ОСУМНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
СО БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Зборник на излагања
National Institution - University Library
“St. Kliment Ohridski” - Bitola
EIGHTEENTH HOMELAND MEETING
OF THE BITOLA WRITERS IN MACEDONIA
Collection of presentations
Round Table, Bitola, 2023
Bitola, 2023
Национална установа - Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
ОСУМНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
СО БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Зборник на излагања
Тркалезна маса, Битола, 2023
Битола, 2023
Издава
Националната установа – Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
ул. „Пеце Матичевски“ бр. 39, Битола
За издавачот
м–р Бојан Стефановски
Издавачки совет:
м-р Јелена Петровска
докторанд Фатма Бајрам - Аземовска
м-р Милка Котевска
Главен и одговорен уредник
м–р Гордана Ѓоргиевска - Неделковски
CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје
821.163.3-1(082)
821.163.3-32(082)
РОДНОКРАЈНА средба со битолските писатели во Македонија (18 ; 2023 ;
Битола)
Осумнаесетта роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
: зборник на излагања, Тркалезна маса, Битола, 2023 / [главен и
одговорен уредник Гордана Ѓоргиевска - Неделковски]. - Битола :
Национална установа Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”,
2023. - 85 стр. ; 25 см
На напор. насл. стр.: Eighteenth homeland meeting of the Bitola writers
from Macedonia : collection of presentations Round table, Bitola, 2023
ISBN 978-608-4538-98-1
COBISS.MK-ID 61699077
5
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
18. ЗБОРНИК НА ИЗЛАГАЊА
(18. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија)
Голема чест ми претставува што после одржани 17. Роднокрајни средби,
овогодишната 18. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија
ја презедов од мојот колега д-р Николче Вељановски-библиотекар советник,
по неговото заминување во пензија.
Пред мене се постави нова задача која бара посебна посветеност за да
ја продолжам традицијата на организирање на тркалезна маса на која скоро
две децении присуствуваат истакнати имиња од светот на пишаниот збор,
а на наше огромно задоволство и наши роднокрајни писатели. Темата на
овогодишната тркалезна маса беше „Огледало на мојата душа“, која имаше
за цел секој писател да ни испрати неколку од своите творби, напишани во
проза, поезија, критика, поезија во проза итн., сè со цел да се стави акцент на
стилот на кој што пишува секој од писателите. На тој начин сметав дека ќе
допреме поблиску до читателот, односно секој читател ќе може да погледне
во душата на писателот, читајќи ги творбите кои писателите избраа да ги
достават за 18. Роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија,
а истите ќе бидат запишани во овој Зборник.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
6
Оваа година во Зборникот ќе бидат објавени творби на 14 роднокрајни
автори: Славица Гаџова Свидерска, Петре Димовски, Биљана Т. Димко,
Никола Илијовски, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска,
Сања Мучкајева Видановска, Христо Петрески, Михајло Свидерски,
Мирјана Стојановска, Илче Стојановски, Добре Тодоровски, Даниела
Андоновска Трајковска, Златко Жоглев, чии текстови беа избрани.
Приредил м–р Гордана Ѓоргиевска - Неделковски, библиотекар
7
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Даниела Андоновска - Трајковска
ФЕНОМЕНОЛОГИЈА НА ЗНАЧЕЊЕТО
Стојан беше најстрогиот професор на Катедрата за македонски јазик
и книжевност, а таа – најбунтовната студентка што некогаш студирала
таму. Беше натпросечно интелигентна, но и исклучително убава со своите
180 сантиметри. Особено ѝ причинуваше задоволство да им подметнува
интелектуални замки на своите професори за да ја покаже својата
доминација над нив, докажувајќи им дека дипломата не го прави човекот
тоа што е и дека мудроста не доаѓа заедно со тоа парче хартија, кое во
денешно време и некој припадник на средната класа може да си го купи на
црно. А, не помалку уживаше во подметнувањето комуниколошки замки на
професорите од спротивниот пол за да ја докаже женската ингениозност,
проникливост и способност за манипулација, женската надмоќ и способност
за управување со настаните што „инцидентно“ се случуваа, убивајќи ја во
поим културолошко наметнатата доминација на машкиот над женскиот пол.
Така сосема „инцидентно“ на професорот по Лингвистика му се случуваше
да му се исуши устата во текот на предавањето, да го изгуби гласот и
способноста за создавање правилна синтаксичка конструкција, па дури
и да ја напушти предавалната, бидејќи неговиот поглед не можеше да се
подигне повисоко од нејзиното деколте, кое се брануваше на секое нејзино
потпирање де на едната страна од клупата де на другата. Плимата и осеката
наизменично се менуваа кога таа ќе се налактеше на масата, а потоа ќе го
олабавеше своето тело и ќе се потпреше со грбот на столчето, а професорот
ја напушташе предавалната токму во моментот кога крвта ќе му јурнеше на
едно место што не можеше да се скрие ниту под главните реченични членови,
ниту под прилошките определби, ниту под лексемите, ниту под семемите, а
најмалку под фонемите, кои правеа значенска разлика само во апстрактната
перцепција на неговото секојдневие, во кое беше навикнат студентките
да му се воодушевуваат и да го голтаат со поглед, испуштајќи нечујни,
но конкретни воздишки, а за волја на вистината, лингвистиката никогаш
не била повисока, позгодна и попривлечна. Проблемот тука беше што на
Деспина, и покрај тоа, воопшто не ѝ беше привлечно неговото однесување на
алфа-мажјак и неговото самозадоволство кога ќе го почувствуваше на себе
погледот на студентките во амфитеатарот. И, едноставно мораше на некој
начин да го казни тоа негово однесување на волк што чека во заседа облечен
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
8
во јагнешка кожа, а и да му докаже дека жените не се беспомошни пред
стереотипите, ниту се глупави, дека не се плашат од машкото напумпано
его и дека професорите не смеат да ја злоупотребуваат својата позиција
на надмоќ за да го добијат тоа што го сакаат, па макар било тоа и обично
внимание или обожавање. Исто толку „инцидентно“ беше и испружувањето
на нејзината гола долга нога во амфитеатарот за време на предавањето
на професорот по Англиски јазик или грицкањето на пенкалото за време
на испитот кај асистентката по Семиологија, која ја тестираше дали има
хомосексуални склоности и ништо повеќе, или предизвикувачкиот поглед
што му го упатуваше на професорот по Историја... Таа не беше феминистка
по убедување, значи не се бореше активно и јавно за некакви права на
жените во општеството, туку инстинктивно ги казнуваше девијантните
перцептивни појави дека жените се „послабиот пол“ и поради тоа не треба
да уживаат некакви права или дека треба да го чекаат својот маж заштитник,
без разлика дали тоа беше став на маж или на жена. Значи, сепак била
феминистка по убедување. Тој нејзин став на сите им беше познат, бидејќи во
една ситуација на годишната конференција што ја организираше факултетот,
пред аудиториумот презентираше свој интердисциплинарен труд во кој
ја застапуваше тезата дека европската фантастична сказна со разубавени
романтичарски модификации од страна на Вилхелм Грим, европската
сказна од типот на „Заспаната убавица“, „Пепелашка“ и „Снежана и седумте
џуџиња“, е штетна за родовото воспитување на децата, и дека токму поради
тоа жените се чувствуваат инфериорно во поглед на мажите, и дека токму
поради тоа просечната млада жена, па дури и таа што е интелектуалка, го
чека својот заштитник цел живот и, сосема неподготвена, и покрај многуте
подготовки од баби и мајки по принципот на егземпларност, влегува во
традиционалната игра што мажите и жените ја играат со векови, во која
жената треба да седи дома, да пере, да готви, да раѓа и да молчи и да чека
да ѝ се врати нејзиното „маже“, за кое е нормално да биде отсутно од дома.
