ДЕВЕТНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА НА
БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Зборник на излагања
Национална установа - Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
ДЕВЕТНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
НА БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Зборник на излагања
Тркалезна маса, Битола
Битола, 2024
Издава
Националната установа – Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
ул. „Пеце Матичевски“ бр. 39, Битола
За издавачот
м–р Бојан Стефановски
Издавачки совет:
м-р Јелена Петровска
докторанд Фатма Бајрам - Аземовска
м–р Милка Котевска
Главен и одговорен уредник
м–р Гордана Ѓоргиевска - Неделковски
CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје
821.163.3-1(082)
821.163.3-32(082)
РОДНОКРАЈНА средба на битолските писатели во Македонија (19 ; Битола)
Деветнаесетта роднокрајна средба на битолските писатели во
Македонија : зборник на излагања : тркалезна маса, Битола / [главен и
одговорен уредник Гордана Ѓоргиевска-Неделковски]. - Битола : Национална
установа Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, 2024. - 93
стр. ; 21 см
ISBN 978-608-5045-02-0
COBISS.MK-ID 64502533
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
5
19. ЗБОРНИК НА ИЗЛАГАЊА
(19. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија)
Приредил м–р Гордана Ѓоргиевска - Неделковски, библиотекар
Темата за овогодишната 19. Роднокрајна средба на битолските
писатели е „Низ страниците на една книга“. Роднокрајните писатели кои оваа
година ни испратија своите дела во проза и поезија се: Добре Тодоровски,
Ванде Ганчевски, Светлана Папачек, Петре Димовски, Митра Дупчиновска,
Биљана Т. Димко, Сања Мучкајева Видановска, Биљана Тодоровска, Христо
Петрески, Милица Радевска, Весна Мундишевска Вељановска, Елизабета
Јончиќ, Златко Жоглев-Олгин, Мирјана Стојановска, Илче Стојановски,
Никола Илијовски, Даниела Андоновска -Трајковска и Јована Матевска
-Атанасовска.
Темата имаше за цел да ги мотивира писателите да остават парче
од своето творештво на страниците на овој зборник. Секој писател, има
свој стил на пишување и своја тематика. Па, на наше големо задоволство
во зборникот се најдоа голем број на кратки раскази и песни. Раскази
кои не носат низ времето, пишувани на дијалект, кои додека се читаат не
пренесуваат низ различни случки кои како да се запишани на калдрмата на
тогашна Битола. Дел од писателите кои ни испратија своја проза, преточија
зборови во милина и топлина ,зборови кои се врзуваат за срцето...
Низ страниците на зборникот можам слободно да речам, дека се
наоѓа парче творештво за сечиј вкус. Зборник наменет да се чита и да се
доживее. Затоа, планирано е зборникот и оваа година ќе биде промовиран
пред нашите драги читатели на 19. Роднокрајна средба на битолските
писатели во Македонија и истите да можат литературни дела да ги слушнат
од самите писатели.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
6
Добре Тодоровски
КАЛАП
Еден од најстарите дуќани во чаршијата со изгниено душеме
и напукнат, спуштен надолу и подуен таван, направен од трска и кал,
претставуваше куса историја за преживеано време.
Многумина дури не ја паметат приказната за неговото постоење, но
се знае дека повеќе од половина век е неодминлива глетка по сокакот кој
води кон Ленски Мост.
Упадливо. Многу упадливо во излогот стои дрвен калап за чевел
со огромни димензии, небаре мерка земена за Крале Марко. Оставен е зад
стаклото, така како случајно зачуван драг спомен и дел од скромниот имот
на чевларницата. Над вратата, обесен на железни алки се забележуваше
натписот ,,Чевлар Стив“.
Кога ќе поминев тука, со крајот од окото ќе наѕрев низ подотворената
врата, колку само да го забележам ликот на мајсторот кој секогаш беше во
наведнат став и во обид да поправи употребуван, износен чевел.
Одма над мајсторот, обесена на помала шајка висеше врамена
избледена фотографија на првите битолски планинари. Толку беше
избледена што единствено мајсторот чевлар Стив знаеше кој е кој, по име
презиме и прекар, одредувајќи му ги годините, кога би бил жив.
Најчесто во тесниот простор под дрвената скала што води на спратот,
стегнати еден до друг седеа и замислено гледаа во чевларот Стив, неколку
негови врсници, небаре исфрлени бродоломци на пуст остров.
Интересно е тоа што, истиот израз го задржаа и после толку години
како првпат да гледаа во мајсторовата вештина.
Стив беше еден од малкумината занаетчии коишто се противеа на
природните и овоземните закони, кога се работеше за работното време и
стажот. Беше човек со низок раст и симпатично дебелкасто црвено лице.
На носот постојано му висеа мали очила, кои во ист временски интервал
ги поттурнуваше нагоре. Кога ќе се насмееше, од левата страна на горната
вилица се забележуваше златен заб.
Во неговиот тивок опстој, како заштитен знак на едно време, многумина ќе
се потсетат кога кај него се нарачуваа машки чевли со полувисока потпетица
и мала потковица, која кога човекот оди, чекорот одѕвонува и се слуша оној
необичен железен звук небаре удар од мало коњско копито.
- Шо! Нека ме затворат, бе! Јас самиот ниту затворам ниту ќе затворам.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
7
Зијан на никого не правам.
Така им велеше зачукувајќи клинец во чевелот и загледувајќи да не
излегол од другата страна.
Ударите на чеканот потсетуваа на ковачот кој имаше дуќан, недалеку
од него, на влезот од чаршијата. Кога ќе наидеше некоја битолска кокона,
нагиздена дотерана госпоѓа, тој го менуваше ритамот на ударите, наместо
три пати на железото два пати на наковалната, удираше два пати на железо
три пати на наковалната. Тогаш сите мајстори ја оставаа работата и излегуваа
- застанувајќи на вратата за да ја видат жената, испраќајќи ја со поглед до
крајот на сокакот.
Ќе излезат кројачите, небаре со причина, со препашана фута и
сосе напрсток, па ќе го мазнат материјалот загледувајќи го, додека со
метрото мерат замислена мерка, подгледнувајќи под око кон приликата.
Го префрлуваат метрото преку вратот и ,,...Кога на бања одеше, сенка ти
во дуќан паѓаше, тогаш ти мерка зедовме...”. Бочварот со намигнато едно
око нишанеше по ивицата дали е права, а во правецот ја мери жената, ѝ ја
мери ставата. Месарот тогаш ќе најдеше време за да ја остри сатарата, а
леблебиџијата да го истресе ситото. Сè така сите мајстори излегуваа и се
насладуваа на витката става на жената-кокона, која свесна дека ја гледаат,
намерно врти со колковите и телото, со што им ја креваше возбудата која
тера на силни воздишки и којзнае какви помисли.
Можеби токму затоа Стив го поставил големиот дрвен калап за чевел
во излогот, при што невозможно е тука да се помине, а да не се обѕрне, да не
погледне човек во него. Кога минувачот ќе се заврти, тогаш и чевларот Стив
го поткреваше погледот и ја гледаше ликата.
Неговата сетнина ја запаметив по вечерните часови кога поминував
низ чаршијата, а дуќанџиите ги затвораа кепенците. Големите тешки
кепенци ги затвораа со силен чкрипеж и тресок ставајќи го притоа големиот
катанец низ железните алки.
Тоа време Стив не затвораше, ами еден по еден се збираа неговите
врсници, Благој Јашмако, Перо Картало, Јанко Јазанџијата, Никола
Партизано, носејќи ги со себе тамбурите и гитарите, па седнуваа во тесната
просторија онаму каде што ќе најдат место. Длабоките искашлувања им
беа како некој ритуал пред важен настап и почнуваа да пеат. Пееја стари
од многумина заборавени градски песни, спомнувајќи знајни и незнајни
думи, со кои ја опеваа силната љубов, жал за младоста, до Дилбер Стана
и остана, па Сугаре и комитите, чивте-чивте пајтонлари и Рајна на порти
стоеше либето си го чекаше... Ах, каде е мојто либе, дали мисли тој на мене.
Потоа, отвори го пенџерето погледни во Пелистер, Битола - бабам Битола...
И, дејгиди луди млади години летнавте не се вративте... Пееја со поглед
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
8
свртен наопаку, заминат некаде во минатото, со жалба по неизживеана
љубов, начекана среќа. Пееја во ритамот на звукот од жиците, а очите им
солзеа, гласот затреперуваше со што уште толку ја зголемуваа таговноста
што ја искажуваа со зборовите на песната за последните години од животот.
Тука минувачите подзастануваа, или намерно ќе го успореа чекорот, не би
ли слушнале дел од песната. Или така, или ќе застанеа да ги слушнат до крај
зборовите испеани од старите грла. Сѐ така, секоја вечер и одвреме-навреме
остануваа без еден од другарите, додека и Стив не замина кај нив.
Кепенците останале отворени, а во излогот сѐ уште стои калапот
за машки чевел со огромни димензии. На вратата виси табличка со натпис
,,затворено”, чекајќи некој нов дуќанџија кој ќе ја преврти однопаку, ќе
отвори и се сретне со спомените за чевларот Стив.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
9
Ванде Ганчевски
ЛОШ БЕЛЕГ ОД 2001
Во битолската касарна, топлото утро ги строеше резервистите со
полна воена опрема. Петте автобуси од „Транскоп“ чекаат. Пред нив воена
полициска кампанјола. Влегуваат во автобусите. Оние што се испраќани од
роднините и пријателите се стегаат во прегратки. Јас немо чекам прегратките
да се одлепат. Само една мисла низ мојата глава прави нервозна прошетка,
„Кај ме најдоа мене?! Во одминати години! Немале доволно резервни
офицери, хмм... Армија без офицери? И вербата на мојата ќерка Биби ќе
помине без мене, а толку сакав ...“
Моето јадосување ми го прекинува брадосан млад човек во цивилна
облека. Очите му се расолзавени. Десната рака му е ставена преку вратот
на млад резервист. Ја лизнува од вратот и ми ја подава мене со раширена
дланка. Го поткревам автоматот на десното рамо, мојата десна ја прифаќа
неговата. Вели испрекинато, како нешто да го стега во грлото. „Капетане,
те молам внимавај на брат ми... Само него го имам. Живи и здрави да се
вратите.“ Со дланката ги избриша влажните очи и продолжи: „Дојдов од
Прилеп да го испратам... Јас бев таму четириесет и пет дена“
Знаев дека моралот во вакви моменти има посебна блажина, носи
утеха за разбрануваната душа: „Не бери гајле... Ти се врати и ние ќе се
вратиме живи и здрави...“Така беше, по четириесет и два дена се вративме
живи и здрави, само со доминантна ситна трауматична мисла, дека можеше
лошо да поминеме, на која времето во иднина прашина ќе фрли.
Минатата пролет одев на расправа во Основниот суд во Прилеп.
Минувам покрај летна ресторанска бавча со неколку маси. Глас пуштен и
крената рака ме повикува. Човекот не го познавам и тој до него на масата не
ми е познат. Минувам покрај жардинијерата која симболизира ограда, одам
кон масата. Човекот станува ми пушта рака и вели:
- Здраво капетане! Не ме препознаваш, ја избричив брадата. Јас сум оној што
го испраќав братот во Битола, кога заминувавте во војна минатата година...
Мојата мозочна матрица беше активирана, се сетив, насмевката кажуваше.
- Седнии, сакам нешто да те честам. Јас одбивам, кажувам дека времето не
ми дозволува, (иако не беше така, имав цел час на располагање до расправата
во судот), тој навалува и седнав. Веселата насмевка не се трга од неговото
лице.
- Да те запознам со мојот пријател, овој е Ирфан од Теарце... Мојот спасител.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
10
Го канам месеци да дојде во Прилеп, мој гостин да биде, а тој само на
пропатување низ Прилеп, во Кривогаштани овци ќе купувал. И со Ирфан си
ги стегнавме рацете. Малку некултурно, но љубопитно прашувам: „Велиш,
спасител? А тој, - Да, да мој спасител, сега побратим. Тој прв ми даде
помош кога беше нападната полициската станица во Теарце во две илјади
и прва година. Ако не беше тој сигурно ќе искрварев. Вие пред да одите со
резервистите, јас бев четириесет и пет дена таму.
Ирфан е задоволно сериозен. Задоволството излегува од дадената
сатисфакција, се забележува на неговото лице.
- Тогаш, три часот по полноќ бев дежурен и го чистев ТТ-ецот. Првиот
проектил влезе низ прозорецот на полициската станица во село Теарце.
Другите спиеја. Неонката во канцеларијата се распрсна... Ѕидниот часовник
падна на подот. Вториот проектил влезе низ другиот прозорец. Страдаше
дел од главата на заспан колега на горниот кревет, вратен од патролата на
втората смена. Печката го расфрли буковиот жар низ просторијата. Потоа,
расфрлениот оган од автоматско оружје, направи завеса од нервозни зрна.
Тројца ранети. Јас длабоко во рамото. Мислев дека сум во градите. Крвта
ја направи топла мојата дланка. Мистериозен глас ми вика во мојата глава
дека ова неразбудено утро ќе заврши мојот живот. Ќе бидам погребан на
градските гробишта во Прилеп, во гробот на мојот дедо... Моите коски
заедно со дедовите... Болот измешан со страв брзо почна да се тркала низ
целото мое тело. Го донесе плачот... Тогаш не плачев нормално, солзите сами
ми се лизгаа. Пукотниците престанаа по десетина минути. Во полициската
станица влезе овој мој побратим Ирфан, тоа утро одеше во бачилото горе над
селото. Прво мене ми даде помош, ми го преврза рамото, потоа и на другите
им даде помош им повика медицинска помош. Нѐ однесоа во болницата во
Скопје. Е, овој е мојот шок. Ми го спаси животот. Го крена кусиот ракав
од кошулата на десното рамо се покажа вдлабнатина, недостигаше двесте
грама месо. А Ирфан еуфорично се вклучи во разговорот, незаборавајќи да
каже дека е „Овчар поет“. Витка качак во цигара, не сака од понудените и
зборува, а јас се чудам колку чисто зборува македонски.
Наредниот ден го вклучив транзисторот обесен на сувенир „рогови
од овен“ поставени на ѕидот од бачилото. Кажуваше вести. ОНА ја презема
одговорноста за нападот на полициската станица во Теарце. Ранетите
полицајци се згрижени во клиничкиот центар во Скопје. Вон животна
опасност. Тогаш мене ми олесна и бев весел. Транзисторот кажа и некое
коминике број четири: „Униформата на македонските окупатори ќе биде
напаѓана до ослободувањето на албанскиот народ“, а спикерот коментираше:
„Очигледно коминикето соголува неоснованост по начело на бесрамност.
Заробен е албанскиот народ, од кого? Од Македонците?“ А јас пак мислам
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
11
и си велам, заробен е духот на составувачот на коминикето број четири и се
прашував што им стана на луѓето? Зарем се откачени, одлепени од умот и
разумот, па сега сакаат да се грижат за умните.
Воздивнува длабоко овчарот поет Ирфан, продолжува да ја витка цигарата
качак и кажува дека вината е во транзицијата, таа создаде ексцентрици, тие
забораваат дека некогаш демократијата ќе ги однесе зад решетки, само Алах
ако дозволи. Повторно испушти воздишка влажна лепејќи ја свитканата
цигара и видовито констатира: „Некогаш успехот на транзицијата ќе се
мери со направените гревови од нечисти умови. Ако се земе поука од неа,
нема да биде заборавено минатото. Дали така ќе биде? Алах ќе каже...“
Ја запали цигарата, повлече длабоко чад, го испушти, а тој дојде до моите
ноздрви луткаво и се измеша со мисла – времето... Расправата пред судот...
Го погледнав часовникот на раката, станав, се извинив, се поздравив со
ракување, мојата Ирфан не ја пушташе додека не му дадов ветување дека
со прилепчанецот Најче, со кого разменивме телефонски броеви, ќе бидеме
гости кај него во Теарце. Знаев, даденото ветување на Албанец, кога тогаш
ќе треба да биде исполнето.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
12
Светлана Папачек
СЕКОЈА КНИГА – ЕДЕН ЖИВОТ
Уште откако ќе се роди едно човечко битие книгата почнува да се
испишува сама. Со секој изминат час, ден, година... белите листови се
полнат со зборови од букви. А што значи полниот лист хартија ако животот
е празен, пуст? Или пак полни страници значат исполнет живот??? Што
ако си жив, а ваму мртвило е сѐ. Секоја книга е еден живот, нечиј и сечиј, а
читателот ќе ја знае. Па што ако прочита. Така треба. Секој живее како сака,
љуби и мрази, мечтае, се радува, тагува. А авторот го нуди тоа јавно, секој
да го прочита, да размислува.
Енигма е да го доловиш напишаниот збор во оригиналното негово
значење. Но, и онака ќе биде протолкувано како што читателот восприема.
Сѐ има две лица. Го гледаме како што ни гледаат очите и како што ни
чувствува срцето.
МАСТИЛАВО
Пишувам книга со букви од мастило. Се нижат на белиот лист врежани
како со жиг. Во амбарот наречен срце постојат многу книги со жигосани
букви. Не се бришат; дури и ако ги изгориш листовите, ако ги пеплосаш,
тие ќе останат да постојат во воздухот. Можеби ќе се мешаат, а можеби и ќе
се закачат некаде, на некое место каде што припаѓаат или ќе се закотват во
некој тивок залив.
Ако... По некое време можеби повторно ќе го најдат патот до тебе, до
мене... Или пак ќе влезат во некој оган, толку силен и вжарен што ќе ги
стопи. Ќе ги разлее до последен молекул и тогаш ќе останат на дното на
огништето, скриени под црната гаровина. Та нели сѐ е створено од пепелта
и во пепел се претвора.
Еден затворен круг од кој нема излез. Гаровина и смрдеа на крај, на
умирање; повторно раѓање, вознесување. Кружење... Се така одново и од
почеток.
Крајот и повторното раѓање.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
13
ПРОЧИТАНА КНИГА
Ти книго моја прочитана
Те пишував и те цртав,
уште пред да се родиш чинам.
Те пронајдов,
но не те најдов
Онака нацртан.
Севдо младешка
Ти моја замисло
Те најдов веќе нацртан
Од мајка и татко
Од Господа
Ете таков те заљубив
Пронајденост моја
Те читам и те пишувам
30 лета на број
А сепак го чувам цртежот од младоста
Твојот цртеж.
Гледај, почнал да се тутка,
да се прекршува
Како и ние што се кршиме
и се виткаме низ годините.
Го пишуваме кој знае кој дел веќе.
Белким уште многу ќе запишеме и отпишеме.
Ќе си остариме заедно.
Цртежите нека ветвеат,
нека жолтеат.
Ама цели да се.
До следното наше исцртување.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
14
Петре Димовски
СУНГУР ЧАУШ-БЕГ СЕ ВРАЌА ВО БИТОЛА
По големата битка за освојување и одбрана на Битола, водена меѓу
османлиските војски и битолските бранители, меѓу кои пожртвувано се
истакнале монасите од седумдесетте манастири во градот и околу него,
градот бил освоен и разурнат, со многу мртви на бојното поле. Настапило
затишје во кое во душите на битолчани владееле стравот и неизвесноста
како ќе се одвива натаму животот под власта на големата и моќна империја.
А стравот што владеел во едно сиромашно семејство видно бил
навлезен и меѓу двете ситни деца кои не можеле да ја сфатат ситуацијата
која завладува, но ја сфаќале состојбата на неизвесноста, зашто со стравот
биле обземени и нивните родители и во тој ден кога пред домот им дошле
вооружани луѓе, нестрпливи во својот навал да ја остварат својата цел, да
го земат од нив данокот што му припаѓа на новиот владетел како нивни
поданици. А не нашле што да земат зашто немало. Годината не дала доволно
ниту за нив. Но нема опростување, нема начин да биде отпишан данокот а
има начин да се наплати. Еден од војниците го дофатил за рачето детето,
поголемо од другото. „Ова му треба на нашиот султан!“ И повлекувајќи
го по себе војниците побрзале по патот за извршување на својата работа,
надвладувајќи во просторот писокот на мајката.
