во аурот кај стоката – таму било најтопло, а бабицата
по казанија на некој свештеник за да останам жив веднаш ме крстила – дедо
ми не бил дома. Мајка ми и татко ми се договориле да ме крстат Трајан – за
да им траам, по некое време ја родиле сестра ми – Анастасија, Тацето си ја
викавме. Истата бабица и нејзе ја крсти, скришно.
Дедо ми и татко ми многу се расправаа меѓу себе. Дедо ми постојано
го навредуваше татко ми, и еден ден дури му се закани дека ништо нема
да му остави во наследство затоа што личел на сѐ освен на маж. Татко ми
беше смирен човек, Бог да му душа прости, за среќа многу се сакаа со мајка
ми. Кога татко ми ќе сакаше да каже дека мајка ми е итра – ја нарекуваше
дипломата.
Во истиот миг, кога дедо ми му адресира купишта зборови кои ниту
беа достојни за неговите години, ни статус, ни како родител. Мојот татко,
молчешкум ѝ даде ишарет на мајка ми. Таа стана, ни ги собра работите на
сите во две големи торби – тогаш немавме многу ни алишта, ни чевли, нѐ
собра сите во еден куфер и си заминавме. Прво седевме кај баба и дедо по
мајка, после во нашемаки куќаре. Татко ми замина Америка некој период,
се сеќавам во секое писмо пишуваше колку е важно јас и сестра ми да учиме.
И учевме – мислевме колку повеќе учиме, толку побрзо татко ми ќе се врати
од Америка. Ама татко не се врати, ни пуштија телеграма во која пишуваше
дека загинал на работно место. Со телеграмата ни предадоа полн плик со
пари и толку... Од тој миг, мајка ми не ја соблече црнината и не излезе од
дома. Сестра ми беше уште мала и збунета, де сакаше да учи, де го бараше
татко ни, ама ја пораснавме.
Еден ден, мајка ми ме седна на прагот од куќата каде требаше да
живееме сите четворица, а не вдовицата со двата сираци, и ми рече: „Сине,
татко ти го нема, од сега ти си глава на фамилијата. Татко ти имаше желба да




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


32


изучиш и да станеш човек. Времињата се менуваат, ќе дојде време и нашиот
пес ќе залај силно, ама дотогаш, чувај ги зборојте на татко ти“ ми го погали
срцето со дланката и ми тутна едно мало дрвено крвче во рацете.
„Нека ти го чува патот, нека те гледа јас кај шо не можам и ко ќе
не можам“ – изговори точно мајчински низ река солзи кои ѝ течеа по
младоликото лице обгрнато со црна шамија.
Дедо ми умре на сто и две години, отидов на погреб сам, фамилијата
си ја оставив дома. Зедов едно рало чорапи, плетени од мајка ми и голем
букет со разни цвеќиња, повеќе личеше на букет за здравоживо – отколку
за на гроб, ама јас не појдов на погреб кај дедо ми, не, од прастари било
останато по покојникот да се праќаат поздрави по ближните упокоени. А
по кој да му пратам поздрав на татко Коле, ако не по татко му. На погребот
немаше многу народија. Комшиите и некои роднини, и фамилијата на
месаријата. Се понудив да го носам крстот, не сакав да го носи младото дете
кое се понуди, му реков дека јас ќе го носам.
„Тодор беше комунист – не сакаше ни крстој, ни попој“ – свика
една наша роднина – Рада ја викаа, со мана беше родена. Попот ме опули
прашално. Јас ја опулив тетка ми...
„Вујче не беше на погребо од жена му “ – Рада викаше, додуша таа
мислеше дека ми шепти на уво.
„Ајде“ – му реков на попот, „Тие велеа шо време иди, то се јади“.
Поворката се упати кон гробното место, Тодор по црковно – православно го
закопавме во гробот на баба ми. Му ги тутнав чорапите во ќиурот, а цвеќето
ко го спуштија удолу над него, во себе си реков „Да го поздравиш син ти
Никола, да му кажиш дека ти простивме оти не знаеше, ама уште нѐ болат
душите и ќе нѐ болат дур сме живи оти нема каде ни каде да го поплачиме,
ни свеќа да му запалиме... тешко е да растиш, многу е тешко да растиш без
татко“.
Само што го спуштија ќиурот гробарите – колакот вивна и за кусо
време цел изгоре, онаа вртената свеќа што ја горат до четириест дена.
После сфатив дека она малото дрвено крвче, било на дедо ми, но во
една неприлика со кодошите иконата од св. Никола и крвчето ги скрил под
душеме, му било шубе да ги запали, а татко ми ги извадил и ги чувал на
некое светло место, не било на арно ако се чува на темно икона.
Тодор, дедо ми не беше лош човек, не знаеше, беше уплашен, неколку
пати беше многу тепан.
После погребот, тетка ми ми рече дека сиот имот ми го оставил мене,
така ѝ рекол. По две години во иста година починаа и мајка ми и тетка ми.
Од старост. Ни татко ми, ни дедо ми, ни тетка ми, ни мајка ми не зазедоа
ништо со себе...ќиурите џебој немаат, велеше Јован питропот. Живот, ти го
живеејш, се мачиш, одиш, дишиш – тој ќе те умри.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


33


Љубе Митрејчевски


МОИТЕ ЗБОРОВИ ЗАПИШАНИ ВО СПОМЕНОТ ЗА
ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ


(Ѓурѓовденски обичаи)


Ретко кој народ има толку големо културно и обичајно наследство
како Македонскиот, па гордо е и привилегија да се биде дел од него, да
се седне на славите, да се присуствува на празнувањата, песната да се
слева и од твоето грло и насмевка да ти го обликува лицето. Но, не само на
свадбите, првенчињата и крштевките, и на тагувањата мојот народ знаел
да му даде судбински тек, да ја стокми тажаленката, надгробното редење,
оплакување кон блискиот кој духовно се преселил во „тој свет таму“.
Жените знаеле да искажат клетва, мажите да изустат пцовка кон сторителот,
кон судбината. Иако, некоја фамилија била во тага и црната облека им била
постојан сопатник, никако не ги изоставале адетите и ритуалите кои ги
носеле големите верски празници. А зошто? За да им приредат радост и да
ги направат среќни младите, да им ги пренесат и им ги всадат наследените
обреди на децата, на внуците.
Во оваа пригода и својствено на тематиката која е пред мене, сакам
да Ви го пренесам фолклорниот обичај на славењето на Ѓурѓовден во моето
село, првиот цветен, пролетен празник за кој природата обилно го нуди сиот
свој раскош, обременет со опоен мирис на цветови во сите бои, за да остане
в домен во споменот на идните генерации:
„Заедно сите четворица излегоа од дворот и тргнаа нагоре по
патот. Пред првиот дол, од неговата лева страна, се искачија на ораниците
и бабите поглед не симнуваа од обрастените меѓи. Крај меѓите и во нив,
кукурекот веќе беше порастен и многу го имаше. На повеќето кукурекови
стебла гранките му беа завиткани надолу од тежината на крупните цветови
кои висеа како чадорчиња. Двете одеа од китка-до китка и со срповите,
крај корен сечеа од кукурекот. Го сложуваа на куп на тревата и кога набраа
по еден поголем заграб бабите застанаа под расцветаниот дрен. И од него
исекоа гранки и гранките му ги дадоа да ги носат децата.
- Внимателно носете ги да не му се срони цветот! - кажа Ружа.
- За што ви се олку билки, бабо? - праша Крстан.
- Дома ќе видите! - одговори другата и додаде: - Ајде, сега, да си
одиме!




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


34


Брзо се вратија и секоја од бабите појде во својот трем. Ружа ги остави
едно крај друго двете билки и појде во аголот на куќата. Тука, под стреата
имаше посадено џбунесто растение чии средишни стебла беа израстени
скоро еден метар. Имаше празова, зелена боја и со многу бујност по целите
стебла. Стеблата од тоа растение, од над коренот, беа густо разгранети и
краевите им завршуваа со бујни долгунести листови со по три краци.
Средишниот дел на стеблата им беше празен како што е празно стеблото
од анасонот или од цволиката. Здраве, од радозналост, в петици ѝ одеше
на баба му. Од тоа растение таа набра многу гранчиња и последното му го
принесе пред носот на детето.
- Еј, бабо! Како мирисат ова! Што е ова, бабичке?
- Ова, чедо, го викаме сил.
- Зошто така?
- За да се сили фамилијата! За да се множи! Како фамилијата, така
и стоката! - му одговори таа и го остави силот крај другите билки. Зеде
клoпче црвен конец и седна крај билките. Од секоја земаше по едно гранче и
ги врзуваше во киска со црвениот конец. Кога направи доволно киски стана.
- Земај, мое, од кискиве и носи по мене. Ќе ми даваш по една а јас ќе
ги закачувам каде што треба.
Прво кладе над влезната врата, па на вратата од пондилата каде ја
чуваа стоката. На вратите и од ќеварот и од плевната. Остави на амбарите,
на плугот, обеси на кочината, на кокошарникот, и кладе на ноќвите. На
бочвите и на каците. Го запотна и јаремот и на крајот, од гранчиња од трите
билки сплете венче и со него го закити бутинот.
- Што се овие кладени работи, бабо? Што значат?
- Ги викаме потки, Здраве! Ова е запотвување кое секогаш се прави
ноќта пред Ѓурѓовден. Од утрешниот прашник почнува да се обновува
природата и животот воопшто. Магичната моќ на овие билки ќе донесат
плодност на стоката и на полето. Ќе донесат здравје, среќа и напредок кај
луѓето. Ќе ги наполнат бочвите со вино, амбарите со жито и каците со месо,
со сирење и со зимница. Потките ќе сторат плевните да стенкаат со храна,
плугот да биде цврст како дрен и лесно да ора. Бутинот, бабе! Бутинот да
биде само полн со самокиш и да дава многу маст. Матеница, матеница, толку
многу, рекана да ја затне! - ги собра останатите цветни гранки од дрен, од
кукурекот и од силот и ги кладе во дрвената копанка во која дробеше зелје
за свињата. Со секирата ги иситни и ги измеша со постаро брашно од кое
не месеше леб. Во копанката поситно исече омекнати компири и сета смеса
убаво ја измеша.
- Со тоа што ќе правиш, бабо?
- Со ова, во рани зори, на утрешен Ѓурѓовден, дедо ти, ќе ги накрми




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


35


воловите, магарето и овците. Ќе стави во копанката од свињата и тоа што
ќе му остане ќе им го фрли на кокошкине! Сè што имаме да ни биде здраво
како дрен, да ни биде живо и да се сили како што се сили силот! - со мерак
му кажуваше на внучето.
Утрото сите од фамилијата Чорбеска се облекоа во нови алишта и
излегоа во дворот. И луѓето од фамилијата на Коста, а и тие од брат му
Мице. Коста, кој многу рано стана и в зори ја накрми стоката со спременото
од Ружа се покажа во дворот со набрана киска јоргован. На секој му
подаде расцветано гранче со грозд од алови цветови кои опојно мирисаа.
По сторениот адет кај стоката, беше слегол рано кај селското училиште и
набрал од јоргованот. Таму многу го имаше, и ако не појдеше рано, другите
селани ќе го обереа. Ќе оставеа само на највисоките гранки кои не ќе
можеше да ги достигне. Мара излезе со помала кошница вапцани, црвени
јајца и ја принесе пред секој да земе. Кога сите зедоа и ги ставија в џеб,
мажите напред, жените и децата зад нив, тргнаа кон селската црква. Со
луѓето со кои се среќаваа или ги привтасуваа на патот, се поздравуваа со
христијанското „Христос воскресе“ и заедно му се радуваа на празникот
Ѓурѓовден. Сите знаеја дека така православните христијани се поздравуваат
од Велигден до Духовден.
Во дворот од црквата Света Богородица тревата беше убаво
раззеленета и доста од дојдените, истрането чекаа попот да ја заврши
службата. Чорбевци ги поздравија пред нив дојдените и како кој влегуваше
во црквата, така пред влезот, се поклонуваше и се прекрстуваше. Коста и
Нове купија свеќи за сите и им подадоа по една. Се наредија еден зад друг и
како кој застануваше пред свеќниците ја палеше свеќата и се прекрстуваше.
Жените се приближија пред иконите на светците и двете оставија вапцани
јајца пред наредените икони на иконостасот. Се прекрстија и се вратија
назад. Мажите застанаа до другите мажи а жените се измешаа со дојдените
жени, прибирајќи ги пред нив внучињата. Попот, скриен во олтарот, занесено
пееше.
Дворот и црквата се наполнија со народ и после долго пеење попот
излезе пред олтарот и им го честита празникот на сите дојдени. Потоа
погледна во црковниот служител спроти него и вториот знаеше што да стори.
Тој се испули во младите, неженети момчиња и на три од него избрани им
се приближи и им шепна на уво:
- Бог посака, годинава ти, да носиш крст.
Избраните момчиња застанаа пред попот, тој ги благослови и
служителот им подаде по еден крст. Попот напред, крстоносците по него
излегоа во дворот на црквата и се наредија зад поставената маса на која
имаше оставено калаисано котле, наполнето со вода. На масата имаше и
дрвен ваган во кој имаше поситно исечена погача, нафора за дојдените.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


36


Да земе секој за здравје и да остави паричка на масата. Зад крстите, сите
баби излегоа од црквата со своите внуци кои во рацете носеа помали или
поголеми икончиња, складно со возраста на детето. Ги наредија внучињата
во полукружен ред, едно до друго, за и тие да бидат дел од свечениот чин.
Шепнато им кажаа да пазат, да не ги испуштат од раце, и икончето да им
падне и да се скрши.
Свечено променетиот поп ја крсти водата со киската босилок и
сребрениот крст и неколку пати ги испрска присутните пред него со крстена
вода. Како тој ги прскаше, така тие се крстеа.
- Ајде, мажи, да завртиме околу црква и да ја испееме
Ѓурѓовденската песна! - кажа попот и се заврте кон исток. Зад него се
наредија крстите, иконите и зад нив во два реда мажите. Прв и втор глас
пеачи. Тргна попот и почна да пее. И тој и мажите:
- Крст носам, бога молам, Господи, помелуј!
- ...и Господи, помелуј! - надоврзуваа тие што ги нарекоа втор глас.
- Да зароси, ситна роса, Господи помелуј
- ...и Господи, помелуј!
- Да се роди бериќетот, Господи помелуј!
- ...и Господи, помелуј!
Кога селаните завртеа еден круг, попот пак ги попрска со крстена
вода тие пред него и со песна почекуваше да го завршат кругот сите. Пак се
заврте и продолжи да пее. Со песната која беше пеена на цел глас три пати
завртеа околу црква и попот, пред да влезе во црквата на сите им го честита
празникот:
- Да ни е на помош и за многу години Ѓурѓовден! - кажа. Кога од едно
грло слушна „амин, Господе, додаде:
- Сега, кој милува, ќе одиме со крстиве низ поле, да го благословиме
посеаното и посаденото!
Мажите и младите момчиња, пеејќи ја истата песна тргнаа кон полето
а жените и децата отидоа дома. Да ги наполнат торбите со зготвени јадења и
да се спремат за одење кај црквичето Свети Ѓорѓи. Кога мажите го завртеа
полето и се вратија во дворот на црквата, насобраните жени и деца тука ги
чекаа. Потоа сите тргнаа и заминаа над село, кај манастирчето на светецот,
кое беше направено далеку во планината. Пак со песната која одекнуваше
од блиските ридови и со крстите зад попот.
Таму го повторија вртењето околу црквичето и попот му ја благослови
погачата на Свети Горѓиевиот слуга за таа годин. Ја скрши погачата и помало
парче му даде на ново одбраниот кум, слуга на манастирчето за наредната
година. Од погачата секој скрши по еден залак и мажите седнаа на една
страна од наредените долги маси и столици. Жените и децата седнаа спроти




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


37


нив и пред секого беше донесена по една чинија јагнешка манџа. Попот се
напи од пагурчето ракија и му го подаде на домаќинот. И тој го накрена и го
подаде на другите мажи. Од рака-на рака, тоа брзо сврте кај сите и заврши
кај јавениот слуга за идната година. Стана попот и го благослови јадењето.
Сите се прекрстија и слатко се најадоа.
Дојдените за кои немаше место на масите паспослаа черги или
козинави ложници под сенките од столетните јаворови и дабови дрвја.
Нив ги носеа од дома и на нив седнаа да ручаат. Се слушна песна од
тремот и домаќинот го побара Новета. Нове знаеше зошто и со гајдата в
раце се исправи пред него. После испеани неколку песни сите станаа и
фатија оро на широчинката, спроти црквичето. Мажените и женетите се
фатија на оро а пак момчињата и девојките се собраа околу најдолното и
најразгрането дабово дрво, смеејќи се и пеејќи ја Ѓурѓовденската песна.
Едно од момчињата префрли ортома на подебела гранка и двата краја ги
врза на педесетина сантиметри од земи. Во врзаниот дел од ортомата друго
кладе наполнета вреќа со слама за да му биде меко седењето на тој што
ќе се ниша. Првото момче го фати продолжениот крај од ортомата и кога
на нишалката другарките ја седнаа првата девојка, сите ја запеаја песната
„лелјо, Ѓурѓеле“.
На нишалката се редеа момчиња и девојки и на тој начин низ песната
се споменуваше името од момчето и неговата сакана. Така вљубените без да
симнат поглед еден од друг, со адетот на нишањето, одново се бендисуваа и
заеднички посакуваа, до година, да се преселат и свое место да најдат меѓу
мажените и женетите. На оро, со тие кои од душа го играа „беранчето“ и
„невестинското“.
Главна цел, речиси во сите мои книги, било да се романите или
збирките раскази, посакав, а и така сторив. Ги вткаив верските обичаи за сите
важни празнувања, за славите и за свадбите, за крштевките и имендените.
Да останат создадени и сознаени, научени и пренесени од нашите предци
во нас и од нас натаму. Да не отидат во заборав, да не се изгубат, да се
практикуваат како фолклорно, културно и обичајно наследство во спомените
на идните генерации. Народот кој ќе ги заборави нив, ќе го изгуби својот
идентитет, ќе се изгуби себеси. Ќе стане дрво без корен, ќе се исуши и ќе
згние.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


38


Весна Мундишевска-Велјановска


„ЖЕНСКИ КНИЖЕВЕН ХАБИТУС“- КВАЛИТЕТЕН
ТРЕАЕН БЕЛЕГ ЗА ЕСТЕТИКАТА НА КНИЖЕВНОТО


БИДУВАЊЕ НА 16 РОДНОКРАЈНИ АВТОРКИ ОД
БИТОЛА И БИТОЛСКО


(кон зборникот „Женски книжевен хабитус“, приредувачи: Даниела
Андоновска-Трајковска и Весна Мундишевска-Велјановска, издавач:
Македонско научно друштво –Битола, Битола, 2025 г.)