Дека, колку и да мислиме дека сме напреднале во тој поглед, денешната
жена и не се разликува толку многу од жената во седумнаесеттиот век, која
си ја напудрувала кожата, си ги поткаснувала усните за да ѝ бидат потенки и
поцрвени, си ги покривала физичките недостатоци под раскошната облека,
си ја стегала половината до болка со конците на медиокритетите, плаќала
уметници за да насликаат нејзин портрет во светло во какво сакала да се
претставува пред другите, а потоа со стиснати уснички и загадочно воден
поглед им се насмевнувала од другата страна на платното на потенцијалните
мажи, го следела говорот на мажите и се приспособувала на него, учела
како да разговара со нив, истакнувајќи ја нивната супериорност, односно
својата инфериорност, и секогаш знаела кога да ја напушти просторијата.
9
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
И, сето тоа за да биде допадлива и да може да си ја оствари својата животна
цел – да се омажи. И денешната жена го прави истото, со таа разлика што
сега ќе си отсече дел од носот, ќе си вбризга течност во усните, ќе си стави
леќи во боја, ќе си ги подигне очните капаци, ќе си го потсече подбрадокот,
ќе си го ишмука салото во леѓен во салата за липосукција, ќе си извади
неколку ребра, ќе си го смени личниот опис, ќе се селфира и фотошопира
до бескрај и насекаде ќе ги објавува своите педикирани стапала. Така
зборуваше Деспина пред аудиториумот, кој со подзината уста ја слушаше.
Всушност, таа веруваше дека успехот нема пол и не треба да се вкалапува во
некаквиси квоти и процентуални учества на жените на високите раководни
функции, ниту во парламентот, а ниту во каква било општествена заедница.
Едноставно е – човекот може да биде ограничен од својот ум, од своето
малограѓанство, но никако не смее да биде под притисок на полот, или
на родот, или на етничката припадност, или на културната социјална
деменција во име на зачувување на некакви естетски вредности, а во слава
на елитизмот и социјалната неправда. А, мора да се признае и дека уживаше
во тоа себепокажување и сеприсутност, бидејќи, и кога не беше физички
присутна, сите зборуваа за неа – студентите што ја познаваа, оддалеку ја
нарекуваа Кучката, нејзините колеги од истата студиска група ја обожаваа,
бидејќи таа беше артикулација на гласот што ним им недостасуваше, но
и се плашеа од нејзината генијалност; професорите, главно, се ужаснуваа
од неа и ја озборуваа дека била лесна жена, а во суштина, поголемиот дел
од мажите професори тоа го правеа затоа што магнетно беа привлечени од
неа и ја посакуваа, но не можеа да ја имаат, и тоа не толку поради некаков
морален кодекс или поради политиката на факултетот, туку поради тоа што
таа не го сакаше тоа, што со отстапување од само еден процент ја побиваше
нивната теза дека е „лесна“ жена.
Ете, таква беше Деспина. Сѐ додека не се случи нешто што на никој
не му паѓаше на памет ни во лудило. Ете, таа женска, која Бог ја дарил со
убавина на умот и на телото, но не толку со емпатичност и емоционалност,
таа жена во своите доцни дваесетти години, бидејќи подоцна се запиша на
факултет, тоа живо жарче од кое многумина се беа изгореле и поради кое
многумина не спиеле – или од љубов или од омраза, бидејќи таа кај луѓето
предизвикуваше екстремни и поларизирани чувства – неа можеш или
многу да ја сакаш или да ја мразиш од дното на душата, ете, таа Деспина се
заљуби токму во најстрогиот професор на Катедрата – во професор Стојан
по Теорија на литературата, а кој од неа беше повозрасен точно 37 години.
И, не знаеше ни самата што е тоа и дали може да биде љубов, бидејќи токму
таа не веруваше во љубовта. Еве како се случи тоа што никој не можеше ни
да претпостави дека ќе се случи.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
10
Чека Деспина во преполниот амфитеатар со очила за сонце на главата
со кои си ја држеше косата колку-толку прибрана, со прекрстените долги
нозе под минијатурното летно фустанче и долгите црвени мачкести нокти, и
превртува со очите во знак на негодување поради доцнењето на професорот,
и тоа на првото предавање од академската година на почетокот на зимскиот
семестар, и така наострена со поглед го прострелува кроткото суштество
што влегува во амфитеатарот вооружено со еден долг продолжен кабел,
три други кабли што му висат на вратот, лаптоп-компјутер и пренослив
видеобим во рацете и уште две дебели книги под мишките. Професорчето
високо 160 сантиметри, со очила на носот, кое потшмркнуваше на секој
збор додека зборуваше назално и кое се сопнуваше од каблите додека се
обидуваше да ги отплетка и на кое му требаа цели петнаесет минути за да го
поврзе компјутерот со видеобимот, ѝ се виде особено смешно и интересно.
За тоа време сите нешто шушкаа, шепотеа, се смееја, а таа го набљудуваше
со особено внимание и заинтересираност. А, слушаше за него муабети
по кулоарите и во студентското бифе дека е строг, дека не им простува
незнаење на студентите, дека се случува и индекси да летаат во неговиот
кабинет, и за тоа време смислуваше каков тест нему да му подметне, како
да го провоцира за тој да се разобличи и да признае дека е празен и покрај
сѐ, иако таа не беше воопшто сигурна во тоа. Но, некако таа негова кротка
надворешност не ѝ даваше да биде „кучка“ уште на првата средба со него
и токму поради тоа си рече да му даде шанса за подобро да го процени,
иако си мислеше дека е прелесен залак и дека по средбата со неа веќе нема
да ги фрла индексите за време на усниот испит кога некој од студентите ќе
покаже особено незнаење.
– Почитувани студенти, овој човек кој стои пред вас, а за кој пред малку
си мислевте дека е хаузмајсторот или кејблмен и кој се ужаснува од техника,
но сепак, не е толку заостанат во времето за да не ја користи, се вика проф.
д-р Стојан Митрев и следниве два семестра ќе го слушате како ви зборува
здодевни работи од теоријата на литературата. Нема да го сакате и секогаш
на студентската анкета ќе го оценувате со едно мизерно двојче, затоа што
ќе бара знаење од вас. Но, нему не му е грижа за тоа воопшто. Негова
главна цел е да ви помогне да си го изучите занаетот како идни професори
по македонски јазик и литература и токму затоа нема да ви дозволи да се
провлечете со претходно научена комбинација од прашања. Не, не... И затоа
однапред ви кажувам да не ми се додворувате ниту за повисока ниту за
преодна оценка. Да не ми пуштате тетки и стрини, вујковци и стриковци
или, пак, да фаќате врски преку деканот, затоа што деканот знае дека со мене
не може да се разбере, и не мачете го човекот беспотребно. Гревота е. А, за
да ви ја олеснам потрагата по моето семејно стебло, ете, и тоа да кажам,
11
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
дека, иако живеам во Скопје, по потекло сум од Ивени, едно мариовско село
што никој не го знае, бидејќи одамна е иселено. Но, ете, сега вие го знаете
и ќе го споменувате често кога ќе ги барате моите роднини за да можете
да ми влијаете преку нив. Но, драги мои, јас сум сам, вдовец и без деца.
И, не, мојата асистентка не ми е ниту внука од брат, а јас брат немам, ниту
снаа за син – а, нели, и син немам, ниту, пак, ми е нешто друго и, колку за
информација – построга е од мене – им се обрати професорот налактен на
говорницата, од време на време смеејќи се на своите зборови, а студентите,
иако на почетокот се смееја тивко, особено на тоа „кејблмен“, набрзо потоа
онемени го слушаа.