Детето и натаму не можеше да го сфати однесувањето со него, а
пристегнато од стравот покорно се поведуваше под нивната присила да
поттрчнува додека еден коњаник не го подигна на коњот зад себе. Потоа
беше само сон. Стравот ги притисна спомените а го истакна инстинктот да
се дочува животот. Детето, кое потоа си го заборави името, беше однесено
далеку, во Анадолија и предадено кај жена што го прифати како син.
Забрзано го учеше јазикот на новата мајка за да може да опстане и
да опстои зашто тоа се поставуваше како примарна обврска. Денот му беше
исполнет, а ноќите натежнати и кратки. Штотуку тажната и тешка мисла
по мајката од која го одвоија која денови ја нема видено навлегуваше во
него да го опфати и исполни... паѓаше во сон, причинето од заморот што го
совладуваше. Во сонот ја наоѓаше мајка си, но како времето протекуваше
нејзиното лице бледнееше и исчезнуваше. Сè повеќе бледнееше и
исчезнуваше додека наполно не се изгуби, недофатно веќе ниту за мислата.
Ја чувствуваше само тежината дека нешто се случило и дека тоа притиска
и го прави агресивен кон својот внатрешен свет. А љубовта треба да ја
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
15
искажува кон надворешниот свет кој го опкружува. Тоа од него се бара. Го
затвори длабоко и споменот од еден ден кога мајка му го однесе во црква и
првпат се пресретна со духовниот свет кој штотуку започнал да го открива.
Го затвори, чувствувајќи го неговиот тропот во обидите да се најави. А мора
да го заборави зашто сега му припаѓа на друга вера и со друга молитва му
приоѓа на Бога.
Деновите се збиени и времето е прекратко за сите активности што
му претстојат во него. Мислата е притисната и немоќна да се пројави и
да го поведе во подруги насоки. Сè е одредено како што се случува и се
случува како што е одредено. Тука се повеќе деца. Пишувањето го изучуваат.
Односот кон другите. Верата мухамеданска. Тоа е нивниот живот и тоа е
нивниот свет. Со трудот се добива и пофалба. Пофалбата поттикнува нов
труд.
-„Треба да се биде примерен за да се исполни целта на животот, Сунгур!“
Сунгур! Тоа е неговото име и веќе е нејасно дали пред тоа имал некое друго.
Не кое го имал туку дали го имал. Повеќе ниту мислата не се задржува
кон тоа. Мислата е само акција. Така се стигнува на следното ниво. Треба
сè да се стори за султанот кој е сè за нив. И грабинаат коњи, јаваат по
рамнината, низ стрмнината, преку гребените. Испробуваат оружје, вежбаат,
ја усовршуваат вештината. Ако останува време за сон, за друго не останува.
Времето е затворено во акциите на дејствување. Треба да се оди натаму.
Не смее да се изостане од патот кој им се покажува. Ги има многумина,
со иста потреба и иста цел. Натаму одат само најуспешните, највредните,
најпреставителните, најодбраните.
Времето одминало и децата пораснале без да го забележат тоа. Се
зема мерката кој ќе биде со султанот во јаничарската војска, а кој, неуспешен
за тоа, ќе остане во робството роб, продаден за одредена цена.
„Сунгур, ти со султанот!“
Трепнува споменот на минатото да испрати трага на случувањето, но
наоѓа таму само празнина низ која не може ништо да се досегне. Просторот
само напред е отворен и низ него треба да се оди. Од вежбовни се влегува
во реални битки. За славата на султанот и на Империјата.
Жестоки се нападите. Сунгур ја чувствува силата во рацете,
врелината во умот и некој посебен изострен прогон што го тера напред. Да
гази, да прободува и навално да го урне тоа што му се спротивставило и се
испречило пред неговиот пат да ја носи славата на султанот. Бие со изразит
рев во себе. Кон тоа го гони внатрешен надојден прогон. Да прогони. Да се
биде немилосрдно суров.
Постои само сегашноста, а се освојува минатото кое не може да се
освои. Тоа е тревожно што ја подвижува внатрешната сила да се изрази во
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
16
анимален изблик.
Сега е чауш. Води во поход славна јаничарска војска. Како
војсководец во походите на султанот Мурат Втори се истакнува во битките
на османлиската војска со војските на Синоп и Кастамонијана, а потоа на
Солун и Епир. Споменот од детството е толку избледнет и скриен што повеќе
му заличува на некаков сон, и тој сонуван некогаш дамна што исчезнува и
како сон. Останува да верува на тоа што е воспитан, со голема верност кон
султанот.
Враќајќи се од војна стигнувајќи во Битола. Во крајот од кој низ сиот
тој живот го слуша а го затвора повикот со гласот на детето со одземеното
детство и му се потчинува, останувајќи заробен во заробеното детство. Сега
праќа молба до султанот Мурат Втори да остане во Битола. Султанот му ја
исполнува неговата желба.
МИТРОПОЛИТОР ГРИГОРИЈ
Во божјото илјада осумстотини дваесет и петто лето за нов битолски
митрополит Глигориј бил избран. При стапување на должноста веќе го има
при себе султановиот берат со кој е дадено до знаење дека на христијаните
не смее никој „да им ги одзема црквите и манастирите, кои уште одамна се
наоѓаат во нивните раце, а исто така и без дозвола никој не смее да врши
контрола врз нив“.
Митрополитот Григориј постојано е во претрчување, во акција, во
мисија што е и богоугодна и просветлено отворена. Каде да види сакат,
омаловажен, сираче или паднат, му подава рака, поткрепа, му потпомогнува
да се подигне, му ја отвора светлината да го отвори денот и да се пронајде
себеси каде е и каде се изгубил, да ги види и другите кои се со него и кои
се до него. Никој не е сам, со човекот секогаш е Бог. Тој не напушта никого,
подеднакво за секого се грижи. Митрополитот Глигориј настојува да ја
исполни својата мисија, секому да му даде утеха, храброст, надеж, љубов
и вера дека Бог е со него, дека Бог никогаш нема да се откаже од него и да
го напушти. Постојано ќе биде со него и секогаш подготвен да му помогне
кога ќе ја побара неговата помош.
Григориј среќава многумина што ја изгубиле надежта и со
доброчинство, со утеха и со благ збор им ја враќа. По народот шетаат
болештини и несреќи, останале деца без родители, без хранител, сирачиња,
немоќни во својот живот. Ними треба да им се даде помош. Да почувствуваат
радост од добрината. Светот им припаѓа на сите. И на сиот негов род.
Една ноќ митрополитот Григориј сонил сон. Или било визија? Му
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
17
глаголи Климент. Охридски Климент му дошол во сонот. По словото го
препознал, и по ликот како од фреската да слегол. Му вели: -„Во Битола
имаше многу храмови, пак треба да има. Параклисот е мал и неугоден за
зголемен собир на верниците. Црква да изградиш за литургија да се служи,
и другите обреди„-му вели.
Од сонот излегол буден, а ликот продолжено и натаму лебди пред
неговиот поглед и средбата како да е во јаве. Ќе изградиме, како да рекол, и
мислата е силна и стои во него и го исполнува со јарка светлина.
И за литургија, и за молитва, и за исцелување, и за писмото да се шири.
Неук човек е нем човек, а писмото дава глас да се чуе и каде се не чул во
далечините и во времето негово и на сите.
За параклисот Св. Димитриј кој е тука од старо време, пред
Османлиите да дојдат, на мисла сум да го изградиме во црковен храм,
една голема црква што ќе биде пригодна за нашето служение, им вели
митрополитот Григориј на имашните му собеседници и истомисленици за
доброто на својот народ Наум Никаруши и Димитрие Неда. А тие, не во
нестрпливост да очекува одговор митрополитот Григориј туку веднаш се
искажале за добротвори на таа хумана идеја.
„Но дали ќе добиеме дозвола од владетелот за градба на црква, зашто црква
е црква а не џамија за која може дозвола непречено да има за тој што гради
џамија“, во недоумица е Димитрие Неда.
„Црква си е црква“, пак ќе каже Наум Никаруши. „Во едно време пројавивме
иницијатива неколкумина нас тука ама ни беше речено, го имате тука
параклисот за молитва до вашиот Бог. Зошто и црква да се има?“
„Идејата е твоја, желбата е и наша и ќе помогнеме со онолку колку што
ќе можеме да дадеме, и добро е да им се изложи идејата и на другите
одоброволени да дадат.“
„Ќе нè има повеќемина, ќе нè има. Тоа ни треба. Во старо време, велат,
имало тука многу христијански храмови, но над темелите од нив сега се
џамии. На муслиманите им требаат џамии, но на христијаните ни требаат
цркви. Идејата навистина е благородна и вредна. Ќе ги исполни срцата на
нашите по вера.“
Тоа му даде полет на мислата и вербата во духот му ја зацврсти.
Влезе на сите врати каде се влегува за да се моли за такво дело. И излезе со
отворена светлина. Затоа сега го исполнува силна духовна енергија додека
брза кон север, преку мостот крај Безистенот, завлегувајќи во Чаршијата
со дуќани да се пресретне со дуќанџиите кои можат по нешто да дадат. Ги
запознава тие што како иницијатива можат да ја пренесат до сите.
„Одобрение добиме да се гради црква! Од османлиските власти добивме,
но да се зачува законот што стои, црквата да не надвишува над светлината
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
18
султанова што е со закон кажано, туку да е приземно ниска. Нас ќе ни треба
внатрешната височина и има начин да ја имаме. И ќе ја имаме.“
Набргу на митрополитот Григориј му пристигна повратната вест.
Христијани, но и од други вери ќе помогнат за тоа што е за молитва кон
Бога. Почна со собирање на донации. Набргу ќе се знае до каде сме, дали ќе
имаме средства за таква градба.
Мислата го следи митрополитот Григориј. Постојано го следи мислата,
а таа е широка, длабока и надвишена во височините. Не еднаш кажал
меѓу сталежот видни луѓе што го носат бремето на денот дека на народот
треба да му се дава и ука за да го разберат словото божјо и да бидат добри
проследувачи на неговиот глас, на неговата волја, на неговата преголема
грижа за праведност и доброчинителство. Бог се грижи за сите. Треба да се
грижиме и ние да го потпомогнеме секого што побарал да добие од нашата
помош. Црквата е за сите.“
Потврдната вест дека секој дал колку што можел и дека пари ќе има за градба
на црква ја потврди неговата оправданост за заложба да се изгради храм.
И набргу градбата почна.
А по четири месеци црквата Св. Димитрија беше изградена.
Сега беше потребна нова енергија и нова посветеност во работата. Треба
учени свештеници. За да ги има треба училиште да се отвори. Да се
образуваат за свештеници луѓе на говорот што го слушаат, на својот народен
јазик, на тоа што излегува од нивната душа и е подарок од нивниот род.
Таа ангажираност го поттикнува и го храбри и за сите деца да се отвори
училиште каде ќе го добиваат знаењето на својот народен јазик, на говорот
што го говорат при семејствата во домовите свои.
По тој остварен подвиг му дојде повик од Цариград. И тргна на пат.
Повеќе не е митрополит Григориј. Цариградската патријаршија го удостои
со ново звање и го ракоположи за патријарх на Цариградската патријаршија.
Тоа беше во летото господово илјада осумстотини триесет и петто.
УБАВИНА ПРЕНЕСЕНА НА СЛИКА
Кога Едвард Лир, лондонски сликар, поет и музичар, познат по
книжевните бесмислици во поезијата и во прозата каде се проткајува
неповторливата инвентивност, како светски патник стигна во Солун, со
план и љубопитност да прокрстари низ Европскиот дел на Османлиската
империја, се почувствува истоштен и стресен од студениот ветар што
наплиснува од морето. Од тоа мигновена мисла го зграпчи па го заплаши
дека нема да ја изврши дадената задача од благородникот Ерл од Дерби, да
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
19
направи пејзажни слики од овие простори. Природата и животот низ неа
Лир посебно ги сакаше откако љубовта кон птиците му ја внесе токму тој,
Ерл од Дерби, уште на петнаесет годишна возраст ангажирајќи го да ги црта
и скицира птиците на неговиот имот. Работата и ја присака и ја усоврши,
станувајќи забележително успешен во доловувањето на детаљите при што
совладаната техника на сликите им даваше исклучителна убавина.
Средбата во Солун со англискиот амбасадор Сер Стратфорд
набргу му ја измени состојбата и здравјето почна да му се подобрува.
Навистина болеста сè уште беше наметливо присутна и го измачуваше,
но гостопримството на амбасадорот, кој со својата жена Лејди Канинг
го направија Лир свој гостин, уверливо истакнувајќи ја несебичната
посветеност да се подобри неговата здравствена состојба, му врати силна
верба дека задачата што така ревносно и со љубов ја прифати навистина
ќе биде реализирана. Преземен од топлината на гостопримството, запиша
во писмо до сестра си Ан: „Лејди Кенинг ме храни и ме поттикнува на
разгаленост на најљубезниот можен начин“.А сестра му Ан му беше повеќе
од сестра на Лир, зашто беше поставена и како мајка старателка. А мајката
што го родила, народила дваесет и едно дете. Дваесеттото по ред било
Едвард Лир и до неговото раѓање истрошила многу голем дел на енергија од
својот живот, па немала сили да го одгледува. Но кога се роди тој неговата
сестра Ан е веќе дваесет и едногодишна девојка, со можност да го прифати
повеќе од брат и да го одгледа како мајка. Така, Ан за Едвард Лир беше и
сестра и мајка, успешно носејќи се со двете улоги што ѝ ги дал животот и ги
обезбедуваше сите негови потреби за раст и школување за тој да ги оствари
своите силно пројавени амбиции. И Лир почна да се реализира како сликар
и поет.
Кога грижата кон него од страна на амбасадорската двојка во Солун
поделува здравјето повторно да му се врати, во онаа мерка во која состојбата
дојде до нивото да не го ремети неговото ангажирање во работата, имајќи
предвид дека некои потешкотии остануваат со неговата падничавост и
асматичност, повикувајќи го својот придружник Џорџио, се подготви за на
пат.
Патувањето не му ја растргна меланхолијата, која поначесто го
опфаќаше, причинувајќи му сега и депресивност во соочувањето со едно
тешко патување, низ празни и диви предели со каменести стрмнини. Патот
што го избра да го минува веќе се издолжуваше низ четврти ден и јавањето
на коњот навистина му постануваше заморно.
Но, по четвртиот ден од патувањето состојбата во неговата перцепција
толку многу ќе се измени што тој ќе се почувствува исполнет и весел, со
силно надојдена физичка и духовна енергија кои му беа потребни за да ја
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
20
остварува својата работа, да ги слика пејзажите со кои се пресретнува на
територијата каде е испратен. Сега Лир пред себе виде град што во мигот
му заличи како да излегува од бајките. И веднаш ќе го опише за да стигне
впечатокот негов до неговата сестра Ан. Посакуваше секое писмо што ќе ѝ
го испраќа на Ан да носи топлина и да ја зарадува. Со таа негова желба се
поклопуваше надојдената слика при пресретот со градот во кој навлегоа со
својот сопатник.
Кој е овој град?
-Монастир!
-А беше убав.
-Неверојатно убав.
Таа убавина во Лир внесе силно воодушевување.
Лир со изразена возбуда се пресретнува со цивилизацијата. Глетката
фасцинира, ја споделува сликата на перцепцијата со придружникот Џорџио.
После дивиот предел низ кој минавме сликата од Монастир исполнува.
Големи згради, широки поплочени улици, примерна чистота, градини со
бујна убавина. Се судруваат реалната слика и сликарската имагинација.
Осветлените пазари, со луѓето, претставуваат бескрајни калеидоскопи на
слики со убавина во изобилство, ќе му каже Лир на Џорџио.
- Кажуваш со возбуда, Едвард!
- Па збунет сум, Џорџио, од ненадејното повторно појавување на
цивилизација, за која што мислев дека очигледно ја оставивме засекогаш.
А тука, што ме изненадуваат се тие чести проверки, чуварите, музичките
групи, пашите што поваму ги пресретнавме, овие палати со гарди, разните
активности и купиштата разновидни стоки кои нè пречекуваат на секој
чекор, Џорџио. Зар не те воодушевува тоа?!
- Да, да, секако сето тоа и за мене е силно доживување. Па, минавме див
предел и станавме скептични дека ќе се измени тоа. Цивилизацијата
претставува пресретнување со човештвото и враќање во неговиот зазбивтан
тек. А многуте патувања ме измениле, да кажам, во стилот на Бајрон:
Дрвјата, камењата, облаците имаат повеќе заедничко со мене отколку јас со
човештвото. Природата ме смирува, цивилизацијата ме возбудува. Сведок
си веќе на тоа.
Влегувањето во градот што го одушеви му ја разотвори имагинацијата
за скицирање на широки пејзажи што ќе ги затвори во убави слики.
А средбата со Емин Сераскер-паша, школуван на Кембриџ, му обезбеди
на Лир спокојство во скицирањето на богатите пејзажи. Доби придружба
што му го заштити времето од љубопитните и од наметливите, а три дена
беа предвидени за завршувањето на скицирањето на цртежите и сликите во
Монастир, зашто веќе патот треба да го пренесе кон други градови.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
21
Длабок и внесен до нијанси во релјефната прецизност во пренесување
од просторот кон платното, Лир сликата пред погледот ја откинува од
времето и ја поставува во светлината на иднината да трае и да исполнува со
прелев на восхит. Еве слика откината од времето и просторот низ која може
да се влезе во минатото каде се пресретнува Лир, седнат крај широкиот
воден простор што го формира реката Драгор што протекува низ Монастир.
Сенките на тополите, чемпресите и врбите, извишени кон небото, се
отсликуваат во подводниот одраз од небесниот сјај. Групички патки и гуски
се фатени во мигот, со фотографска прецизност на сенките и светлината
во застанатото време на 18 септември од годината 1848. Крај брегот на
реката преубави згради и зад нив од сокаците во насет се издигаат, кулата
часовник од сегашнината на иднината, минарето и куполата на Јени џамија,
надвиснатите куќи над водата од еврејскиот кварт, далечината отворена во
буеж од планински предел со сенчесто побелени врвови.
Три дена Лир му посвети на Монастир, сликајќи ги пејзажите во
градот. Но на планот од неговиот пат има многу градови и рано по третиот
ден, што беше стекната навика рано да се отпочнува со работата, продолжи
по патот кон Охрида.
Уште една убавина што ги плени неговите отворени чувства. Град,
езеро и тврдина ги спои времето и просторот и од меморијата наизлезе
споменот од неговиот живот.
Овој пејзаж ќе го насликам за кралицата, си кажа во мислата. А беше
засрамен во себе од две случки пред кралицата, на кои останува многу живо
да се сеќава. Пред две години кралицата Викторија ја читаше неговата книга
Илустрирани екскурзии во Италија и импресионирана од неговите слики го
повика во Бакингемската палата да ја подучува во пејсажното сликарство,
при што Лир ја подучуваше во 12 лекции. Тие две случки посебно му беа во
сеќавањето. Имаше навика да застанува крај огништето. Кога во Виндзор
беше во собата со кралицата, по навика застана на омиленото место. Но
немаше искуство со кралскиот бонтон, а ја имаше навиката да ужива,
застанат на тепихот со грбот кон огнот. При позиција застант крај огнот и
свртен кон кралицата, интендантот го повикуваше кон другата страна од
собата и тоа се случуваше неколку пати, без да му се каже на Лир каде
греши, додека не сфатил Лир дека како поданик не смее да застанува свртен
кон огнот со грбот во присуство на кралицата.
Вториот случај во кој почувствува засраменост беше кога кралицата
Викторија го повика да му покаже дел од нејзиното богатство, накит во
украсна изработка од скапоцен камен. Лир, воодушевен од тоа што го гледа
гласно извикува: О, како ги добивте толку убавите нешта? На тоа го добил
одговорот: Ги наследив, господине Лир!
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
22
Во Охрид го наслика езерото, големите чемпреси што надвишуваа, рибарите
и птиците што крај водата чекаат да завлезат во лов. Енергијата што ја доби
во Битола го следи во патувањето и во сликањето на пејзажите во Охрид.