Зборникот „Женски книжевен хабитус“ е збир на текстови –
критички осврти и видувања за творечките одлики и за естетиката на
книжевното бидување на група роднокрајни авторки од Битола и битолско.
Тоа е исчекор во исцртувањето на особеностите на книжевното творештво
на жени-писателки од Битола и битолско, кои од првичната индивидуалност
и специфична посебност, со идните истражувања, би се изградиле и како
севкупност на заедничките карактеристики на авторките во континуитетот
на временската меморија.
Објавените текстови во зборникот се силно прочувствувани
рефлексии на одблесоците на патешествувањето на 16 роднокрајни
авторки, согледби на нивната философија на биднината, прочит на
интертекстуалноста во нивните созданија, декодирање на нивните интимни
изливи на сонот за светлина распрснати во сите правци на опстојот, записи
за нивната креативна иницијација.
Застапените роднокрајни авторки во текстовите напишани од
истакнати македонски писатели и критичари се родени во Битола и
битолско, дел од нив живеат и творат во Битола, а дел живееле во Битола
одреден период од својот живот (на пример: додека го оформувале своето
образование), додека сите се реномирани писателки – членови на Друштвото
на писателите на Македонија или на Македонското научно друштво – Битола.
Шеснаесетте роднокрајни авторки, распоредени генерациски, односно
според периодот во кој се пројавиле и се истакнале со своето творештво, се:
Лилјана Чаловска, Гордана Михаилова Бошнаковска, Светлана Христова
Јоциќ, Вера Стојчевска Антиќ, Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета
Баковска, Весна Мундишевска-Велјановска, Славица Гаџова Свидерска,
Мирјана Стојаноска, Милица Димитријовска-Радевска, Ели Маказлиева,
Гордана Стојаноска, Елизабета Јончиќ, Биљана Т. Димко, Лили Бошевска и




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


39


Силвана Нешковска. Од наведените 16 роднокрајни авторки, две членуваат
само во Македонското научно друштво – Битола (МНД), а останатите 14
се членови на друштвото на писателите на Македонија (половината од нив
истовремено се и членови на МНД).
Организирањето на тркалезната маса со наслов „Женски книжевен
хабитус“ и издавањето на овој зборник овозможува да се запознаат
читателите со роднокрајните писателки, да им се доближи нивната
книжевна филозофија на животот, да загромогласи нивната поетика, да се
растајнат текстовните мозаици, да се дешифрираат кодовите на нивното
зборобидување и суштествување. Сето ова со тенденција да се продлабочи
истражувањето и да се прошири листата на роднокрајните авторки во
своевиден регистар како квалитативен траен белег на нивните книжевни
животворенија така што ќе се надградува секое следно издание и на
тркалезната маса и на зборникот.
Структуираноста на зборникот создава можност за интересни
согледувања и споредби на паралелите и пресеците на творештвото на
автор(к)ите од Битола и битолско, од мотивски, тематски, општествен,
генерациски и уште низа аспекти кои ќе ја осликаат нивната иновативност
и ќе го оправдаат нивното издвојување на паното на книжевната историја.
Во зборникот „Женски книжевен хабитус“ со критички осврти и
видувања застапени се 27 автори со вкупно 29 текстови од кои 14 текстови
за првпат се објавени во зборникот, а останатите 15 се претходно објавени
во книгите на роднокрајните авторки (8 текстови) или во книги на авторите
на критичките осврти (2 текстови), како и во списанија или зборници на
трудови (5 текстови, „Современост“, “Lettre internationale”, „Раст“), што е
детално наведено после секој од текстовите. Најголемиот дел од текстовите,
поточно 27 текстови, се однесуваат на поединечни книги на авторките (со
наведени податоци за објавата и издавачот), а 2 од текстовите се своевидни
омажи за група авторки.
Со текстови за роднокрајни авторки застапени се: Даниела
Андоновска-Трајковска, Елизабета Баковска, Лили Бошевска, Славица
Гаџова Свидерска, Милица Димитријовска-Радевска, Петре Димовски,
Златко Жоглев-Олгин, Гордана Јовиќ-Стојковска, Елизабета Јончиќ, Лидија
Капушевска-Дракулевска, Ели Маказлиева, Панде Манојлов (постхумно),
Весна Мојсова-Чепишевска, Весна Мундишевска-Велјановска, Кристина
Николовска, Сашо Огненовски, Радован П. Цветковски (постхумно), Зоран
Пејковски, Христо Петрески, Раде Силјан, Гордана Стојаноска, Марија
Стојаноска, Мирјана Стојановска, Санде Стојчевски, Добре Тодоровски,
Васил Тоциновски и Оливера Ќорвезировска (овде подредени по азбучен
редослед според презимето).




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


40


Претставените 16 роднокрајни авторки се родени во периодот
1920-1990 година. Две од нив се веќе дел од македонскиот писателски
незаборав, а останатите 14 живеат и создаваат во нашето совремие. Меѓу
застапените авторки има такви кои повлечено и тивко егзистираат на
македонската книжевна сцена (што не значи дека се отсутни и непознати,
туку напротив), а има и авторки чии дела и настапи громогласно одекнуваат
со силата на нивниот креативен вознес (во македонскиот книжевен биотоп,
но и во странство), што се гледа и од биографските белешки за секоја од
роднокрајните авторки поставени кон крајот на зборникот.
Со првичното истражување на приредувачите на овој зборник, како
роднокрајни утврдени се застапените 16 авторки, но, како што беше наведено
и на тркалезната маса „Женски книжевен хабитус“ одржана на 7 март 2025
година во просториите на Македонското научно друштво–Битола, пред
сите нас поставен е нов истражувачки предизвик да се прошири милјето на
роднокрајни авторки, а нивните дела да се достават на прочит и анализа на
оние автори и критичари чиј немирен дух ќе биде поттикнат да го отвори
катинарот на заборавот и да испише свои резбаници врз ковчежето на
вековноста.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


41


Ели Маказлиева


НА ВЕЛИГДЕН

Пролетта штотуку ги раззелени дворовите во битолските маала.
Сонцето ги осветлуваше покривите на куќите, правејќи сенки од оградите
на балконите на горните катови од куќите. Фасадите на куќите беа варосани
која во жолта, која во бела боја. Горните катови на куќите ги красеа балкони
како чардаци завртени накај внатрешната страна кон дворовите, а прозорците
беа наредени кон надворешната страна, кон улицата. Низ стаклата од
прозорците ѕиркаа белите плетени пердиња набрани како хармоника од
свилена срма.
Во нашиот двор почнаа да цветаат хризантемите, а штом времето
почна да се стоплува, ги редевме скалесто саксиите со сардели во сите бои.
Така тие ги красеа внатрешните камари* на оградата изѕидана од жолти
тули во кои на зима се чуваа дрвата за огрев педантно исечени во трупци.
На влезот од куќата во која се родив имаше двокрилна дрвена врата рачно
изработена, накитена со первази*, обоена со мрсна, бела боја и со застаклени
делови како прозорци што не се отвораа. Од внатрешната страна на стаклата
висеа бели куси пердиња рачно исплетени и малку набрани.
Пред порти децата јадеа по парче леб намачкан со маст, посолен и
зачинет со црвена буковска пипер од горе. Се чувствуваше семејната топлина
меѓу соседите во маалото. Понекогаш одевме од гости на гости заедно со
мојата фамилија за да си ги честитаме празниците и да си посакаме бериќет.
Се наближуваше најголемиот празник - Велигден. Неколку дена
порано татко ми, ми купи бели лакирани чевли со ремче за закопчување и
тока. Ги ставив на комодата да ги гледам и никако не смеев да ги облечам пред
Велигден. Мајка ми го заврши шиењето на фустаните од кадифе во бордо
боја и со набрани жабици* на горниот дел коишто висеа на креместариња*
од надворешниот дел на шифоњерот.
Малото ташниче во бело-црвена боја, со бели рачки што се затвораше
со набирање и врзување стоеше подготвено за собирање јајца по куќи.
Целата куќа мирисаше на храна што се подготвуваше за големиот настан
после постите–велигденскиот ручек.
Сѐ беше раздвижено, луѓето некаде брзаа како пчели во кошница. Рано
на утро во чаршијата се отвораа дуќаните, се креваа ќепенците* и почнуваше
животот в чаршија, а попладне ги спуштаа. Низ чаршијата беа отворени




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


42


вратите на дуќаните и сите работеа со полна пареа. Леблебиџилници,
кондураџиски дуќани, терзиски, дуќани со железарија, за кожа, за свила,
трговски дуќани...наредени еден до друг ги канеа муштериите. Народот
излегуваше на улица, в чаршија. Доаѓаа луѓе од сите страни, некои да си
купат тоа што им. треба за празникот, некои поминуваа низ чаршија за да
одат на пазар, некои брзаа на кај Безистенот.
Јас бев многу мала, но сите обичаи за семејните празници ги научив.
Од сите по малку учев, но најмногу учев од баба ми и се воодушевував на
секој нов празник.
Ноќта спроти Велигден, не сакав да заспијам, со сила се држев будна
за да бидам дел од полноќните случувања. Не заспав, чекајќи да дојде
часот пред полноќ за да одиме сите од маалото во црква. Го држев в рака
кошничето направено од бела свеќа, на кое имаше залепени сликички од
ангелчиња. Тогаш се знаеше, за децата се купуваа само такви украсни свеќи.
Избрав едно црвено јајце од големата корпа, за кое мислев дека е кршаче и
се надевав дека со неговиот врв ќе им ги искршам сите јајца на луѓето околу
мене и верував дека ако тоа се случи, следната година ќе имам среќа. Ја
држев за рака помалата сестра, а крај нас одеа фатени рака под рака другите.
Секој секого поздравуваше со зборовите: „ЗА МНОГУ ГОДИНИ!“
Штом излеговме на улица сѐ беше тивко и празно, само во далечина
се слушаа црквените камбани повикувајќи го народот да тргне на кај црквата
со свеќа во едната рака и јајце во другата. Колку поблиску се приближувавме
до звукот на камбаните, толку топли морници ми поминуваа по телото,
очите ми се полнеа со светлина, имав една чудна, неочекувана радост од
глетката пред мене. Ова ми беше прв пат да одам во црква за Велигден.
Не знаев како изгледа градот ноќе, затоа што никогаш не излегував надвор
на полноќ освен таа ноќ. Бев љубопитна да го доживеам тоа што ретко се
доживува.
Ќепенците на дуќаните в чаршија беа спуштени, празни беа улиците,
ја немаше вревата, само колони од луѓе во тишина одеа. Темнина висеше
во воздухот, само ѕвездите го осветлуваа небото. Невообичаена светлина
излегуваше од куќите. Група луѓе, претежно жени се упатуваа кон црквата.
Никогаш не разбрав во тоа време, зошто мажите не одат во црква на полноќ
за Велигден.
А црквата беше сета осветлена. Ми заличе на прекрасна, висока
куќа однадвор варосана со орнаменти од цемент, имаше главна порта како
свод на средина. Внатре покрај ѕидовите имаше наредени дрвени столови
на преклопување. Свештениците пееја пред олтарот. А огромната толпа
народ стоеше простум, надвор наредени еден до друг со запалени свеќи в
раце и чекаа свештеникот до три пати да каже: „Христос воскресе! Вистина




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


43


воскресе!“ Тоа значеше дека е полноќ и дека навистина Господ, Исус
Христос воскреснал од мртвите.
Потоа се враќавме дома и цел пат ни гореа свеќите во рака.
Забележав дека баба ми брза, го заштитуваше пламенот од
свеќата со двете раце, ја засолнуваше својата свеќа кон себе, плашејќи се да
не се изгаси од благото пролетно ветре, што дувкаше наоколу. Обичај било
со запалена свеќа дома да се дојде.
Се радував за Велигден, иако како дете не знаев зошто со толку
голема радост го чекав големиот ден. Го чекав како што сувата земја чека
дожд, како што овенатото цвеќе чека сонце, како што жедниот чека студена
голтка вода.
НЕДЕЛА е, се раздени. Велигденското утро го дочекав пламната
од среќа. Го облеков кадифениот нов фустан, белите чорапчиња до колена,
лакираните чевли ги закопчав и го зедов чантичето в рака за да тргнам по
гости.
Мајка ми, ми ја исплете косата во две плетенки и на краевите ми
врза панделки во бојата на фустанот. Се упатив низ маалото така празнично
облечена подрипнувајќи од радост како секое мало дете. Така, со чантичето
в рака, радувајќи се на секој чекор со новите чевли, бев чупето* што се
веселеше на Велигден со срце што неизмерно го љуби празникот.
Се смеев додека со брзи чекори се упатував накај маалската чешма
каде се собираа децата. Калдрмата како да играше под моите стапала
наликувајќи на оркестрирана игра по такт на музиката. Разговарав со моите
другарки тивко низ шепот, како да им ги раскажувам своите скриени тајни.
- Каде најпрво ќе одиш? – ме праша другарка ми Лепа.
- На гости кај баба по јајца - прошепотив.
На велигденското утро неколку деца поголеми и помали држејќи
се за рака, тргнавме заедно по чикмакот* што водеше кон куќата на баба
ми. Ѕвончето како стар клопотарец се слушаше штом ќе се подигнев на
прсти, повисоко за да ја достигнам рачката и да ја отворам високата дрвена
порта обоена во зелена боја. Низ неа се влегуваше во дворот во кој имаше
разгрането дрво на бела слатка црница. Крај неа имаше пумпа за вода -
тулумба* ја викаа, сместена во бетонско корито за перење.
Во неделите кога и да одев кај баба, не честеше со крофни наредени
една до друга на една овална сребрена чинија како мали пржени гевречиња
со дупка на средина, посипани со шеќер во прав, а нивниот мирис го
чувствував уште на влезот. Ги обожував нејзините крофни исто како што
ги обожував нејзините долги разговори што како влијателни приказни
остануваа врежани во мене низ времето.
Понекогаш ја гледав додека се чешла застаната пред ѕидното




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


44


огледало во салонот, ја слушав како си пее некоја мелодија што последна ја
имаше слушнато на старото радио и длабоко врежана во нејзиниот ум, па ѝ
доаѓаше на усните како рефрен, како да пушташе музика од душата.
Понекогаш кога ќе преспиев кај неа, навечер, на зајдисонце низ
прозорецот заедно ги гледавме младите девојки и жени облечени по најнова
мода со свилени чорапи кои на задниот дел имаа црна линија во висина на
ногата, како се упатуваат кон градското корзо. Благото чукање на нивните
тенки потпетици од секој чекор се слушаше како жежок часовник и ме
поттикнуваше да испарам во глетката низ прозорецот. Некои под мишка
цврсто ги држеа своите партнери упатувајќи се кон корзото низ улицата од
калдрместа коцка.
Баба ми понекогаш чекаше да ѝ дојдат на гости најблиските - нејзините
внуци, а исчекувањето траеше долго и возбудата беше силна. Кога ќе го
дочекаше тој миг, знаејќи дека брзо ќе си одат, радоста и разочарувањето се
гушкаа како две сестри близначки, за да ги пушти да излезат од неа и да си
одат, како облаците што си одат штом се разведри.
Секогаш како одговор на клопотарникот од портата ќе се појавеше,
да види кој е, па така исправено погледнуваше под око.
За Велигден, штом тропна ѕвоното на клопотарникот од портата, таа
беше гордо истопорена пред врата да нѐ пречека. На нозете носеше везени
местри* што ги носеше за празник наместо секојдневните папучи за по
дома.
Ми кажуваше дека по два пара везени местри во годината број 38 си
купува од пазарот, коишто стоеја наредени пред дуќанот на чичко Јордан
и тоа во секој пазарен ден, во вторник и петок. Косата и беше натапирана
и личеше на гнездо за пилци, а црвениот кармин на устата наликуваше на
силен печат врз набеленото и напудрено лице. На себе носеше шарена роба*
- фустан за по дома што го чуваше за празник, со наредени црни петлици*
од горе до долу. Сама си го шиеше, а материјалот го купуваше од пазар, во
тесното мало дуќанче на чичко Шукри, каде жените не само што купуваа
басма*, туку и озборуваа за боите, за дезенот, за дандара мандара*. Од двете
страни на фустанот имаше џебови каде што си чуваше шамивче за секој
случај.
Ова велигденско утро, лицето ѝ светеше од радост, од љубов, од среќа,
не можев во тој миг да проценам. Очите ѝ беа како расцутени пролетни
дрвја, а на усните ѝ блескаа безброј ѕвезди.
- Добредојдовте! – нѐ поздрави со свилен, сребреникав глас.
- Добо те најдовме бабо! - ѝ возвратив.
Се плашев да не се збунам и да не заборавам да кажам тоа што треба
помалиот на постариот да му каже на тој ден, па гласно викнав: „Христос
воскресе!“




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


45


Возбудата си го направи своето, а срцето почна силно да ми тропа
в гради како тапан на забрзано оро што завива без престан и почувствував
како да се обраќам на сонцето, на животот полн со радости. Очите ми се
наполнија со сјајот на нејзината црвеникава коса, а душава со надежи што
ријат по жиливе на детството.
Се приближи, ми подаде едно црвено јајце со светната лушпа, како
да беше вештачко и одговори: „Вистина воскресе!“ Го зедов јајцето, се
заблагодарив и влеговме внатре.
Масата крцкаше, послана со бел, наштиркан и мазно испеглан
чаршаф од нејзиниот чеиз, а навезен од нејзината прва сосетка и пријателка,
главната везачка во тоа време - тетка Калипсо,
За Велигден, задолжително месеше козинак* со суво грозје, високо
нараснат, обликуван во вид на плетенка од чиј мирис на цело маало се
отвораше форес* за мекото и топло, печено тесто со жолта боја.
Секогаш за Велигден како да ја чувствував топлината на сонцето и
прскањето на искрите од месечината, оти тогаш, сите внатрешни пориви и
чемерни соништа ќе заискреа, од искрите ќе се разгореше оган што потоа
тешко ќе можев да го изгаснам.
Спомените и убавите мигови од детството за Велигден останаа
длабоко во мене, а јас ги пренесов на идните генерации, на моите деца. ----
-------------------------------------------------------------------------------------------
*камари (вдлабнатина, долап на ѕид во вид на отворен прозорец)
*первази (издадени рабови, рамки од дрво),
*жабици (вид набори на женска или детска облека)
*креместариња (закачалки)
*ќепенци (капаци на дуќански прозорци и врати)
*чикмак (тесна уличка како ходник)
*чупе (девојче)
*тулумба (шмрк за вода, пумпа)
*местри (влечки навезени) * роба (шарен фустан)
*петлици (копчиња)
*басма (вид памучна ткаенина)
* дандара мандара (лажни приказни)
*козинак (милиброд)
*форес (иштав, апетит)




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


46


Христо Петрески


ПОЕМА ЗА ЗБОРОВИТЕ


1.
Зборовите никогаш не кажуваат ништо
Молчењето е најголемата мудрост
Јас


Направив мост преку кој ќе поминам молчејќи
Не, ќе претрчам пеејќи ѝ надвиснат над водата
Само зборот може за миг да го уништи мостот
Преку кој со таен молк се стигнува до слободата


Излезете на мегдан и не пукајте со сите зборови
Чувајте барем еден за себе и за утрешниот ден
Потежок е неизговорениот збор и од самото олово
И пролетта ете не се фали никому дека расцутил дрен


Тишината е камен длабоко зариен во човечко месо
Попусто чекаш да се откине ко последен есенски лист
Излези и бегај од првото сигурно и скришно засолниште
Со извалкани мисли и празни думи не можеш да бидеш чист


2.
Излегуваат зборовите. И низ затворена врата.
Преку ѕидовите. Не им пречат ни таваните и подовите.
Заклучи ги. Закатанчи ги. Пред и да помислиш. Не се обидувај.
Да ги изговориш. Не се враќаат никогаш сами во првичниот облик.