Деспина, исто така, со внимание го слушаше. „Ова човече има потенцијал
да ми стане другарче“ – си рече во себе и со нетрпение го чекаше неговиот
следен потег.
Но, тој ја отвори презентацијата што ја прикажуваше на платното и која
носеше наслов: „Жанровска определба на книжевните текстови според
Скврачинска“, се заврти со грбот кон проекцијата, а со лицето кон студентите
и го започна своето предавање не гледајќи воопшто во презентацијата, која
ја забораваше, бидејќи отпосле му текнуваше дека треба да го промени
слајдот, и секогаш кога тоа го правеше настануваше тишина, а студентите
го слушаа како самиот си зборува: „До каде ли е стигнато чудово?“ И, си се
смешкаа во себе, иако и тој беше свесен за тоа, бидејќи и самиот си беше
смешен и гласно си се смееше, шегувајќи се на своја сметка.
„Ова професорче ли е страв и трепет за студентите?“ – си велеше
Деспина и насмеано и внесено го следеше предавањето, кое беше особено
живо и интересно, научно издржано и аргументирано поради дигресиите
што ги правеше професорот, поврзувајќи ги апстрактните елементи од
предавањето со конкретни книжевни дела, демонстрирајќи ја поврзаноста
меѓу конкретното и апстрактното, опредметеното и идејното, појавното и
скриеното, недофатливото и дофатливото. И, ѝ се наметна едно прашање
што се однесуваше на тоа како појавната страна на овој професор може да ги
доведе во заблуда реципиентите, односно тие што ја перципираа таа појава
и како за малку и таа, Деспина, ќе беше наведена на погрешен заклучок,
ако во нејзин стил го ставеше на тест професорот и неговата стручност, па
дури и професионалност. „А, можеби и не е тоа толку лоша идеја“ – си рече.
Сепак, не е тој толку кроток како што ѝ се чинеше на почетокот, со сите тие
кабли од кои му се препнуваше чекорот и, не можејќи да се воздржи, а да
не го покаже својот кучкест изглед, сепак, аудиториумот и го очекуваше
тоа од неа, на крајот од предавањето, кога професорот им даде можност на
студентите да постават прашање, таа се јави за збор.
– Со должна почит, професоре, но верувате ли Вие во љубов на прв
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
12
поглед? – го праша на изненадување на сите, стана од столчето и се прошета
пред него.
Во право беа тие што велеа дека нејзе никој не може да ја предвиди
ниту да ѝ ѕирне во главата за да знае што мисли навистина, а ниту, пак,
да насети некоја емоција кај неа, бидејќи таа со резервираност го чуваше
својот интегритет или можеби, сепак, беше оперирана од чувства, како што
и зборуваа за неа. И сега, од нигде никаде, прашањево на кое сите подзинаа.
Професорот ја забележа уште веднаш кога влезе во амфитеатарот, а и ја
познаваше оддалеку, беше слушал за неа и не беше сосема неподготвен за
провокации, иако веруваше дека доволно смотано изгледа, и тоа ненамерно,
едноставно тој таков си беше, за таа да не мора да го провоцира. Одеднаш
му се заврти во главата една позната народна песна, ја подигна десната рака
во воздухот и совршено ѝ ја изрецитира, не брзајќи и уживајќи во секој
стих: „ Не русај, прусај,/ пред мене, мори лепа,/ не ми го гори срцето./ Стига
е само горено, мори лепа,/ горено, пепел сторено.“
Додека тој ја рецитираше таа народна песна, а која беше одговор на
нејзиното парадирање пред него со цел да го парализира, таа се изненади
и од самата себе, бидејќи таа остана парализирана слушајќи ја изведбата
на професорот, кој ни малку не ѝ изгледаше смотан во тој миг. „Види го
ти него, професориште едно!“ – си рече во себе, а гласно не изговори ниту
збор. Тоа беше прв и единствен пат таа да не биде последна во дискусиите
или разговорите, и прв и единствен пат да заборави дека глуми кучка.
Така, воодушевено и со поглед го испраќаше додека тој излегуваше од
амфитеатарот, а нејзините колеги зачудено гледаа во неа додека излегуваа.
– Што ти е?! – ја затресе за рамениците едната од близначките со кои се
дружеше. – Одлета!
– Го сакам човеков! – сѐ уште неосвестено ѝ одговори Деспина.
– Не будали се! – ѝ рече другарка ѝ, не земајќи ја за сериозно.
ЕЈДЕТСКА РЕДУКЦИЈА
„Навистина е незгодно девојчево – си мислеше професорот додека
излегуваше од амфитеатарот. – Можеби претерав... Сепак, таа е дете и не
требаше да ја рецитирам таа песна. Што ли си мислев?“ – се укоруваше самиот
и не можеше да си прости за својата импулсивност ,која некако неочекувано
му дојде, бидејќи тој беше присебен и одмерен човек, бавен, темелен, но
малку хаосен. Така, ќе запишеше нешто многу важно на некое неугледно
ливче хартија, а потоа забораваше каде го оставил, одлуките што му ги даваа
од работа за неговите членства во комисии или во некакви професионални
13
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
органи или тела, никогаш не стоеја на едно место и тој не можеше да ги најде
кога ќе му затребаа, а кога случајно тие ќе се појавеа однекаде, немаше волја
да ги стави на некое познато место и пак ги затрупуваше со купишта хартија
од тестови, белешки, рекламни материјали, тоалетна хартија, пресметки,
сметкопотврди... Значи, си имаше навика постојано да ги губи нештата,
дури и откако ќе ги пронајдеше. Во тоа негово губење, всушност, тој
најдобро се снаоѓаше и функционираше, бидејќи воопшто не чувствуваше
притисок од тие глупави состаноци на комисиите, од иштирканите кошули
на претседателите на комисиите, а таму каде што беше тој претседател на
некоја комисија, никогаш не се појавуваше со иштиркана кошула, туку со
обична маица под сакото, и одлично си ја завршуваше работата благодарение
на својата асистентка, која го потсетуваше за закажаните состаноци и која,
иако и самата беше хаотична, во споредба со него беше особено педантна.
Сепак, тоа беше негова процена, која не ја делеше со него ниту таа, а ниту
нивните колеги, бидејќи и таа честопати ги губеше работите за да ги најде
и никогаш ништо не запишуваше како потсетник за себе, бидејќи имаше
фотографска меморија. Затоа професорот се потпираше на неа во клучните
моменти и честопати ѝ велеше на шега: „Во твои раце сум, но мораш да се
научиш да запишуваш, бидејќи ќе дојде време кога и двајцата ќе бидеме
изгубени како слепци.“
ЈАЗ МЕЃУ ЗНАКОТ И ОЗНАЧЕНОТО
Следното предавање беше по седум дена, но Деспина не можеше да
дочека. Уште следното утро го чекаше да излезе од неговиот кабинет пред да
се упати кон некоја од училниците за да му се извини за своето однесување
и да му каже дека од тој миг, па натаму, тој за неа е авторитет и професор во
вистинската смисла на зборот. И, го замоли да не ја проценува како личност
само врз основа на таа нивна прва средба.
– Не смееме да му веруваме на првиот впечаток што го имаме за луѓето,
бидејќи не можеме да бидеме сигурни за неговото значење, зашто при тоа
прво читање, наместо да го гледаме тоа што е пред нас за да го спознаеме,
ние пред себе ги гледаме сите наши стравови и ставови, сите предрасуди со
кои сме биле задоени, сите стереотипи што ни ги наметнува општеството.