Сликата кај Билјанините Извори е до детали убедлива како што
дофатиле очите. Светлината надоаѓа со интензитет. Редица охриѓани се
движат кон мовчето, преминуваат преку него на другата страна и во свеста е
присутна анимација на тој живот што протекува со времето. Низ водата има
разноврсни птици. Пловат пајки, стражарат задржани на една нога штркови,
коњаник низ водата јава на коњ. А душата на Лир му е за песна. И песната
набргу излегува од неговата мисла и влегува во бележникот за да остане во
него трајна.
Како што остана пејзажната слика насликана во Охрид во спомен на
кралицата Викторија.
ЏОН ЛОНГВОРД ВО
КОНЗУЛАРНО ПРЕТСТАВНИШТВО
Административно воен и политички центар на Румелија особено
триесеттите години од 19. век – Битола станува најголемо административно
и воено седиште во Европска Турција
Валијата на Румелија ја има надлежноста над граѓанството,
економијата, на полицијата и на политиката. Тука, во Битола е Третата
османлиска армија. Битола станува посакуван град за дипломатски
преставништва со Османлиското Царство од страна веќе на Австрија и еве
по неа се јавува Англија, па Италија, Русија, Франција.
Англија веќе има свој конзул во Солун, Чарлс Блант, а тој присакува
добро друштво од својата фела, а Битола е толку убав и важен центар што тоа
повикува на конзуларно преставништво во неа. Го контактира Џон Бидвел
од Министерството за надворешни работи на Англија, посочувајќи му ја
идејата, веќе како нарасната потреба, која Австрија штотуку ја остварува,
да биде испратен конзул во Битола. Тоа стигнува до ушите на извесниот
Џон Лонгворт кој, во претходен контакт со Блант доби импресии за убавите
краеви таму во Македонија, во европскиот дел на Турција.
Од Форин Офисот го израдува известувањето за чинот што го
презел лордот Палмерстон: „Ве препорача кај Кралицата да настапите во
конзуларното преставништво. Годишната плата е одредена на петстотини
фунти, со дозвола за извршување на трговска дејност.“
„Лорду Палмерстон со големо задоволство ја прифаќам понудената
должност и со голема посветеност ќе се оддадам во извршувањето на
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
23
дипломатската работа.“
Лордот Виконт Палмерстон, во својство на Државен секретар за
надворешни работи за одлуката со писмо го известува англискиот амбасадор
Страфорд Кенинг, кој е на должност во амбасадата во Цариград, дека Џон
Лонворт е одреден за конзул во Битола и наскоро ќе тргне на пат да го заземе
своето дипломатско место.
До Џон Лонгворд од солунскиот конзул Блант му пристигнува изразеното
задоволство:
„Нестрпливо го очекувам твоето пристигнување! Таму, во Битола веќе
е присутен австрискиот конзул, но твоето познавање на турскиот јазик,
на обичаите и со интелигенцијата што ја поседуваш ќе го надополнат и
надминат времето што по некоја случајност го пропуштивме за првото
место.“
„Тоа пак може да се освои, на подруг начин!“ во стилот на Блант беше
одговорот до него.
„А замисли ова да се случуваше пред десет години каков успех ќе беше
Битола за англиската трговија, а секако и за овдешните реформи што треба
да се спроведат.“
Јануари е, илјада осумстотини педесет и втората година, на Џон
Лонгворд од Цариград му пристигнува известувањето.
„Бератот да ја преземеш конзулската должност во Битола е издаден од
Високата Порта!“ му јавува Страфорд Кенинг.
Џон Лонгворд го подготви куферот.
Патот што треба да се изоди е одреден.
Ќе биде по вода над вода. Да, бродот наскоро тргнува. Кон Солунското
пристаниште.
Значи, првата средба ќе ми биде со Чарлс Блант.
И беше нестрплив до остварувањето на таа средба. Та од него потекна таа
иницијатива во Битола да се отвори конзуларно преставништво. И предлогот
на тоа место да биде поставен токму тој, Џон Лонгворд.
Блант го чекаше на пристаништето и средбата брзо се случи. Во
братска прегратка се прегрнаа.
„Сега сме колеги“, му рече Блант.
„По твоја заслуга“, изразувајќи ја благодарноста, рече Џон Лонгворд.
„Времето нè понесе во братска дружба!“
Срдечна беше и средбата на Џон Лонгворд со амбасадорот во Цариград
Страфорд Кенинг.
„Документите се тука, мој Лонгворд. И знај дека тие ти се повеќе од
заслужени.“
„Благодарам, амбасадоре! Искажувам топла и искрена благодарност!“
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
24
„Не се сомневам дека многу брзо ќе ги зарадуваш таму во Лондон со твоето
несебично залагање. Тука, во овие предели има многу што да се види и
оствари. А ќе имаш и возбудливи моменти. Овде животот интензивно се
менува.“
Ги доби инструкциите за извршувањето на работата. Преостанатиот
пат беше за Битола.
НЕВЕСТА ВО БИТОЛСКИОТ АМАМ
„Одиме ли во Амамот?“
Аница Никаруши ја повика Елица Неда.
„Само да се доподготвам. Ќе останеме ли долго?“
„Мислам дека невестата е планирана кон пладне. Веројатно нема да им
избегаме?“
„Јас би останала до задниот миг. Да го видам сето невестинско вилнение
желна сум за минатото.“
„Да не сакаш пак да бидеш невеста, ти чудна жено?“
„Да не не ми годи?!“
Смеата излезе од двете како експлозија на плесок.
Амамот на Керим бег чадеше како да гори. Од сите страни
наизлегуваше густа пареа.
Во просторијата ги препознаа Атиџе и Мирнеса, потаму беа Усние и
Гроздица. Тие веќе зацрпуваа со тасот од топлата вода и се полеваа по
голите тела.
Мека топлина ги обгали со пријатен скокот и чипчиво газејќи по
мазниот мермер зближија и тие двете, ослободени од тежината на ленената
облека, а влезени во занес на надојдени чувства над издивот од топлината.
Со тас зацрпија разиграна убавина, плиснувајќи ја врз себе за да отскокнат
во зазбивтан трпнеж што им минува по опуштената снага. Уште еднаш и
уште еднаш отплиснаа од тасот, а следниот миг му ги предадоа телата на
галежниот мермер, чувствувајќи го налегнувањето долж целото испружено
тело. Масерките беа повикани да им ја вжештат крвта низ натиснатото
тело. Мекиот притисок ги стави мускулите во игра а чувството дека се буди
снагата надоаѓаше во накренати бранови. Телата се обвиени во елеганција
и влезени во мистичност. Вдишувањето и издишувањето што причинува
ритмично накревање на градите е повеќе од сон. Тоа е сон и јаве, исполнето
со желби. Низ телото струи топлината на животот внесувајќи врели бранови
на возбудени мисли. Плисокот на водата се слуша како тонење во отворена
длабочина што подзема со нескротлив занес. Звукот на тишината одѕвонува
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
25
во ритмични акорди. Просторот е исполнет со смелост низ кој се лета. Сите
акции настануваат во мирувањето.
„Испотнувам“, ѝ рече Елица на Ани. „Како да пливам во отворен вир од
надојдена река. И лебдам.“
А лебдеше. Тоа е чувството што подзема и исполнува.
„А јас се нурнувам и испливувам и тоа се повторува. Те уверував дека добро
е да дојдеме тука. Веќе ми потврдуваш дека сум била во право.“
„Не дека одлагав да дојдам, туку неодбивно се плашев од надојдена
убавина. Работите низ подома и приквечер ќе ги завршам. Само, требаше
да ги одложам.“
Однадвор надоаѓа игривост од дајриња. Пискотот на свирката е звук
што подвижува. Се слуша и песната на тие што пристигнуваат.
„Невестата доаѓа!“
Од телата испарила влажноста, се бара облеката. На ред за капење
е невестата. Низ ритуал што останува во сеќавање. И што ќе го буди и
обновува занесот на желбата.
Крај прозорецот пролетуваат леснопловни птици, носејќи свежина
во своите крилја. Низ отворените порти на амамот влегуваат коњите со
пајтоните. Најнапред и прв низ портите е пајтонот што ја носи невестата.
Придружните пајтони ги носат девојките што ја носат песната. Тропаат на
дајрињата и играат весел танц. Невестата пристапува во амамот, слегува од
пајтонот.
„Невестата!“ Беше тоа повик од Елица кон Ани.
„Види, пустината, колку е убава! Цвет што го опојува просторот!“
„Затоа се вели невеста. Секоја невеста е убава. Нема неубава невеста, затоа
се кажува како невеста си убава. Тоа е дарот на животот, Ани.“
Девојките, влезени тука во претсобјето на амамот играат и пеат.
Им пријдува девојка и ги послужува со локум. Друга им подава чаша со
газоза. Да се облажат и да се освежат. Иако силно ја чувствуваат свежината
од чувството на присутност на невеста и песна од младите девојки што ги
враќа во младоста.
Невестата е во бањата. Додека таа е таму, тука продолжува песната и
играта, надополнето со послужување за среќата на девојката што во мигов е
во преобразба на невеста.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
26
Митра Дупчиновска
ПЛЕТЕНКА ОД СЕГАШНОСТ И МИНАТО
Ноќта беше спарна и неподнослива. Од големата жештина не можеше да се
заспие. Во мугрите малку стана свежо и дуваше малку ветер и сум заспала.
Ме разбуди ѕвонењето на телефонот. Полу заспана се јавив.
„Мила, како си, да не спиеш?“ – го слушнав гласот на мојата братучеда
Соња од Австралија.
Се погледнав во часовникот. Беше осум часот.
„Спијам“ - тивко одговорив.
„Извини што те разбудив, ама сакав да ти кажам дека со Јана ќе дојдеме кај
единаесет часот, дома ќе бидеш?“
„Да дома сум дојдете“
Се свртев на другата страна и продолжив да поспијам уште малку затоа што
не се чувствував наспана. Не можев да заспијам, ама полежав уште малку и
во мислите ми се испревртеа разни спомени и сеќавања, а и се размислив
што да им спремам за јадење. Па што си реков сама себе, она што за денес
го предвидов, риби и компири. Имав лиснато тесто, испеков од него, салата
и ги спремив рибите.
Единаесет часот помина а тие две ги немаше никаде. Се јавив на телефон.
„Сега сакавме да викнеме такси, ќе дојдеме“
И навистина за десетина минути се појавија на вратата.
Се уморија од скалите затоа што на петти кат без лифт мораше да се
качат. Срдечно се поздравивме и одамна не видени неколку години иако
на месинџер се гледавме почнавме да разговараме за сите работи што во
меѓувреме се случија.
„Што сакате да се напиете“
„Само обична вода ако имаш ладна“
Му ставив вода со мраз затоа што времето беше жешко ама дома работеше
климата и дома беше пријатно за седење.
„А имаш ли отидено на село или кога бевме заедно?“-праша Соња.
„Не немам отидено, нема со што, а и каде да отидеме таму немаме куќа,
треба да имаш каде да одиш. Сопругот нема кола и не сака ни да оди, ни да
вози, сега тој со велосипед оди на една нива во близина на градот, таму има
градина и ги поминува деновите со садење и одгледување на зеленчук.“
„А таа ваша е или не?“
„Не каква наша, на еден старец кој до пред неколку години го гледаше,
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
27
децата му се во се во странство и до крајот на неговиот живот му помагаше,
ама сега е починат. Многу му помагаше додека беше жив и дома и за
купување, а тој многу ја сакаше нивата и мажот ми го носеше до таму и
назад. А откако почина продолжи да ја работи затоа што неговите деца му
дозволија да ја работи“
Соња му се обрати на својата пријателка Јана.
„Знаеш ли дека ние си заминавме за Австралија од куќата на мајка му, таму
седевме еден месец и не само ние туку и другата тетка со децата. Бевме еден
куп луѓе во една мала трошна куќа“- рече мојата братучетка Соња.
„Јас ќе ти раскажам, иако бев мала само седум години многу добро се
сеќавам на таа долга и тешка година. Тоа беше 1963 година. Таа пролет пред
големиот празник Велигден мајка ми месеше многу убав и вкусен козињак.
Тогаш не знам зошто се зафати со некоја друга работа и кога го печеше
месеното го подзаборави и одозгора малку му изгоре. Кога го виде само
си прошепоти тивко, ама јас ја слушнав кога рече: „ова не ќе да е за арно,
нешто ќе се случи“.
По една недела на дрвената порта од нашата мала куќа на крајот од градот
под ридот затропаа двајца од милицијата. Портата ја отворив јас.
„ Има ли некој постар дома?“- запрашаа.
„Има, мајка ми“- одговорив јас. Ја повикав мајка ми Мара и таа кога ги виде
целата се стресе и се уплаши од тоа што ќе го кажат.
„Ти си Мара?“- ја запрашаа.
„Да“
„А имаш ли сестра Весна во Свети Николе?“
„Да имам“.
„Жалиме што ќе ви кажеме ама вашата сестра вас ве посочи за да го донесеме
телото на нејзиниот сопруг Алексо кого го застрелаа во несреќен случај со
пушка“.
Таа остана затечена во непријатна ситуација. Без никаква најава ни прашање
за одобрение од моите родители, тетката сама си решила проблемот да
го префрли во друга куќа и тие подобро да мислат и да се справуваат со
нејзините проблеми.
„Ама зошто тука, зошто не таму каде што живеат“- негодуваше мајка ми.
„Ние не одлучуваме, така сакаше вашата сестра, бидете спремни на пат се
да го донесат“- се свртеа и си заминаа.
Како гром од ведро небо му дојде веста на мајка ми. Не можеше да се соземе
дека дома во нејзината куќа ќе допатува сандак со мртовец. Зошто кај мене,
никако не можеше да сфати и не можеше ништо да прави. Нејзината сестра
ја стави пред свршен чин. Дома во куќа со мирен сопруг Тало, синот Раде
кој имаше единаесет години, другиот син Столе кој имаше осум години и
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
28
јас нејзината ќерка Мила само со седум години, сега во таа куќа мораше
да се најде место за нејзината сестра Весна, синот Боге кој беше тринаесет
години и близнаците Славка и Славко кои имаа девет години. Згора на сето
тоа мојот татко мораше да трча да организира погреб, да бара гробно место,
да ја спремат собата за ковчегот и луѓето кои доаѓаа за да дадат почит спрема
мртвиот и живите , при тоа да има се што треба за една таква церемонија,
затоа што во тоа време од дома се испраќаа мртвите. А ова беше дом на
мајка ми, а не на тетка ми…
Моите ги проголтаа сите зборови, попуштија на сѐ, ама маките доправа
доаѓаа. Ги направија сите подготовки и пристигна прво колата со ковчегот
на починатиот тетин, потоа останатите членови од нивното семејство. Мала
утеха во цела несреќа беше дека сандакот со починатиот беше запечатен и не
смееше да се отвори. Наеднаш малата куќарка се претвори во собиралиште
на премногу луѓе кои два дена доаѓаа и заминуваа. Погребната поворка
тргна пешки од нашата куќа до гробиштата во црквата Св. Недела и тоа
мене ми се чинеше дека трае бескрајно долго. Се слушаше липање од
тетка ми, имаше дојдено и негови и наши роднини, па кукање и извици на
претек. Тогаш не можев многу работи да ги сфатам но со тек на време ги
разбрав многу работи околу заминувањето на другиот свет. А тетинот беше
многу млад, а загина под мистериозни околности. Пукале случајно на лов
во него!!! А што ако некој намерно го убил…А потоа деновите што доаѓаа
ми беа уште почудни. Како да се оди на пикник секоја недела одевме на
гробишта каде купија четири гробни места, две за тетка ми и две за мајка
ми со изговор кога ќе заминат и тие ако не вие некој од кај тетка ми ќе дојди
да запали свеќа за сите, така велеше мајка ми. На гробот одевме пешки на
тој неделен пикник со еден куп јадење и откако ќе се постелеше чаршав
над плочата се сервираше јадењето и сите мораше да јадеме за душа на
покојниот. А после собиравме се и тетка ми имаше апарат па и по патот и
на гробот се местевме кој простум, кој седнат и правевме слики како фото
сесија. Слики за паметење. Еве и денес ги чувам и може да ги видите каков
тоа циркус бевме.
Дома беше врвулица од луѓе, не можеше да се престигни од готвење за сите,
а никој не прашуваше од каде пари за да се купи јадење. Згора на се мојата
братучетка се налути зошто јас не сум била облечена во црно. Па имав само
колку години, се запраша ли таа што тие бараат кај нас, а не во станот во кој
живееја во Свети Николе? Зошто го напуштија градот во кој живееја, таму
тие ќе ја земаа пензијата од татко им и ќе учеа, а таа ќе ја вработеа како
самохрана мајка, а таа избра да оди кај сестрата. Го продаде станот и тука на
крајот од градот купија една стара плевна во која чуваа овци со голем двор.
Од таа градба татко ми со пријатели и роднини му направи куќа за живеење.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
29
Тетка ми се лутеше затоа што била далеку од градот и не била удобна како
што сакаше ама сама си ја одбра мрзата и неработењето за свои сојузници.
Ние секоја недела, а понекогаш кога беа слободни моите родители, пешки
преку ридот одевме таму за да видиме како се а таа се лутеше мислеше дека
одиме на ручек, а заборави дека една година и повеќе живееја во нашата
куќа и ништо не плаќаа беа гости. Неа воопшто не ја интересираше дали
имаме пари за сметки и за јадење. Ама кога отиде во куќата очекуваше дека
со пензијата ќе живее лесно и само ќе ужива. Заборави брзо дека има три
деца кои треба да се упатат на правилен пат и да води сметка са куќата во
која живееја. Во собата во која живееше беше преполно со муви а на масата
седеше мала тацна со леплива хартија на која се лепеа мувите. Кога само ќе
ја видев таа чинија преполна со залепени муви ми се лошеше и повраќаше.
Мене како најмала ме носеа а моите браќа не сакаа да доаѓаат. За нејзините
деца многу не се грижеше. Цела година и повеќе кога живееја кај нас, час
едното, час другото од децата бегаа од дома со денови не знаевме каде се
отидени и со милиција ги баравме. А откако се преселија имавме уште
поголеми маки од сите нив. Како ние да бевме должни да се грижиме за
нивното семејство. Една недела пред пладне кога отидовме вратите беа
отворени а никој не се јавуваше.
„Весна, каде си“- викаше мајка ми. Кога никој не се јави влеговме дома и
ја најдовме под масата испијанета како спие. Пијанството и беше дел од
животот. Никакви убедувања не делуваа на неа. Насекаде низ собата беа
расфрлани алишта, садови, јадење, ѓубре. Беше како да не исчистила цел
месец. А таа мртва пијана. Не мислеше ни на децата, ни дека треба да се
има доблест за достоинствен живот, да биде човек кој ќе вложи напори да
ги изведе сопствените деца на правилен пат, да им го покаже животот затоа
што сите беа малолетни. А таа себична утеха најде во алкохолот и полесно и
беше да се испијани отколку да решава секојдневни проблеми. На тие деца
му требаше нега, топол ручек, чисти дом, а не мајка која се беше само тоа
не.
По некоја недела комшијата Симе се појави на вратата. Уште од надвор
видно вознемирен и испотен од брзање му соопшти на мајка ми.
„Мара, трчајте кај сестра ти, кај неа е дојден човек од село за да ја однеси
дома да ја ожени затоа што имал четири деца за да ги гледа“
„А како тоа, а нејзините деца?“
„Е нејзините сами дома ќе седеле“
Мајка ми набрзина отидоа со татко ми и ја убедија да не си ги остава децата.
Во истото време кога тие дојдоа во Битола и другата тетка, мајка му на еве
оваа моја братучетка Соња, ја продадоа својата куќа и сите се населија кај
мајка ми. Покрај ние пет души, тетка ми четири и другата тетка Дана со
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
30
сопругот Јован и Соња која беше две години постара од мене и помалиот
брат Ристе три месеци додека да добијат документи за иселеничка виза за
Австралија, е сите ние тринаесет души живеевме цело лето заедно во две
мали соби. А само душата на мајка ми и на татко ми знаеја што врват во тие
тешки мигови.
Освен нив моите од како беа земени се грижеа како за своја ќерка и за
најмалата сестра на мајка ми Станка која остана сирак на две години. Се
додека порасна живееше кај сите сестри а најмногу кај нас, спиеше заедно
со мене и кога заминуваше за Австралија плачев со солзи да ме земи и мене
со неа во куферот. Имаше срце од камен, замина без ни трошка жал и грижа
за луѓето кои ја одгледаа. И денес единствено таа е жива од сестрите и
најубав живот проживеа и се уште си го живее.