Секој следен збор е извор. Но и изговор. Изгор.
Пропаѓаш секој ден се подлабоко. Сонуваш страшен сон.
Во кој си останал без зборови. Устата се исушила. Неповратно.
Како пресушена река. Па јазикот попусто чека. И пека. Довека.


Чувај ги зборовите неизговорени. Во темното. И глувото.
Во пештера. Тие сами излегуваат. Не се враќаат. Како брзи коњи.
Повторната средба е радосна. И случајна. Не се исклучува. Приклучува.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


47


Секој нов миг е како нов збор. Премолчен или кажан. Но ете се случува.


Скопје, 30.10.2024 година


3.
Кога зборовите не можат да сторат ништо
Ти останува да молчиш и да плачеш гласно
Зашто не си сигурен дека молчењето е исто
И дали премолченото ќе биде толку страсно


Нека грмнат громовите и ровјите сред планините
Нека надојдат и потечат најсилните речни води
Нека завладее немир по полињата и рамнините
Додека по патот осамениот човек како нем оди


Навистина ли зборовите сега немаат никаква сила
Се излижаа ли од преголема и лажна употреба
А и птицата лета без да замавне со своите крила
Па и на луѓето зборот не им значи и не им треба


4.
О колку е понекогаш одвишен зборот. Поради стравот.
Дека ќе изговориш погрешен збор. Не ни отвораш уста.
А ако веќе посакаш да кажеш нешто битно. Те молам молчи.
Зашто нема веќе кој кого да слуша. Желбата останува мачна и пуста.


Зборот е најубав и најмоќен кога не се изговара. И кога не се слуша.
Неговиот шум треба само да се претпостави. И само бегло телото да му се
насетува.
Зборот е најголема измама. Не зелена туку зрела и не опора туку слатка
круша.
Всушност зборот е лекокрила птица. Трага кога нечујно и невидливо молкум
прелетува.


Ги сакам и љубам неродените и неизговорените зборови. Поради првичноста.
Но и поради невиноста и наивноста на неродено дете. Уста празна и чиста.
Одеднаш задува ветрот заврна дождот надојде брзакот. Бура и луња од
лажни зборови.
Хаос од пелтечења и значења. По поплавата и кожата на брегот од реката не
е иста.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


48


5.
Зборови за пред ручек зборови за ручек зборови за по ручек
А навечер не е препорачливо да се полнат устата и стомакот
Ниту со лажни ниту со вистински зборави поради варењето
Кое мора да е при полна совест и во постојано забрзано движење


Се напивме и најадовме со премногу зборови и зарем уште не сме сити
Па и лекарите започнаа наместо лекови да препишуваат празни зборови
Па не случајно насекаде завладеа само невидена и неиздржлива логореа
Која нема ниту мирис ниту вкус а се препорачува за краткорочна утеха и
молк


Дајте ни ракија и салата а не само пусти и веќе слушнати и заборавени
зборови
Па и реченици кои започнуваат и завршуваат речиси исто и не кажуваат
ништо
Па после сите да кажат леле колку убаво си поприкажавме и заборавивме
на храната
А не домаќините на масата не принесоа без збор ни голтка ни залак ни гуска
ни зајак


6.
Не заслужи ти вакви груби зборови
Не заслужи ти вакви сомничави думи
Не заслужи ти вакви фронтални напади
Не заслужи ти вакви навреди и понижувања


Па што заслужи кутар и беден човеку
Кога градите не ти ги краси ни еден орден
Заслужи ли само презир прекар и прекор
И по некој збор како лажна жалост и утеха


Ти го заслужи само тоа што не ти припаѓа
И ни на сон никој и никогаш не ти го дава
Но ти ги имаш сите и добри и лоши зборови
Па земи ги и фрли ги кога ќе посакаш како монистра...




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


49


7.
Има зборови
Кои воопшто не се наивни
На пример затвор убиство несреќа
Сообраќајка измама проклетство
Па затоа ајде барем еден ден
Воопшто да не постојат и да не ги употребуваме


Има зборови
Кои воопшто не се невини
Како на пример љубов пенетрација секс
Промискуитет прељуба менопауза
Па ајде барем една ноќ
Да ги заборавиме и да ги премолчиме


Но што ќе правиме
Следниот ден и следната ноќ
Кога ќе треба да го опишеме
Судирот на два забрзани автомобила на улицата
Или средбата на двајца вљубени во паркот
Ќе имаме ли други и доволно зборови за сето тоа?!




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


50


Мирјана Стојановска


МЕДИТАЦИЈА НА УНИВЕРЗУМОТ


Мирно спие небото.
Мирно е сѐ наоколу.
Некакви звуци на природна харфа
уште повеќе ја потенцираат медитацијата
на целиот универзум.


Како совршенство на дадени фреквенции
сѐ се израмнува во една точка на постоење
како една капка на ѕвезденото море.


Цела ноќ
собрана во една капка
од моето море.


ВОДА-МИР


Спие,
дише,
мисли,
Водата!


Спие,
дише,
мисли,
Водата!


Мир!
Мир!
Мир!





20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


51


ТЕНКА ВОДА


Тенка нитна на водата
плови низ езерската шир
во црвена,
во златна
и во зелена боја
и како бисер се свиткува
на вратот на езерото
правејќи прстен на космосот
кој се провира преку
оваа нит
и влегува длабоко
во пластовите на водите
сѐ до дното
каде стои вистината
за ова езеро
кое ги поврзува сите води
како сите души
во танцот на животот,
каде тенката нитна
ја прави оваа вода (божем)
како плитка,
како питка,
како тенка вода
на незаборавот!


ПОРИВОТ НА ВОДАТА


Ми мириса на вода,
ми мириса на сеќавања,
ми мириса на вино,
на патување!


Ми мириса на раѓања,
ми мириса на цвеќе.
Ми мириса на тебе!!!




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


52


ПАТУВАЊЕ


Секое патување на грбот на пространото море
ми открива нова тајна на постоењето,
нова вртелешка на спознанието
кое е неисцрпно како и космосот.


Колку подлабоко пловам
толку возбудата расте,
и стравот, и радоста,
и исчекувањето, и надежта
дека токму од овој агол
на Денот на морето
ќе излезе онаа молекула
на среќата која има моќ
да руши бариери и болести
и да гради нови светови,
нови ткива
за нови почетоци
за нови патувања,
за нови илузии и сонувања.


Патувања кои ќе донесат нешто ново,
Нова енергија,
Нов живот!


ФРАЗА


Врти како стара грамофонска плоча
една фраза
дека сѐ е минливо,
непостојано,
кревко,
како една фаза
од големото вртење
на времето,
од големото вртење
на космосот.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


53


Зоран Пејковски


МОИТЕ ЗБОРОВИ ЗАПИШАНИ ВО СПОМЕНОТ ЗА
ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ


(Есеј во духот на времето, мистиката и тишината)


Во почетокот беше зборот


Во почетокот беше зборот. А зборот не беше само звук, не беше само
глас. Тој беше светлина. И таа светлина не беше само обично зрачење, туку
вистина - тивка, длабока, скриена. Скриена зад сè што може да се види.
Скриена во срцето на секое битие, во сè што дише, чека, љуби, страда,
простува, се моли или се надева.
Зборот не беше роден од умот. Тој произлезе од нешто подлабоко – од
самиот здив на постоењето. Од онаа невидлива сила што ги поврзува небото
и земјата, човечкото и божественото, минливото и вечноста. Во зборот се
сместени и почетокот и крајот, и прашањето и одговорот, и раната и лекот.
Овој текст го пишувам како човек. Со раце, со мисли, со сомнежи,
со љубов. Но во себе го чувствувам како нешто што не ми припаѓа само
мене. Го чувствувам како неодолив тивок шепот, кој доаѓа однатре, од сржта
на моето битие, кое не е само мое. Му припаѓа на сè. На воздухот што го
дишеме, на дрвјата што молчат, но живеат, на водата што тече без да праша
каде, на сите срца што некогаш љубеле или се изгубиле барајќи смисла.
Овие зборови не се само мисли. Тие се сведоштва. Знаци дека некој
постоел, чувствувал, гледал и сакал да пренесе нешто што не се кажува
лесно. Тие се молби за повеќе љубезност, за помалку осуда, за простор да
бидеме луѓе без да мораме постојано да се браниме. Тие се благодарности
за животот, дури и кога бил тежок. За болката, зашто од неа научивме. За
љубовта, дури и кога не траела. И секако, тие се прашалници. Зашто не
знам сè. Не тврдам. Само прашувам. Само слушам. Само се обидувам да
разберам.
Во секој ред оставам дел од себе. И не само од себе како индивидуа,
туку и од сите што оделе по оваа патека пред мене. Од сите непознати што
љубеле во тишина, што страдале без сведоци, што се надевале и кога никој
не верувал. Тука сум и за нив. И за оние што допрва ќе дојдат. За оние што
ќе ги прочитаат овие зборови кога мене веќе нема да ме има, но сепак ќе ме
почувствуваат, не преку факти, туку преку вибрација.
Зашто зборовите не се секогаш информации. Понекогаш се енергија,




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


54


понекогаш се мост помеѓу времиња, понекогаш се сведоштво дека нешто
вистинско поминало низ светот и оставило трага. Ги оставам овие зборови
овде. Не како одговори, туку како знаци на присуство, како светилки покрај
патот. За некој што можеби ќе се најде во темнина, или во самотија, или
меѓу две прашања без одговор. Ако барем еден збор од овие запишани може
да му биде утеха, потсетник или насока, тогаш вредеше.
Зашто зборот, кога е искрен, не умира. Тој се претвора во светлина.
А светлината, секогаш си го наоѓа патот до срцето што знае да слуша.


Зборовите како семиња во времето


Постојат нешта кои се невидливи, но сепак оставaат траги. Такви
се зборовите. Изговорени или запишани, тие не се само звуци или букви;
тие се живи честички што го преминуваат просторот и времето, патувајќи
понекогаш многу подалеку од она што ние можеме да замислиме. Секој збор
е како семе, мал, понекогаш незабележлив, но со потенцијал да израсне во
нешто моќно, длабоко и трансформативно.
Кога зборуваме, ние не го гледаме патот по кој нашите зборови се
движат. Не можеме да предвидиме на чие срце ќе паднат, во чие сеќавање
ќе се врежат, во чиј живот ќе се вградат. Зборот, еднаш пуштен во светот,
веќе не е само наш. Тој станува дел од другиот, од оној што го слуша, што
го чита, што го чувствува.
Но, како и кај секое семе, не сите зборови ќе најдат плодна почва.
Некои ќе паднат врз тврда, затворена душа; ќе се изгубат во бучавата на
денот, ќе бидат одбиени, заборавени. Ќе ги однесе ветерот на рамнодушноста
или ќе ги прекрие времето со тишина. Ова е природен тек, не секоја порака
стигнува таму каде што сме посакале.
И покрај тоа, секогаш постои можноста, и токму таа можност нè
води – дека некој збор, можеби најтивкиот, ќе го најде патот. Ќе се всели
во срцето на некој што слуша со внимание, на некој што страда тивко,
на некој што чека знак дека не е сам. И таму, во непознатиот простор на
друга човечка внатрешност, ќе почне да никне нешто ново. Надеж, прошка,
љубов, разбирање... Тие не никнуваат од големи гестови, туку често од
наједноставните реченици, од искрените мисли кажани без претензии.
Во овој свет на постојана комуникација, каде зборовите често
се користат како алатка за убедување, за моќ или за надмоќ, вреди да се
потсетиме дека највредните зборови се оние што доаѓаат од длабоко
чувство. Затоа пишувам. Не затоа што тврдам дека имам вистина или знаење
поголемо од другите, туку затоа што знам дека чувствувам, а чувството е
автентичен израз на човечкото постоење.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


55


Во времиња кога се чини дека зборовите стануваат евтини, кога
лагите се викаат гласно, а вистините се шепкаат со страв, останува надежта
дека некаде, некој ќе го слушне тивкиот глас. Затоа е важно да не престанеме
да зборуваме, да не престанеме да пишуваме, дури и кога се чини дека
никој не слуша. Секое семе има своја шанса. И можеби токму зборот што го
кажуваме денес, без да му придаваме значење, утре ќе биде причина некој
да продолжи понатаму.
Во суштина, зборовите нè поврзуваат. Тие се мостот меѓу едно срце
и друго. Понекогаш невидлив, но секогаш присутен. Колку што сме свесни
за нивната сила, толку посветено ќе ги избираме. И кога ги пуштаме низ
времето, нека бидат со љубов, со грижа, со искреност. Бидејќи не знаеме
каде ќе паднат, но знаеме дека можат да растат.


Вечната тишина во нас


Најдлабоките вистини не ги најдов во гласовите на светот, ниту
во книгите со големи букви. Ги најдов во тишината. Во оние тивки, често
неподносливи мигови кога сè околу мене стивнуваше, а единственото што
остануваше беа сопствените мисли што се враќаа како ехо од внатрешноста.
Тоа беа часови кога ноќта не беше само дел од денот, туку состојба на духот
- густа, тешка, длабока како море без дно. Во тие мигови, кога се чини дека
ништо нема смисла, кога светот те заборава, а ти самиот се прашуваш дали
постоиш воопшто, се раѓа нешто тивко, но вистинито.
Во една таква ноќ, додека тишината ме обвиткуваше како старо ќебе
од спомени, слушнав нешто. Не беше збор, не беше глас во традиционална
смисла, повеќе беше чувство, непретенциозно, но силно. Ми шепна: „Сè ли
е во ред. Ти си на пат“. Тоа беа наједноставните зборови што некогаш сум ги
„слушнал“, но и највистинитите. Не дојдоа однадвор, туку однатре. Од она
место во нас што не се објаснува со разум, туку само се чувствува со целото
битие.
Тој глас немаше име, немаше тело, немаше религија. Тој не беше глас
на некој пророк, учител или родител. Не беше ни мој глас, барем не оној
кој го слушам секојдневно кога размислувам. Беше повеќе како топлина на
сонце што проникнува низ прозорец кога најмалку очекуваш. Како да ти
пристапува некој од внатре, не со зборови, туку со спокој. Тогаш сфатив
нешто што пред тоа можеби само сум го насетувал: духовноста не е во
догми, ниту во ритуали, таа е доживување. Таа е жива, лична и интимна
состојба на свест, таа е тишината што зборува.
Во свет што постојано бара одговори, што вреска, суди, анализира
и категоризира, тишината се доживува како празнина. Но таа, всушност,




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


56


е исполнетост. Таа е вистинскиот простор каде што човекот конечно се
среќава со себе. Во таа тишина, се сретнуваш со сè што си, и сè што си
заборавил дека си. Таму нема претстава, нема улоги, нема маски. Таму нема
потреба да бидеш нешто - доволно е само да бидеш.
Човек не е само тело, не е само ум. Постојат длабини во нас што
науката не ги мери, а логиката не ги разбира. Постојат делови од душата
што не се врзани за името, ниту за идентитетот што сме го изградиле.
Понекогаш, она што нè носи низ денот не е разумот, туку тивкото чувство
дека не сме сами, дури и кога сме физички осамени. Тоа чувство доаѓа од
невидливото, од она што не може да се допре, но може да се почувствува.
Ако некогаш се почувствуваш изгубено, исцрпено, заборавено од
светот, сети се на ова: не си сам. Постојат нешта што не се гледаат, но се
таму. Понекогаш, токму тие невидливи сили нè држат кога мислиме дека
ќе паднеме. Понекогаш, токму тие тивки, недефинирани чувства се доказ
дека душата е поврзана со нешто поголемо, нешто што не можеме да го
објасниме, но длабоко во себе знаеме дека постои.
Душата, во суштина, не е само твоја. Таа е дел од некаква поширока
свест, од некоја таинствена енергија што сите нè обединува, без разлика
на вера, боја, јазик или време. Таа не припаѓа на одреден систем, туку на
целината. Ние сме, секој од нас, еден мал фрагмент од нешто бескрајно,
како капка што иако мала, сепак го содржи целото море.
И затоа, кога ќе те стигне тишината, не ја набркувај. Не ја сметај за
празнина, туку прегрни ја. Таму можеби нема да го најдеш одговорот што
го бараш, но ќе го најдеш мирот што ти треба. А понекогаш, тоа е многу
поважно.