А, тоа значи дека, всушност, во голема мера се гледаме самите себе. Но,
јас не Ви забележувам, дури и ако продолжите да ме гледате така – му рече
набрзина. Тоа беше и својствено за неа: секогаш кога беше вознемирена, или
исплашена, или засрамена, или понижена, таа зборуваше со толку голема
брзина што на луѓето или им се свртуваше во главата или ги фаќаше паника,
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
14
па веднаш се повлекуваа од своите позиции.
Тој внимателно и смирено ја слушаше, гледајќи ја во очите, а откако таа
заврши со своето брзо зборување, ѝ рече:
– А, како Ве гледам, почитувана колешке?
– Како кучка! – ѝ се испушти.
Тој се насмеа толку гласно што многу од студентите кои поминуваа
покрај нив од љубопитство почнаа да се вртат за да научат што се случува;
потоа ѝ рече нешто што ја замисли, но и ја здоболе до срж:
– Мора да е напорно постојано да е човек подготвен за напад, да мисли
дека цел свет е против него и дека секое место и секоја пригода се бојно
поле на кое треба да си ги одмерат силите најдобрите, но така тој не живее
за себе и според своите убедувања, туку живее и се однесува така како што
очекува толпата од него. И, во тоа е апсурдноста: сакајќи човек да се издели
од толпата и да биде свој, се претвора во својот страв, бидувајќи воден од
истата таа толпа што утре нема ниту да се сеќава на него, но ќе ги памети
сите негови понижувања и падови, бидејќи поради падовите на поединецот,
толпата станува посилна, асимилирајќи го и тоа малку што останало од тоа
што е изделено и стои само наспроти целината. Секој треба да одлучи дали
ќе биде сам како дел од целината или ќе биде целина што не е свесна за
својата посебност и за својата функција, а и тоа само по себе е апсурдно,
бидејќи човек е целина само тогаш кога ќе си биде доволен самиот на себе.
Таа сакаше да каже нешто, речиси и ги намести усните за да изговори
збор, но не рече ништо. Рацете ѝ беа на колковите, а погледот – и збунет
и поразен истовремено. И, иако очајно сакаше да каже нешто со што ќе
го демантира сето тоа што ѝ беше кажано со зачудувачка смиреност, не
можеше да изусти ни збор, и тоа од една едноставна причина. Професорот,
всушност, успеа неа да ја прочита, и тоа при првиот контакт со неа, а тоа
можеше да значи само едно: дека е тој ист како неа или дека некогаш бил
како неа – човек со тежок живот, кој морал самостојно да си го пробива
патот. Човек што немал потпора во животот ниту место за починка, и токму
поради тоа морал да крева ѕидови околу себе со кои се оградувал од сѐ што
може да го повреди. Како инаку би знаел толку прецизно да ја опише?
– А, сега, се извинувам, Ве молам да му направите пат на човекот со
каблите, кој мора да влезе на час – додаде, насмевнувајќи се искрено,
татковски и пријателски, шегувајќи се на своја сметка, на што таа не
можеше, а да не се насмее исто така пријателски, и го пропушти да влезе во
училницата.
15
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА ТИШИНАТА
Деспина живееше сама во изнајмен стан блиску до факултетот. Друштво
ѝ правеше само нејзината црна мачка Негра, која имаше ист темперамент
како и сопственичката. И, иако беше мачка, спротивно на очекувањата, не
сакаше ниту да ја галат, ниту да ја допираат, ниту да ѝ се приближуваат
премногу блиску. Секогаш од некоја безбедна оддалеченост, или близина,
сеедно, ги набљудуваше луѓето што на Деспина ѝ доаѓаа на гости. Ќе се
сместеше некаде каде што немаше да биде забележлива и ќе ги набљудуваше
нивните лица, забележувајќи ја секоја промена на брчките, позицијата на
веѓите, начинот на кој ја допираа косата или предметите околу себе, начинот
на кој го држеа филџанот кафе, начинот на кој зборуваа, начинот на кој се
смееја. Сепак, за нив најточно зборуваше нивната тишина.
И Деспина, исто како и Негра, отсекогаш се интересираше за
психологијата, но одлучи да студира јазик и книжевност, затоа што веруваше
дека студирањето секогаш треба да биде во насока на тоа што најмалку
се познава за да може студиозно да му се пристапи, феноменолошки, без
предрасуди, без предзнаења, без никакви антиципации, а тоа за што имаме
преференции, интереси или склоности, или тоа што лесно ни оди од рака,
тоа е нешто што самото по себе ќе се развие.
Така и таа, како и нејзината Негра, многу добро знаеше дека нејзината
најдобра пријателка од факултет не го оправдува нејзиниот начин на живот,
а тоа го знаеше по тоа што таа секогаш превртуваше очи и издивнуваше, а
понекогаш и вртеше лево-десно со главата кога ќе видеше две празни чаши
за шампањ оставени покрај креветот во спалната соба на Деспина, или
машки чорапи во корпата за алишта во купатилото, или извалкана машка
кошула обесена во ходникот. Исто така, совршено знаеше дека близначките
ѝ завидуваат и дека сѐ би дале да можат да го имаат нејзиниот живот, бидејќи
секогаш кога ќе ѝ дојдеа во посета и кога ќе ја слушаа како им раскажува сѐ
и сешто, веѓите високо им се поткреваа, усните им играа нетрпеливо, телото
го наведнуваа нанапред кон неа, со рацете ги допираа нејзините предмети, а
од време на време и неа ја допираа за да проверат дали е вистинска.
Деспина имаше способност да ги чита луѓето и кога, главно, таа самата
зборуваше. Им го следеше погледот, треперењето на насмевката, позицијата
што ја заземаа со телото, и секогаш врз основа на тоа знаеше да ја раскаже
најсоодветната приказна, па дури и да ја насочи приказната во поинаков
правец.
Имаше нешто загадочно околу неа. Нешто што никој не го знаеше, и
токму тоа беше тоа што сите ги привлекуваше кон неа. Сакаа да бидат дел
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
16
од нејзиното опкружување, да ја слушаат како зборува, да излегуваат со неа
за да привлекуваат и внимание, да бидат некој и нешто покрај неа, иако ниту
самите не беа сигурни која е таа.
Таа беше загатка и за комшиите. Честопати ја гледаа како излегува рано
наутро, дотерана од глава до петици и со насмевка на лицето, влечкајќи
малечко куферче зад себе, но ја гледаа и како се враќа по неколку дена со
згаснат жар во очите. Ја гледаа и дотерана и спортски облечена, и исчешлана
и избушавена, и со совршена шминка на лицето и со подочници, и со високи
потпетици и со излижани апостолки. И, никогаш не ја прашуваа како е. Ниту
од каде доаѓа. Ниту од каде ѝ се парите со кои плаќа кирија. И, Деспина го
почитуваше тоа, и тоа беше она што најмногу го сакаше кај нив: тишината
со која ја одминуваа и со која ѝ даваа простор, можеби и отповеќе простор
отколку што нејзе ѝ беше потребно. Затоа што, во тие мигови на тишина,
тие совршено се разбираа поставувајќи јасни граници меѓу премолченото и
кажаното. А, Деспина секогаш повеќе му веруваше на премолченото. Токму
затоа, таа знаеше дека секогаш може да им се обрати, доколку има потреба, а
исто така, и тие знаеја дека никогаш во животот нема да најдат посовршена
тишина од таа што растеше меѓу нив речиси пет години.