А таа година едните заминаа во Австралија, на другите татко ми му градеше
куќа, кога порасна ќерката и се омажи во дворот и за неа изгради куќа.
Целиот свој живот само градеше, а за сопствените деца ништо не изгради.
Сите братучеди заминуваа и се враќаа во нашата куќа. Секогаш куќата беше
полна со луѓе, од селото, од роднини, сите идеа за да си свршат работа да
преспијат и да си заминат. Едниот вујко три пати заминуваше и се враќаше
од Австралија. На крајот мајка ми му рече:
„Трајко, ајде доста е таму ваму, реши се што ќе правиш и живеј со твоето
семејство на едно место“
Тоа го натера да се одлучи, ги собра своите четири деца и сопругата и
заминаа сите во Австралија.
На сите им го среди животот само на сопствената фамилија не среди ништо.
Тоа е приказната за тие години, а потоа времето ќе ја донесе цела сиромаштија
во куќата од која сите заминаа во подобар живот. Само што таа куќа еве сега
после толку години остана да зјае празна само со еден член од средниот син
на Мара. Таа почина млада благодарение на тоа што едната сестра ја зеде
на шетање и за свадбата на нејзината ќерка, во далечната земја и мајка ми
кога виде како тие две сестри наместо да се сакаат и живеат во далечина тие
воделе војни помеѓу себе. А мајка ми осетлива сето тоа што таму се случило
не можеше да го поднесе. Од многу луѓе разбрав разни верзии за тоа што се
случило таму, ама и денес ме копка во душата да ја дознам вистината која ја
однесе предвреме мојата мајка. Таа само што се врати заврши на болница со
откажани бубрези заради нервозата која ја трпела и шеќерот кој се покачил
на многу големо ниво. Веднаш ја ставија на дијализа и со постојани одења
во болница поживеа уште неколку години. Тоа беше наградата која ја доби
за својата добрина. Татко ми исто така по неколку години замина, по него
едниот син, па снаата од другиот син со педесет и неколку години, па другиот
син, во Австралија почина едната тетка со сопругот, сега и човекот кој сите
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
31
ги зеде во далечина, а останатите го живеат својот благословен живот.
Живот кој ние во домот на најдобрите и нај добрите луѓе кои дадоа се за
другите, за возврат не добија ама баш ништо. Јас велам „БАИРСКИОТ АН“
нека се лути кој сака, ама сите на кои татко ми без надомест му работеше
јас ги знам и кога им велам и јас имам дел во продажбата на куќите се лутат.
Ама градбата не е платена, тие тоа многу убаво го знаат. Ама ако…
Ако малку барем се свесни ќе паметат и ќе одат на нивните гробови да
запалат свеќа како што велеше мајка ми:
„Ако не можете вие ќе дојде некој од кај тетка ви“
Кој знае дали е така. Тие одат ама дали палат свеќа…
Која судбина ги зеде и моите браќа и снаата млади, па да останам само
јас со внуците. Откако се разболи снаата која цел живот се бореше со
сиромаштијата и работеше секакви работи само да имаат за скромен живот
и кога сфати од што боледува ја затвори портата и никој освен мене и една
комшивка не примаше дома. Не сакаше да се лекува, ни да јаде, ни да пие.
Не сакаше ни да разговара. Го чекаше само моментот кога ќе замине. Секој
ден викаа брза помош за да и стават лекарства за болки, за едно утро да ме
разбуди злокобно ѕвонење на телефон“
„Мила дојди веднаш Нада не е добра“- ми се јави брат ми. Кога стигнав
таа ништо не разбираше веќе беше замината. Тој миг никогаш нема да го
заборавам кога ја видов како го запира дишењето. Тие мигови остануваат
засекогаш длабоко закопани во душата и не постои ништо што може од
таму да ги избрише. Со нејзината душа како да се откина и дел од мојата. И
со секоја од моите родители, браќа, се одземаше дел од животот кој никогаш
нема да се врати. Се губеше вредност која нема вредност. Се губеше живот
кој повеќе тоа никогаш нема да го има. Затоа останува душата празна за
недоречени зборови, недокажани вистини, недоодени патишта, не до
сонувани соништа. Се изгубија вредности што на никој пазар не можеш
да ги купиш. Остануваш поосамен од порано за секоја замината душа. По
таа трагедија кога почина и снаата, брат ми остана сам, па потоа се врати
ќерката и со неа живееше. Ама за кратко. И тој замина за да остани портата
затворена само со едно дете. Од врвулица на луѓе остана тишината да царува
во собите.
„Е ова е приказната Соња, за куќата за која се сеќаваш дека беше трошна,
мала и собираше толку многу души кои некој мораше да ги рани“
„Така е“
Не ѝ беше баш драго само спомена:
„На погребот на тетин бев тука и му реков на Весна која седеше на гробот
на сопругот, ајде што чекаш види колку е млад твојот сопруг, кога ќе одиш
кај него нема да те сака“
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
32
А таа си поживеа најмногу од сестрите тука, затоа што само за себе си
гледаше за никој друг. Остана убаво да живее само најмалата сестра во
далечната Австралија не мислејќи дека внуците млади заминаа а таа со
прст не мрдна барем едно од децата да го земе таму, од страв да не станат
побогати од неа. Јас велам себични, злобни, недостојни за ни една добрина
која ја добија од добрите луѓе од „БАИРСКИОТ АН“.
Молчењето понекогаш е злато, ама не секогаш можеме да молчиме. Кога ги
известив во Австралија преку телефон останатата тетка дека и другиот внук
почина пред неа го слушнав прашањето кое цел живот ќе ме боли.
„Мила, а дали на брат ти му направивте убав погреб?- рече тетка ми.
На цела мака само се насмеав кога требаше да плачам.
„Колку што можевме“- одговорив.
Може ли некој да ми каже дали има убав погреб?. Јас не би рекла дека има
убавина во тоа да ставиш едно тело кое до тој миг живеело, зборувало, се
смеело, се надевало, за миг го нема и го прекриваш со земја. Што можеш да
направиш за тоа да биде убаво.
Секоја работа има своја причина, зошто?... можеби ќе доживеам да разберам.
Соња со пријателката поседоа и си заминаа да одморат, затоа што се дојдени
за шетање и разонода, старите поминати спомени не се толку интересни.
Можеби се налути што ја раскажав вистината, ама таа самата кажа дека
живееја кај нас со толку многу луѓе и дека од кај нашата куќа заминаа на
поубав живот од тој што тука го имаа. Тие сега се дојдени да ги уживаат
деновите во прошетки пред да се вратат во далечната земја која му даде
сигурност и дом.
За разлика од нив и сите други кои беа дел од „БАИРСКИОТ АН“ кои
заминаа во подобар живот кој повеќето од нив го живеат и се шетаат по
светлините низ деновите и годините, а луѓето од таа трошна куќа која
многумина ја посетија и искористија, е тие луѓе ги нема одамна да шетаат
низ нашите улици.
Чудни се Божјите патишта, не знам што да кажам за она што навистина
помина низ деновите низ тие две соби и колку луѓе си ги поминаа деновите
на грижа која ја оставаа да тежи во темелите на таа куќа, а тие сите заминаа
по свој пат без товар и грижа во удобен, спокоен и мирен живот. Ако нешто
постои во универзумот требаше барем трошка милост да има за членовите на
семејството кое полека замре низ деновите живеејќи во беда и сиромаштија.
Никогаш нема да сфатам зошто за нив кои толку добрина направија му беше
не возвратена ни нишка од надежта и повеќе денови од живот кој би го
проживеале, а не на млади години да ги снема како да не постоеле. Дали
остана само сеќавањето или некој ќе најде дел од некој ден да ги посети
нивните гробови и да запали барем една свеќа. Тоа го заслужија зарем не?
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
33
ДОМ
Во ноќите со млада месечина
ангели ме понесуваа и тајни откриваа.
Ова е златна прашина, ова магични воздишки, па благословени букви и
зборови...
земи сѐ што можеш со благослов ти даруваме
за секое утро да градиш македонска куќа света.
Темели ќе ти бидат минатото,
во нив има карпи нескршливи,
души млади згаснати, реки крв за слобода,
зборови свети и букви раштркани кирилица, злато, сребро, надежи,свети
води...
Се вкрстиле и цврстина ти даруваат
да редиш над нив нови плетенки со сончевини,
благословени води и со виножита да обојуваш,
а за натака ќе преплетуваш сѐ што ќе ти дариме,
а и да украдеш благослов имаш од нас
штом со љубов градиш дом за иднината.
Нашето благословено писмо во широки порти втемелено ќе биде,
за идни генерации да го сочуваат и негуваат.
Молкум на млада месечина во небеса ме шетате
за утрата со сончевини да градам и
вез македонски да преплетувам да трае...
Се вкрстија наизменично среќата, смеата, тагата, солзите, болките...
Ама сето тоа вешто со благослов го обвив
надалеку само убавото да се гледа.
Молкум ангелите и нивните поуки ги следев.
Ноќе со нив лутав по небеската шир,
а дење градев македонски благословен дом.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
34
Биљана Т. Димко
СИМОН РАГИН
Кај нас велат, Бог да те чува од богат и глупав човек. Таквите не си ја знаат
длабочината на џебот и празнотијта на умот, па цел живот удираат како
мотика на троскот. Затоа, да ги одминеш таквите е најдобро, а мирот ќе ти
остане во душата. Ама, ако наидеш на богат и паметен, купувај од него, сè
што можеш да купиш, оти не знаеш што во кое време ќе ти затреба.
После долго мачење на постела, стариот Симон Рагин, го издиша последниот
здив. Имаше околу седумдесет и шест-седум години, можеби и не беше
толку стар, но човекот беше изнаработен многу. Во животот стекна големо
богатство, ама дури да го стокми проплука многу крв. Почна како чирак
кај еден градски чевлар, па така, го изучи занаетот и продолжи вредно да
работи, собираше зрно по зрно, како мравките. Не се уморуваше од работа,
полека, си го работеше своето, без многу врева, а и беше благословен,
умен и разбран човек беше. Полека, полека, со труд успеа многу, беше
најпознатиот чевлар во градот. Успеа да отвори повеќе дуќани за чевли низ
градот, вработи луѓе, исто, што си ја работеа вредно работата.
Симон Рагин порасна во сиропиталиште, а ако потеклото ти е од таму, тогаш
животот те фрлил веднаш по раѓањето на првата борбена линија или по
наше на буниште. Тој немаше луксузен избор, можеше или да се бори како
лав или да загине при првата борба со хиените, но тој не попушти. Се соочи
најпрво со себе дека тој не е виновен за тоа што е, но ќе биде, ако остане
таков и во иднина, затоа главата ја исправи гордо, умот почна да го челичи
и ги засука ракавите. Немаше избор, мораше самиот да научи како да стане
човек. И постана тоа. Израсна во убав младич, и остаре како мудрец.
Тука приказната би запрела. Делата зборуваат за човекот. Луѓето кои го
познаваа Рагин, и ден денес се потсетуваат на него со посебна почит.
Неговата смрт не беше тешко прифатена само од градот, тука беше неговото
семејство, старата госпоѓа, Магда Рагин, неговиот син Виктор и ќерка му
Весна. Градските гласила и гласини на големо расправаа како остатокот
од семејството ќе пропадне славно. Тоа посебно важеше за неговите деца.
Кутрите тие, беа целосно спротивна слика на татко им. Рагиновите деца беа
единствениот и најголем неуспех од неговата работа. Ниту едниот од нив
не успеа да го ,,изделка“ во вистински човек, а рака на срце се обидуваше,
но тука беше и мајка им, Магда. Убава жена, но многу лоша и неразбрана.
Тврдоглава ко маска, ако наумеше некоја работа да ја заврши и така ќе биде,
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
35
не знаеше ни за добро ни за лошо. Само своето си го тераше. Ама како
велат, кој со ѓаволот тикви сади, од глава му се удираат. Смртта на Симон
надалеку се слушна, како и пропаѓањето на младите Рагиновци.
- ,, Сега ќе се види кој носел пари во таа куќа, а кој продавал памет...“ –
говореше еден од вработените на Рагин. Друг па додаде: - „лесно е да
се зборува напамет, дури сега ќе се изедат меѓу себе и од алчност и од
будалштини, не им е дадено да работаат, туку, само да зборуваат.“
Јулскиот жежок воздух беше натежнал толку многу што одвај се дишеше.
Горештината ги замајуваше луѓето, градскиот асфалт гореше, а и
канализациските мрежи издаваа. А како капак на сè, градската водоводна
мрежа пукна, и веќе стануваше неиздржливо. Се’ повеќе и повеќе градот
оддаваше мирис на урина. Во вакво време, дождот требаше да се смета за
благослов, ама ништо од тоа.
На градските гробишта, гробарите, малку замаени од горештината, малку
од ладното пиво одвај го ископаа гробот. Работеа двајца по двајца. Кога
едните работеа, другите седеа под ладовината од големата дабова сенка,
така се менуваа дури не го ископаа убаво гробното место. Меѓу нив имаше
и еден младич, студент, кој мораше да работи нешто за да си го обезбеди
школувањето, низ работата, тој му се обрати на другиот: - ,,Конечно, на оваа
парцела луѓето не можат да си завидуваат меѓусебно, тука добиваат сите
еднакво, два метра удолу, два метра угоре и бескраен мир.“ Повозрасниот
го погледна, иако се намачи да остане сериозен, сепак, се насмевна кисело.
- ,,Овде сè е натокмено.“
Погребот беше закажан за во тринаесет часот. Под сенка некако се
преживуваше одвај, ама пак на отворено, горештината убиваше. Од некоја
страна се наездија инсекти што штипеа по кожата и оставаа црвени дамки.
Жените постојано се жалеа на горештината, а мажите полека, полека се
замајуваа од студената ракија и воопшто не им забележуваа на поплаките.
Од големиот човек Симон Рагин остана само споменот. Земјата и нему ќе му
ги изеде коските. Гробарите полека го спуштија дрвениот ковчег во дупката,
а луѓето беа нетрпеливи да си заминат, сонцето им ги гореше главите, а
инсектите со апетит ги штипеа. Река луѓе се упати кон црковната сала каде
што требаше да се послужи ручекот за покој на душата на мртовецот.
Рагиновци одеа последни во врвицата, се држеа еден до друг, тоа беше
неверојатна ко бајаги блискост. Нивната жалост повеќе беше накитена,
отколку вистинска. Конечно се ослободија од човекот кој животот им го
правеше поднослив, сега можеа слободно да се испоколат меѓу себе. Повеќе
никому не му беше грижа што ќе биде со нив, односно кој било да е, би се
радувал на нивната пропаст. Во главите им се создаваше фурија од решенија
како да се ослободат еден од друг, а што помалку да изгледаат виновни.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
36
Нивната лудост и безумие би можел да ја разбере само мудар човек. Имаа
доволно голема причина за да се изедат меѓу себе и потоа да се исплукаат.
Тоа беа мајка, син, ќерка, создадени од ист генетски материјал, што, за жал
не може ништо добро да му донесе на светот, освен поука што не е љубовта.
Симон живееше и работеше за своето семејство, ама колку и да бил
човекот берокуќен, среќата за топол и исполнет дом не му беше наклонета.
Жена му беше со лош нарав, со ништо и од никого не беше задоволна,
постојано нешто му забележуваше, па така овој последните години од
својот живот научи како воопшто да не ја слуша и гледа, а да остане во
мир со неа. Ќерка му беше жртва на неговата жена, уште ко се роди Весна
беше болежлива и не толку умна, па госпоѓата мајка наместо да бара некое
чаре ко секоја вообичаено пожртвувана мајка за своето дете, таа постојано
ја обвинуваше својата ќерка како ѝ го уништила животот. Виктор имаше
репутација на богат и убав младич кој е наклонет кон чашката и кон жените
за една ноќ, а неговото расипништво започна откако Магда Рагин му се
замеша во љубовната врска со Лејла, девојка од друга националност, со
подруги верски размислувања. Лејла си замина од засекогаш од животот на
Виктор, а овој остана под ист покрив со Магда Рагин, па така почна да пие
за да може да ја поднесува, иако Симон неколкупати му велеше да си замине
и да почне некоја работи сам, тој одбиваше убеден дека Лејла гледајќи ја
неговата мајка увидела дека и тој е лош човек.
„Секој си има свој животен пат.“- велеше Симон, кога блиските луѓе
ќе му зборуваа, односно кога ќе го укоруваа за семејството. –„Мене никој
не ме научи како да го разликувам доброто од лошото, морав сè сам.“-
воздивнуваше тешко и болно, очигледно и него веќе му се збоктисало.
Црковната сала беше полна со луѓе кои јадеа и пиеја за покој на
душата на Симон Рагин, тука беа неговите блиски и далечни роднини,
неговото семејство. Ко влегоа во салата донесоа траурна атмосфера, за како
што изминуваше времето се разлеа џагор и почна заборавот на човекот и
неговите дела, пијалокот што се точеше во меѓувреме беше доволно ладен и
силен да го стори тоа.
Денот полека почна да заспива. Луѓето се отидоа по своите домови,
си отидоа и Рагиновци, животот и понатаму продолжи да си тече по својот
тек. Само едно остана после тоа зајдисонце, луѓето умираат, но некои со
своето заминување ослободуваат простор, а некои оставаат празен простор.
Градскиот часовник означи точно полноќ.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
37
Сања Мучкајева Видановска
КОЈ ГО УБИ ТРАЈАН М?
Велат дека името го одредува карактерот, или судбината на човекот. Јас
не верувам во тоа, но сепак од друга страна траам веќе долги години.
Можеби името Трајан може и да се поистовети со старец како мене. Со сите
придружни елементи – суплементи, за висок крвен притисок, старечко срце
и висок холестерол. Тоа и, лесно може во секој момент да се претвори во
запирка после која суплементите би се надоврзале на реченицата. Но, среќа
е што се измислени со оваа денешна медицина, без кои јас не би опстанал
на овој свет, без разлика на името кое го носам и се’ останато.
Често, додека вака размислувам ми доаѓа да си ја запеам песната – и си ја
пеам во умот, затоа што да се раздерам со стар растреперен глас на овие
години би било рамно на уште една дијагноза и тогаш суплементите би ги
примал во некоја установа без дозвола на слободно изразување, па затоа си
ја пеам во умот – Боље бити пијан него стар.
Не, не сум секогаш во ова расположение како денес за да ја пеам во себе,
туку денес е сончево време после обилните пролетни дождови и излегов да
се прошетам нога пред нога, така пополека што би се рекло. Еден старец
како мене, мора и на тоа да внимава – како ќе зачекорува, затоа што секој
непромислен чекор би можел да биде фатален или во најдобар случај
збогување со слободата на движење.
Утрово се разбудив како и секое утро од кога знам за себе, во 5 часот и
30 минути. Денот бавно се проби низ прозорецот од мојата спална соба
и големиот кревет полека ги отфрли сенките на ноќта. Станав полека,
повторно ќе кажам како и секое утро, прво со десната нога го допирам подот,
ја навлекувам влечката на стапалото, потоа со левата го повторувам истото.
И како и секој старец, прво одам во тоалет иако простатата го брка сонот
во текот на ноќтта некогаш и по два пати, сепак повторно секое утро ме
потсетува дека тоа е првата работа која морам да ја направам. Станувањето
во текот на ноќта ми е најмачно, ама кога повикува природата, тука нема
сакам – нејќам.
Си го освежувам лицето со студена вода. Никогаш не се мијам со топла,
иако погодностите кои ги има во денешно време се многу поголеми од
оние од порано, сепак некои навики остануваат цел живот. Се обидував
и на моите деца да им ја создадам таа навика поради циркулацијата на
лицето и брзото расонување, но тие тоа не го прифатија. Додека беа мали,
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
38
се тресеа од студ и го правеа тоа, но подоцна во сојуз со нивната мајка
го напуштија моето уверување за добробитот на студената вода наутро.