За светлото што никогаш не згаснува


Живееме во време каде сè се брои. Се мери секој чекор, секоја
минута, секој успех и неуспех. Светот околу нас е подреден на бројки, пари,
резултати, продуктивност, статус. Нè учат дека вредиме онолку колку што
можеме да произведеме, да покажеме, да достигнеме. Но што со она што
не се гледа? Што со внатрешниот мир, со тишината што не бара аплауз, со
радоста што доаѓа без повод? Со светлото што не се гаси ни кога е темно?
Не постои мера за она што е највредно. Не постои единица за
љубезен збор во вистински миг. За спонтано „тебе те чекав цел живот“ од
нечиј поглед. За мирот што те обзема кога ќе застанеш во тивка вечер и ќе
го погледнеш небото, не затоа што бараш нешто, туку затоа што конечно
ништо не бараш. Тоа се мигови кога се чувствуваш жив не затоа што нешто
се случило, туку затоа што си. Затоа што постоиш. Затоа што дишеш.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


57


Имало мигови во мојот живот кога одеднаш, без предупредување, ќе
ме прегрнеше чувство што не знаев како да го наречам. Не беше среќа во
класична смисла, ниту еуфорија. Беше нешто подлабоко. Тивко, свето. Како
светлина што не доаѓа од некаде, туку се буди однатре. Како плач што не
доаѓа од болка, туку од благодарност. Благодарност што сум тука, што сум
сведок на животот, иако не го разбирам целосно.
Во тие моменти сфатив: светоста не е ограничена на храмови.
Не е само во светите книги, во молитвите што ги изговараме гласно или
тивко. Светоста е во обичното, во поглед на дете што ти верува без збор,
во прегратка на некој што те сака и покрај сите твои несовршености. Во
воздухот после дожд, во миг кога некој случаен минувач те насмевнува, во
нежноста на секојдневието што често ја забораваме барајќи нешто „повеќе“.
Токму тоа „повеќе“што го бараме, често е веќе во нас. Не е
надворешна светлина, туку внатрешна. Не се гледа со очи, туку се чувствува.
Тоа е светлото што не згаснува, дури и кога животот не оди како што сме
замислиле, дури и кога надежта изгледа кревка. Тоа светло не зависи од
успехот, од признанијата, од туѓите мислења. Тоа светло живее во секое
срце што некогаш љубело, страдало, простило и продолжило понатаму.
И колку повеќе го препознавам, толку повеќе сфаќам дека тоа не
е само мое. Тоа светло е деливо. Колку повеќе го даваш, толку повеќе го
имаш. Тоа е парадоксот на љубовта, на добрината, на духовната светлина.
Не се намалува со делење, туку се зголемува.
Затоа го носам тоа светло во себе. И не го носам за да светам пред
другите, туку за да не го изгубам во себеси. Тоа светло е мојот компас.
Мојата тишина во бучен свет. Мојата утеха во време на сомнежи. И токму
тоа светло е она што најмногу сакам да го оставам зад себе.
Не како збор, не како дело, туку како чувство. Ако барем еден човек
почувствува топлина покрај мене, ако во нечиј тежок ден ја разбудам мислата
дека сè уште има светлина, тогаш сум живеел со смисла. Зашто на крајот,
не ќе се памети колку сме имале, туку колку сме споделиле. Не колку сме
постигнале, туку колку сме осветлиле.
И затоа, понекогаш да застанеме, да го замолкнеме светот, да се
сетиме дека постои светлина која не згаснува. Светлина што не зависи од
електричната мрежа на светот, туку од невидливата мрежа што нè поврзува
сите, од срце до срце.


Писмо до душите што допрва ќе чекорат


Драги идни души,
Ова не е поука, не е лекција, не е ни обид да ви се објасни животот.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


58


Ова е само едно писмо, еден тивок шепот низ времето, испратен од една
душа која веќе чекорела по патот по кој вие допрва ќе стапнете. Зборови
запишани не од знаење, туку од искуство. Од љубов. Од онаа длабока,
несебична потреба да ви кажам: не сте сами.
Можеби кога ќе ги читате овие редови, светот ќе биде различен од
оној што јас го познавам. Можеби сè ќе се движи побрзо. Луѓето ќе зборуваат
погласно, ќе бараат повеќе, сè ќе сакаат веднаш. Можеби ќе живеете во
време на совршени машини и несовршени срца. Но едно нешто нема да се
промени: човечкото срце. Тоа чука исто, и во минатото и во иднината. Исто
љуби, исто страда, исто бара смисла, исто тагува кога не е разбрано, и цвета
кога е прифатено.
И ние, што одиме пред вас, се прашувавме. Кој сум? Каде одам? Дали
некој ме слуша, ме гледа, ме чувствува? Се прашувавме дури и кога мислевме
дека сме сигурни. Сомнежите не се слабост, тие се врата кон длабочината. И
да знаете: не се срамете од нив. Сомневајте се, барајте, прашувајте. Зашто
токму во тие прашања се раѓа зрелоста.
И ние се лутевме. На Бога, на родителите, на светот, на себе. Се
лутевме на сè и кога не разбравме зошто нешто боли, и кога љубовта не ни
беше возвратена, и кога животот нè фрлаше во темнина без објаснување. Но
и во моментите кога срцето крвари, а очите молчат – некаде длабоко, тогаш
нешто во нас шепотеше: има смисла. Ова води некаде. Ова те учи нешто.
Љубовта, знаете, не секогаш доаѓа како во приказните. Понекогаш
нејзината тишина е погласна од сите зборови. Понекогаш љубовта не вели
„ќе бидам со тебе засекогаш“, туку „ќе бидам со тебе сè додека си ми
потребен“. И тоа е доволно. Научете да ја препознаете. Да ја примите. Да ја
дадете, дури и кога нема гаранции дека ќе биде вратена. Затоа што љубовта
никогаш не е загуба.
Можеби ќе има денови кога ќе се чувствувате изгубено. Кога сè ќе
изгледа празно, кога ќе изгледа како сите патишта да исчезнале. Тогаш сакам
да се сетите на ова: Дури и кога не гледаш пат, патот те гледа тебе. Животот
има очи кои ние не ги гледаме. Тој нè следи, тој нè води. Некогаш ни затвора
врати, не затоа што сака да нè казни, туку затоа што сака да нè заштити.
Некогаш нè оставa сами, не затоа што нè заборавил, туку затоа што сака да
се слушнеме себеси.
И верувајте, ќе се сретнете со убави луѓе. И со болни. И со такви
што ќе ве повредат, но и такви што ќе ве спасат. Секој од нив ќе биде дел од
мозаикот што ќе ве направи вас – целосни, длабоки, искрени. Не се плашете
од болката, не се плашете од падот. Од тие места, ние најмногу растеме.
И кога ќе ве надвладее стравот, а ќе дојде и тој, запомнете: не сте
први што се плашеле. И не сте последни што ќе најдат сила да продолжат.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


59


Стравот е само сенка. А сенките не постојат без светлина. Вашата светлина.
Затоа, драги мои непознати, а толку блиски души, носете го својот пат
со достоинство. Не мора секогаш да знаете каде води. Доволно е да знаете
зошто сте тргнале. И кога ќе паднете, а сите паѓаме, станете со нежност кон
себе. Со љубов, со вера, со вистинските, оти само тие ви требаат.
Јас можеби нема да бидам таму кога ќе чекорите. Но мојот глас,
мојата надеж, моето светло, ќе ве чекаат во овие зборови. И секогаш кога ќе
се посомневате, вратете се овде. Зашто ова писмо не е само од мене до вас.
Ова е писмо од човек до човек, од душа до душа, од љубов до вечност.
Со нежност, Една душа што чекорела пред вас, но која сè уште верува во
светлината во вас.


Што ќе остане по нас?


Што навистина останува по нас кога ќе нè нема? Кога времето ќе
продолжи да тече како река, а нашето присуство ќе се претвори во отсутност,
во тивка сенка зад затворена врата?
Сигурно нема да останат сликите зачувани на телефонот, ни
совршено уредените објави на социјалните мрежи. Алгоритмите ќе нè
заборават побрзо отколку што сме мислеле. Хартијата ќе пожолти, уредите
ќе се расипат, профилите ќе бидат избришани или игнорирани. Она што
денес го сметаме за важно, утре ќе биде едвај сеќавање, изгубено меѓу
милион други гласови. Но сепак, нешто ќе остане.
Ќе остане чувство. Едно чувство што некој ќе го носи во себе, без ни
самиот да знае од каде доаѓа. Како тивко присуство, како нежна светлина во
мигот кога му е најпотребна. Тоа ќе биде онаа топлина што ќе ја почувствува
кога ќе помисли на нас, не поради нешто големо што сме направиле, туку
поради начинот на кој сме ги гледале, поради зборот што сме го кажале
токму кога требало, поради тоа што сме слушале со срце, не само со уши.
Ќе остане еден збор. Можеби случајно изговорен, можеби намерно
запишан, но со тежина што ќе ја допре нечија душа. Тој збор може да разбуди
нешто – надеж, смелост, прошка, љубов. Ќе остане во нечија меморија
како светло што не гасне. Не како цитат на ѕид, туку како жива порака што
продолжува да дише, дури и кога нас веќе нè нема.
Ќе остане и молитва. Не онаа изречена гласно, туку тивката,
скриената. Онаа што сме ја прошепнале во најранливите мигови, кога никој
не слушал, но некој сепак чул. Тие молитви, тие внатрешни дијалози со
невидливото, оставаат трага. Можеби не во светот што може да се измери,
но во оној што се чувствува. Во духовниот простор каде ништо не исчезнува,
туку се пренесува како ехо низ времето.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


60


И затоа, иако сум само капка во океанот на времето, мал, минлив и
неприметен дел од една огромна целина, верувам дека и капките имаат своја
сила. Посебно кога се чисти, кога нема злоба, горчина, ароганција, кога се
полни со љубов, искреност и добрина. Тогаш тие капки светат. Светат на
сонцето, но уште повеќе, светат во темнината на нечиј ден.
Јас сакам мојата капка да биде токму таква. Сакам да биде светло
за некого што плови низ мрак. За некој што се бори, што се прашува, што
се чувствува сам. Сакам мојата присутност, иако краткотрајна, да биде
потсетник дека љубезноста не е изгубена уметност, дека човечноста сè
уште постои.
На крајот, не остануваат ни титули, ни постигања, остануваат
допири, не физички, туку емотивни и духовни. Начинот на кој сме ги
допреле другите, начинот на кој сме ги сакале, начинот на кој сме ја живееле
љубовта, не како концепт, туку како секојдневен избор. Токму тие нешта,
невидливи, а суштински, се нашето вистинско наследство.
И затоа, живеј така што твојата капка ќе ја паметат по топлината
што ја оставила, не по обликот што го имала. Биди светлина, и кога светот
заборава да биде.


Завршен збор, што не е крај


Ова не е крај! Иако звучи како последен збор, ова е, всушност,
почеток. Почеток на еден поволен и невидлив разговор помеѓу мојата душа
и вашата. Почеток на нешто што не може да се измери со време, ниту да се
запише со мастило. Зашто вистинските разговори не се водат само со јазик.
Тие се случуваат со погледи, со тишини, со допири што не се видливи, но се
вистински.
Кога ќе се најдете изгубени, а верувајте, секој од нас барем еднаш
ќе биде таму-не се плашете. Не брзајте да побегнете од тишината. Таа не е
празнина, туку место каде што душата конечно може да се слушне себеси.
Враќајте се кај тишината како кај стар пријател. Таа ќе ви го каже она што
светот заборава: дека не мора да бидете нешто повеќе за да вредите. Дека
вашето постоење, само по себе, е доволно.
Ако некогаш не знаете каде да одите, и тоа ќе се случи, следете го
она што ви го смирува срцето. Тоа чувство на мекост, на тивка сигурност,
е често повистинито од најгласните совети. Патиштата на срцето не се
секогаш најбрзи, но се најчисти. Не ве носат каде што сте „требале“ да
бидете, туку каде што навистина припаѓате.
Ако не можете да најдете одговор, треба да знаете дека и одговорите
понекогаш ќе молчат, затоа не се обвинувајте. Не се откажувајте. Само




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


61


продолжете да поставувате прашања. Но не со страв, туку со љубов.
Прашајте со срце, не со очекување. Поставете ги прашањата како што
дете поставува прашање: со љубопитност, не со нетрпение. Тогаш, дури
и ако одговорот не дојде веднаш, ќе знаете дека сте на вистинскиот пат,
зашто вистинските прашања се оние што нè менуваат, не само оние што ги
решаваме. Животот не е задача за решавање. Тој не е тест што треба да се
положи. Тој не е список што мора да се исполнува.
Животот е тајна. Тајна што не бара да се објасни, туку да се доживее.
Да се почувствува. Да се сака, дури и кога боли, дури и кога не разбираме.
Некои нешта се убави токму затоа што не можат да се дефинираат. Како
прегратка. Како простување. Како љубов.
А зборовите, тие не се само зборови. Ако ги кажуваме со срце, тие
стануваат патокази. Мали светла низ вечноста, запалени, не за да блескаме
ние, туку за некој друг да најде пат. Понекогаш, токму тие зборови –
изговорени во тишина, запишани во миг на искреност – ќе бидат мост
помеѓу две изгубени души. И без ние да знаеме, некој некаде ќе ги прочита,
ќе ги почувствува и ќе си каже: „Јас не сум сам. Некој пред мене веќе го
чекорел овој пат“.
И кога ќе ги затворите очите, и кога сè околу вас ќе молчи, не значи
дека сè завршило.
Токму тогаш, некаде, некој ќе ги слушне тие зборови. Можеби во
срцето, можеби во сонот, можеби во момент кога најмногу му треба. И
можеби, само можеби- токму тие зборови ќе бидат светлината што ќе му
ја покаже патеката нанапред. Не затоа што сме биле големи, туку затоа што
сме биле вистински.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


62


Добре Тодоровски


МОЈОТ ГРАД


На Панде Манојлов,
по мотив од неговата стихозбирка „Утеха“


Одамна немаше заврнато, а време беше на дождовни денови. Како
да не заборавило небото, или за инает не сакаше да заврне, да истури над
градот, како што знаеше, потоп да направи, да ги измие улиците, да ги
однесе сите нечистотии в река, во Драгорот, кој ќе ги понесе вид-виделина,
синдилија удолу кон Црна Река, до Вардар, а оттаму којзнае каде.
Но, низ годините забележав како секогаш после таквите врнежи, градот
блеснува, небаре се променил, се пресоздал, а тогаш му личи и името што
го носи.
Мојот град.
Куси и тесни се улиците и сокаците на мојот град. Некаде на сила
проширени, колку да може луѓето комотно да се разминат. Некои улички се
останати од дамнина наредени со калдрма, покриени со излижани камени
коцки, ваму-таму над нив послан тенок асфалт, а некои сосем заборавени,
залежани в земи, покриени со прашина и кал.
Само една од нив, во стариот дел на градот е широка и долга. Пред
неколку години над камените коцки, ставија мермерни плочи, ја поплочија
широката улица и го покрија минатото, ја скрија нејзината важност. Што е
верно, плочките се убави и оддаваат посвечен, поубав изглед на улицата, а
со тоа човек може подостоинствено да се чувствува. Овде - онде може да се
сопнеш од некоја нерамна плочка, која излегла од нејзиното лежиште, колку
за потсет дека тука и каменот може сопка да ти стави.
Таа улица, прочуена по нејзината магична моќ, носела имиња
на Султани, Кралеви, Маршали, а пред десетина и кусур години, остана
безимена. Иако има влез и излез ја викаме Широк Сокак.
Колку пати само сум помислил да ѝ дадеме име на некој битолски
големец, кабадаија, или фодул – делија, не дај Боже на некој да му текне да ѝ
даде име на некој писател, уметник, значаен човек, прочуен во светот... Ама
ете, до ден - денес Широк Сокак си остана безимен. Сѐ ќе да е да се чека
повторно да дојде некаков си нов војсководец, крал, цар или маршал, за да
ја крстат по него.
Како било. Во мојот град, по тесните сокаци може да се сретнат луѓе




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


63


обично облечени, како и што им се нашло, со стари алишта, небричени и
не начешлани, со ветви кондури, па дури и по влечки. Така е по споредните
улици, а на Широк Сокак сликата е подруга. Таму е место каде што се
покажува ново и најново, домашна и странска мода, место за фодулирање,
фалби и пофалби за машко и женско. “Фалиме усто оти ќе те раскинам“. И,
си мислам на сѐ и сешто, што ќе ми дојде на ум, заскитувам по околината,
дури до Пелистер и назад. Не знам колку време така.
Телефонскиот повик ми ја прекина мислата, се штрекнав и се исправив на
нозе.
Со мојот книжевен пријател Панде се договоривме да се најдеме на
кафе на Широк Сокак, кај Камен Мост. Се дотерав, како што е ред кога се
излегува на таа улица и брго-брго излегов. Стигнав пред време и застанав на
местото каде што некогаш се наоѓаше мост направен од камен, премостен
преку малата рекичка Курдерес. Чекам. Се обѕрнувам нагоре-надолу, гледам
во мноштвото минувачи кои рашетуваат по широката улица. Ми ѕвони
мобилниот телефон и се јавувам. Панде е. Ме прашува каде сум.
- Токму на Камен Мост, те чекам, - велам и го исклучувам телефонот.
Група млади луѓе, модерно облечени со искинати фармерка-
пантолони и разголени, божем таква била модата сегашна, што во моментот
поминуваа крај мене, најверојатно изненадени од мојот разговор, застанаа.
- Кај видовте овде мост, жити сѐ, па дури од камен!? - ми се обрати
еден од момците, поттикнувајќи иронична насмевка кон другите.
Младите луѓе со недоверба се погледнаа еден кон друг.
- Им кажуваш за мостот? – вели Панде кој застанал зад мене и ја
потпре раката на моето рамо.
- Аха. Не знаеле, не чуле, никој не им кажал, - му велам.
- Деца... – кратко рече Панде и скоро ме завлече за рамо. Само по
неколку чекори седнавме на столиците поставени пред слаткарницата.
Во летно време, скоро сите кафулиња, слаткарници и дуќани
одземаат дел од улицата и поставуваат маси со столици. Ја стеснуваат
улицата. Гледајќи ја таквата слика и револтиран, еден мој пријател новинар
имаше забележено: „Широк Сокак, тесно грло“. И пак, таква била модата,
европска. Како било, нека е така.
Кратко замислено гледаме во минувачите.
- Пишуваш, чкрташ? – ме прашува Панде колку да праша.
- Колку да ја почешам крастата, да сум во кондиција, да не заборавам
како работи пенкалото, - му велам.
- Ти!?
- Пишувам песни за Битола. Спомените ги бележам, да остане трага.
Јас знаев како одамна тлееше желбата во него да издаде збирка песни