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА МАШКИОТ И НА
ЖЕНСКИОТ ПРИНЦИП
Цел семестар Деспина ги доведуваше во непријатна ситуација
поголемиот дел од професорите со своето препознатливо однесување,
иако сѐ поретко применуваше инфантилни методи за да дискредитира
некого, а сѐ повеќе ги интелектуелизираше своите постапки и градеше
стил на елоквентна, културна, но дисциплинирана студентка, за разлика од
претходно, кога успеваше да излезе од многу ситуации, па и да положи со
висока оценка без претходно да го подготвувала материјалот за учење, туку
благодарение на својата интелигенција. Редовно земаше збор на дискусиите
што ги поттикнуваше професор Стојан и аргументирано зборуваше, без
зајадливост или некаква задна намера. Таа промена во однесувањето не
можеше, а да не се забележи, и тоа од сите страни, но никој не можеше да
насети на што се должи тоа.
Единствено што на Деспина ѝ пречеше во тој период и поради што не
можеше да биде смирена беше близината што постоеше меѓу професорот и
неговата асистентка, иако тој однос беше строго професионален, со заемно
почитување и секогаш коректен. Деспина беше љубоморна и на самата
помисла на неа, а кога ќе замислеше дека таа и професорот делат ист кабинет,
17
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
излегуваше надвор од себе, но секогаш внимаваше да не го искаже тоа пред
професорот. Сепак, не успеваше секогаш во тоа. Професорот знаеше дека е
таа заљубена во него, но исто така, знаеше дека токму поради тоа мора да
ја држи на око и особено да внимава на неа. Беше татковски расположен,
но лага ќе биде ако се каже дека не му ласкаше сето тоа нејзино внимание.
Еднаш, за време на неговите предавања, кога тој ја спомена асистентката,
во смисла на тоа дека студентите можат да ѝ се обратат во кое било време,
доколку имаат потреба од консултации по предметот, бидејќи таа е стручна,
поткована, пресретлива и секогаш подготвена да помогне, Деспина дофрли
од место:
–Ха! Госпоѓа Сезнајка!
Професорот, иако честопати го слушаше тоа од неа, не рече ништо,
бидејќи знаеше дека, ако застане во нејзина одбрана, само ќе ја зголеми
омразата што Деспина ја има кон жената што не ја ни познава и која не
ни одржува вежби по тој предмет, така што студентите не ја ни познаваа
одблиску. Чекаше да дојде време кога таа лично ќе ја запознае.
Се ширеа гласини дека Деспина му пишувала љубовни писма, кои
му ги подметнувала во тетратката за колоквиуми или во книгите што ги
позајмуваше од него, дека му пишувала на маргините на тие книги, бидејќи
професорот најпрво ги читаше маргините на секоја книга што ќе му паднеше
в раце, верувајќи дека токму на маргините стои напишана вистината, а
вистинска умешност е да се прочита тоа.
Честопати таа имаше привилегија и да пие кафе заедно со него и неговата
асистентка, со која со текот на времето стана блиска, и да разменува
мислења поврзани со теоријата, но и со животот, воопшто, стоејќи цврсто
на ставот дека нема никогаш да се омажи, бидејќи бракот е форсирана
идеологизација и романтизација на ропството, дека нема никогаш да роди
деца, бидејќи ем е голем грев да се остават невини суштества во светот на
измамници, крвопијци, лицемери, гладијатори, пред публика што сака да ѝ
гледа в очи на смртта, ем не може да поднесува мрсулковци што постојано
ќе ја држат за фустанот и ќе цимолат, дека никогаш нема да научи како да
се однесува со луѓето, бидејќи или ги задушува, гушкајќи ги силно, или ги
одбива од себе со своето непромислено зборување за сѐ што ќе ѝ падне на
памет, дека нема никогаш да работи како професор, бидејќи нема да може
да ги трпи таквите како неа, кои на почетокот од своето школување мислат
за себе дека се супериорни, а всушност, или се разгалени детишта или тоа
им е одбранбен механизам за да можат да функционираат во средината и
дека веднаш ќе ги сече во корен, па после, кој ќе го трпи цимолењето нивно
и ред други нешта... А, се зборуваше и дека еднаш му влегла во кабинетот
во негово отсуство, убедувајќи ја неговата асистентка да ја пушти внатре,
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
18
а потоа, служејќи се со итрина, ја натерала асистентката да бара некоја
стара книга во библиотеката колку да си замине оттаму, за таа да може
да биде насамо со професорот, а ја виделе како со вино во рацете и две
празни чаши влегува кај него, а потоа и како излегува со чисти чаши в раце
и неотворено шише вино, ја гледале и како оди по него во ходникот за да
му каже збор-два, а најмногу за да го слуша како ѝ зборува, бидејќи тој
честопати губеше чувство за време кога го опишуваше цветот на фустанот
на Ана Каренина или кога зборуваше за расказите на Чехов, кои до денес не
се надминати во поглед на естетизацијата на драматизмот во статистичните
мотиви. Ете, толку беше луда, да мисли дека некогаш може да го има тој
човек, кој, иако ја држеше блиску до срцето, не смееше и не можеше да
си дозволи да стапне на своите принципи, а знаеше и дека, ако, сепак, си
го дозволи тоа, ќе ја уништи за цел живот, а таа е млада и го заслужува
најдоброто. И, колку почесто ја гледаа неа како влегува кај него и за кратко
време излегува, толку често и него го гледаа како се осамува во дворот на
факултетот, во својот кабинет во кој сѐ поретко пречекуваше луѓе, кои и
сѐ поретко доаѓаа, во својот свет на книжевноста, во кој се губеше често и
поради кој едвај чекаше да се пензионира за да може на раат да ги исчита
сите нобеловци и пулицеровци, а и да не мисли на тоа девојче, кое му се
пикаше во деноноќието без тој да сака.
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА МАРГИНАТА
Таа дипломираше со просек 9,4 и си замина исто така како што и дојде
– бунтовно и драматично, но овојпат, наместо да плука по ходниците и
да поставува заседи, влезе во кабинетот на својот професор таква каква
што беше: полетна, брзоговорлива и хиперактивна, и во присуство на
асистентката му се заблагодари за тоа што ѝ бил татко изминатите четири
години, иако тој за неа беше маж во вистинската смисла на зборот, го бакна
во образот, а ја бакна и асистентката и гушкајќи ја поткрена од местото, а
таа, кутрата, сета избезумена, не знаеше што е соодветна реакција на тоа,
па не рече ништо, освен тоа што се смееше, но затоа, пак, Деспина, сета во
еуфорија, уште еднаш им се заблагодари што биле дел од нејзиниот живот,
и излезе низ вратата, а потоа пак ја отвори и гласно извика:
– Ве сакам и двајцата! – и излезе.
И ден-денес се зборува дека професорот честопати го споменувал
нејзиното име и ја покажувал како пример пред своите студенти за тоа
како може да се култивира духот со трпение, добра волја, почитување на
личноста на студентот и дека, кога можела една Деспина да стане тоа што е
19
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
денес – успешен универзитетски професор, секој може да работи на себе и
да стане најдобра верзија од себеси.
Сепак, Деспина никогаш не научи да има пасивна улога ниту во
секојдневниот живот ниту на работа, но во таа своја фаза од животот
провоцираше со знаење и умешност да го насочи студентот кон
саморефлексија и спознавање како мудрост на живеењето – да се изгуби тоа
што е најдено меѓу купишта настани и лица за пак да се најде променето,
но свое и автентично, да се пушти слободно и непречено да расте за самото
да знае кој дел треба да се пресече за да можат другите да се развиваат, да се
премолчи тоа што се знае кога не е време за да не болат изговорените гласови,
да се застане со свој став и да се помине од другата страна на маргината за
да се дочита тоа што самите сме го пишувале во текот на нашите животи.
Никогаш не се омажи и не роди деца.