Не само за циркулацијата, туку и скапотијата на струјата која се троши за
бадијала. Кога ќе ги видев дека и забите ги мијат со топла вода, викав по
нив, особено затоа што водата течеше додека ги триеја забите, а сатот од
струјомерот вртеше како споулавен. На таа мала возраст, веднаш ја запираа
топлата вода и продолжуваа со ладна. Задоволен од својот авторитет
продолжував да се подготвувам за на работа. Така беше секое утро додека
беа мали. Контролирав и да не остават вклучена светилка во празна соба, ја
контролирав температурата во просториите во зима, викав пред вратата од
капатилото ако некое од нив ќе се заборавеше подолго под тушот – и сѐ тоа
поради добрата економија во домот.
Но, тоа беше кога беа пораснати и кога имавме капатило во куќата. Пред
тоа, нужникот се наоѓаше надвор во дворот, а бања беше коритото кое го
користевме дома и кое се користеше во недела. Влегувавме чисти во новата
работна недела и моравме да се трудиме да останеме во чиста кондиција до
наредната; до новото триење во коритото, кое го поставувавме во малата
соба и се капевме еден по еден. Среќа беше што имавме мала просторија
наменета за тоа, веднаш до собата која служеше како дневен престој,
кујна и трпезарија. Во повеќето куќи немаше ваква просторија наменета
за неделното капење, па коритото се поставуваше на среде таквата соба,
наменета за сѐ. Тука, меѓу тавите, тенџерињата, садовите и алиштата кои се
сушеа на металните шипки над шпоретот за дрва во зима, се поставуваше
дрвеното корито на подот, кој се заштитуваше претходно со мушама за да се
заштитат дрвените штици, бидејќи дечиштата не беа разбрани и прскаа со
рацете додека се бањаа. Ние го немавме тој проблем, затоа што ја имавме таа
мала просторија, во која мојата Данче, после бањањето, ги переше алиштата
со убаво триење со самварен сапун, а подоцна кога излезе во продажба и со
прашокот за перење „Биљана“ и убаво ги спростираше тука во зима, а во
топлите месеци надвор, во дворот. Но, таа секогаш велеше дека ништо не ги
пери толку убаво алиштата како самварениот сапун.
Вредна домаќинка беше мојата Данче.
За појадок си направив попара (млеко со дробен сув леб, или како што
велеше татко во ретките моменти кога сакаше на свој начин да се пошегува
со нас децата, Попара, поп ти мајка окара, па секогаш се смеевме на неговата
досетка како прв пат да ја слушаме). Така е најекономично, затоа што леб не
сум фрлил никогаш во животот. Лебот може да се користи и свеж и сув и да
биде вкусен и во едниот и во другиот случај. Ги ставив на себе кадифените
панталони, карираната кошула, џемеперот и пролетната вентијага, затоа
што и покрај сонцето, утрата беа студени.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
39
Се спуштив надолу низ тесната уличка, каде куќите прилепени една за друга
имаат изглед на домино. Саботните утра како ова, секогаш ме потсетуваат
дека излегувам рано. Се надевам дека некој од моите пензионери сон не го
фатил исто како мене, па излегол рано во потрага по зборови. Дома, зборовите
се удираат едни со други или завршуваат залепени за ѕидовите. Старечките
зборови се сушат моментално и фаќаат краста. Некако и тие заболуваат како
нас. Така одеднаш, без најава. А синоќа, убаво се изнамуабетив со мојот внук.
Единствената работа која ме радува сега е интернетот. Чудесија е за муабет.
Добро е што го послушав да издвојам средства од мојот скромен буџет за
да ми постават интернет. Искрено, препотував кога го правев финансискиот
план со мојата мала пензија и се премислував долго време, но на крајот
сфатив дека само со него моите зборови нема да остануваат крастосувани,
залепени на ѕидовите. Тој, на кого едвај му го запаметив името, Скајп, носи
гласови од далечина. И ликовите им ги гледам, па нека оди во бестрага
и буџет и сѐ. Буџетската вага е како збрчкана љубовница, во споредба со
гласовите оддалечени илјадници километри кои чудесно те подмладуваат
ако не на подолго време, барем ти вбризгуваат моментална радост од која
потоа долго во ноќта со среќни мисли сфаќаш дека утре ќе имаш што да
преџвакуваш низ мозокот и ќе се порадуваш со нахранет мозок. Може да
се прејаде, но не од среќни мисли. Сопствениот мозок го прејадуваш ти
самиот. Од тебе зависи колку храна ќе му дадеш. Ако го прејадеш стомакот,
ќе те боли, но ако го прејадеш мозокот со поинакви мисли од оние среќните,
тој не боли, туку подмолно копа низ твоето срце. Мозокот и срцето се како
татко и дете. И едното и другото можат да се повредат меѓусебно.
Ах, какво убаво време е денес. Месецот Мај го расцути дрворедот по
улицата и раззеленувањето е уште една среќна околност денес. Полека,
стигнав до паркот, во кој е потонат градскиот часовник. Со години се бори
со високите диви костени, но сепак успева да остане повисок. Каква би била
намената на градска саат – кула, ако времето е сокриено од гранките на
дивите костени? Стрелките полека наближуваа кон десеттиот час од денот.
Прелетав со погледот. Повеќето клупи беа празни.
„Трајче, тука сум старо – аро едно. Ништо не гледаш!“
„Гледам, како не гледам. Што си се развикал, не сум ни глув ни слеп“,
одговорив малку навредено и тргнав кон клупата која како да ја имаше
резервирано до крајот на животот.
Димитрија, е мој стар пријател. Се познаваме кој знае колку години, веќе не
бројам, затоа што е бесполезно. Неколку години е помлад од мене и некаде
помеѓу семејството, обврските на работа, децата, проблемите, животот,
се имавме изгубено. Но, како помлади пензионери (хах, тоа помлади
пензионери во моментот ме натера да се смеам), започнавме често да
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
40
се среќаваме на ова место и овие последни години тоа ни стана рутина.
Понекогаш помислувам дека овој дел од паркот не е потполн без нас и ако
не’ нема подолго време, можеби сказалките на саат – кулата ќе застанат?
Така си го лажам умот.
„Ќе прошетаме?“, ме запраша само што стигнав до клупата.
„Е, чекај де, да одморам малку.“ Знаеше често да ме нервира, затоа што
беше старец кого не го држи место и многу зборуваше, но овие последни
години мојата сериозност и неговиот темперамент како да се надополнуваа.
Сепак ова утро, јас бев тој кој што зборуваше. Му раскажував за синоќешниот
разговор со внукот и покрај сѐ тој беше добар слушател.
„И, велиш се вработи? Браво! Паметно момче е тој твој внук. Е, сега треба
да частиш по една“, рече задоволен од својата досетка.
Корзото полека се полнеше со луѓе. Мислам дека го знам секое делче од
таа улица и кога поминувам, се обидувам да чекорам во сегашноста. Но,
минатото не се остава толку лесно назад па имам чувство дека моите
старечки бавни чекори ме сопнуваат на куп моменти кои ми се закачуваат
на рамената, како играта од детството ‘Долга магарица’, која не ја сакав
многу но морав да ја играм, затоа што кој не учествуваше го нарекуваа со
најпогрдниот збор од тоа време, женче. Така и сега ме јавнуваа тие моменти,
па често ме здоболуваат колената бидејќи мислев дека ако го забавам
чекорот, женчто ќе се откаже.
„Мажите не плачат“, секогаш велеше татко.
Истото и јас му го повторував на својот син. Но кога човек ќе ја прекрши
осумдесетката, солзите се враќаат во тоа детство. Само што сега татковците
не се до нас да не потсетуваа дека Мажите не плачат.
Бев такво едно мрсулаво маженце уште на свои пет години, кога одев сам
да ги пасам овците. Мојот страв го чував во себе, затоа што и немаше на
кого да го доверам, оддалечен од брсјачкото село, каде што освен небото,
зелената ливада, овците и сѐ разбира и стравот, бев оставен сам на себе.
Некаде долу војната сѐ уште траеше, но таму на планината, мораше да се
состават тие елементи како основа на моето детство. Сепак, имав среќа
што училиштето се наоѓаше во моето село, затоа што во зимите снегот ги
полнеше не само искинатите обувки, туку и колениците над закрпените
волнени панталони. Децата кои доаѓаа од другите села, ги фаќаше така една
убава дремка, што уште на првиот час главата им паѓаше надолу. Иако за
тоа беше виновна калиевата печка на дрва, која тивко го довикуваше сонот
од кога премрзнатите тела ќе се затоплеа, сепак црвенилото на образите се
ширеше и кон ушите кои учителот ги влечеше нагоре на полузаспаните деца.
Тие скокаа како попарени и замелушени од сонот, трепкаа со гурелавите
очи, за побрзо да се свестат и да сфатат дека не се дома.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
41
Нашиот учител имаше два стапа. Тие не беа како овие денешните со два
модерни краја, на едниот стап, а на другиот морков, туку беа стапови во
вистинска смисла на зборот. Дали го користеше дебелиот или тенкиот стап,
зависеше од расположението на учителот.
„Прочитај ми го текстот“, ќе речеше на кутриот ученик на кого се намерачил
тоа утро.
„Нааа... у..лии...цааа... Наа улииицаа... Наа улиицааатааа...“, пелтечеше
несреќникот, па продолжуваше, „На улицата“, погласно и сигурно
повторуваше, држејќи го показалецот прилепен за текстот и ја креваше
главата, среќен што поврзал два збора. Учителот ги собираше и така ситните
очи, како две мали прозорчиња чиј самрак не носи ништо добро. „На улицата,
иии...мааа... На улицата иии...мааа...шеее... На улицата имашееее...“
„На улицата имаше пръчки! “, ќе извикаше учителот и ќе ја испружеше
раката за да го дофати едниот. Некогаш ги одбираше по случајност, кој ќе
му се фатеше прв, а некогаш добро размислуваше. Но сеедно, грбот или
задникот на несреќникот страдаше. Тоа или по некоја шлаканица, беа
поблагите казни. Омилената казна на нашиот учител, беше клечењето на
колениците, свртен со грбот кон ѕидот, на расфрлените остри камчиња. „Да
ви е за памет“, велеше, „Без знаење ќе останете неписмена стока. Ништо
повеќе!“
Не’ учеше да му се обраќаме со Господине учител Миленов, а тоа ов во
презимето, кога почна војната чудесно се претвори од претходното иќ, за да
видам после многу години после војната дека се претвори во ски, кога го
видов на некролог во градот. Важно умре како Миленовски. Веднаш после
војната, имавме среќа. Господинот учител, беше отстранет од образовниот
процес и во селото дојде нов, кој се згрозуваше од методите на неговиот
претходник, а на избледеното место каде се менуваа сликите со повеќе
владетели и кралеви во селската училница, сега беше обесена сликата на
другарот Тито, во нова, убаво изработена рамка од дрво. Подоцна, кога
пораснав, бев во прво одделение пред завршетокот на војната и имав среќа
да се дружам со Господинот учител неполна една година, разбрав дека
после војната лежел и во затвор, како поддржувач на фашистичкиот режим.
Се зборуваше дека едвај куртулил за да не биде осуден на смрт.
Ослободувањето донесе нови ветрови. Колективизмот го стави во зандана
мојот страв заедно со приватната сопственост, така да повеќе немав обврска
да одам сам да ги пасам овците, иако татко се бунеше против тоа. Но, тоа
го правеше тивко меѓу затворените врати од нашата селска, камена куќа, а
мајка го опоменуваше да не зборува против селската колективизација, затоа
што може да заврши во затвор, или со куршум во главата. Се формираа
селски задруги, чија сопственост беше народот и така се’ народно стана
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
42
заедничко и рамноправно. Кога ќе испиеше некоја чашка повеќе, ќе тупнеше
со раката на дрвената маса, а чинијата полна со пиперки туршија пред него,
ќе заиграше.
„Доста, жено! Ти ќе ми кажуваш. Во мојата куќа ќе зборувам што сакам!“
„Добро, добро“, ќе речеше мајка со тивок тон. И брзо излегуваше во дворот
за да брка некоја работа и да му остави простор на татко да се смири.
„И овде никна нова кладилница. Кога ја отворија, бреее... До вчера ја
немаше“, ме прекина Димитрија од мислите. Се свртив на страната на која
покажуваше со главата. Навистина, немавме прошетано некои четири – пет
дена, затоа што изминатите денови врнеше дожд. Да, кладилниците се едната
страна на медалот на денешницата, што е слично со колективизацијата, затоа
што и едното и другото е од народ за народ. Едниот дел, оној кој се брои
на прсти е со предлогот за, а другиот, оној со предлогот од се илјадниците.
Оние со од им ги полнат џебовите на оние со за. Како благодарност, оние со
за ќе им фрлат по некоја ситна коска колку да не им кркорат мешињата. И
волкот сит и овците на број.
И мојот стомак закркори од глад, наближуваше времето за ручек. Помислив
на гравчето од вчера. Секој петок варам грав. Тоа е традиција уште од
старите мои, која ја продолживме со Данче. Гравчето си го дојадувам и
во сабота, така да саботата ми е речиси бесплатен ден. Колку е убаво да
живееш бесплатно еден цел ден. И греењето веќе не го користам. Затоа ја
сакам пролетта.
Мирисот на страниците на книгата се како мирис на времеплов од сопствените
согледувања, чувства и сеќавања. Впечатливоста на создавањето е и
ресоздавањето на колективната меморија, на она што било, е, и како ќе биде,
со постоечкото битисување и зачувување на таа меморија. Токму тој мирис
ги отсликува животните патишта кои продолжуваат од една генерација кон
друга и само со запечатување на нивното постоење, се задржува здивот на
композициското градење на едно општество, во кое секој човек со својата
сопствена судбина, ја одржува спецификата на индивидуалноста. Но, како
што не постои книга на индивидуалноста сама за себе, така не постои ни
созадавање на меморијален мирис на страници без многубројните актери
кои живототворно и говорно ја раскажуваат идејата за тоа дека сите ние
постоиме на некоја страница од книга со сопствен мирис на постоењето.
Во тој контекст е и мојот најнов ракопис „Кој го уби Трајан М.?“, за кого
се надевам дека ќе успее да даде мирис на лето, есен, зима и нова пролет,
за едно општетство кое се менува со сите специфики и одлики на овие
простори проткаено со есенцијалнита прашања чии одговори лежат токму
во збиднувањата како ароматична живототворност на ова наше тло.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
43
Биљана Тодоровска
СОНОТ ЗА КАЗАК ЧЕШМА
На сон слушнав глас:
"На Казак чешма ќе те чека.
Судбина ти е
најубото чупе со очи сини !"
Од саба, саба во думи ме кладе.
Беќар да состанам нејќам,
или та или јабана ќе фатам ...
Се пуштив по калдрмата
низ Качак Маале до Казак чешма.
Таму
та, карши мене застанала
од лична, полична кадана
со очи на син зумбул,
заби ко бисери бели.
Наполна вода и сјојде...
Ја видов на тефериџ,
на Билбил камен.
Со филџан кафе, локум,
ме послужи за адет,
мислев ишарет ми дава.
Стројници пратив,
со абер еврејка е ,
се вратија.
Ака’ лот ми се зеде,
меракот во неа ми остана
од болештини
душата ми се пеплоса,
се уљандисав до немајкаде
Алаверс’н,
аферим на другарите
стројниците,
шо не ме остаја сам,
анџак, чарето ми го најдоја,
едвај кувет зедов.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
44
Со пајтон од Маџир Маале, Арнаут Маале
до Качак Маале ојдов
бегалка ја зедов.
Севдата моја сакана
дума не додумана,
муабет не докажан,
најубав шебој во градина.
Ќе ја чувам,
завет, аманет дадов.
Та еврејка јас муслиман,
чунки љубовта не познава граници
и остана напишана
во стихојте на една песна
од страниците на еден ќитап.
ДАМА
Се затворив
во мојата грамиорна ...
На огледалото ја гледав
најдлабоката брчка на челото,
ништо не ја сокриваше...
Седев и чекав,
се гледав себеси спроти мене,
папагалски го повторував текстот.. .
Повторно главната улога
беше моја!
Не знаев што е потешко,
дали внатрешноста на моето јас
или улогата која ја имав?
Видов која бев,
која сум сега.
Шминката беше кловновска,
заплакав пред улогата,
се видов во очите на
режисерот
кој ги знаеше моите лузни.
Отмено налик на дама
во улога на кловн,
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
45
повторно излегов
на сцената.
ФЕНИКСОТ
Некој ми ги прегазуваше
соништата,
со стапалки од кал
безмилосно.
Чекореше врз сѐ
што со солзи исчистив.
Немаше крај на болката
во глувата доба на ноќта.
Далеку беше, денот,
далеку беше ноќта
колку што јас бев
далеку од сонот.
Далеку од јавето
во глувата доба на денот
само сенките ги видов,
но го препознав кикокот
на оние што злобно се смеат
додека мислеа дека умирам.
Но јас,
повторно од пепелта се родив.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
46
Христо Петрески
ВАНЧО НИКОЛЕСКИ СЕ
ВРАЌА ВО ЦРВЕНА ВОДА
Ене го како одвај ја искачува угорнината
И врти лево од кај црквата кон родниот дом
И нема никој да го пречека пред дрвениот праг
Освен тишината и далечината во божјиот простор и сон
Како дете со шарено торбуле на кревкото рамо
Ги учеше Тој буквите и броевите кои живот значат
И се упати нагоре кон школската зграда на иднината
За сега неговите зборови и мисли наизуст и занавек да зрачат
Ванче повторни е во волшебната Црвена Вода
Каде земјата и небото се распослале како слобода
Стои и раскажува пред празното корито на селската чешма
Но нема кој да го слуша освен ветерот и старата овената круша
Охрид, 21.8.2024 година
ПРИСОЈ И ОСОЈ
(Вистинска бајка)
Колку за промена ѕверовите во шумата решиле
Да не бидат изложени на толку многу светлина
Туку да се скријат во темни долови и други дувла
Да не ги изгори сонцето и да бидат во заветрина
Другите пак диви животни побегнале од осојот
И нивните коски припекот малку да ги згрее
Но не ни верувале додека самите не се увериле
Дека ќе бидат изложени и на ветрот кој силно вее
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
47
Затоа одлучиле мудрите диви лиоти да си одат на гости
Па кога е прежешко тие да пладнуваат во длабок лад
А кога е цибрина и студот в коски им вие да одат на сончевина
Исто како што и селаните мислат дека среќата е само во град!