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


64


со мотиви од градот. Зборувавме многу пати и зборот да се завешти. Зборот
наш битолски, онолку колку што останало.
- Остарев, а ум никако не ми дојде, сѐ уште старечки и на заод,
како лична чупа, Битола да ја љубам, - ми вели. – На сон ја сонам Дембел
Чаршија, послана со кафе и битолски локум...- ми вели, гледа право во мене
и се потсмева.
- Самиот помен на Широк Сокак буди спомени на убави дамнешни
времиња, - му велам. – Ми се чини тука си свој на своето. Којзнае колку
љубовни приказни може да се соберат, или дали би можело да се дособерат,
токму овде.
Од малото кожно црно чантиче што го носеше со врвка на рака,
извади помал бележник и ми го подава.
- Ѕирни. Затоа те побарав, ѕирни да видиш што пишувам, дали ќе те
бендиса, - ми вели и пак се насмевнува, ја чека мојата реакција.
Знајно беше. Ретко кој од писателите ќе му се довери на друг што пишува,
а камо ли да му даде текст во ракопис да прочита. Освен, ако се има близок
однос, без малку како роднински, какво што беше односот меѓу нас двајца.
Гледам во ракописот, разбирлив за читање и се насладувам на секој збор.
Читам:
-„Во „Интифа“ наседнати дуќанџии, мајстори и калфи, секаков
милет, од чаршијата и Безистенот збрани, кој ракија Крклинска, кој чаша
вино Драгошко, мераклиски пеат и песна од срце им лета тажна: Битола
бабам Битола, гене бабам Битола, Битола мој роден крај...“. Потоа друга
песна, па трета, четврта, петта... На некои места наидувам на чкртаници,
прецртани зборови, додавани мисли.
- Убаво. Треба да се доработува, - му велам, демек го критикувам.
- Ехеј...Уште колку пати ќе ги препрочитам! - вели и пак зајадливо се
потсмева.
Знаеше, од пред извесно време му се доверив за пишување раскази
за градот, затоа и ме чепкаше.
- Да не ја здебелиш многу збирката...
- Нека е. До сега немам толку песни на едно место ставено... – ми
вели.
- Ти, до кај си...
- Имам нешто, ама уште збирам материјал. Го „квачам“ текстот, - му
велам.
Пред нас, нога за нога врви девојка, модерно облечена (како за на
Широк Сокак) со изразени облини и голема чанта во раката. Раката со која
ја држи чантата ѝ е малку крената нагоре, свиткана во лактот и настрана. Ни
заликува како кукла во некој стаклен излог. Нашминкана и намирисана. Да




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


65


ти е мерак само да ја гледаш. Лична личотија. Убавина од жена. Подзастана,
а ние ја слушаме како зборува на телефон.
- Але, шо ле!? Не ле! Але шо ле не!? Але, нѐ! Але, ајде ле! Але, остај
го и ела си...
Двајцата ја измеривме девојката од глава до петици и со мисла мерка
ѝ зедовме, небаре некои терзии.
- Се сеќаваш на пајтонџијата Манди?
- Се сеќавам.
- Е, и за него песна ќе напишам, за Ајро Демироски, за Курдерес,
Тумбе Кафе и бадемите Девејански ќе пишувам...
- Спомни ги коконите битолски, убавите жени битолчанки, Широк
Сокак спомни го, - му велем и му ги редам топонимите со значење за градот.
Му ја спомнувам Крива Воденица, Бела Чешма, Чивте Фурни, Сали Мостот,
Ленски Мост и Драгоро, Биљбиљ Камен и капејнците Топла Студена, Китач
и Славија.
- Нека остане помен за пазарите на кои се собирал сиромав, а весел
народ: Мас пазар, Пекмез Пазар, Дрвен Пазар...
И зборува. Ми кажува за Пелистер, Смилевски Баир и Црквата четириесет
маченици, Ѓенемале, Шарена Чешма, Арнаут Мале и Драгорот нагоре, ги
реди сите топоними што го означуваат градот, а јас небаре го потсетувам.
Па, де тој, де јас, редиме така сѐ што ќе ни падне на памет, што ќе ни стигне
до уста, вртиме и со зборови го сликаме градот и околу него, онаму каде
што сме биле и виделе. Будиме спомени и ни се полни душата. Додаваме
и придаваме. Имиња и презимиња на луѓе обични и големци, оние што на
времето значеле нешто за градот. Места за нас знајни и значајни, од времето
на младоста, од дамнина и сега во сите годишни времиња.
Кога ги спомнавме годишните времиња, од некое ненадејно надојдено
задоволство кусо на глас се насмеа. Преврти некој лист во бележникот и се
загледа во него.
- Слушај, дали ќе те бендиса ова: „ Кога во Битола ќе пристигне
пролетта, и кога на Пелистер ќе почне снегот да се топи, ќе расцутат
бадемите и јоргованите на Тумбе Кафе горе, ќе расцутат магнолиите кај
градскиот часовник и цело Влашко маало ќе замириса на расцутени
трендафили. Кога во Битола ќе пристигне пролетта ќе надојдат нови води
во реката Драгор, нови пораснати момци и девојки ќе дојдат, како јужни
птици нови љубовници ќе шетаат, заљубени и фатени за рака...“ Мислата
ми е да запишам за една пролет што дамна била, - ми вели и не го крие
задоволството.
- Шʼо книга ќе биди таква, бе Пачо, шʼо дефтер ќе пишуваш? Пак ќе
речам да не е премногу голема?




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


66


- Мора да се спомни сѐ што било и не било во наше време, да
остајме за генерациите, за да не речат дека сме биле тиквари, да нѐ направат
неписмени, како некој си абдали...
- Аман бе! – зачудено изустив и шмркнав од кафето.
По улицата врват луѓе.Многу луѓе. Река народ. Некои надолу, некои нагоре,
од сите возрасти, се разминуваат во некој несреден неред. Жагорот се
зголеми, а луѓето се поттргнаа настрана. По средината помина поголема
група туристи од Турција. Пред нив одеше преведувач со кренато знаменце
над главата и зборуваше, објаснуваше на турски јазик, за сите да го слушнат.
Сѐ ќе да е им кажуваше за балконот на Елени Каринте, во која се вљубил
турчинот Кемал, во некоја дамна одмината година.Така, зашто раката ја
креваше токму кон балконот, а тие ги вртеа и ги креваа главите нагоре, со
некоја нивна замисла за тоа време. Кога заминаа, народот се врати по улица.
- Гледај. Толку испишавме за Битола, а никој не не познава, не не
препознава, - рече Панде и неверно погледна во минувачите.
- Да не е можеби виновноста во нас, затоа што ние изгледа живееме
во некое друго време, во она за кое пишуваме, - му велам.
Со неколку длабоки воздишки ја потврдуваме состојбата во која се
наоѓаме.
- Ш’о прајте бе драпачи, чкртала, на кафе, а? – ни се обрати еден
човек, познаник по видување. Сосем забележливо возбуден се разгледува
околу, како да го брка некој.
- Еве, сепак некој не познава, - му велам на Панде.
- Поќар си овој да не те познава. Знајш ш’о малер е? – ми вели со
ишарет.
- Чеј, жити очи, да седнам да почекам една кокона, да ја видам од
позади, - ни вели познаникот и без да чека одобрување, наша согласност,
седнува на една од слободните столици.
- А бе, оданде, од кај сато’ ја загледави и никако да ја видам цела,
од сите страни, - си зборува човекот. – Ретка убавина, око да ти зајди... Она
нешто не е само од еден праено, мора да биле поќемина... Од кај излезе, од
кај се зададе, кога до сега не сум ја видел... „А бре, битолчанки, ко расцутени
цвеќиња на прозорците од битолските сараи, џул трендафили што цутат во
најубави бои. Личба што личат и во бледите спомени...“
Си зборува човекот и шара со очите во мноштвото народ. Го гледаме,
слушаме неговиот монолог и молчиме.
- Ене ја! - подвикна познаникот стана и замина кон неа.
Двајцата погледнавме кон жената и заклучивме дека е во право.
Премногу во право.
Едно црномуресто детенце испружи рака кон нас, а ние му дадовме




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


67


дробни пари.
- На Широк Сокак ќе те видат и ќе бидиш виден! – вели еден наш
заеднички пријател, ликовен уметник и ни приоѓа.
- Ај, да погодам за ш’о муабет прајте?!
- За Харила кенлеро’, - зајадливо му вели Панде.
- Јас мислев да не прајте муабет за Копански на Пелистер и снегот
лански.
Разменивме по некоја реченица онака на мајтап и си замина, се
изгуби во народот.
Му покажувам паричка. Стара ‘рѓосана паричка, или медалјон со
испишани бројки и букви.
- Ш’о ти е то?
- Медалјон од некој француски војник од Првата светска војна, - му
објаснувам.
Јас му кажувам, а тој со внимание ме гледа. Мрда со главата, одобрува,
му се бендисува.
- Убава битолска тема, таман за роман... Имаш нешто поќе?
- Имам нешто, ама ти велам, барам уште.
- Јас пак, пред некој ден... - рече Панде и прекина. Шмркна од кафето
и грлото му се стегна. Насетувам го мачат некои зборови, му ја јадосуваат
душата. – Идам наваму и слушам како некој тивко, зад прозорецот во топлата
одаја, во старата куќа на катот горе, свири на пијано,... Битола, си помислив,
градот на клавирите... Малку понастрана од мене, забележав едно мало
девојче во фустанче лито застанало со крената глава та и тоа слуша. Ми
заличи на Пепелашка, од некој тесен сокак... Со каков ќеф слушаше и со
колку големо внимание. Таа нема пари, си реков, пијано да си купи, музика
во сонот душа да гали...
- Па ова е поезија, цела приказна. Имаја на ум.
- И ја имам...
На кратко се загледавме во минувачите, во светот кој пред нас
поминува, заминува.
Така е на Широк Сокак. Малку – малку па некој ќе те поздрави, сака
да се поздрави, на кратко да застане со тебе, да се види. Овој пат разговорот
ни го прекина човек кој звучно разговараше по телефон. Елегантно облечен
со изразито џиш црвена вратоврска и во раката држи голема чанта. Типично
за новопечените бизнисмени, ако беа тоа.
Го слушааме.
- Не можи така море ајлаз еден, копук невиден, - вика, небаре со
наглув зборува. То е скап материјал бе суртук еден, од белиот свет донесен...
Така зборуваше човекот и изгледаше важен и среќен.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


68


- Е, од вакви фодули да ти пукни жолчката, а види го! - вели неволно
Панде.
- Секој на свој начин е среќен и несреќен. Сѐ зависи од крстот што
секој од нас го носи на својот грб како предодредена судбина, - му велам.
Времиња така се среќававме на кафе - муабета посебно кога ја подготвуваше
рецензијата за мојот роман. Обиќно тогаш ги планиравме посети на многу
места за промоција на книгата, се договаравме. Ми се пофали како е при
крај со стихозбирката „Утеха“.
Во една од многуте седенки на Широк Сокак, ми се довери.
- Во последно време се чувствувам како гостин на Широк Сокак. Сѐ
што ќе видам за сѐ ме боли. Сѐ помалку и помалку познати лица среќавам.
Сѐ си мислам, освен спомените, ништо друго не ми припаѓа мене и ретко кој
ме знае или ме препознава, зошто изгледа и моето веќе не е мое... А, толку
сакам, заедно со „Боемите“ да ја запеам „Битола мој роден крај“, а потоа да
си одам од каде што нема враќање, - некако таговно ми рече Панде, а мене
тешка и тажна дума ми наиде.
И, замина. Замина, во еден студен есенски ден без да се збогуваме.
Замина во еден ден во една проста година, покосен од болест од која
боледуваше сиот свет. Мојот град се збогува со поетот. Големиот поет Панде
М.
Замина без да ја доврши приказната и да ја допее песната за нашиот
непребол, мојот и негов град, за Битола.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


69


Роднокрајни писатели од Битола




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


70


Сања Мучкајева-Видановска


МОИТЕ ЗБОРОВИ ЗАПИШАНИ ВО СПОМЕНОТ ЗА
ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ


1-ви Ноември 1920 година
Феодосија, Крим


„ Но давай, давай ...“
„ Мои вещи...“
„ Только медленно, не толкаясь.. Каждый со своим полком ...“
„ Не плачь мой малыш“ , со тивок глас го тешеше една млада
жена своето детенце кое гледаше околу себе со исплашен поглед. Мајката
го држеше во прегратка веднаш до градите. Се наведна полека кон него,
го помилува и ја одврза својата шарена волнена марама. Ја обви околу
рамениците и ја подаде градата на малечкото. Тоа погледна уште еднаш со
малку подигнато главче и зарони под марамата. Цицаше испрекинато, од
време на време подигајќи го главчето. Младата жена трпеливо го милуваше
за да продолжи. Седеше згрбавена, потпрена на големата торба со уморен
поглед. Од врзопите шамии со празен поглед се клатеа главчињата на многу
деца, кои го изгубија плачот и само ги отвораа устите како риби на суво.
Со тенките вратчиња небаре порцелански кукли се обидуваа да цицаат од
пресушените дојки.
Бродот ‘Владимир’ се нишаше од брановите кои постојано удираа во
него. Големите јажиња го задржуваа да не отплови со отворен труп. Ветерот
кој дуваше од отвореното море, наоѓаше пат да се пробие меѓу закотвениот
брод и влегуваше во коските. И небото беше натежнато, а големите бранови
преупредувачки најавуваа немирно море. Претходниот ден имаше малку
сонце, а галебите летаа ниско над морето.
Коњите со коњаниците кои сега беа распадната заштита десеткувана
и деморализирана, тажно ‘ржеа. Луѓе со дебели шинели и шубари на
главите чекореа низ пристаништето. Високите чизми оставаа калливи
траги. Се чинеше дека секој се подготвува за сопствен пат, иако сите заедно
нетрпеливо чекаа да влезат.
Експлозиите го разбрануваа морето. Штотуку беа стивнале... Но
тоа траеше толку кратко што зборовите останаа недоречени. Повторно го
затресоа тлото, дури се чинеше и дното под сивата вода.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


71


Младата мајка скокна со детенцето во рацете. Со брзи движења го
покри со шалот. Со раширени очи, бараше меѓу луѓето. Младиот маж во
униформа дојде до неа и ја прегрна. За миг нејзиниот поглед се смири. Ѝ
шепотеше нешто на увото и таа ја потпре главата на неговите гради. Мажот
отсутно ја крена главата кон небото.
Од сите страни на бетонското пристаниште, луѓето со турканица од
тврди рамења, грбови и суви дланки се обидуваа да се пробијат понапред
до бродот. Доржа почувствува лакот во слабината и отстапи, движејќи се
понапред. Коњите ‘ржеа се’ понервозно, тупкајќи на тврдата подлога, а од
издолжените муцки излегуваше вознемирена пареа. Гласовите околу него,
ги прекинуваа неговите мисли и погледна во небото исто како мажот. Сивите
облаци се спуштаа кон морето. Сакаа да се спојат со него, но тоа беше уште
потемно со разбранувана површина. Помисли на тишината под брановите,
длабоко кон дното каде сите овие гласови исчезнуваа.
Доржа ги стегна уздите на својот коњ за да го смири и го помилува
по главата. Стоеше покрај него и го милуваше од време на време како да
сакаше да ја впие неговата топлина, единствената која сега носеше дел од
домот и земјата од која мораше да се прости. Веќе не ги слушаше гранатите
и гласовите кои во паника прашуваа дали нивното име и презиме е на
списоците за влез на бродот. Човекот кој беше назначен за одржување на
редот од пунктот пред кого чекаше и Доржа, ги замолчуваше со остар
глас за да може да продолжи со читањето. Многу луѓе не беа запишани
во тие списоци. Неколку бродови веќе отпловуваа, а на брегот луѓето беа
многубројни.
Војската од коњичкиот полк на Доржа, оние кои останаа живи, се
збогуваше со своите коњи. За нив немаше место и како да знаеја, тупкаа со
копитата и испуштаа нервозен животински рев. Сега мораше да се разделат
и знаеше дека со телото ќе влезе во бродот, но душата ќе ја остави овде.
Младата девојка пред него која стоеше речиси до трупот на бродот,
веднаш до дебелите јажиња со кои беше закотвен, погледна околу себе. Ја
извади шамијата и ги расплети плетенките со брзи движења. Извади нож од
џебот на стариот износен шинел кој го носеше на себе. Рацете ѝ трепереа
кога со дланките ја опфати едната страна од косата која падна на рамениците
и со брзи движења ја исече со ножот. Истото го направи и со другата
половина. Остатокот го сечеше брзо, со гнев. Долгите прамени кои паѓаа
покрај нејзините нозе, носени од ветерот кон трупот на бродот исчезнуваа
во водата која луто прскаше спречена да се излее од пристанишниот ѕидан
кеј. Бродот се нишаше од големите бранови кои ги голтнаа прамените. Од
малата торба до нејзините нозе извади војничка капа и ја стави на главата. Ја
наведна главата имитирајќи машки ‘од и се проби кон влезот на бродот, со