Еднаш ја виде и на телевизија, во една емисија во која зборуваше
дека младите треба да се учат да дејствуваат, а не да се поттикнуваат на
празен вербализам, дека треба да размислуваат со своја глава за да не
бидат потенцијален материјал за манипулација и дека не треба да веруваат
во тоа што им се кажува, бидејќи секоја комуникација и секој текст е
идеологизиран и има своја целисходност, а читателот треба да го пресретне
тоа и да го неутрализира, да го заобиколи или да возврати за да покаже дека
не е оловна буква, компјутерски моделирана и пуштена на пазарот преку
масовно производство за масовна употреба со високо употреблива дејност
за идеологии запишани на тоалетна хартија. И, што е најважно, вистината
се чита од маргините, од белината, од тоа што е премолчено, од отсутното,
кое е најприсутно, бидејќи најмногу боли.
Тогаш професорот се сети на книгата што честопати ѝ ја позајмуваше
и со секое враќање стануваше сѐ побела, како маргините да го истиснуваа
оловото со кое ја труеме душата несвесно за да не може да го види
есенцијалното зад појавното. Стана и ја најде меѓу правливите книги што
одамна не ги беше отворил, а беше и заборавил дека ги има, ја отвори, а
оттаму го осветли само една бела маргина, која мудро зборуваше во својата
тишина.
ЦИКЛУС РАСКАЗИ:
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЖИВИОТ ТЕКСТ
ОД КНИГАТА „ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА
ПРАЗНИНАТА“, ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА И
КУЛТУРОЛОШКИ СТУДИИ – СКОПЈЕ, 2022
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
20
Славица Гаџова Свидерска
ВАНА
Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори колку пеперуга
Имаше видено сè:
и живородено и мртвородено
врз тебе имаше паднато и планина
имаше пливано во бунар со нафта
имаше испиено отров од змија
изедено глава од желка
ја имаше видено Богородица на прозорец
го имаше слушнато нечестивиот на сон
твоите лалиња сè уште цветаат
секоја пролет
Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори пеперуга
21
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
СОТИРКА
Ја имаше видено
Втората светска војна
а длабоко во себе
ја водеше третата
Секогаш зборуваше тивко
оти долго време околу старата куќа
кружеле поткажувачи и кодоши
со списоци на забранети зборови и фрази
со листи на подобни и неподобни
Ушните ресички ти беа скинати
некој ти ги беше откорнал
единствените златни обетки што ги имаше
Се зборуваше дека во дворот
има закопано доволно оружје
да се ослободи Македонија
а сепак куќата ти се претвори во затвор
И колку поостри стануваа шилците во твоите зглобови
толку помек стануваше памукот во твојата душа
Колку поцрни беа облаците што доаѓаа
толку позелени стануваа ливадите во твоите очи
полни гороцвет и темјанушки
понекогаш таму наминувам
да соберам сила
за утре
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
22
ХАРИКЛИЈА
Вака се сеќавам на тебе:
седиш на каучот
немаш очи
а кожата ти е провисната и со меурчиња
Се сеќавам на тебе
како на единаесетвековен чинар
прстите ти се извиткани
како столетни ветки
ме галат по косата како развигорец
Јас имам две години,
малку се плашам што немаш очи
а кожата ти е темна, дамкосана и провисната
врз неа се исцртани
мапите на гастербајтерите морепловци
историските карти на Балканот
тајните патеки до скривниците со муниција
гробовите на децата што си ги погреба предвреме
нежните допири на внуците и на правнуците
Се сеќавам на тебе
како на единаесетвековен чинар
23
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
СУЛТАНА
Се сеќавам на една фотографија:
некој сеирџија
фрла макарони во воздухот
а пред него,
како ластовички во гнездо,
босоноги дечиња
чекаат со отворени усти
од небото напалм-бомби
се спуштаат место дожд
Низ вековите
така ни ги фрлаа ронките
од белосветските трпези
на кои го расчеречуваа и го ждереа
телото на нашата земја
и иако името ни беше да владееме, Султана,
ние слугувавме
по туѓите имоти и полиња
по туѓите штали и амбари
Ми раскажуваа
дека во престилката
си скривала по еден грст пченка
од онаа за стоката
за да ја прехраниш
единствената ќерка
што ти остана
жива
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
24
VIA DOLOROSA
Некои патишта
мора да ги поминеш
бос, по ситно искршено стакло
по мраз создаван со милениуми
на лакти, по жежок пустински песок
гребејќи со нокти по карпите
навалени на работ на провалијата
Некогаш
мора да стапнеш и на лава
некогаш, без да знаеш,
ќе згазнеш и врз черепи
мртви галеби, град на мравки
врз некој црв кој штотуку го изел
своето стракче трева
Некои патишта
мора да ги поминеш
носејќи се себеси в раце
одејќи на раце
скокајќи на една нога
пливајќи во жива кал
секогаш држејќи се за сламка
А некогаш ќе можеш
да одиш
и по вода
Од поетскиот ракопис Golgotha feminarum
25
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Петре Димовски
МАЛА ЛАЃА НИЗ НАДОЈДЕНА РЕКА
Сурова зима.
Весели деца.
Доаѓаат празнични денови. Училиштен распуст во првата година од
школувањето во Битола. Се договараме за патување во Брод, од каде што
дојдовме. Дебела снежна покривка ја прекрила земјата. Небесна ведрина
натиска студенило од височините. Сув мраз го коткосува телото.
Ние патуваме.
Ние пет. Со Јанко сум, со Мицо, Бојана и Гица. До Кременица возот нè
носи. Тука се разделуваме од него. Тој продолжува преку грчката страна,
ние крај македонската граница продолжуваме низ снегот. Ни преостануваат
за патување натаму петнаесетина километри. На нозе. Треба да го изодиме
остатокот од денот и да стигнеме со виделина во Брод. Зашто виделината е
пресудна да минеме на таа страна, да влеземе во Брод. Се наоѓаме од оваа
страна. Нè дели Црна Река. Од оваа страна сме ѝ на реката Елешка, но таму
горе кај Гермијан има мост и преку реката ќе преминеме по мостот. Црна
Река нема мост. Нема мост на Црна Река од оној ден кога настапија големите
поплави. Надојдената вода во реката со силен татнеж разурна и однесе сè.
Мислам сите мостови. И дел од бреговите.
А тоа беше тогаш, кога се случи.
Најпрво водата удри на мостот кај Новаци. Тој беше дрвен, можеби од
секогаш кај Новаци имало дрвен мост, но сега водата надошла во големи
бранови, налетите на водата удриле во мостот и го прелеале. А продолжиле
и натаму да удираат во него, непрестано да удираат. Го разнишале и го
навалиле. И потоа им било лесно, така разнишан и навален сосема да го
откорнат од дното на реката и да го понесат големите нескротливи води.
Водите носеле и сè друго што пресретнале пред себе и што дофатиле во
налетите по страните од бреговите, како и при разлевањето низ полето, а со
себе го носеле и мостот. Го носеле и засилувале со нови води што надоаѓале.
И наслегнувале по течението на коритото од реката.
Жителите на Брод слушнале удар. Тресок. Ломење и искршување. Тоа
го слушнале и стравувале дека се случи нешто што го натежнува животот.
Кога погледнале таму каде што постојано го гледале мостот, виделе само
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
26
вода. Мостот го немало. А се случило така. Иако мостот беше нов и цврсто
граден, водата удри во него и со силата на мостот. Оној што го понесе откај
Новаци. Кога удри мостот во мостот, ниту неговата нова градба не можеше
да го издржи ударот, попушти под него и замина со него по течението да го
урнат и мостот кај Скочивир. Ниту таму повеќе нема мост.