Охрид, 21.8.2024 година
БИОГРАФИЈА
Биографијата сеедно дали е напишана со мали или големи букви
Таа никогаш не е само обична графија и е натопена со пот и крв
Ја испишуваме секој ден одново со нови обиди и (без)успешни знаци
И сами тргнуваме кон врвовите на планините каде (не) пристигнал некој
прв
Биографијата е како празен бел лист кој го кренал ветрот и носел многу
високо
Додека не паднал во езерската вода и никогаш повторно не се вивнал кон
облаците
Или е како заслепувачка светлина која одеднаш ги пробива каделите на
мракот
А само кутриот слеп човек никогаш не прогледал и не ја сетил убоста на
зраците
Биографија се и овие букви кои како монистра се нижат во недовршени
реченици
Заитани како змии кои ползат по површината на овој црн и мазен празен
екран
Па се прашувам јавно сега пред сите дали тие имаат значење и некаква
смисла
И дали би ги повторил истиот пат и грешки ако се родам и имам шанси
текран
Охрид, 21.8.2024 година
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
48
ПРИСПОСОБУВАЊЕ
Не се приспособува чевелот на ногата
Туку стапалото ја бара и наоѓа својата позиција
Не се приспособува никогаш само песната на зборовите
Туку тие сеедно дали станува збор за дитирамб или апозиција
Не се приспособува ракавицата на раката
Туку прстите гледаат да не им биде широко или тесно
И карпата не се свртува кон човекот што оди или орелот во лет
Туку тие се приближуваат и оддалечуваат што побрзо и што полесно
Не се приспособува капата на косата
Туку главата ја пронаоѓа најдобрата положба
И устата ги изговара зборовите што сакаш да ги слушнеш
И тогаш кога си некому родител но и тогаш кога си нечија рожба
Охрид, 20.8.2024 година
СРЕДБА СО ПАЈАКОТ
Каде си тргнал пајаку црн и страшен
Во кој поход каде сееш смрт и страв
Од тебе е позол сал во лет стршлен
Доаѓаш подмолно без полноќен јав
Те сонувам или молневито си под постелата
Ми ја поганиш со еден убод белата снага
Ја плетеш мрежата како нишките на каделата
И тебе жртвата ти е секогаш блиска и драга
Со еден удар ги прекинувам твоите криви нозе
Но отровот останува вгнезден во моето тело
Со бел камен гребам и тријам додека може
А крупни капки пот се ројат на ладното чело
Охрид, 18.8.2024 година
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
49
АЗ БУКИ ВЕДИ
Имиња: Златан Сребре Ѕвезда Воскресија
Невен Благуна Борјан Јаглика Младен
Крстан Среќко Деница Јагода Мирка
Солза Зоран Христо Веда Гордан
Презимиња: Патлиџанковски Пиперковски Кромидаровски
Волчков Лисичков Мечкаров Беломорски Црномаров
Коњановски Биковски Планински Воденски Езерски
Трчајлажовски Љубовџиски Добромиров Лошков
Симболи: Пламен Вера Љубов Надеж Благослов
Олтар Веридба Круна Свадба Молитва Рожба
Корен Стебло Племе Плод Цвет Стих Песна
Извор Вода Река Бакнеж Жед Збор Смрт
Охрид, 10.8.2024 година
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
50
Милица Радевска
МОДАЛНИ ЗБОРОВИ
Користете модални зборови
Веројатно, сигурно, можеби
Така сте сигурни
Во својата пештера
Со исцртани пиктограми
За одговорност и чест
Којпе па маж
Копје па маж
Дрво и око
Шума и бран
Однесени во виорот на суетата
АНАФОРА
Сѐ почнува со повторување
Се повторуваат гласови
Се повторуваат зборови
Се повторуваат мисли
И сѐ подредено едноподруго
Ја нагласуваат емоцијата
Ја надгласуваат возбудата
Ја напластуваат жуборливоста
Сѐ почнува со почетокот
Со милозвучните треперења
Со разлистаните очекувања
Со ведите скокотливи на бранот
И сѐ подредено едноподруго
Ја поведува оровотката ритамот на тапанот
Ја наведува полифонијата да трепери
Ја насетува полнотијата на духот.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
51
Од а до ах
Од а до псст
Од а до гррр
гргори песната
од нашите мали повторувања.
РАСКАЗ ЗА ПРИКАЗ
Приказно убав алашвереш
Го започнуваш
Развиваш композиција
Има и драматичен конфликт
И ликови антропоморфни
Но повеќе скаменети од угурсузи
И на врвот од возбудата
Неколку ветки те плескаат по образите
Иако времето е речиси 40 степени
Иако по телото се слизгаат
солени капки на нетрпението
И, и, и- има и расплет-пелтечиш
Во лутината што ти го раскинува џигерот
Ако, ако, така ти треба,
Броиш во себе си до сто
Расплетот е само поука за оние
што ја повторуваат одново и одново
истата грешка на емпатичноста
ПАТОС И ПАРАДОКС
Како кутре виснато на прагот по дождлив час
Како скинат лист згужван во испотена рака од трема
Како напукната чаша по долго плакнење од изморена жена
Како свиткана виљушка од мачно гребење во дното на еден аван
Како запенета уста од напорно убедување да се избегне катастрофа
Како однесен брег од налетот на заматени вртлози на поместеното време
Како здробен камен под ударот на гневна рака што ја потценила својата
сила
Така расте и се задушува патосот на парадоксот на она што е дека не е, а
сепак е.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
52
ИЗРАЗ И ИСКАЗ
Плеонастичен ти е изразот
Бабата ти секако е стара
И секое враќање е назад,
не нѐ носи напред
Само заминувањето не е враќање.
Гледам изразот ти се менува
По дадениот исказ
Како оган што вивнал
А потоа стивнал
Остави
Изразот е емоција
Исказот е стварност
Едното со другото
Пропорционално се менуваат
Во Декартов квадрат се пресметуваат.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
53
Весна Мундишевска-Велјановска
ДЕН. ШКОЛСКИ ДЕН.
Беше рано утро кога излезе од интернатот во којшто престојуваше.
Минувајќи по скратени патчиња низ градскиот парк, за да добие во време,
забележа колку ниско се имаше спуштено маглата. За малку ќе извикаше:
„Види! Ја бакнува земјата!“, но се воздржа.
– Ако ми се испуштеше, овие луѓето сигурно ќе си помислеа дека
сум будала, шутрак.
Продолжи да чекори вдишувајќи длабоко од замаглениот воздух со
мирис на чад што уште повеќе ѝ ја заспиваше ненаспаноста.
– Уф, како грозно мириса. – изговори полугласно, па се сепна од
мислата, погледнувајќи лево-десно за да се осигури дека е на доволно
растојание од граѓаните кои ја трчаа својата утринска рутина за релаксација,
и продолжи неволно да мрмори:
– А, пак, како гребе во грлото… еее, а не прекинаа со пропаганди за
почиста околина... закони, мерки, еколошка свест... Само зборови, зборови
и ветар на магла!
Погледна во часовникот што ѝ го подари дедо ѝ кога тргна да живее
во еден од најголемите градови во државата. Позицијата на стрелките
како да ја стресе за рамениците. Се огласи и градскиот часовник. Сега се
почувствува како да се разбуди од некој двоен сон. Одеднаш ја потиснаа
мисли оковани во прангите на училиштето. Истовремено ѝ натежна и
недостигот за домашните, кои сега се чинеа како да се оддалечени колку
друга планета, ама и обврската кон нив во која не постоеше опција за
откажување или разочарување. Најмногу заради жртвата што тоа извонредно
скромно семејство од малиот град покрај шините секојдневно ја прави за да
може таа да процвета во сиот свој интелектуален раскош среде сите нив
необразовани, но работливи и чесни членови на семејството.
Чекореше сѐ побрзо и побрзо, често погледнувајќи во часовникот
и допирајќи го галежно, за да може барем да ја замисли прегратката на
најмилите. Главата ѝ тежеше, дури ѝ се чинеше дека ќе ѝ се распрсне на
сите страни како кога на брат ѝ ќе му се лизне лубеница од раката додека
трча по скалите на двокатната недоизградена куќа, чиј двор изгледа како
скромна оаза наспроти цементната градба на блиската фабрика за шеќер.
– Уф, само да не ме скорни по ПТО.
– Лелеее, по музичко сѐ заборавив… ќе добијам кец… Леле – кец…
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
54
Ништо не знам… кец… – болно ѝ одекнуваше во главата, а на челото ѝ се
појавуваа брчки кои како да клекнуваа и стануваа по ритамот на звуците од
камбаните што ѝ бучеа во ушите.
Треперејќи сета, непрестајно ги кршеше и ги стегаше прстите од
рацете – би ги гризела и ноктите да не ѝ беше толку студено, па наместо нив
ги гризеше усните.
– Ќе задоцнам… Ууф, уште еден неоправдан… Како ќе им кажам
дома?...
Веќе беше пред училиштето кога ги слушна Викторија и Биби кои
доаѓаа размуабетени како џагорливите води на реката што течеше покрај
училиштето. Разговорот со нив придонесе да подзаборави на грижите и
малку се успокои.
– Спремна си за денес? – ја праша Викторија.
– Остави жити све… по сѐ учев ама по што научив, ете видиш, не
знам. По Музичко многу ми е страв оти сѐ ми се измеша.
– Така ти е кога учиш наеднаш сѐ. Е, ама не можи така. – се вмеша
Биби.
– Јас, пак, дури да седнам да учам по музичко, саати поминаа. –
продолжи Викторија. – Чекај ова, чекај она, дојде татко ми од на работа –
ајде муабети со него. Тамам реков „Ај сега ќе учам“ – ете ти ја и мајка ми си
дојде од на работа, па тантара-пантара и со неа. Дури муабетевме ми почна
серијата на телевизија. Ајде и неа да ја гледам… и ете ти го шес сатот.
– И мене така – рече Роза – без врска ми помина денот. Прво
зафрканции со цимерките од Интернатот, после ми се спиеше, па си реков
да поспијам малку, имам време. Кога се разбудив, гледам – шес саатот. Ајде
одма фанав да учам, а во седумипол–осум имаше некоја забава в Интернат,
па ајде отидов и таму…
– Без тебе не можеа – дофрли Биби и трите се насмеаја.
– … и кога гледаш – ми поминал денот, а јас ништо не научив. Црпка
дрвена црпкосана. – си ја доврши мислата Роза.
– Абе маката е дури да седниш, па после лесно прајме. – пак се вмеша
Биби.
– Навистина. Јас кога седнав, одма научив. – додаде Викторија
влегувајќи во училницата.
– Ама досадни и глупи се некои уроци. – продолжи, соблекувајќи го
палтото и ставајќи си ја чантата на клупата.
– Ти сега знајш? – се насмеа Биби.
– А навистина има и интересни. – додаде Викторија.
– Е како да не! – пак се јави Биби, држејќи си ја раката на стомакот
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
55
заради долгото смеење. – Туку… – се сврти на друга страна за да ја смири
смеата која повторно ѝ надоаѓаше, па одново почна:
– Абе, какви–такви… Научи?
– Научив. – ѝ одговори Викторија.
– Ами шо тогаш?! Шо туку се сеќираш!?
Беше седум часот и десет минути кога трите заедно влегоа во
училницата. Додека ги оставаа ранците и седнуваа секоја на своето место,
од сите страни им се обраќаа другарчиња од класот кои како пчелички
седнуваа секоја во својот многуаголник на саќето. За само две-три минутки
се исполни секое столче. Секоја клупа живна. На нивната површина, преку
вдлабнатите имиња и врежани срциња кои ги оставиле некои претходни
генерации вљубени тинејџери, се тркалаа пенкала, пласнуваа тетратки,
се разлистуваа учебници, се оптегнуваа училишни униформи. Дури и
чкртаниците на таблата, кои цела ноќ дремеа заборавени од претходниот
школски ден, како да проговорија и да се приклучија на разноразните
муабети.
– Еј, Ќофтето се стригна! – викна некоја, па се изредија сите да ѝ
удрат „сефте“. Кутра Тања, до вечер ќе ја боли главата.
– Море нема гајле таја, ко на куче ќе ѝ помини. – се рашири смеа.
– Пустата, ко машко е цела. – некој на некого му шепна…
Крај прозорецот Билјана-Гулабот и Кики-Срцкото разговараа.
– Беше излезена сношти?
– Бев.
– Убо си помина?
– Супер, шо да ти кажвам. Бев со…
На спротивниот крај на училницата, крај вратата:
– Еј, Ане, шуба ти е блузата… Од кај ти е?… Колку пари?…
Вистинска мешаница настана кога Мира-Рофјата влезе во училницата
и им кажа дека во другиот клас не правеле тест по музичко.
– Стварно? – некој се израдува.
Сите почнаа истовремено да зборуваат и да се надвикуваат.
– Ај да му се буниме!
– Оти, пак, ние да прајме!?
– Да бее. Само ние сме будали?!
– Абе бу-да-ли едни! Оти да не прајме? Ќе скапиме препишвање!!!
– И онака не ги прегледва тестојте и си ги пиши оценките од памет,
како шо ќе му текни!
– Лесно ти е тебе така да велиш!
– Ти се знајш со него, а ние?…
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
56
По бурни и бучни преговарања сепак решија – тест НЕМА да прават.
– Само ако напиши некој не... – и се разбегаа секој на своето место,
бидејќи младиот и симпатичен професор, кој веќе трет месец ја заменуваше
нивната омилена професорка, доаѓаше на час.
Влезе.
Сите станаа, како и обично кога влегува професор.
Настана тишина.
Заведувајќи го часот во дневникот, професорот рече:
– За денес рековме тест.
Сѐ уште апсолутна тишина. Збор од никого.
Не прекинувајќи го пишувањето, со малку повишен тон ги праша:
– Така?
Одеднаш сите како договорени извикаа:
– Нееее!
– Како бе НЕ?! – се разлути професорот и кревајќи го погледот високо
колку и показалецот од раката продолжи да вика: – Одма вадете ливчиња!
– Ама оти професоре?… Другите не праеја… Така ни кажаа од
другите класови... Не е фер... Оти само ние?.... – се слушаа испомешани
викотници.
– Ама шо ми е гајле! Вадете ливчиња кога ви велам!
Повторно тишина. Штама. Никој не се ни помрдна, а камо ли да
зборне.
– Вадете ливчиња!!! – уште поразлутено викна професорот.
И повторно истата реакција, само што овој пат меѓусебно се
погледнуваа скришно давајќи си знаци.
– И шо – не праевте?!
– Го налутивте? – по завршувањето на часот љубопитно ги прашуваа
учениците од другите класови.
– Абре какво лутење – ни дозволи да си ги извадиме тетратките на
клупи и ни постави три прашања за цел клас.
– Сите иста група!?
– Сите.
– И не ви рече ништо оти препишвавте!? – не можеа да се доначудат
учениците од другите класови.
– Абе шо ќе речи! – се смееја овие. – Шо ќе речи? Си излезе од
училница и се врати пред крајо на часо, ги собра ливчињата и си ојде.
– Лелеее, блазе си ви. – им завидуваа. – Сите ќе добиете петки. …
– Леле, кој ќе ја трпи сега оваа. – рече Роза.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
57
– Која?
– Јазичаркава! Кој друг!?
– Шо ќе се прај – ќе се трпи. Па и овој авторов шо треба денес да го
учиме, уф колку е досаден!
– О, па јас едвај чекам да дојди професорката. Најинтересен ми е тој
час. – ја прекина Викторија. – И делото е супер, го прочитав два пати.
– Абе, како и да е, тој час ќе помини, не е страшно. Туку после речи,
на последнио час, шо ќе прајме? – рече Биби.
– Море треска ме треси. Си немате претстава колку ми е страв, ми се
чини ништо не знам. – се надоврза Викторија за ПТО. – А географија шо ќе
прајме?
– Ново. Ај после овој час да ги побараме на картата оние рудниците,
да повежбаме малку. Важи? – предложи Биби.
– Важи. – истовремено одговорија Викторија и Роза.
Никола, кој беше највисокиот ученик во класот и кој редовно
беше упатуван на разговор кај психологот заради бројните лудории што
ги правеше секој одмор, уште од ходникот на другиот спрат трчаше и се
дереше дека професорката доаѓа на час. Трчајќи театрално и вртејќи се со
главата на сите страни за да се помајтапи со што повеќе деца, се лизна и со
цела своја должина како да се паркираше точно сред первазите од вратата
на училницата. И ходникот и училницата прснаа во смеа. Тој, за да не ја
открие болката во лактите и во колкот, уште продолжи да се тркала и во
занесот се судри со нозете на професорката. За малку ќе ја засопнеше и неа.
– Никола – строго изусти професорката гледајќи го со продорен
поглед.
Тој, легнат, со собрани колена како да игра брејк-денс, збунето само
ги рашири очите и немо се здрви, како восочна фигура.
Професорката не му се обрати повеќе. Се воздржа. Само го стегна
дневникот за работа уште посилно во левата рака, а показалецот од десната
рака го намести како патоказ кон педагошко-психолошката служба.
– Ај наздравје... Сега сигурно ќе му го намалат поведението... Не му
иди умот на нашиов... Му е гајле... – тивко се разлеваа коментари и смеење
во класот.
Професорката, и таа висока како Никола, но двојно покрупна,
конечно успеа да помине низ вратата и да влезе во училницата. И сѐ стивна.
Учениците набрзина ја голтнаа смеата и се подготвија за пишување,
усогласено, небаре војници при наредбено постројување еден зад друг. Таа
чекореше кон катедрата со цврст и рамномерен чекор, секогаш со ист такт,
дотерана во перфектно испеглан костум од кој секоја линија извикуваше
послушност, со црно бојосана коса средена во истата висока фризура, со
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
58
џиш црвен кармин на усните и евтин мирис кој се осеќаше на сто метри.
За повеќето ученици беше страв и трепет. Веројатно заради таквата појава,
а според некои и заради нејзиниот незгоден карактер. Некои од учениците
особено ја сакаа заради нејзината принципиелност и строгост, а некои,
особено оние со послаби оценки, озборуваа дека им се чини како да
ужива да ги измачува. Да не се мирисале, да не носеле прстени, да не се
дотерувале… Прилог кон ова им беше и тоа што се случи при крајот на
часот. Имено, додека таа им диктираше, Петар, кој ионака беше тивок, уште
потивко се искашла заради тоа што беше настинат. За големо чудо на сите,
професорката престана со диктирањето, можеби сеуште вознемирена од
случувањата од почетокот на часот, и му се обрати со висок тон:
– Ама зошто ти момче нам тука музика ни правиш!? – па од тоа разврза
говор, невообичаено жесток и циничен монолог кој траеше прилично долго.
Ииии – ете им тема за разговор. Сите викаа, бучно дискутираа, а за
тоа набрзо се расчу низ целото училиште. Сите се потсетуваа на уште по
нешто, на разни случки, некои и измислуваа, така што занесени во разговорот
не забележаа кога им поминаа и следните часови. Дојде и последниот,
шестиот, и повторно судбоносен, како што го доживуваа некои од нив. Како
на музичко, така и сега, постигнаа договор: ќе му се извинат на професорот
Мирко, тој е добар и ќе ги разбере. Но, договорот се изјалови, па после
часот се каеја зашто не се извинија сите туку само тринаесет ученици, пет
побегнаа од часот под изговор дека се болни, четири ученици беа доброволци
односно „добри волци“ како што ги викаше Смиле – мајтапчијата на класот,
а останатите го преседија часот криејќи се зад другите ученици.
Одејќи си дома по завршувањето на часовите, трите разговараа:
– Ех, колку ми е мака шо се извинив… Многу… И то зошто? За џабе!
– констатираше Викторија, а Роза замислено додаде:
– Барем да кажеа дека ќе станат доброволци.
– Абе ај не биди глупа! Некој ќе станва за да те спаси оти тебе те фатил
ќефот и не си научила?! Ај шо туку се занесваш! – нервозно искоментира
Биби.
– А некој од нас да направи така – тешко ли му нему.
– Е такви се, шо ќе прајш. Сите само за нив си гледаат. – уште
пореволтирано продолжи Биби и додаде: – Аман веќе, само за училиштето
збораме, глата ме заболе.
– Денес е петок и немаш ништо за учење. Дома ќе си легниш, ќе
поспиеш и ќе ти помини.
– Биби, арно ти вика Викторија. Туку, вечер ќе испаѓате ли?
– Аха. – се јави прва Биби. – Јас со Елена ќе излезам.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
59
– Јас со Зора и со Рофјите. Кај ќе се најдиме со тебе?
– Не знам. – почна Роза. – Синоќа едни девојчиња од интернатот
испаднаа и се вратија кон единаесет, а излезот ни е до девет, па се качуваа
преку прозорец за да не ги види воспитачот. Арно ама овој, заедно со
стражарот, се напиле и така напиени се влечкаа низ ходниците, па ги начекаа.
Овие почнаа да ги мотаат, да ги лажат дека тие ги пуштиле, а едвам издржаа
да не цркнат од смеа. И сега не знам за вечер. Глупаво е да испаднам и во
девет да се вратам, а баш тогаш се собира народ… Не знам…
– Е, ако излезиш ќе се најдиме кај осум-осум и пол пред „Бел Ами“.
Важи?
– Важи!
– Ајде чао тогаш.
– Чао!
– Чао!
И се разотидоа. Роза низ Шеталиштето кон интернатот, а Биби и
Викторија нагоре по „Партизанска“ кон нивните домови. Одејќи заедно тие
пак се навратија на случувањата од школскиот ден, небаре немаа за што
друго да зборуваат.
– Ами ова по историја. Ја слушам: „Чекај ле Елена да ти го видам
шалот… мх, мхм, мммм…, аауууу шо била цела работа сега гледам… ауу,
аууу… едно право, едно обратно, овде дупка… ахааа, знам да го сплетам“.
А ти одговарај, ко на ѕидот да му збораш, па уште ќе ти речи: „Але ти не
си научила, не си се доспремила некако. Можиш и поќе.“ – ќе ти мрдни
незаинтересирано со глата и оди ти после не се нервирај!
– Ееех, какви се случки не доживеавме денес. Од ваквите глупости
ќе се срамиме и ние и добрите професори шо навистина се парчат за нас и
не заслужуваат понижувачки муабети и ставање во ист кош.