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


72


надеж дека ќе успее да влезе затоа што беше наредено прво да се евакуира
војската со своите семејства, а потоа цивилите. Се стопи со масата луѓе и
Доржа не можеше да види дали успеа да ја помине контролата. Судбината
на оние кои ќе останат на брегот, беше во рацете на сивото небо, во милоста
Божја. Тоа беше соопштено и потпишано од генерал Пјотр Николаевич
Врангел кој нареди итна евакуација на припадниците на Руската армија.
На неговиот полк му беше дозволено да се качува. Доржа уште
еднаш погледна во својот коњ. Му ги извади уздите и седлото. Не сакаше да
го остави на непријателите за кои беше прашање на време кога ќе стигнат
овде. Коњот уште повеќе се вознемири, па започна да се поткрева на задните
нозе.
„Мирен, мирен, Соколе мој. Не се тревожи. Јас и ти повторно ќе
бидеме заедно, еден ден...“, му прошепоти тивко на увото, милувајќи го
полека по главата. Паметните очи на коњот ги пресретнаа неговите. „А сега,
оди... оди... Сега си слободен, ме разбираш ли? Како што беше некогаш во
степата... див и слободен“, неговиот глас испрекинато шепотеше. Сакаше
да му каже уште толку многу работи, но не можеше. Неговиот шепот се
мешаше со молбите на жените кои со себе ги водеа малите деца и извиците
и псовките на мажите кои се обидуваа да се качат на бродот. „Немој да
дозволиш да паднеш во рацете на непријателот, црвените...“, воздивна,
а влажната муцка на коњот ја допре неговата дланка. Устата на Доржа
затрепери, а грлото го стегна толку силно, што мислеше дека ќе се задуши.
Повторно го погледна во очи. „Ќе се вратам еден ден. Чекај ме во нашата
степа“, прошепоти уште потивко, едвај изговарајќи ги зборовите. „Дел од
мене ќе биде со тебе...“, едвај подголтна. Не можеше веќе да го издржи
неговиот поглед. Ја сврти главата, го чукна силно по слабината и извика:
„Оди!“ Коњот испушти силен звук и како младо штотуку родено ждребе
потскокна меѓу луѓето. Доржа не го пратеше со погледот. Се упати кон
влезот на бродот, на кој се вееше француското знаме.
Настана турканица. Нередот и збунетоста се зголеми уште повеќе.
„Прво ранетите!“, извика редарот.
Носилките со ранетите се пробиваа кон мостот на бродот. По
должината на брегот, контролорите со ознаки на десниот ракав, ги вперија
пушките и ги принудија останатите да се вратат во редот.
„Нека влезе само моето малечко“, извика жената близу до Доржа со
искината волнена марама на главата, подавајќи го малиот врзоп. Мажот и
жената кои во тој момент поминуваа низ тесниот коридор за да продолжат
по мостот до влезот на бродот се пробиваа со наведнати глави. Жената го
држеше цврсто за лакотот нејзиниот маж во униформа. Нивните имиња беа
прочитани од списокот. „Земете го, толку е лесно што нема да е потребно




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


73


место за него.“ Ја потегна жената за надлактицата, а таа само ја искриви
устата од нејзиниот цврст стисок. „Земи го или ќе умре“, речиси завиваше.
Жената се изви настрана, ослободувајќи се од нејзината рака и уште
поблиску се припи до мажот. Не ја ни погледна и продолжи да се пробива.
„Земете го моето!“
„Моето!“
„Назад, назад!“, извика еден од редарите. „Прво имињата од
списоците, потоа останатите!“
„Со каков борбен дух не’ оставате?“, извика еден Уралски козак во
искинат дебел шинел и шубара на главата. Брадата му затрепери додека
извикуваше, „Чии животи вредат? Само оние на списоците? Ова ли е честа
за нашата борбеност? Ова ли е заслугата за тоа што ги оставивме родните
огништа, семејствата?“, продолжи да извикува надгласувајќи се’. „Што ни
преостанува друго? Што...? Да паднеме во рацете на црвените?“
Се прекрсти, а неговиот глас наликуваше на борбеното урааа, кога
неговото тело шлапна во разбрануваната вода, така затрчан до местото од
каде што претходниот транспортен брод ‘Дон’ веќе исплови, следејќи ја
неговата трага. Пливаше, пливаше... главата со шубарата се појавуваше, па
исчезнуваше меѓу големите бранови кои заминуваа кон отвореното море.
Шубарата се бореше со нив, плискаше, замавнуваше со рацете, се’ додека не
исчезна во некој од студените бранови. Моменталната тишина која настана,
гледајќи го козакот кој се бореше со брановите се’ додека не го поклопија,
повторно исчезна во уште поголема паника.
„Влегувајте по двајца“, извика гласно редарот, повраќајќи го својот
глас, претејќи со бајонетот на оние кои се туркаа да влезат.
„Внимавајте на редот! Ако треба и применете сила!“, загрми
офицерот кој стоеше до него.
Луѓето се здрвија и на лицето им замрзна ужасот. Зарем на своите луѓе
да пукаат?, помисли Доржа. Се стресе и почувствува како екстремитетите
му ги зафаќа слабост. Мислеше дека нозете го издаваат и дека секој момент
може да падне.
Се слушна уште една експлозија. Оние што беа најблиску до
мостот, се втурнаа напред. Редарите веќе не можеа да го одржуваат редот.
Имињата беа брзо читани и заедно со останатите од неговиот полк, Доржа
се пробиваше кон мостот. Не се сврти назад и со наведнат поглед чекореше,
преминувајќи го мостот на бродот. Беше исклучен и од плачот, вресоците
на оние кои не беа и на овие списоци, лелеци испаничени за голиот живот,
додека црвените се пробиваа кон нив. Лица, лица, лица...
На крајот, влегоа оние кои се пробија најблиску до бродот, како и
последните униформи кои го одржуваа редот со вперени пушки пред себе.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


74


Преминот кој го поврзуваше брегот со бродот, беше повлечен.
Сирената се огласи со длабок звук и ги задуши останатите звуци. Се оддели
од брегот испуштајќи сив чад во небото и отплови, носејќи со себе цел еден
свет полн со неизвесност.
Копното остана зад нив. Луѓето стоеја на палубата, а студениот ветер
ги мрзнеше лицето, рацете, грбот, се’ до коските. Доржа ја поткрена јаката
од војничкиот шинел и замислено со прикован поглед кон копното кое
стануваше минијатурно како што се оддалечуваа, се обидуваше да се врати
во реалноста.
Не чувствуваше ни глад ни жед иако немаше ништо јадено тој ден.
Главата ја чувствуваше тешка, немаше спиено два дена но знаеше дека сонот
е последното нешто на кое сега може да се надева. Одеднаш почувствува
таква осаменост и покрај луѓето кои дишеа еден во друг и се допираа
меѓусебно без свој личен простор, што дури и помисли да се поткрене
преку оградата и да нурне во темната вода. Можеби таму ќе го пронајде
мирот кој сега очајно му беше потребен. Пред очите му излезе шубарата на
козакот која брановите ја креваа и спуштаа. Можеби тој е сега спокоен... Се
стресе од ваквата моментална помисла и разгледа со погледот околу себе.
Се имаше одделено од својата група за да размисли малку во осама, но во
дланките се’ уште ја чувствуваше топлината на неговиот Сокол, а тој беше
до пред кратко време единствената врска со минатото. Сега, се раздели и со
него.
Започна регистрацијата на бегалци во една од големите кабини на
бродот. Двајца француски офицери кои добро зборуваа руски, ги примаа
пасошите на оние бегалци кои ги поседуваа и ги запишуваа по име и
презиме. Војската од Терско – Астраханската бригада на Доржа, немаше
пасоши и им беше издадено по едно парче харија на кое ги пишуваше по
име и презиме дека се прифатени како бегалци на бродот ‘Владимир’. Во тој
момент, тоа беа нивните единствени документи.
Со ливчето во кое го пишуваше неговото име и презиме, Доржа
здогледа едно мало празно место на спротивниот крај. Полека се проби
меѓу луѓето. Внимаваше да не згазне нечија рака или нога, толку беше
пренатрупано на бродот што секој погрешен чекор би можел да предизвика
крцкање на нечиј прст или стопало. Мораше да прескокнува парталави
торби, кои на некои места како кула се издигаа меѓу луѓето. Шубари,
војнички капи и волнени шамии ѕиркаа меѓу тие возвишенија кои во себе го
носеа целиот живот. Едвај се проби до празното место во кое можеше само
да седне со свиткани нозе. Се спушти покрај оградата и се потрпе со грбот.
Го совлада умор и само сакаше да го одмори малку телото.
Чудната возбуда со спротивставени чувства полека стивнуваше и луѓето




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


75


кои претходно вознемирено гледаа кон копното и тивко шепотеа меѓу себе,
оние кои имаа среќа да бидат со некој член од семјството, сега исто така ги
совладуваше уморот па исто како него седнуваа каде што ќе најдеа празно
место. А, тој беше сосема сам без никого од семејството. Сега семејство беа
малкуте преживеани од неговиот полк, тивки и замислени исто како него.
Ги затвори очите со надеж дека ќе може барем малку да дремне и
да си ги одмори телото и духот иако чувствуваше како студот се пробива
до коските. Дишеше длабоко, изедначено, за да го натера телото да се
опушти. Но колку и да се обидуваше, сликите излегуваа како брза лента во
континуитет, напаѓаа во секвенци. Битките, ранетите и мртвите другари,
коњите кои се исправаа на задните нозе пред опасност, тишината на
заседите, снегот под телото кој замрзнато штипеше додека чекаа легнати со
вперени пушки, заривањето на куршумите во телата, претсмртните агонии,
преплашените погледи на оние кои останаа на брегот, неговиот верен Сокол,
младата жена со малото детенце на градите, прамените коса на девојката чиј
нож ја парчеше и се тркалаше по пристаништето за да заврши во темната
вода...
На средишниот дел од палубата луѓето се раздвижија. Нешто се
случуваше и останатите околу него се исправаа полека, љубопитно и
вознемирено. Луѓето сега можеше да ги исплаши секоја нерамномерност
од звукови. Ги истегнаа вратовите и некои од нив станаа да видат што се
случува. Клунот на бродот ги сечеше големите бранови - го креваа нагоре и
го дочекуваа кога се спушташе со тап но продорен звук. Доржа се исправи
заедно со другите патници и ги виде насобраните луѓе околу свештеникот
во црна одора. Во едната рака го држеше сребрениот крст, а во другата
Библијата. Православната молитва се проби меѓу луѓето и тишината која
завладеа од наведнатите глави, речиси како да досегнуваше до висината на
молитвите. И останатите полека стануваа од своите места и под сивото небо
молитвата на свештеникот Отче наш, сущий на небесах... се пробиваше
меѓу брановите кои луто го напаѓаа трупот на бродот и звукот на моторите.
Повторно седна, ја наведна главата, ги спои дланките пред градите и ги
затвори очите во тивка, сопствена молитва. Почувствува како полека го
обзема сонот.


(Извадок од мојот најнов роман во ракопис „Калмичка степа)
Поттикната од темата, решив да ја испратам првата глава од вториот дел на
мојот најнов роман - токму поради поврзаноста на истиот со темата за есејот
за оваа роднокрајна средба на битолските писатели. Оваа семејна сага, која
е биографска, опфаќа две војни: Граѓанската војна во Русија со почетокот на
Октомвриската револуција, во која беше учесник мојо дедо,




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


76


Илче Стојановски
(ИЗВАДОК ОД ПОЕМАТА „ВОЗНЕСЕНИЕ НА ЗБОРОТ“)


ВОСКРЕСЕНИЕ НА ЗБОРОТ


Без него сме никој и ништо,
изгубени бисери во песокот.
Затоа во ѓердан ќе ги нанижам зборовите
буква по буква...


Ноќта се спушта над манастирот,
кандилото сеуште свети, гори.
Мир и тишина о, Господе
само зборот – чувствувам збори.


Тивок, а силен... го чувствувам,
во стариот ракопис на монах
личен, како вез врз платно навезен,
окото го милува светлозрачно сонце.


Крај столетен даб водата поминува,
со жуборлив глас на песна стара.
Застани малку водо бистра
за миг ликот да си го видам...


Ѕвон на камбана
го разбуди од сон патникот намерник
чекорот да не му застане,
да стигне до прагот на својот дом.


Да патуваме, да не застануваме,
да оставиме нешто зад себе,
да ја зачуваме тајната на зборот
и после нас да векува.


Низ вените да протекува,
да го закрепнува телото и духот
таа животворна течност




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


77


да циркулира, да пулсира.


Во зракот окото иднината да ја препознае,
зеницата да светне
со погледот во далечина,
таа светлина да ја води мислата.


Таа ѕвезда водилка низ просторот
да не доведе до сонцето
што ноќва се роди,
денот со утрото да го донесе.


Тагата да ја однесе,
да ја стопи со смејата,
да ја стопли со радоста
пто го растреперува срцето.


Таму тргни...
кога ќе наидеш пред раскрсницата
на животот,
пред тој чуден лавирнит...


Желбата нека те води
не се откажувај, оди...
Моќта е во упорноста
ти го можеш тоа.


Застана човекот пред зборот,
се исправи и здивна,
од заморот да се одмори
и продолжи понатаму...


Погледни подалеку од себе си
низ прозорецот на животот,
во книгата отворена за твојот поглед –
погледни...


Таму се сите тајни скриени
отклучи ја вратата
да прозбори зборот
тој, воскреснатиот...




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


78


Игор Трајковски-Фоја


ОД КУРБИНОВО ДО ИТАЛИЈА — ПАТ НА СВЕТЛИНА


Во сенките на Баба
ангелот од Курбиново трепери —
неговото око не гледа минато,
туку нешто што допрва доаѓа.
Патот под него — не е калдрма,
тоа е жица
што ги спојува сите молкнувања
во една визија:
да се оживее светлината.
Во Фиренца се слуша шепот
што не доаѓа од Медичи,
туку од некој неделен утрински звон
во Преспа,
каде што ангелот уште не паднал,
туку летнал кон иднината.
Ренесансата не е само купола,
таа е линија што тече
од пукнатината на една фреска
до мермерната тишина на Дуомо.
Кога Италија ги отвора прозорците,
а Македонија ги гали со спомени,
тогаш се раѓа нешто ново —
уметност без географија,
без век,
но со душа.


ПАТОТ ШТО ЗБОРУВА СО ТИШИНА


На каменот сè уште чека
отпечаток од сандала римска.
Во пукнатините —
заборавени молитви,




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


79


стиснати во прашина од векови.
Ова не е пат —
ова е отворена книга
што секој што оди, ја допишува.
Кога стојам во Курбиново,
не гледам само фреска.
Гледам здив кој уште трепери
на ѕид што дише.
Ангелот не е боја —
тој е вечно прашање.
Што е светлина,
ако не падне на човечко лице?
Виа Игнација ткае невидлива нишка —
од Битола до Рим,
од тишина до светлина,
од сон до симбол.
Секоја пиперка нанижана на сонце
е поема за трпение,
економија на зреење.
Во време кога еден клик
може да вљуби, уништи, запали свет,
јас го бирам чекорот,
ја бирам прашината,
ја бирам уметноста што се суши,
зрее, молчи.
Затоа што молкот понекогаш
е повозвишен од говорот.
Во Курбиново не се молам —
таму се слушам.
И дознавам:
ренесансата нема адреса.
Таа почнува таму каде што
еден поглед останал неподвижен
пред едно старо ѕидно сонце
и рекол:
„Ова е вечност.“




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


80


Светлана Папачек


НОВ ДЕН, НОВА НАФАКА


Зборот нафака доаѓа од турскиот збор nafaka и е архаизам. Има
слично значење со среќа или касмет. Нафаката можи да е добра, но можи да
е и лоша.
Зборот нафака го имам слушано многу, посебно од баба ми. Знаејќи
во кое и во каквовреме живеела најверојатно тоа значеше нешто што би
можело да ги снајде. Некое ново, кој знае какво утро. Веројатно во негативна
конотација. Во главно за лошо мислеше. А по утрото нели денот се познава.
Е таа нафака не снајде сите нас. Можеби не директно, но сепак сите
сме погодени. Кој во срцето и душата, кој здравствено.
Ковид - 19.
Си реков:
- Абе ајде, далеку е Вухан. Не ќе дојдe кај нас. Километри се во
прашање.
- А и сезона на грипови и настинки е.
- Ништо страшно. Ќе помине како и секоја година, како и секоја зима.
Но, по Вухан дојде Италија и така редум цела Европа. Еве го кај
нас, во нашата кутра земја на која уште ова и беше кусо. Сега не е време за
бистрење политика и натегања,
така да ова го оставам за некое порелаксирано време и момент.
Вара тера нашиот Венко му објави војна на вирусот и до сега успешно се
справува.
За да биде превенцијата уште поголема се вклучи и Наќе, човек -
моја генерација.
- Ех, генерацијo, што ли уште ќе видиме, чуеме и преживееме. Ја
пишуваме историјата на едно време. Жртвени јагниња. Нејсе.
Е овој Наќе, сега тој не стави во карантин со полицискиот час.
Здрави, болни и потенцијални. ( секој каде што му е местото ).
Втор полициски час од осамостојувањето на Македонијава наша.
Првиот во 2001 на кого сите заборавија, ама беше. Кој се сеќава арно,
кој не уште поарно. Беше и помина.
Овој карантинов за некого може е тежок, претежок.
Но, за една жена на моја возраст и плус домаќинка ( читај невработена
– не по моја вина ) која е посветена на домот и семејството, не и е ништо
ново. Секој ден е како во карантин. Ќе си речете зошто??? Е затоа...