А мост кај Брод имало од најстари времиња. Сега, кога толку ни е
потребен го нема.
Го граделе мостот најрано во времето од препречени стебла на дрвја и
вкрстени трупци, да може преку нив да се мине. Потоа го граделе од ѕидани
столбови во реката, камени камари, втемелувани во коритото на реката кога
водата била плитка и питома. Од горе камарите ги премостуваа со греди
и ги опковуваа со штици. Готовиот мост им овозможуваше да минуваат
луѓето по него, да минува стоката и по него да возат дрвените коли. Во
Големата војна големите војски, за да минуваат од едниот брег на другиот
на реката изградиле свој мост, многу цврст и гломазен кој сите војски со
сите воени опреми, орудија и возила ги искрепувал. Мост граден од девет
камени камари, седум во течението на водата, две на двата брега на северот и
југот. На врвната површина камарите спојувани со масивни железни греди,
попречно преку нив наредени дрвени греди, и над гредите штици.
Водата е силна и раздразлива. Истрајна во дејствувањето и разурнувачка
во целта. Удирајќи крај камарите и под нив, гризејќи и откинувајќи
делчиња од основата на камарите, ги подјадувала и поткопувала. Тежината
притискајќи постојано ги навалува и мостот налегна кон долната страна. А
со секој нов налет водата ја изразуваше косината на мостот и стануваше сè
потешко минувањето од едниот брег на другиот од реката.
При следните удари на водата мостот падна.
Без мост станува недостапно целото поле од другата страна на реката.
Дојдоа во Брод мајстори, се донесе опрема и материјал и започна
градба на нов мост. Тоа ќе биде дрвен мост, веднаш се кажа. А и се виде по
материјалот што тука крај реката се довезуваше. Дрвенарија.
Големи дрвени греди. Работниците ги зашилуваа гредите од едната
страна, онаа потенката, ги исправаа во коритото на реката и до нив, монтирано
поставуваа машина што треба да ги набива во земјата. Таа се состоеше од
метална платформа и голем чекан. Челичните шини извишуваа над гредата,
крај нив, отпуштен од ракувачот се лизнуваше во паѓање големиот чекан
и неговиот удар врз горниот дел на гредата ја набиваше надолу во земјата.
Тоа одеше и неосетно за мерката на окото, чеканот се повлекуваше нагоре и
удираше надолу, тапиот одек ритмично се повторуваше низ целиот ден и по
тоа можеше да се процени дали и колку гредата навлегла во земјата.
Во редица следуваше втората, третата, и сè до последната греда од
27
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
дрвената камара, па се преминуваше на втората, третата камара и градбата
на мостот се наѕираше во развој и продолжуваше низ времето.
Така, реката повторно беше премостена.
Сега, ете, и тој мост го нема. Го однесе големата вода и пак двата брега
на реката се многу далеку еден од друг. Некогаш и не може да се стигне од
едната на другата страна туку се останува само на страната на која се било.
Треба да ја преминеме реката, ние од средината на првата средношколска
година.
Од брегот наспроти Брод да преминеме на брегот на Брод. И да стигнеме
дома. Сето е содржано во таа цел. Да си појдеме дома.
Таа мисла е во нас и нè води по снегот.
Во летни денови патот би се скратил преку полето со прегазување на
реката Елешка над Каскадата, ако во неа има вода, или поминување преку
сувото корито, зашто во некои години водата е веќе потрошена низ текот во
Грција и не стигнува ваму. Но сега речното корито на Елешка е исполнето
до платформата на мостот и ние преминуваме тука, држејќи го подалечниот
пат. Потоа треба да поминеме низ Гермијан, низ Бач, и натаму во погледот
да го држиме Брод на спроти.
Кристалната белина на снегот, во отсјајот на сонцето ни блескоти во
очите и ни го заслепува видот. Целиот отворен простор е снежно огледало.
Снегот ни крцка под нозете, смрзнат и масивен. Сонцето се затскрива
зад планината и јакиот студ наслегнува од небото. Телото надојденото
студенило го чувствува до својата длабочина. И трепери. Како на лут ветар.
А нема ветар. Јасник е и го смрзнува воздухот пред здивот. И здивот во
воздухот.
Сето околу е смрзнато, само телата му се спротивставуваат на општата
смрзнатост и се движат. Се движат напред, во обид да забрзуваат, зашто
денот е веќе истечен, а ноќта ќе го затвори патот. Забрзувањето е само обид
зашто лизгавицата под нагазот на нозете и истрошената енергија во нив,
што внела замор, го отежнуваат и смалуваат чекорењето и движењето. И
уште се спротивставува и неизгазениот пат по кој првата трага ја правиме
ние. Нозете ја кршат смрзнатата рамнина на снегот, тонат во длабочината и
извлекувајќи се, развеваат студена прашина што ја чувствуваме по лицата.
Снегот развева од нашите движења. Го расфрламе со замавот на нозете.
Тој е бела прашина како бело брашно и во себе ништо друго нема освен
морничаво студенило.
На брегот сме над реката. Темнината од небото е легната. Излегува и
од реката. На белата прозрачност ја гледаме водата. Стаклено згусната,
раскокана, а низ неа се нишаат сантите мраз, грозничаво крцкајќи во судирот
при своето одминување.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
28
Нема мост. Веќе подолго време на реката нема мост и тоа присутно е во
свеста. Треба да се мине реката, а таа е голема и надојдена, водата студена
и дива, не постои живо суштество што може преку неа да појде од едниот
на другиот крај.
Нема ниту човек со лаѓа.
Зошто нема човек со лаѓа?
Нашето очекување беше да нè пречека човек со лаѓа. Со таквото сознание
го напуштивме градот Битола, патувавме по замрзнатиот снег и стигнавме на
брегот на непреодната Црна Река. А човек со лаѓа нема како што мислевме
дека ќе има зашто за некои, кога преминувале имало лаѓа.
Од другата страна го нема човекот што би ја донел лаѓата на нашата
страна.
„Еве ја лаѓата“, открива Јанко. Тој е шеснаесет, година цела постар од
нас. Тоа е потврдена разлика во овој свет. Штом лаѓарот го нема, веројатно
некој во денот реката ја минал со лаѓата кон оваа страна и некаде заминал.
Не оставил трага во снегот, заминал пред да напласти новиот снег и сè уште
не се вратил. Но, тој е по својот пат, ние сме по својот. А патот е преку
надојдената студена вода.
Никаде околу нема човек. Ниту траги од човек. Но, не и да нема. И
трагата сега е закриена со темнината и ако некаде води не може да се открие.
„Лаѓата е тука“, вели Јанко. „Ќе веслам јас ако нема подобар веслач од
мене.“
Тој е најстар и признаваме дека нема подобар веслач од него.
Навлегуваме во лаѓата. Таа се ниша, се крла, се поместува кон водата
и ние внимателно се спуштаме во неа да не предизвикаме предвремено да
избега со дел од нас. Таквата опасност е реална и постои.
Лаѓата е толкава, сите да нè збере чучнати во неа. И чучнати сме.
Само Јанко е простум и го држи веслото. Водата игра со лаѓата, сантите
мраз се судираат со неа, снажниот проток на реката рика, изјачува и го
исполнува целосно нашиот свет, одземајќи го сето друго постоење.
Другото е во темнина.
Лаѓата е подземена од водата и започнува да скока по нејзината површина.
Плисоците ни ги дофаќаат лицата. Лаѓата треба да оди кон другиот брег, да
ја пресече силата на водата и да го помине својот пат. Но лаѓата е подземена
од надолниот тек и ја носи реката по своето течение, не давајќи ѝ можност
да го следи својот посакуван пат. Јанко весла со лопатката весло, се обидува
да ја насочи и задржи лаѓата во движење кон брегот, но лаѓата одеднаш
занишува силно, искрцува и се извртува, заканувајќи се сите да не исфрли
во студената вода.