– Стварно. Колку си ги сакам оние шо се мачат секој час да ни го
напрат интересен, шо се ептен коректни, внимателни, шо ем имат многу
знаење ем се трудат да ни го пренесат на најразбирлив можен начин. Шо е
најинтересно, таквите нѐ земаат во работилници, нѐ фалат, нѐ поддржуваат,
а не како овие денешните. Ај молим те… Сите биле за професори!… За
одговор за најмалку четворка, ќе ти речат: „Ма оди девојко, се гледа
не си учела. Гледам јас не е ова учено. Еве ти една двојка на кристални
ноџиња!“… Или па: „Ама оти девојко не рече така!?“ и кога ќе одговориш
– „Ама реков професоре, како не реков“ – ќе ти треснат: „Рече – крастајци
рече!“… Крастајци!? Ееееј! Тоа е професор?!
– Батали. Да си мислиме ние на овие добрите, нив ќе си ги памтиме
од средно... Ама признај – без ваквите глупости ќе ни биди и малку досадно,
а? – се пошегува Викторија.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
60
На моменти револтирани, згрозени и избувливи, на моменти мирни
и насмеани, стигнаа до градската болница. На малата крстосница пред
новиот дел од градот се разделија и нивните патишта. Биби ја здогледа
баба ѝ, која најверојатно се враќаше од редовната терапија во одделението
за пулмологија, и заедно со неа се упати кон малата приградска населба
полна дивоградби меѓу кои ѕиркаше и нивната куќа, која иако трошна беше
доволна за двете. Викторија со изморени чекори ја искачуваше благата
нагорнина кон една од најновите станбени згради во градот во која неодамна
се пресели со родителите и помалата сестра.
Минувајќи покрај автобуското стојалиште, Викторија не можеше да
се изначуди на она што го виде. Пред влезот на градскиот автобус имаше
еден куп луѓе, затоа што веројатно многу задоцнил. Луѓето, воглавно беа во
поодминати години и најголемиот број од нив очигледно беа болни, но имаше
и значителен број млади луѓе, најверојатно средношколци, кои очигледно
се враќаа од спортскиот натпревар кој се одржуваше во блиската Спортска
сала. Младите како да се натпреваруваа кој кого ќе го надгласи, кој кого ќе го
сопне, кој кому ќе му смисли поневкусна шега, се истуркаа и влегоа први во
автобусот. Притоа непрестајно се поттурнуваа и, некои со покриени усни со
дланките, а некои бесрамно и гласно, дофрлуваа груби коментари на сметка
на повозрасните. Носени од брзаците на младешката река, и повозрасните
се тетеравеа во брановите кои ја заплискуваа каросеријата на автобусот.
При крајот на буицата, во моментот кога на вратата беше една жена на околу
осумдесет години, автобусот неочекувано тргна, отфрлајќи ја на коловозот.
И не застана веднаш...
Повеќе шокирана отколку уморна, Викторија влезе дома. Немаше
сила за ништо. Се преоблече и веднаш легна. Чувствуваше како лава да ѝ се
истури над главата. Градите ѝ го стегаа дишењето, како палтото на старицата
што висеше заглавено во згрченоста на вратите од автобусот.... Лежејќи со
отворени очи кон прозорецот, во облаците ги исцртуваше сите слики кои
ѝ вриеја во лонецот на денот. Во коморите на срцето насобраната магма
го стопи сонцето, а погледот како да ѝ го прекри маглата што ја гушеше
Роза утрината во градскиот парк. Низ парталавото перде на сивилото ѝ се
причини како да здогледа бели крилја – еден гулаб замавна силно за да ја
истресе пепелта на исплашеноста, го бакна небото и оспокоен се втопи во
облаците...
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
61
Елизабета Јончиќ
ТОЈ, ШТО НЕ МОЖЕ ДА КАЖЕ
Тој, што не може да каже
за врелиот здив што го подголтнува
за месечината што му ја покрива сенката
за песната што му се изроди во срцето
кога небо во очите гледа.
Тој, што не може да каже
дека на две денот го сече
а ноќта,
ја умножува ко зараснат плевел,
зашто сјајот со кој се покрива
не може да го отскрие.
Тој, што не може да каже
зошто издишката ја пече на градите
та врело му е срцето во денот и ноќта
кога стапките не се помрднуваат.
Тој, што не може да каже
чиј душобол одболува
што стиснува заби и секнува вик
Немир!
Тој што не може да каже
Ќе онеми како риба,
пласната врз врелото масло во тавата на заборавот.
ДАЛИ ЌЕ ДОЈДЕШ?
Ете ја светлината на пламенот
чиј ореол се воздигна гревовно.
И почитта се издува ко пустински песок
Та само правта остана сведок во очите
И глибеж во созерцанието на срцето.
Ти, што од далеку идеш,
стапнуваш ли врз мојот треперливиот ангел
кога милоста твоја ја барам?
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
62
Ти зборувам тебе што секаде си
само до мене не.
Дај му го срцето на ветрот
Ќе гргне бурата над тебе
Ти заврти се кон светлината
Залулај се на прагот од соништата
Начуј што зборува молкот
И, чувствувај
во секоја ѕвезда - песна
во секоја солза -море
Таму во тишината на ноќта
одекнуваат стиховите
таму ветрот шепоти под кожата на земјата
ѕвездени песни.
Од таму вулканот ќе изблуе сѐ.
Така во тишината на ноќта ќе се роди нов ден
Секој миг ќе стане дар
Секој здив нова можност,
Срцето ќе продолжи да пее
Секој удар, секоја дијастола ќе раѓа нова надеж,
Во светлината полна со живот
Јас веќе сум дојден.
ОТУЃЕНОСТ
Во прегратките на осамата
Луѓето стана не луѓе
Станаа сенки
И зборот нивни се преобрази во отуѓеност и гнев.
Во прегратките на осамата отуѓена жена ги сликаше солзите
На платното од заборавената љубов
Чуму радост во лажниот приказ
Со стокмени веѓи и усни од силикон
Во гнездото на заборавот
Пропадна надежта
Пропадна сјајот
Сонцето во очите
и радоста што во жилите пулсираше..
Чуму радост во лажниот приказ
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
63
со паричник преполн
фискални сметки и огрубен труд.
Во гнездото на заборавот
Пропадна моралот
Пропадна еланот
Пријателот во пријателот
И себството со лажна скромност.
Постои ли некој
Што пронашол среќа
Во светот на заборавот
Во огрубениот труд
Во хермелинското гнездо на гневот?
Чуму радост во лажниот приказ,
На привидна среќа и формален живот.
ЦВЕТОТ
Секој цвет е заљубен миг од вечноста
со мирис на пролетни ветрови.
Во тишината на срцето
Ја сокрива болката
Го напојува коренот со вечната жед,
Љубов
Подарува ветувања за слатки плодови
Цвета во надеж,
дава плод во страст.
Во танцот на чудната светлина
Се прелеваат мирисите на милоста
нежно се прегрнува стравот.
Цветот шепоти за љубовта што доаѓа
За денови исполнети со сонце
За забрзаното минливо време..
Пее душата во ехото на вечноста
Таму сѐ е едно
скриеното, изгубеното, виденото...
Блеснува ко светилник
во одразот ги осенчува душите
на патот што води
кон вистината што ослободува.
Секој цвет е заљубен миг од вечноста.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
64
Златко Жоглев - Олгин
ОСЛОБОДУВАЊЕ
Сé ко да припаѓа
на друго време
не чувствува веќе
тешко бреме.
Сé ко да припаѓа
на некој чуден свет
самовили од плеќите
го тргнале јаремот клет.
Она што било важно
в миг станало лажно
ко да е детска сказна
или само илузија празна.
Омаен од стрела Еросова
пред вас стои лик погоден
и никогаш тој не бил
толку среќен и слободен.
15/11/2001 г.
Б и т о л а
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
65
ПОЕТСКА ПОРАКА НА СРЦЕТО
ОД СВЕТОТ НА ТИШИНАТА
На нашите пријателки и пријатели милни,
кои со очите свои слушаат и зборуваат,
на оние кои се различни, но ко нас силни
и тајните свои длабоки в срцето ги чуваат.
Очи милни ширум отворени,
Тие очи во уши престорени.
Допир со рацете- вид што дополнува,
Насмевка- душа ширна што исполнува.
Срце силно разиграно- растреперено,
Со болка и страдања тивки – проверено.
Кога би можеле да бидете толку знајни
За знаете колку имаме неискажани тајни
Со очи тајните видени, со уши тие не слушнати,
Со уста не изговорени, од болка и тага гушнати.
Со уста тие не изречени, никогаш не искажани,
Желби копнежливи, со години в срце врежани.
Клуч за тајни – верувајте, никогаш не се парите,
Насмевка и разбирање, вие треба да ни подарите.
Не сме ко вас исти, а сепак толку слични,
Не сме ни полоши, туку само поразлични.
Малку треба вие да се потрудите,
За надминување на предрасудите.
Секој срце ширно нека отвори
Почит и љубов нека ни подари.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
66
ТРИУМФ
на љубовта кон поезијата
на Илија Џаџев
Човек...Гитара ...Стихови...
Многу инспиративни мигови.
Љубители на поезијата
На едно место збрани седат
И триумфот на љубовта
кон поезијата го следат.
Прстите на Џаџев со гитарата
Убава музика со акорди предат
Стиховите еден по друг се редат
Присутните со внимание следат.
Петнаесеттата книга со пари
сопствени Џаџев ја издава
Но како во времињата стари
Тој никако не се предава.
Иако во културата
Тоа е стара шема
За поезија и книги
Пари доволно нема
Во срцето на поетот
За поезија е поволно
Има љубов доволно.
Љубов длабока и силна,
Љубов возвишена милна
Која вратата ќе им ја замандали
На современите културни вандали.
Да се издаде книга поетска
За Џаџев навистина вреди
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
67
Нова тула тој уште ноќеска
во ѕидот поетски ќе нареди.
Никој и ништо не ќе може
Љубовта на Џаџев да ја згасне
Секој ден таа мили Боже
Само се зголемува и расне.
2. јуни 1981 година,
Скопје
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
68
Мирјана Стојановска
ВОДЕНА СИРЕНА
Ѕирка,
некаде таму од далечина
каде морето е модро, чудно, длабоко.
Таму чита молитва за здравје и благостојба
на сите морски суштества
кои ја прават блескава,
недофатлива,
волшебно убава, таа сирена
која ја прави сечија желба
остварен сон...
Привидение или реалност,
таа ѕирка,
таму некаде во морето,
таму некаде во далечината...
МЕДИТАЦИЈА НА УНИВЕРЗУМОТ
Мирно спие небото.
Мирно е сѐ наоколу.
Некакви звуци на природна харфа
уште повеќе ја потенцираат медитацијата
на целиот универзум.
Како совршенство на дадени фрекфенции
сѐ се израмнува во една точка на постоење
како една капка на ѕвезденото море.
Цела ноќ
собрана во една капка
од моето море.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
69
БОЛКА
Водата чувствува болка,
иста како и мојата болка
која главата ми ја прави бучна кутија
чие ехо ја бранува морската вода.
Болката на водата
тежи колку месечевата плима
што ја шири морската вода
длабоко во песокта на плажата
каде наместо болка,
треба да се излива Љубов,
Љубов,
Љубов!
Ја повикувам водата
да ја промени својата структура
и болката да ја преобрази
во радост,
во среќа,
во надеж,
во Љубов!
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
70
МИРИСОТ НА ВОДИТЕ
Мирисот на водата
како и мирисот на вековите,
се шири низ неа преку брановите
удирајќи по карпите, по камењата,
со нота на мирисен опој,
на идентитет,
на издигнување,
на постоење!
Мирисот на вековите
продира во брановите,
таму каде водите се допираат
една со друга,
таму каде кружат водните вртлози
на струјата на животот за промени,
таму каде се раѓа мотивот,
таму каде мириса на ново,
каде мириса на мало дете,
каде мириса на нов живот,
на ново раѓање!!!
Како револуција,
како извојувана победа,
насекаде се шири
мирисот на водите.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
71
Илче Стојановски
ДОАЃА ЕСЕНТА
Доаѓа есента во окото на твојата солза
во дождот ја препознавам
патеката на жолтите лисја
во паркот на нашата љубов.
Доаѓа есента плодородна и плодотворна
мајка на нашиот заеднички сон
за топол дом во семејниот двор
каде допира мирисот на разнобојни цветови.
Доаѓа есента со вкусот на плодовите
зачнати во цветовите
милувани од нашите погледи
полевани со утринска роса.
Доаѓа есента на нашата порта
застаната врз гранките на ореовото дрво
лешникот и старата лозница
како патник на сред пат.
Влезот е блиску
пред прагот и портата што се отвора
доаѓа есента, таа раскошна убавица
со шарен фустан до петици.
МОЈОТ ПАТ
Мојот пат е создаден од соништа
и бескрај што ме води...
до сонцето, до ѕвездите,
до светлината на судбината
според Божјата волја и промисла.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
72
Го изодувам внимателно
мислата да не ми избега, да не ми изгори
патем да не го изгубам зборот
во името на мојата татковина.
Родословот да го заклучам во срцето
во споменот на денот на моето раѓање
во животот што поминува во мигот
на случувањата од постоењето.
Мојот пат е трагата на писмото
напишано со триесет и една буква
во дланката на моето детство
како жиг – печат на времето.
Го изодувам тивко
покрај еден цвет
од мало црвено лале
со опоен мирис што заведува за век
и едно осамено дрво...
Тука се роди мислата, зборот и песната
од гласот во сонот,
според кажувањата на мајка ми.
Тука започна мојот пат... до бескрајот...
ПАТУВАЊЕ ДО БЕСКРАЈОТ
Постојано патување
е патот до бескрајот,
зборот што не престанува да молчи
и кога е тишина.
Мислата кога зборува
во твојата глава,
во спокојот на утрото
и залезот на сонцето.
Во сонот од спомени недосонувани
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
73
што го чекаат мигот,
да пристигне патникот од далеку
пред прагот на својот дом.
Моите соништа го чекаат утрото
и новиот ден во спокојот на сонот
и патот до бескрајот
во моите мисли...
ПРЕМИН ПРЕКУ ПРУГАТА
Постојано мислам на тебе,
како ја преминуваш пругата
како се крева и спушта рампата
кога наидуваат возовите со својот пискот.
Нивниот звук ми ја бранува душата
во долгите бессони ноќи... и ...
постојано размислувам на твојот чекор
што го правиш преку шините.
Немирот царува во мојата мисла
како солза што се тркала по лицето
како зборот што го изузстувам од душата
со силна надеж за твојот спокој.
Застанувам на патот до бескрајот
пред неизвесноста што надоаѓа,
застанувам пред силната бура
и му пркосам на ветерот.
Ноќта доаѓа молкум
во тишината на нашиот сон
будејќи ја во мене силата на денот
што одминува галејќи ја мојата душа.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
74
СИЛАТА НА МОЛКОТ
Молкот ми создава сила на земјотрес
што создава ерупција од мисли
кои тлеат во огнот на постоењето
во каминот на животот.
Молња е зборот што извира од молкот
како искра во жарот од спомен што тлее
што пее во стихот на мојата младост
како трага на патот до бескрајот.
Останувам на брегот
каде постојано ја чекав вечноста
и пролетта во очите на сонцето
што се раѓаше во утринска роса.
Тие зраци што се прекршуваа
во езерските води и карпите што молчат,
нивниот звук што трепери
како најубава пријатна музика.
Во ликот на мојата муза
што пее со силата на молкот
во очите што ме гледаат
како стрела вперена кон срцето.
Таму е зборот скриен...
не ми го убивај
пред да ја погалам мислата
со силата на молкот, тишината.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
75
Никола Илијовски
ДУВА ИЛИ ВРНИ
Ветар дува, или врни
Шумолат гранки или бегаат срни?
Лето и во него залутан ветар
И златна месечина по небото што шета
Или гласови што оддалеку идат
И желби чудесни што не смеат да се видат
Кој ќе погоди, кој ќе каже
Волшебник или танцувач по јаже?
Можеби песна што во мислите се гласи
И јава на ветар што доаѓа да не спаси.
КРАТОК ДЕН ЗА РИБОЛОВ
Тргнавме пред зајдисонце
По усвитени улици, со засушени грла, под голо небо
и со една рака желби што не се кажуваат,
оти се сонуваат пред смрачување
кога сите ѕвезди се враќаат на старите места.
Кога тргнувавме знаевме дека треба брзо да се вратиме,
од патот ни долг ни кус
што мора да се изоди.
А кога стигнавме
заборавивме на се.
Пред нас езерото бакнато од сонцето
мирисаше на риба...
И до кај што поглед ни стига ги пославме очите во тишина,
додека сонцето заоѓаше од почетокот на времето.
Мојата јадица е катапулт што се расфрла со храна.
Уловот го пуштаме
оти така ги славиме желбите што ни стојат в рака
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
76
А Кој ќе ги исполни?!
А Кој ќе ги исполни?!
Ноќта си легнува врз езерото
како пијана госпоѓа
и залудни стануваат сите напори да се продолжи.
Денот е краток за риболов.
МЕЛАНХОЛИЈА
Светот паѓа во амбис
Сите илузии горат под сонцето
Денот е долг како вечно чекање на нестореното
Дното е длабоко и изгледа дека ништо не е важно.
Но, иако птиците ги менуваат гранките
и жиците, пак пеат иста песна.
Зборовите пишуваат во воздухот пијани рефрени.
Мојот коњ чека подобри времиња за раѓање.
Додека светот паѓа,
амбисот ја губи смислата
и ветровите повторно дуваат по истите координати.
Тогаш бесмислено е паѓањето
Колку што е тешко умирањето
На една ѕвезда таму негде.
Сите желби се растопуваат како сладолед во летно пладне...
И веќе е ноќ
И штурци тука и таму
И летен сон што е навикнат да чека
И коњ потеран во кас
И шум од дрва покрај ладна река.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
77
ПРОВЕТРУВАЊЕ
Ја отворив вратата
за да излезат сите премислувања.
Внатре влезе ветер
и ми донесе мисли од далечни краеви.
Го отворив и прозорецот
за да одлетаат сите премолчувања.
Внатре влезе ветер
што ми кажа дека понекогаш е неопходно гласно да се фучи
и дека неизбежно е да се поместуваат ќерамидите од покривите
и олуците и да се спојуваат жиците од бандерите
Ако се мора, ако се мора.
Кога ги отворав и вратата и прозорецот
се создаде промаја - домашен ветер,
Но, сепак можев да намирисам чад
и мирис од свежо печено месо.
И можев да наслушнам копнеж
и распукување на дрво додека огнот му навлегува во срцевината.
Небото брануваше,
облаците се полнеа со дожд како доилка со млеко.
И беше лесно да згрешам што да мислам.
И беше лесна секоја нова мисла.
Кога ги отворав вратата
и прозорецот барав само свеж воздух,
но добив повеќе, но добив повеќе.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
78
СОБА ВСЕЛЕНА
Ја исклучив светилката
И беше ноќ.
Две светулки влетаа внатре
И ги добив првите ѕвезди.
Ја затворив вратата
И бидна тишина.
Јас сум метеор за каучот.
Душекот ги знае сите мои падови.
Повторно легнав на перницата од илузии
и светот стана мал.
Почна да зуи комарец,
го бараше моето десно уво и помислив:
ете го мојот вселенски брод,
само е премал за да се качам на него.
А собата беше совршено темна и
ѕидовите не можеа да се видат.
И мојата вселена
одново се раѓаше во ноќта
и траеше доволно долго,
од едно до друго каснување на комарецот.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
79
Даниела Андоновска-Трајковска
ОД ЦИКЛУСОТ „КУЌИ И ЗБОРОВИ“
КУЌИ ПЕПЕРУТКИ
Има куќи од кои зборовите
полетни и разиграни
излегуваат надвор
како пеперутки
со насмеани крилца
Но и тие завршуваат на нечии раменици
со згмечени срценца
удавени во солзи
пуштени по канализацијата
КУЌИ СО ДУПКА ВО МОЗОКОТ
Има куќи од кои зборовите
со голема брзина и лутина излетуваат
како камења фрлени на калдрмата.