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


81


Заспиваш доцна, но по некое време се будиш. Те разбудил сон, било
лош или убав.
Размислуваш за сонот, си го разјаснуваш. Го поврзуваш со актуелните
случувања, не дека така сакаш, туку ете таму те тера умот. Така мачејќи се со
мислите повторно заспиваш, а веќе зазорило. Кога ќе ти ѕвони будилникот
не ти се станува од креветот.
Главата ти пука. Бабата на мојот сопруг велеше:
- Чупе глаиштево ми е како бутин. ( беше кичевчанка и целиот живот
си зборуваше и се изразуваше така, мешано битолско – кичевски )
Е така и мојата. Бутин. Нормално кога се насобрало се. И чука ли чука.
Умот маштеница. Ама мораш да станеш зошто од тебе се чека се во куќата.
Набавки, готвење, тинтири, минтири... И стануваш. Се миеш, се чешлаш...
Се облекуваш.
Го закачувам кабелот од кандилцето во струјата ( треба да е масло и
вино, но во модерни времиња – модерни кандила ), се прекрстувам. Та нели
сум христијанка и му се молам прво нему и денес да биде со сите нас. Да ми
ја чува фамилијата, да го заштити човечкиот род од несреќи и зло. До него
е мајка му и сите други. Им се молам и ним, им се поклонувам. Се молам
на Архангелите Михаил и Гаврил за мојот единствен син; на едниот ден е
роден, на другиот му го носи името.
- Господе, те молам биди и денес со нас како што беше и вчера.
- Светци на чедото мое, бидете со син ми. Вие со него, тој со оние на
кои им е потребна нега и убав збор. Утеха и насмевка.
И си го продолжувам денот со секојдневните обврски. Од време на
време ѕиркам низ прозорецот. Си ги чекам моите да се вратат дома. Мора да
се таму каде што се. Се плашам. За сите. Како го поминале денот. Дај Боже
да е се во ред. Верба имам во тебе.
Да поминеме со помалку болка и страдање.
Денот како и секој друг веќе поодминал. Го пиеме второто и последно
кафе во денот.
Разменуваме по некој збор. Секој со своите мисли. Чекаме вести. Да
го чуеме билансот на денот. Потајно, секој во себе стравува. Но, не за себе,
туку за другиот за нему најмил, најдрагоцен. Ако може да одбере човек...
Сепак со верба дека се ќе заврши добро, не само за нас, туку за сите. За
човештвото. Си влеваме сила еден на друг... И волја да се издржи ова време,
невреме.Зошто така требало да биде.Се се случува со некоја причина.
Секое зло за добро нека е.
- Ти благодарам Господе што и денес беше со сите нас.
- Нека биде волјата твоја.
- Амин.
Утре е нов ден. Нова нафака. Само нека биде за добро.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


82


Лили Бошевска


АПОЛОН И АПОЛОНА


Спирални кадрици
над погледот
од Аполон и Аполона.
Едниот
ја гледа пеколната глетка.
Другиот
во рајски градини слета.
Аполон
со стрела во Киклопот.
Аполона
со крст кон небото.


ПРОРОШТВА НА ЦВЕТОВИТЕ


Со форми и бои
пишуваат приказни по ливадите.
Ги раскажуваат скриените тајни
и чудни пророштва редат.
Кој ќе го разбере тајниот шепот
и шарените кодови
на цвеќата распослани ̶
тој ќе ги чуе пророштвата
и ќе дознае
за врутокот на убавината,
за изворот на среќата.


СМРЗНАТО ЕЗЕРО


Се капат смрзнати гранки
во езеро кристално мразно.
Водата, во страсен преграб,




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


83


стега паднато стебло.
Крцкаат стемнати води,
темнини празни мразови влечат.
Исти се дрвјата што наземи лежат
и оние на небото мрачно што му тежат.
В огледало мразно, едни на други си личат,
се гледаат и менуваат обледната лика.
Задуваа провидни ветришта од север.
Се мачи, а се надева небото плачно.
Закрвавува зрак, некаде на исток,
оттаму, оддалеку, топлина очекува.
Здив згреан му ветува
близината на изгрејсонцето.


ОСТРОВ ВО МОРЕ ОД ОСАМА


Фрли ми збор
во ова море од осама.
Да се фатам за него,
та да се спасам
од длабини бесцелни
од води нечисти.


Фрли ми збор
во овој порој празнини.
Да се држам за него
кога ме плиска невреме,
а секаде сонце
и туѓи насмевки.


Фрли ми бар збор,
сламка на давеник.
Од привидот да ме спасиш,
твојата безнадежност
остров да ми стане.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


84


„ГРАДИНАТА НА ЗЕМНИТЕ ЗАДОВОЛСТВА“ 3


Што ако се бакнавме
во проѕирноста на меурот сапуница,
на цветот набран во
„Градината на земните задоволства“?
Клобурецот на младоста, брзо исчезнува.


Се сладевме на сочноста на нашите тела,
полни со младост и свежост.
Пливавме во надојдени животни сокови.
Си пиевме нектар од усните.
Како цветови росни цветавме,
подалеку не зачекоривме.
Дотука стигнавме,
до градината на земните задоволства,
но тука не може да се остане.
Од неа, како суво цвеќе ќе заминеме,
сé живо ̶ венее и се суши.
Сочен е бакнежот на младоста.
Миризлив е бакнежот на цветот.
Вкусен е бакнежот на убавината.


И...што ако се бакнавме
во проѕирноста на капката роса,
на цветот набран во
„Градината на земните задоволства“?!
Капката на задоволството, брзо се распрснува.


ЗЕЛЕНА ПЛАНЕТА


Пред твојата зелена планета
кристален елен трепетно чека
сред полиња со бујни заблуди.
Стои вкопан во мигот неподвижен,
со провидно тело во себе лебди.
Поилото празно ги испило
сите водни синила од овој круг.
Излегувам од рамката на твојот свет.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


85


Ги враќам сите пресушени води
во двете димензии
на оваа зелена планета.
Итам кон центарот
на твојата рамна галаксија ̶
да ѝ ја вратам третата димензија!


СИВОТО ДРВО НА МОНДРИЈАН


Сивото небо распарај го
со сребрен бодеж.
Разграни се како метастаза
низ студен ветер.
Распни ги едрата
во морската и небесната шир.
Насити се со белината
на воздухот кој го дишеш.
Настрви се на црните длабини
под тебе што висат.
Стигни го сонцето кое наутро
сивилото ти го краде.
Развеј ги косите, црно-бели,
сѐ уште нерасчешлани.
Најди го мирот на сите
извишени и скршени гранки.
Зариј ги ноктите на старото стебло
во облак од челик.
Биди му сенка на оној,
кој под тебе сон си свил вечен.
Наслади се на соковите,
коренот длабок што ги влече.
Рашири се колку што можеш
во географските ширини.
Погали ги капките на влагата
која нечујно се прикрадува.
Извади ја скрбта од поетот тажен,
под тебе свиен и распеан.
Повлечи го силно коренот лирски
од Сивото дрво на Мондријан.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


86


Никола В. Ристевски


МАКЕДОНСКО ПОСЛАНИЕ
(Слово исказаное заради воскресение)
На Македонците по светот


До кога ќа спијеш
Ти сон непробудни,
До кога ќа чекаш
„Времето да дојет“?
Посмртче (Димитрија Чуповски)


Ви испраќам поздрав јас – грешната душа,
Македонец скрушен и Господов слуга,
ве призивам браќа, кој уми да слуша,
да збереме земја – не остана друга.


Евтинија сее невремиња чудни:
нѐ направи „својот“ невидливо робје,
да служиме слуги на трпези блудни,
да станеме мрамор – безимено гробје.


Та камо ги сега победните слави
на јунаци млади опсипани в цвете?
А џелатот брои дигнатите глави
и проѕирен синџир на вратот ни плете.


Затворени молкум во своите трла,
со нозете в чорба, со главите в торба,
се штедиме себе со кревките грла
за мизерни пари – о, мизерна борба!


За минливост една, простодушност бедна,
продаваме вечност и духовен кивот,
со сетила прости за соблазна медна –
на попуст е ставен човечкиот живот.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


87


Работиме чесно за зрно од класот,
за друг да ни јаде од потната мака,
ни даваат избор – не ни вреди гласот,
осудени навек да страдаме така.


Та каде е храброст во срцата наши
да фрлиме поглед в огледало чисто?
Зар одразот плашлив до коски нѐ плаши,
та чмаеме везден – сѐ едно те исто?


Се бореа предци со крената лика,
да измине време под туѓински кожув,
а крвта им пресна од подземи вика:
„При родена мајка – не ни треба очув!“


Ја дојдете сите, о сестри и браќа,
да стоиме смело под нашето знаме,
и крвта нѐ влече, при земја нѐ враќа,
да крепиме темел, да врземе камен.


Во слава на Бога – темјанова кадеж,
да одминат јанѕи и сурово бреме,
да воскресне в народ молитвена надеж,
да затрае навек македонско семе.


Свет Клименте, оче, преподобна душа,
ти огнена сабја од молитви сковај, –
да расече плевел, да очисти суша, –
македонско слово во срцата сновај.


Со крстот во гради, мој народе, стани,
со песна да скршиш тишината гробна –
ќе заблеска сонце од утрини рани,
ќе падне за навек слободата робна!




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


88


Аница Б. Златевска


ТЕСТАМЕНТ


Ноември си ги посака лисјата од брезата во нашиот двор. Ги помилува,
ги позлати, ги растанцува и ги заспа со звуците на ноемвриското ветре и
песната на птиците на стариот орев. Ги гледам лисјата како танцуваат пред
да заспијат на земјата во нашиот двор, тие го будат спокојот на мојата душа.
Лежам на мојот кревет, мојот поглед ги гледа само лисјата што танцуваат
пред вечно да заспијат.
Знам дека моите денови се одбројуваат, знам дека за скоро вечно
ќе заспијам. Знам... Но, во мојата душа носам 82 години, непроценлив
спокој и бескрајна љубов. А, за тоа ви сум благодарен вам мои мили деца
Мето, Блаже и Илина, мои мили седум внучиња Јана, Софиа, Стефан,
Елена, Јована, Огнен и Дамјан, а секако и мојата најголема радост моите
две правнучиња Фросина и Горјан. Благодарен сум ти и тебе, моја покојна
домаќинке Невена, моја покојна душичке за се што со љубов ми подари во
нашиот заеднички живот. Ти замина, но ја остави твојата љубов, твојата
топлина и твојот спокој помеѓу мене, нашите деца, внучиња и правнучиња.
Знам дека почиваш во мир, а за скоро јас доаѓам кај тебе.
Моите минути се одбројуваат , знам дека вечно ќе заспијам... Но,
знам дека со себе нема да ја понесам куќава, нема да го понесам ни креветот
на кој ќе згасне мојата последна воздишка, нема да го земам ни дворот во
кој вечно заспиваат лисјата од нашата бреза, ни нашата мала Бубица што
радосно лае кога ќе ме здогледа, ни црвениот автомобил од 1964 година,
нема да ја земам ни нивата со колибата каде сум се родил, нема со себе да
го понесам ни најмалото лажиче со кое секое утро го варам моето утринско
кафе... Знам најмили мои, дека со себе ќе ја понесам вашата љубов, вашата
почит, вашата слога, вашите насмеани лица, искреноста на вашите души и
блесокот на вашите очи. Затоа на сите вас ви го оставам овај


Тестамент


Јас Крсте Ѓоревски, син на Босилка и Јошко, роден на ден Крстовден
во колибата на нашата нива, за време на некоја војна, пред 82 години на
моите деца Мето, Блаже и Илина, на моите внуци Јана, Софиа, Стефан,
Елена, Јована, Огнен и Дамјан, на моите две правнучиња Фросина и Горјан,
им ја оставам во наследство целата моја љубов. На сите подеднакво ви ја




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


89


оставам во наследство мојата љубов, а вие ве молам споделете ја меѓу вас,
зголемувајтеја да не можи никој да ја унижти. Доколку со вашата мајка
Невена навистина ве научивме како да се сакате, како да се почитувате, како
да се сложувате и како да си помагате, ние сме го достигнале небесното
виножито кое е бесценето. Доколку навистина сме го постигнале тоа вие
ќе знаете што да направите со куќава, со креветот на кој ќе згасне мојата
последна воздишка, со дворот во кој вечно заспиваат лисјата од нашата
бреза, со нашата мала Буба што радосно лае кога ќе ме здогледа, со
црвениот автомобил од 1964 година, со нивата и колибата каде сум се родил,
и со најмалото лажиче со кое секое утро го варам моето утринско кафе...
Секоја година за големиот христијански празник Велики Поклади-Прочка,
вие сите доаѓавте и баравте прошка од мене, затоа што јас сум најстар во
семејството. Така било според Божјите закони и нашата традиција. Но, сега
јас барам прошка од сите вас за тоа што и покрај тоа што сум најстар и јас
сум човек и сигурно сакајќи или не сакајќи сум ви згрешил.
Ве сака вечно вашиот татко, дедо и прадедо
Крсте Ѓоревски


Сега можам спокојно да го погледнам последниот лист што вечно
заспива, да ја слушнам последната песна на птиците на стариот орев, да го
помирисам и вкусам последниот филџан кафе, да го допрам креветот на кој
ќе згасне мојата последна воздишка и спокојно вечно да заспијам.




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


90


Божин М. Андоновски


ИСПОВЕД ПРЕД ТРГНУВАЊЕ


Наголемо се расчу за денот на заминување на малиот печалбар
Ведран низ родното Врањевци, а и низ околните села. И кога дојде денот
пред самото утрешно тргнување..., претпладнето го искористи за да си го
среди целокупниот багаж, па ручаше набрзина и потоа веднаш се упати
кон црквата „Св. Великомаченик Димитрија“ - за да се помоли за здравје и
среќен пат и да запали по некоја свеќа пред иконите и фреските во црквата,
но и на гробовите на покојните. Па така кога стигна таму, најпрво влезе во
црковниот објект. Како што ги палеше и ги забодуваше свеќите во песокот
од свеќниците, така со многу тивок глас упатуваше и молби до Господа за
негово здравје и среќен пат, а и за здравјето на целото негово семејство. А
потоа се доближи до иконостасот, остави некоја пара на една од поставените
икони, ја бакна иконата, се прекрсти и направи чекор-два назадгазум и
застана во мирен став пред него. Стоеше така некое време молчеејќи, се
прекрсти, длабоко се поклони, а потоа се заврти и се упати кон отворената
врата од црквата. Откако ги искачи неколкуте соѕидани скалила, пополека
го пречекори прагот и излезе надвор. Направи уште чекор-два, повторно
се заврти кон црковната врата и пак три пати се прекрсти - како и при
влегувањето. И откако го стори сето тоа што мислеше дека е потребно да се
направи кон еден вистински православен црковен објект, повторно се заврти
кон јужната страна, пооди малку со само неколку просечни зачекорувања,
подзастана и онака спонтано фрли краток поглед кон целокупниот
надворешен црковен простор, за да види да не случајно има и некој друг
случаен соселанец како него што сакал да изрази желба да запали свеќи на
гробиштата кои го зафаќаа југоисточниот, југозападниот, а и целиот јужен
дел од севкупното црковно дворно место. А потоа со само уште неколку
чекори, се најде и пред семејните гробишта кои беа во непосредна близина
на јужната страна со црквата.
Ќе запалеше свеќа, ќе се прекрстеше: „Предци мои, јас подолго
време ќе бидам отсутен од нашето родно село - одлучив да одам на многу
долг пат... дури во Сиднеј - Австралија, а вие почивајте во мир“! Ќе речеше.
И така со ред запали свеќи кај сите. А потоа се упати и кон некои други
поскорешни соселански гробови за и таму истото да го стори. Притрупот
(Клисарот) Костадин се задржа уште некое време и откако го направи




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


91


вообичаениот ред на сите работи, ја заклучи вратата од црквата и си замина.
Ведран остана сам... Откако им оддаде почит на мртвите, повторно
се врати пред гробот на мајка си. Клекна пред веќе запалената свеќа, се
разбира со намера и започна слободно да зборува на цел глас - исто како
мајка си да ја гледа жива пред себе. Сакаше да подрастовари од огромната
насобрана тежина што му тежеше која како некој настрвен огромен крлеж,
сè подлабоко и подлабоко риеше во него, а при тоа постојано испушташе
и отровен горчлив бигор и му го труеше неговото безгрешно детско срце.
Уште од многу поодамна чувствуваше таква потреба, но ете... дете како
дете, до сега не најде храброст и не го стори тоа, бидејќи си помислуваше
дека може да биде исмејуван од некого ако го види и го слушне неговото
исплакување. Иако секој можеше да ја разбере неговата преголема тага по
мајка си и со сигурност такво нешто немаше воопшто да се случи. А еве
сега под дејството на преголемиот мисловен наплив, бидејќи утре треба да
отпатува многу далеку - веројатно му се создаде и неиздржлива желба тоа
да го стори. Овој пат целосно си го отвори срцето, а и душата и воопшто не
му беше важно дали случајно некој го гледа или слуша, а и кој како сака така
нека го разбере. Па така, освен што долго и доверливо ѝ се исповедаше на
мајка си, како сè уште малолетен син, истовремено ја искористи можноста
да ѝ упати и одреден број прашања на кои тој воопшто не може ни да
замисли некаков одговор. Ништо не сакаше друго, освен таа да го ислуша,
а потоа да му даде и некои поучни совети како мајка на син, совети кои ќе
му ги ублажат болките за време на патувањето, но и потоа, а и за време на
неговиот престој во далечната Австралија.
Ама буквално за сè што го измачуваше и му беше голем и претежок
товар подолго време во душата..., гласно и јасно за сѐ се произнесе - исто
како во четири очи со мајка си да зборуваше, а одговорите во умот си ги
замислуваше:
„Мајко моја мила... Не знам како ќе ме разбереш, но те молам да ми
простиш ако нешто сум ти згрешил и што од утре па понатаму не ќе можам
почесто да доаѓам за да ти палам свеќи. Бидејќи..., ете и јас како Јоаким...,
се одлучив да заминам таму далеку, предалеку, дури преку океанот во таа
пуста Австралија. Ниту јас знам мамо..., ниту пак Јоаким знае..., но почесто
сме разговарале со него преку писма, на таа многу болна тема која на
сите ни ги пара срцата. И двајцата се прашуваме дали неговото смислено
заминување од родниот крај директно влијаеше и на твоето заминување од
овој свет...??? Еве да ти кажам..., можеби ти и не знаеш, мајче, но Јоаким
постојано кажува дека чувствува вина за тоа што се случи со тебе и никако
не може да си прости што отиде на таа пуста печалба. Не само еднаш...
Секогаш ми кажува дека само физички и со телото е таму, но со мислите -