Си ја удираат главата во други камења
и со дупка во мозокот и крв под јазикот
се пикаат во погледот на прозорците
за пак да се најдат на улица
скршени и осамени.
Како во маѓепсан круг
од кој не можат да излезат.
КУЌИ КАКО ЕКСПРЕСНИ ЛОНЦИ
Има куќи кои како експресни лонци
си ги празнат своите стомаци на улицата
не можат да го издржат
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
80
желудочниот сок на болката
пропаѓаат надолу
привлечени од гравитацијата на стравот
А, таму нема никој
– само празни и напуштени чекори
распрснати на асфалтот.
КУЌИ БЕЗ ЗБОРОВИ
Има куќи од кои зборови не излегуваат.
Куќи безгласни.
Отапени.
Неми.
Со солено ехо што ги влажни ѕидовите
од внатрешната страна на собите.
Црни зборови налепени во ќошињата,
зад шпоретите, зад витрините и креветите,
зад погледите.
Се умножуваат безгласно,
ти предизвикуваат алергии и астматични напади,
а ти не знаеш што ти е, во суштина.
Си мислиш дека си болен и се обидуваш
со медикаменти да си ја излечиш болеста.
И, не ти текнува дека сѐ лошо ти доаѓа од влагата
која не само што не ја пушташ да излезе надвор,
да испари и да земе со себе сѐ што те убива,
туку уште повеќе ја затвораш
и ја умножуваш во очите.
Солена е и ти го штипе погледот.
И не ти текнува дека поради неа
не можеш јасно да гледаш.
Кога само би можел да се сетиш
да ја избришеш со ракавот,
да ја исекнеш во марамче
и да ја фрлиш надвор.
Што подалеку од тебе.
Но, не ти текнува.
И си остануваш внатре,
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
81
со црното во градите
што не можеш да го искашлаш
ниту во вид на еден единствен збор.
БРЕМЕНИ КУЌИ
Има куќи кои кријат други куќи
Во посебни одаи
И секоја од нив сама во себе живее
И секоја од нив сака да избега
Од под покривот што мислите ѝ ги заробува
И секоја од нив има затворен поглед
Што се проектира на празни ѕидови
Со чудна естетика
КУЌИ ЛАВИРИНТИ
Не влегувај во куќа
Која сака да ти ги зароби мислите во лавиринт
Од осудувачки зборови
Нема да знаеш чии зборови се твои
А чии нејзини
Зашто болката исто зазвучува
Кога се прекршува од шупливи предмети
КУЌИ НАПУШТЕНИ
Има куќи од кои времето одамна веќе излегло
Како од школка извиткана во празнината
И нема никогаш исто да се врати
Спомените пред вратата се тешки
Каменот на човечноста спие под черџето
Сеќавањата капат од покривите
Како капки дожд по лицето на детето питач
Кое со отворена дланка и молежлив поглед
собира секунди
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
82
КУЌИ ОД СОНИШТА
Има куќи направени
од соништа
Во тие куќи
мислите имаат различен корен,
а исто стебло
и се разлистани кон
небото
ГЛЕДНА ТОЧКА
Знам една куќа со зацрвенети образи
која не е куќа туку море
И еден човек што живее во неа
Кој е остров а не човек
И една слобода што тече на сите страни
со јалова земја наместо срце
И една тишина што се удира со главата во брегот
и притиска силно
на ушните тапанчиња на времето
И едно сеќавање кое дише на жабри
а е на копно
...
Има еден рид осамен. Пуст. Без вегетација.
Велат остров бил некогаш, а можеби и не бил.
Има и едно море длабоко. Живо. Полно со приказни.
Велат куќа било некогаш, а можеби и не било.
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
83
КАЈ ТЕБЕ ПОСТОЈАНО
НЕКОЈ ДОАЃА И СИ ОДИ
кај тебе постојано некој доаѓа и си оди
ќе си ги навре на нозете твоите стари влечки
ќе се шета низ куќата како да е негова
ќе јаде од твојата чинија
од пилешкото што ти си го зготвил
и ќе пие од виното што го чуваш за посебни пригоди
уверувајќи те дека
неговото доаѓање е посебна пригода
ќе легне на креветот на кој спиеш
и дремката ќе ти ја украде дури
а ти сто пати на ден ќе излегуваш
и ќе влегуваш во сопствената куќа
плашејќи се да не му го нарушиш раетот
или да не изгубиш трпение
кога гледаш како далечинското од телевизорот
реагира така брзо на туѓи прсти
а кучето твое му спие под мишка
и неговите чекори ги душка
без да забележи дека тоа не си ти
и кога ќе си замине исто така како што дошол
ти никогаш нема да им кажеш
на твоите дома
дека тоа не си бил ти
и дека туѓи зборови биле тие
кои се задржувале во нивните срца
и дека туѓи бакнежи биле тие што ве разделуваат
и дека несреќата нивна не е од тебе предизвикана
и дека кучето пак мора да спие покрај твоите нозе
и дека којзнае по кој пат
заминуваш и се враќаш
никогаш ист
и дека којзнае по кој пат
и тие се преправаат
дека те гледаат
секогаш ист
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
84
ПРОМАЈА
глува промаја си ја удира главата во ѕидовите
ѕидовите се кријат зад испукани огледала
во кои се огледуваат прозорците
прозорците го стискаат погледот во своите зеници
и панично се држат од внатрешната страна на вратата
вратата се заклучува одвнатре и ги голта клучевите
клучевите се лизгаат низ грлото
како студена мисла што не простува
мислата се разводнува во желудникот
и станува обичен збор што се изговара во полусон
полусонот се буди како сон
сонот заборава дека постои
и продолжува да живее во јавето
КАДЕ ЖИВЕАТ НЕСРЕЌИТЕ
Несреќите се чудни нешта
немаат тело, а сепак, можеш да ги видиш
како се движат по улиците. Застануваат пред излозите
на големите стоковни куќи и со остар и прецизен поглед
ги пронижуваат мислите на луѓето што се движат во толпа
и бесцелно се судираат едни во други,
трчајќи по попусти и бонуси,
надевајќи се дека ќе си купат среќа.
Несреќите ѕиркаат и низ прозорците на куќите
притиснати со увото на бетонот
ги земаат на себе вибрациите
што можат да ги направат среќни.
А потоа
Потоа и сами си избираат човечки тела
од тие излози на човечки судбини
и се населуваат во нив како тенија во дегестивниот тракт
и си молчат таму со години
хранејќи се од животната енергија на домаќинот
кој не ни знае дека во него смртта живее
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
85
Несреќите се живи само ако имаат дом.
Топол. Безбеден. Безгласен.
Дом што нема да поставува многу прашања
и кој брзо се предава.
И, што е најважно, несреќите живеат долго.
Толку долго што се забораваат себеси.
Ете зошто сѐ повеќе луѓе страдаат од деменција
И не можат да го најдат својот дом
Дури и ако некој им рече да запалат
чкорче на надежта
во некоја студена Божиќна вечер
со замрзната песна во грлото
РТГ БЕЛИ ЗБОРОВИ И СРЦЕ
Белите дробови на еден поет
Мачно се поткреваат во ритам на тишината
И молчат
Зборовите се кријат во една рапава
Надразнувачка и крајно неподнослива кашлица
Која отсекогаш имала јасно изразена идеја
Но не секогаш знаела како да биде продуктивна
Билатерална плеврална ефузија
Срцева сенка не се следи
Трахеа и бронхуси слободни
Да се доиследи со КТ пулмо со контраст
Во работен ден – рече радиологот
и кисело, па дури и вознемирувачки, се насмеа
Сенката го гушна срцето
И го ослободи во
песна
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
86
Јована Матевска Атанасова
КНИЖЕВНАТА ОРДИНАЦИЈА
Најраните спомени од одењето на забар ми започнуваа во библиотеката.
Без дообјаснување, мојот исказ повеќе би се доближал до дефиницијата за
надреализам отколку до детски спомен. Бев малечок и не си ја знаев силата,
ниту на бесконечната решителност, ниту на дланките кои се стегаа во знак
на протест и мариовски инает, дијагностициран од баба ми по мајка. Малку
е да се каже дека за машко дете бев страшливец. До шестата година селската
бајачка Нада ја бев посетил исто толку пати колку и прабаба ми Стојанка.
Уплавот слободно се шеташе низ мојата глава и тело и не му требаше долго
од умот да се спушти до устата. Забите ми се ронеја, некои црни чкртаници,
точки и интерпункции се провнуваа низ процепите и се криеја таму сѐ
додека не ги откриеше педантната тетка Четка (да надоврзам дека според
сведоштвата на мајка ми сум прозборел дури на 4 години). Оттаму, беше
сосема логично да развијам уште еден нов страв. Се јавуваше најчесто во
прашална форма на неизвесност и за првпат го запознав светот во рушење
штом дојдеше време за посета на стоматолог. Телото вгради систем за
навигација кој се расипуваше, одев, а нозете ми се враќаа.
Тешко е за еден родител да се справи со сите стравови на своето дете одеднаш,
особено доколку тие стравови ги крие, како што ги крие и расипаните заби
кои му предизвикуваат болка и ситни електрошокови. Морам да признаам,
доколку постои рангирање на мајчинскиот инстинкт во мајките, тогаш мајка
ми ќе биде сместена некаде на врвот. Не ѝ требаше долго да ми ги открие
намерите и претрпената мака, насмевка што пречесто зајдуваше во однос
на детските години. Во почетокот проба да ме придобие со ветување за
играчки, па дури и некои шеќерни злосторства спакувани во колачиња, кои
спротивно на обидот да ме држат подалеку од стоматолошкиот трон побрзо
ќе ме вседлаа во него. Преочигледно беше дека ниту една играчка или
јаглехидрат нема својство да го поништи стравот и да ме успокои. Успеваа
накратко да го потиснат од мислите, а тој кога ќе се вратеше беше посилен
од претходно, со неверојатно длабока плима во чии вртлози остануваав да
паничам без здив.
Пребледував и бев љубоморен на луѓето од постерите во стоматолошката
ординација, како тие имаа здрави и бисерни насмевки, на што се должеше
тоа? Мојата когниција направи паралела помеѓу млечните заби и млекото, па
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
87
сакајќи самиот да си помогнам, пиев по 2 литри млеко на ден. Без разлика на
сѐ млечните заби се нишаа, се ослободуваа како лисја од подлогата и паѓаа,
се расипуваа и се стружеа дополнително додека во агонија ги стегав рачките
на столот. Не бев ни послушник на обратната психологија и ентузијазмот на
мајка ми речиси исчезна, сакаше да се предаде на судбината дека ќе има син
што ужасно ќе се плаши и ќе припаѓа при секоја посета на стоматолог, па за
да си го олесни менталниот притисок ќе ги остави да се расипат сите заби
од катник до секач.
И тогаш го откри лекот, кој во нашата традиција обично вреди пет пари.
Беше јануари, но таков немоќен со сув студ, без снежни наноси, шуплив
колку умник. На патот до школската амбуланта скршнавме кон Градската
библиотека „Св. Климент Охридски“, мајка ми да ја врати зајмената книга,
не се сеќавам точно која, но се обложувам дека беше историска романса,
затоа што до денешен ден му остана верна на жанрот. Влегов со неа, не
ја пуштав од рака, ме зашеметија светилките и болничката чистота, па и
некој чуден, а опоен мирис на хартија и таков што не се објаснува, но носи
ноти на формалност во секоја институција. По влегувањето во библиотеката
повторно свртевме десно и се построивме пред вратата од пространата
просторија низ чија должина се протегаа огромни вериги полици и се
извишуваа од подот речиси до таванот. Останав со подотворена уста. Штом
човекот пред нас излезе, прибирајќи ја книгата, мајка ми отиде до масата
што имитираше шалтер. На библиотекарот му ја подаде книгата заедно со
картончето за зајмување. Тој ја зеде и во картончето почна да запишува.
„Ќе ве молам книгата „Писмата во библиотеката“- смирено и тивко му рече,
а јас сѐ уште се обидував да ги спојам буквите од двата збора напишани над
шалтерот во просторијата, пластифициран патоказ, што на две синџирчиња
висеше од таванот. ОД-ДЕЛ ЗА ВОЗ-РАС-НИ, се здрмав од радост кога ги
поврзав во целина. Мама ме стисна по дланката, давајќи ми знак да бидам
мирен, бидејќи по развојната дефиниција на дете можев да избувнам од
добро стоење.
Библиотекарот стана и помеѓу вториот и третиот ред гондоли почна
да пребарува. Мислам дека крикнав кога ја изваде книгата. Ова беше магија.
Да, магија, да успееш помеѓу толку книги да ја најдеш онаа вистинската,
беше како да бараш зрнце песок во пустина. Мора да изгледав претерано
вџашено, штом мама, уште додека библиотекарот се враќаше на својата
позиција зад шалтерот, односно масата што служеше за таквата намена,
излезе со нова побарувачка.
„А знаете, би можел и мојот син да позајми некоја сликовница.
Штотуку ја научи азбуката.“, така гордо ме претстави што образите ми ги
прештипа црвенилото. Библиотекарот не рече ништо, само со пенкалото, со
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
88
кое впишуваше повторно во картончето, посочи на знакот над него „Оддел
за возрасни“. Мајка ми продолжи да се објаснува. „Знам дека ова е оддел за
возрасни, јасно ми е, меѓутоа навистина ќе ни значи и на двајцата.“, со десната
рака ја загради устата и му дошепна на библиотекарот, недоволно успешно,
бидејќи јас слушнав сѐ. „Одиме на забар, а има голем и нерационален страв.
Ве молам.“
Иако не ми беше мило што мајка ми го споделува мојот страв со некој
непознат, за што строго ми беше забранувано не само да разговарам туку
и да споделувам детали со туѓинци, сепак во мене процвета симпатијата,
безусловната љубов на едно дете кон мајката, нејзината незапирливост
да најде лек за мојот природен страв кој нејзе ѝ се чини неразумен.
Библиотекарот неволно цукна, но повторно без да изговори било што, ни
покажа со раката дека се согласува и ни дозволува да се доближиме до
овие чудовишно големи гондоли за да провесламе низ нивната содржина.
Мама ми даде насока и наскоро бев опкружен со шарените и елегантно
тенки ‘рбетници на сликовниците. Толку се возбудив што заборавив која
е крајната дестинација на нашето попатно застанување. Кога мајка ми
ми даде одобрување да ги подизвадам од нивното легло, па дури и да ги
разлистам, почувствував блага несвестица. Сликовниците се одвојуваа со
нишкање како заб помеѓу соседните. Во моите раце скокаа и оживуваа,
букви и илустрации, јунаци и грабливи животни, шаренила и студени бои.
Погледна во рачниот часовник.
„Побрзај, ќе задоцниме.“
Тогаш реалноста тапо ме удри по главата. Се натажив и ја зграпчив
сликовницата со жолтеникава мека корица со две, кафеави глувчиња на
насловната. За последен пат мама му го подаде картончето на библиотекарот
и со срдечни поздрави, пред да бидеме предупредени дека книгите треба
да се вратат за седум дена, во спротивно се доплаќа казна за доцнење, ја
напуштивме библиотеката.
Немавме уште многу за пешачење, и иако стигнавме навреме, медицинската
сестра нѐ натера да причекаме во ходникот, клаустрофобичен и сив, во кој
љубопитноста се кршеше под потпетицата на стравот. Наместо вртоглаво
да зјапам во постерите ја отворив сликовницата. Ми требаше некое време
додека да го дофатам насловот. „Авантурите на Тик и Ток“. Двете домашни
глувчиња Тик и Ток ќе заспијат во големиот ѕиден часовник и однатре ќе
направат цела низа на згоди и незгоди на стопаните, па дури и ќе успеат да
го вратат времето назад. Пред да откријам што ќе се случи, медицинската
сестра ја отвори вратата од ординацијата. Ме повика. Забарката се
поздрави со пациентката, а јас ја распетлав јакната и рефлексно ја оставив
сликовницата во скутот на мама. Во мислите тонев во сликовницата и сакав
Деветнаесетта Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
89
што побрзо да заврши оваа стоматолошка средба за да ја прочитам докрај.
Ѕиркав низ левото око и тонев во пејзажот уловен зад прозорските решетки.
Тоа попладне пишаниот збор стана моја доживотна анестезија. Покрај тоа,
поправањето заби беше уште еден изговор да се изгубам помеѓу натежнатите
полици со книги, слатка условеност помеѓу здравјето, мојата пасија и една
книжевна ординација-Градската библиотека.
Содржина
Добре Тодоровски .........................................................................................6
Калап ......................................................................................................6
Ванде Ганчевски ...........................................................................................9
Лош белег од 2001 ................................................................................9
Светлана Папачек ........................................................................................12
Секоја книга – еден живот ...................................................................12
Мастилаво ..............................................................................................12
Прочитана книга ...................................................................................13
Петре Димовски ...........................................................................................14
Сунгур Чауш-Бег се враќа во Битола ..................................................14
Митрополитор Григориј .......................................................................16
Убавина пренесена на слика ...............................................................18
Џон Лонгворд во конзуларно претставништво ..................................22
Невеста во битолскиот амам ................................................................24
Митра Дупчиновска ....................................................................................26
Плетенка од сегашност и минато ........................................................26
Дом ........................................................................................................33
Биљана Т. Димко ..........................................................................................34
Симон Рагин ..........................................................................................34
Сања Мучкајева Видановска .....................................................................37
Кој го уби Трајан М?.............................................................................37
Биљана Тодоровска .....................................................................................43
Сонот за Казак чешма...........................................................................43
Дама .......................................................................................................44
Фениксот ................................................................................................45
Христо Петрески ..........................................................................................46
Ванчо Николески се враќа во Црвена Вода........................................46
Присој и осој .........................................................................................46
Биографија .............................................................................................47
Приспособување ...................................................................................48
Средба со пајакот ..................................................................................48
Аз буки веди ..........................................................................................49
Милица Радевска .........................................................................................50
Модални зборови ..................................................................................50
Анафора .................................................................................................50
Расказ за приказ ....................................................................................51
Патос и парадокс ...................................................................................51
Израз и исказ .........................................................................................52
Весна Мундишевска-Велјановска ............................................................53
Ден. Школски ден. ................................................................................53
Елизабета Јончиќ .........................................................................................61
Тој, што не може да каже .....................................................................61
Дали ќе дојдеш? ....................................................................................61
Отуѓеност ..............................................................................................62
Цветот ....................................................................................................63
Златко Жоглев - Олгин ................................................................................64
Ослободување .......................................................................................64
Поетска порака на срцето од светот на тишината .............................65
Триумф ...................................................................................................66
Мирјана Стојановска ..................................................................................68
Водена Сирена ......................................................................................68
Медитација на универзумот.................................................................68
Болка ......................................................................................................69
Мирисот на водите................................................................................70
Илче Стојановски ........................................................................................71
Доаѓа есента ..........................................................................................71
Мојот пат ...............................................................................................71
Патување до бескрајот .........................................................................72
Премин преку пругата ..........................................................................73
Силата на молкот ..................................................................................74
Никола Илијовски .......................................................................................75
Дува или врни .......................................................................................75
Краток ден за риболов ..........................................................................75
Меланхолија ..........................................................................................76
Проветрување .......................................................................................77
Соба вселена ..........................................................................................78
Даниела Андоновска-Трајковска ..............................................................79
Куќи пеперутки .....................................................................................79
Куќи со дупка во мозокот .....................................................................79
Куќи како експресни лонци .................................................................79
Куќи без зборови ...................................................................................80
Бремени куќи .........................................................................................81
Куќи лавиринти .....................................................................................81
Куќи напуштени ....................................................................................81
Куќи од соништа ...................................................................................82
Гледна точка ..........................................................................................82
Кај тебе постојано некој доаѓа и си оди ..............................................83
Промаја ..................................................................................................84
Каде живеат несреќите .........................................................................84
РТГ бели зборови и срце ......................................................................85
Јована Матевска Атанасова .......................................................................86
Книжевната ординација .......................................................................86
ДЕВЕТНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
НА БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Издава:
Националната установа – Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
Лектура
д-р Јана Михајловска - Иванов
Компјутерска обработка
м-р Зоран Јанакиевски
Печати
Графо Пром - Битола
Тираж
100 примероци
Зборникот е финансиран од