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


92


постојано вели дека е тука - мајко наша мила!“
„Не, бре Ведре...! Не си ја сак’лдисувај душата и со некои невистинити
помислувања! Навистина како и секоја мајка тоа премногу ме натажи. Но
јас си бев болежлива уште од поодамна, ама не сакавме да ви кажеме јас и
татко ви за да не ми се секирате, сине. Затоа кажи му и на Јоаким нека не си
ја зема вината врз себе. Вие сте млади, пред вас е животот и морате на некој
начин да си го барате чарето за да си ја обезбедите и иднината, сине. И тебе,
ако така веќе си одлучил, нека ми ти е среќен патот! И знај дека воопшто
не се спротивставувам на твојата одлука. А кога ќе си дојдеш некогаш...,
имај на ум, дојди и тогаш запали ми свеќа. Многу поважно е, сине, секогаш
да ме имате во мислите и никогаш да не ме заборавате, многу пважно е
тоа отколку една запалена свеќа. Кажи му го ова што ти го велам тебе и на
Јоаким, а секако и на Босилко, а и на кутриот ви татко Митре. Имајте го
секогаш тоа на ум, сине и не измачувајте се!“
Ведран речиси можеше да се заколне дека сето тоа го слушна од
мајка си, затоа што таа исто како и додека беше жива милно му зборуваше, а
потоа повторно продолжи. И како догоруваше претходно запалената свеќа,
така од истата друга палеше.
„Како ќе сум те заборавел, мајко моја мила, зарем е тоа можно?
Секогаш во срцето ќе те носам, исто како и секогаш што сум те носел, а
и како што те имам и сега во овој миг. Верувај ми, мајче, не бев со намера
на друго место да одам, во туѓа и непозната земја, и иднината таму да си
ја градам, мамо! Знаеш и самата дека сакав нешто тука во родната земја да
изучам, да станам учен човек и тука во прадедовата, дедовата, татковата
– во својата татковина лебот да си го вадам, мајче...! Верувај, чувствувам
дека можам тоа да го сторам! Но ете, мамичке мила, се песоса тој пусти
бездушен даскал, затоа воопшто не сакам ни името да му го споменувам!
Сум објаснувал многу пати во врска со тоа, еве и по којзнае кој пат и тебе ќе
ти кажам: Не, мајче! Не од што јас така сакав, туку верувај бев предизвикан
од него токму така да постапам! За потоа да бидам прогласен за отпадник,
како кој знае какво лошо дело да сум сторил мамо! Како небаре некоја црква
или некој манастир да сум срушил!“
„Знам бре сине, знам! И сè ми е јасно! Бидејќи сме разговарале
за сето тоа и со татко ти. Ама кога не сме моќни, сине, што можеме да
сториме ние - едни обични смртници, а??? Ни се допаѓа тоа или не, мораме
да премолчуваме понекогаш и кога целосно сме во право, сине! Ама слушај,
пак ќе ти речам Ведре, а бре како не успеа некако да се воздржиш, бре сине
и да истрпиш...!? Белким и самоволието на тој пусти „песосан даскал“, ако
заслужува за со даскал да се именува, белки ќе престанеше да си го лечи
болниот ум и работите ќе тргнеа во некоја подобра насока. Но сега, тоа е




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


93


што е и така ќе си биде! Што е твое, верувај, ќе си дојде самото по себе,
сине, и не ми се секирај воопшто за тоа, бидејќи никој на никого среќата не
може да му ја земе“.
„Знам, мајко мила, знам! Знам и дека само твоите зборови можат да
ми дадат некоја мала утеха..., затоа и дојдов да позборувам со тебе и да го
слушнам твоето мислење. Еве да ти кажам и за други работи, мајче, бидејќи
не знам дали си дознала. И Теодора и малата Алтана од пред нецел месец
дена, веќе си отидоа во Австралија. А додека пак на Босилко, му стигна
позив... И тој, за само по една недела дена откако јас ќе отпатувам, ќе треба да
замине на отслужување на воениот рок во Ниш. Уффф, ффффф... Мајкооо...
Нашата убава куќа, речиси целосно ќе се испразни! Од некогашното наше
големо фамилијарно семејство..., сега само тате и дедо ќе останат во куќата
всело! Ама ете, што може да се прави – судбина пустото...! Веројатно така
требало и да биде, мајче!“
„Нешто знам од тоа што се случува, ама нешто и не знам, сине. За
отселувањето на Теодора и малата Алтана знам, бидејќи исто вака како и
ти, еден ден пред тргнувањето дојде и Теодора и сè ми раскажа. А што се
однесува до одењето во војска на Босилко, не знаев до сега, ама еве сега
ти ми кажуваш. Сигурна сум дека пред тргнување и тој ќе помине за да ме
посети, сине. Па така и тој ќе ми каже некој збор! Ама ти, не ми се секирај
сине...! Отсекогаш таков бил животот насекаде и во сите куќи, па и кај нас.
Не случајно се вели и „секоја планина си ја знае својата тежина“. Ете сметај
и ти дека така било запишано, така требало да се одвиваат работите и што
можеме ние тука да сториме? Апсолутно ништо! Ама малку размислувај и
за тоа што е добро. Еден ден ова ветрометие ќе мора да помине и бурата ќе
се смири, а со тоа и сè ќе си дојде на своето место. Затоа ви посакувам сè
најдобро на сите, сине!“
Се занесе Ведран со муабетење до толку што не ни забележа дека
веќе за брзо време и сонцето ќе зајде, а него уште многу други обврски го
чекаат за утрешното тргнување на пат. По некоја случајност ја крена главата
и забележа дека веќе е предоцна и мора да си оди. „Уффф, ффффф...! Сега
мамичке, јас морам да си одам, бидејќи многу неодложни работи ме чекаат
за утрешниот ден, а ти почивај во мир!!!“
Ги изговори Ведран завршните зборови и стана од местото каде што
до тој момент клечеше. Некое одредено време остана така со вперени очи
директно загледан во поставената порцеланска мајчинска слика на крстот од
гробот. А потоа се доближи и пополека со едната рака внимателно ја забриша
и го бакна ликот на мајка си. Го почувствува вообичаеното студенило на
порцеланот, но во истиот момент како и да почувствува некоја необјаснива
и воопшто до тогаш никогаш недоживеана енергија. Му ги стопли коските и
со голема брзина секавично му проструи низ целото тело, а потоа и директно




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


94


во земјата се упати. А бидејќи во моментот немаше никакво објаснување за
тоа што се случи, затоа и ништо не рече - само се поттргна за да се соземе.
Остана така загледан во ликот на мајка си уште нецела минута. А потоа
ја спушти десната рака кон десниот џеб од пантолоните, го извади веќе
изгужваното марамче и по кој знае по кој пат, си ги забриша насолзените
очи, се поклони и се упати кон дома.
„Е ајде..., оди ми си со здравје, сине! И нека ми ти биде среќен
патот...!!!“ - му се пристори на Ведран дека овој пат навистина го слушна
гласот на мајка си, и го прифати тоа како нешто сосема нормално, но бидејќи
беше предоцна мораше да замине.




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


95


Марија Трифуновска-Тасеска


НЕШТО КАКО КАКТУС
Flos Populi - Цветот на луѓето


„Се снајде. . .“ беа зборови што ѝ слегуваа до и онака малиот желудник
во кој времето не ѝ дозволуваше да внесе храна. Кога ќе ги чуеше или па
уште полошо, кога ќе ги прочиташе (читањето ѝ беше основа и хиерархиски
надредено над слушањето), небаре ежови иглички. . . Не, поточно како боцки
од кактус да ѝ слегуваа низ хранопроводот и цревата и притоа некои си се
закачуваа на места каде им се чинеше погодно за престојување и намерно
предизвикување уште поголема, не болка, ами одвратност. Инаку и кон
кактусите немаше воопшто никаква наклонетост, ни умерена, ни блага, ни
никаква. Ги сметаше за недостојни и за барем еден поглед, а не па да ги
плати со квалитетно и вредно заработените пари. „Не дај Боже да му се
повтори на некој“ си помислуваше кога некогаш, ептен ретко, ама сепак
и тоа се случуваше, некогаш некој ќе ѝ подареше кактус. За неа беа само
бесполезни растенија во кои не наоѓаше ништо за восхит. Дури и ја асоцираа
на пустина, на жештина. Кога ќе ги здогледаше, бидејќи беше личност која
секој збор, буква, предмет го впива во себе така што го претвора во слика,
во умот веднаш ѝ се редеа слики од пустош, монотоност, празнина без
живот, шуплина без мирис и боја, едноставно грубост, суровост, осаменост
и одбивност.
Зборовите што толку лесно и со радосен тон ги изусти еден човек од
групата туристи со кои се движеше и таа низ манастирот ѝ беа исто толку,
ако не и поодвратни од кактусите – „се снајде. . .“
Во дворот имаше над педесет луѓе, некои принудени од годините
или физичката слабост беа седнале на клупите или слободните ѕидчиња
кои и покрај староста сè уште им служеа на посетителите, а други се беа
расприкажале секакви стории: кој гневно ги оговараше соседите, кој се
обидуваше да заблеска тресејќи низ усните непромислени зборови – дури и
несоодветни за местото во кое зафаќаше простор, кој лелекаше и зборуваше
небаре е пред лекари, кажувајќи како сите маки во светот да се вдомиле баш
во неговото тело, а други па беа во обид да си ги оправдаат белите влакна
мислејќи дека се добиени од мудрост така што само фрлаа зборови како
копја без да слушаат – небаре тие се мудреците со решение за секоја дилема
во светот и само тие ги откриле тајните на животот. Таков беше и чичко




НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола


96


Сашо, пензионер, кој исто така се имаше снајдено и цел живот помина
наместен и непомрднат од удобна директорска фотелја во фирми кои само
цицаа пари од државата, заработени од вредните и квалитетни граѓани, а
потрошени не за напредок на фирмите, ами за пустење од страна на оние кои
се снашле. Се снајде и внукот на Сашо, без да мрдни со прст, а за мозочни
клетки беше прашање и дали ги има а не па да користи некоја со менување
на мисли. Сега Сашо гордо раскажуваше за внук му кој се снајде и зафати
некоја нова фотелја во државна фирма, старата била неудобна оти тој пред
него многу ја издлабил од толку работење пред да замине во пензија. Тројца
пензионери околу него го слушаа или се преправаа дека слушаат од основна
култура, бидејќи иако веќе наликуваше на апстрактен поим, кај некои луѓе
уште постоеше некој вид на култура и почит кон другите. Без разлика на
тоа што во тој миг низ мислите им врвеа сликите што се раширија низ
медиумите кога синот и ќерката на Сашо починаа во сообраќајка бидејќи
биле под дејство на дрога и алкохол, а неговата сопруга веднаш потоа се
самоуби. Најверојатно не можеше да се снајде да живее без две половини
на срцето свое. Ама така велат, она што ветерот ќе го донесе, ветерот и ќе го
однесе. И ете, Сашо беше чист пример како некој кој се снајде да јаде и да
пие без труд, не се снајде да живее, бидејќи кога остана сам, на најблиските
им рече дека веќе е умрен од внатре. Битно, беше доволно жив за сега да им
ги одгатнува на другите тајните на животот и да си мисли дека е некаков си
мудрец.
Таа познаваше само една мудра личност во нејзиниот живот, мајка
ѝ. Одамна ја немаше, но секогаш ѝ одекнуваа приказните кои знаеше
вешто да ги сплети во моментот кога некој ветер ќе задуваше кон неа и
ќе ѝ пристудеше поради суровоста на светот. Ќе се наметнеше топло со
мајчините приказни и како да потонуваше во некој свет на правда, мир
и љубов каде цело сивило беше обоено во најживите бои, а студенилото
покриено со најмеките зборови.
Додека ги набљудуваше луѓето на кои им беше туристички водич и
им даде време да се прошетаат или да се одморат, дувна ветер и марамата
која ја носеше ѝ се закачи на некое растение кое беше посадено зад ниското
ѕидче на кое седеше. Се сврти и виде дека во должина од еден метар, колку
што беше и ѕидчето, се протегаа некои растенија кои личеа како кактуси, со
мали боцки, без цвет и како со сите сили да се трудеа да останат едвај живи,
а не па да процветаат. Погледот ѝ го освои еден друг цвет, прекрасен со
зелено стебло кое небаре служеше за низ него да протечат сите нијанси на
црвена боја и да се измешаат низ пупката на цветот. Само тој цвет стрчеше,
како да беше распламтен од живот и меѓу останатите растенија беше како
само тој да го згрешил местото. Беше различен, тука е, а како да не треба
да е. Исто како што се чувствуваше и таа речиси цел живот. Беше тука, ама




20. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија


97


како да не требаше да е тука и некогаш мислеше дека не е доволно добра
бидејќи не може да се снајде како другите. А некогаш па се освестуваше
и знаеше дека не треба да е тука оти е многу подобра од другите. Но, не
знаеше каде се таквите како неа, оние кои се подобри од останатите. Стана и
се доближи до цветот чиј мирис, различен од сите други, ветерот го донесе
до неа. Тогаш до неа дојде една монахиња:
- Не знам точно како се викаат цвеќињата, но прекрасни се.
- Мислите на овој еден цвет тука? Другите се како кактуси.
- Сите се исти мила. Пред неколку години добивме семиња како
подарок и ги насадивме, но не расцветуваа и ние мислевме дека се нешто
како кактуси бидејќи имаа боцки и изгледаа покруто. Но, пред некое време
дојде една жена која има цвеќара и има големо знаење за цвеќиња и ни
кажа дека мора да ја смениме почвата бидејќи овие прекрасни цвеќиња
не можат да расцветаат вака и само се мачат. Цела енергија ја користеле
само за да не пресушат во почвата која не им одговараше на тој вид и затоа
како одбранбен механизам наместо цвет, им се појавуваат како иглички и
стануваат покрути, за да преживеат на место кое не е соодветно за нив. Па
ја сменавме прво само кај еден цвет за да пробаме и ете, кога е во почва што
е соодветна за неговиот вид, цветот расти и станува најубавиот цвет што
некогаш сме го виделе. Не се сеќавам на името, јас си го нареков flos populi
– тоа на латински е цветот на луѓето. Така го именував бидејќи мислам
дека функционира исто и како човекот. Ако човекот се најде во погрешна
средина, почнува да овенува и цела енергија ја користи само за да преживее
и да не се исуши. А кога човекот е во соодветната средина за него, тогаш тој
не само што ќе расте и ќе расцвета туку и ќе ја искористи целата своја сила
за да го направи светот подобро место за сите.




Содржина


Роднокрајни писатели од Битола членови на Друштвото на
писатели на Македонија ...............................................................................7
Даниела Андоновска-Трајковска ................................................................8


Жу Ронг Журонг ......................................................................................8
На соборната карпа на бесмртноста времето спие ..............................9
Ослободување на песната (рез 46) .......................................................10
Небо во езерото (зарез 47) ....................................................................10
Огнена песна (рез 47) ............................................................................11
Песна за времето .....................................................................................11
Време и човек (рез 49) ...........................................................................12
Мисли како пеперутки (зарез 55) .........................................................12
Пресувана мисла (зарез 26) ..................................................................12
Слепи сенки .............................................................................................14
Страв од летање ......................................................................................14
Раскрилено небо (зарез 1) .....................................................................15
Небото ми слета на дланка ....................................................................15


Петре Димовски .............................................................................................16
Големото разурнување на Битола ..........................................................16


Милица Димитријовска-Радевска ..............................................................27
Наметка ....................................................................................................27
Врата ........................................................................................................27
На врата од напуштена куќа ..................................................................27
Скица од Јунг ..........................................................................................27
Тегобност .................................................................................................28


Елизабета Јончиќ ...........................................................................................29
Светлината ...............................................................................................29
Што е животот ........................................................................................29
Прав..........................................................................................................30


Биљана Котевска-Димко ..............................................................................31
Трајан .......................................................................................................31


Љубе Митрејчевски ......................................................................................33
Моите зборови запишани во споменот за идните генерации .............33


Весна Мундишевска-Велјановска ..............................................................38
„Женски книжевен хабитус“- Квалитетен треаен белег за естетиката
на книжевното бидување на 16 роднокрајни авторки од Битола и
Битолско ..................................................................................................38


Ели Маказлиева ............................................................................................41




На Велигден ............................................................................................41
Христо Петрески ............................................................................................46


Поема за зборовите .................................................................................46
Мирјана Стојановска ....................................................................................50


Медитација на универзумот .................................................................50
Вода-мир ..................................................................................................50
Тенка вода ................................................................................................51
Поривот на водата ..................................................................................51
Патување .................................................................................................52
Фраза .......................................................................................................52


Зоран Пејковски .............................................................................................53
Моите зборови запишани во споменот за идните генерации .............53


Добре Тодоровски ...........................................................................................62
Мојот град ...............................................................................................62


Роднокрајни писатели од Битола ................................................................69
Сања Мучкајева-Видановска ......................................................................70


Моите зборови запишани во споменот за идните генерации .............70
Илче Стојановски .........................................................................................76


Воскресение на зборот ...........................................................................76
Игор Трајковски-Фоја ...................................................................................78


Од Курбиново до Италија — Пат на Светлина ....................................78
Патот што зборува со тишина ...............................................................78


Светлана Папачек ..........................................................................................80
Нов ден, нова нафака ..............................................................................80


Лили Бошевска ..............................................................................................82
Аполон и Аполона ..................................................................................82
Пророштва на цветовите ........................................................................82
Смрзнато езеро ........................................................................................82
Остров во море од осама ........................................................................83
„Градината на земните задоволства“ 3 .................................................84
Зелена планета ........................................................................................84
Сивото дрво на Мондријан ....................................................................85


Никола В. Ристевски .....................................................................................86
Македонско послание .............................................................................86


Аница Б. Златевска ........................................................................................88
Тестамент ................................................................................................88


Божин М. Андоновски ...................................................................................90
Исповед пред тргнување .......................................................................90


Марија Трифуновска Тасеска......................................................................95
Нешто како кактус ..................................................................................95




ДВАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
НА БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА


Издава
Национална установа - Универзитетска библиотека


„Св. Климент Охридски“ - Битола


Лектура
Гордана Ивановска


Компјутерска обработка
м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски


Печати
Графопром - Битола


Тираж
100


Зборникот е финансиран од