Удри на некаква подводна пречка, најверојатно столб од стар разурнат
29
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
мост.
Но се ослободи и повторно продолжи да трепери над водата, да игра со
нејзината игра, крлајќи се со ритамот на сантите мраз што, како и лаѓата,
пловат по водата, само со единствената разлика што нивната цел е да стигнат
некаде по неа и целосно ѝ се препуштиле на нејзината волја и сила.
Лаѓата е стигната до средината на реката, а е појдена многу надолу по
водата. Јанко се обидува со веслото да му се спротивстави на таа влечна
сила, да ја совлада, покори и да го досегне брегот, но водата по средината
на реката се движи побрзо и поразбранувано од краевите на реката и таа
матица на протокот не допушта лаѓата да се извлече од неа.
Лаѓата е појдена многу подолу од местото кое од другата страна на
брегот треба да е пристан и излез за нас.
Веслото надвладува и лаѓата се доближува до брегот.
Брегот е висока камена чкарпа, прекриена со разлеано спрострен мраз.
Лаѓата миг е блиску до брегот, мигот следен е повлечена од водата кон
нејзината широчина.
„Ќе ја земам сајлата и ќе скокнам на брегот“, кажав, неубеден дека ќе
успеам да се задржам на премрзнатата косина на чкарпата. Но опасноста
постанува поголема ако и натаму нè носи реката надолу.
„Земи ја и скокај на брегот!“, ме поддржа Јанко. „Направи обид!“
Ја земам во раката сајлата. Таа е челичен плет на жици, на крајот
боцливо раздиплени. Откината е од некој багер, пренаменета за водење
на лаѓата. Студенилото на металот ми се лепи на дланката што во стег ја
затворив околу неа и цврсто истрајувам за да не ја отворам. Се исправам.
Кога лаѓата е најблиску до брегот скокнувам на брегот. Но на мразот немам
зафат за да го задржам телото. Тоа се лизнува во водата. Потонувам во неа.
Сега само главата ми е над вода. Челичната сајла и натаму ми е во раката.
Настојувам да ја задржам за да не одмине лаѓата надолу. Со другата рака
барам зафат по мразот за да се извлечам нагоре по карпата. Лаѓата, влечена
од водата, повлекува на сајлата. Сајлата ме влече мене кон длабочината на
реката. Челичните краеви од сајлата како игли ми се забиваат во дланката.
Ќе ме повлече сајлата, нема да ја додржам, и главата ќе ми појде под
водата, е светлосен миг на свеста. Ја испуштам сајлата за да се извлечам од
студенилото што го чувствувам низ длабочината на сето тело, оставајќи ги
тие во лаѓата на следен обид.
Рацете, згрчени од студенилото и од болката предизвикана од сајлата не
ми даваат сигурен стег по мразот што ќе ме извлече над водата. По повеќе
обиди успевам да дофатам возвишение на мразот и по брегот се извлекувам
нагоре.
Надвор сум од водата.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
30
Студенилото навалува во бранови што застрашува во следниот миг да ме
смрзне и да ме окова во мразот на облеката што е на мене.
Подолу, по рапав мраз, наслегнувам до водата, повикувајќи да ми ја
дофрлат сајлата за да ја дофатам. Лаѓата се обидува повторно да го дофати
брегот.
Од далечината се јавува гласот на Челико. Човекот што се грижи за лаѓата
и кој најчесто е лаѓар да услужи. Ја слушнал нашата врева, шлапањето во
водата, гребењето по мразот, довикувањата меѓу нас.
„Ќе преземам!“, со наредба во гласот ме ослободи од обидот, гледајќи ме
дека сум станал прокиснато пилиште.
А најновиот миг на свеста во мене е предупредувачки. Трчај за да не
смрзнеш додека не си смрзнал. Само трчањето може да извлече енергија
што ќе му се спротивстави на мразот. И трчав кон дома. Додека трчав мислев
на тоа, што се случува со другите.
Но присуството на Челико, со глас кој остана во свеста, ја држеше
сигурноста.
Со себе носел и јаже кое им го дофрлил кон лаѓата и ги задржал до
брегот. Потоа ги извлекол од насилната река.
СТАПИЦА ОД ПОСКОКОТ
Се зафаќав за работа во пчеларникот, а соседот ме повика да ја пробаме
ново-сварената ракија од сливи кантарки што сам ја подготвува. За да биде
сигурен дека ќе ме одоброволи да му бидам друштво, кое ја надополнува
убавината на одморот, како што велеше, зашто сам ракија не се пие, нема да
му го почувствуваш вкусот, подготвил и мезе од салатки кои сам ги одгледува
во градината. Знаеше каков поклоник сум на работата, но и дека таквата
понуда немам душа да ја одбијам. А нему и му требаше слушател кого ќе
има моќ да го потчини да ги слуша со внимание неговите раскажувања
за старите фамилијарни времиња. Откри еднаш дека во занес ги следам
прикажувањата што ги започна и потврдува дека ние двајцата, и ракијата,
сме едно многу добро друштво.
Неволно му одложив за подоцна, со ветување дека нема да чека долго.
Но, подготвувајќи се за работа со пчелите забележав дека старото одело,
кое планирав да го користам заради косидбата во пчеларникот, не ми е во
куќата. А му го позајмив пред извесно време нему да се справи со гнездо
оси. Не ја завршил таа операција со осите, ми кажа, па тргнав да го земам
од кај него, а ќе му го дадам кога тој ќе има потреба да го користи. Онака
бос тргнав, во фазата до која стигнав во подготовката, бидејќи соседот рече
31
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
дека, откако сум го одложил дружењето се подготвил со автомобилот да оди
во купување потребни прехранбени артикли од продавницата во населбата
долу. Патот до кај него е тврда подлога и нема опасност од нагазување и
повреда од боцки. Пред мојата пчеларска куќа, која е стара градба, дворот
е поплочен на земна основа и наместа по споевите има нараснато ретка
тревичка. Тука е уште попогодно за босо нагазување, а корисно за табаните,
малку да оцврстат. На плочникот често сум бос.
Шишето со ракија беше поставено на масата кај соседот.
„Прифаќам само за една“, му кажав. „Притиснат сум од работата и денес
морам да ја завршам. А и сум ти спомнувал, пчелите не трпат мирис на
алкохол. Тоа ја поттикнува нивната агресивност.“
„Ајде, знаеш и самиот дека со еден вол не се оди на орање.“ Старата
изрека му помага во наметнување на убедувањето.
Ракијата има вкус, добар шмек и нему му ги отвора хоризонтите на
приказната, а мене фантазијата за пресоздавање. Соседот го открива
времето, останато длабоко во минатото и го вади во сегашноста пред мене
како во мигот да се случува.
Соседот е прикажлив човек. Настојувам да ја смирам и успорам брзаницата
за враќање зашто не ќе е умесно од моја страна да го оставам недоискажан
и да заминам, па потседнав да ја доврши приказната. Соседот секогаш
раскажува интересно и не е досадно да се слуша неговото прикажување.
Напротив, создава интерес и љубопитство. Кажувањето сега му беше за
некој крушевски калајџија кој со чиракот патувал по селата извршувајќи
калаисување на кујнските садови од бакар. Кога од домаќинката сакале да
добијат јадење по кое стрвееле, а имало можност да се подготви, но не било
пристојно да се одредува јадење по свое барање во туѓа куќа, туку умесно
да се прифати тоа што се нуди, калајџијата почнувал на чиракот да мава со
стапот, искажувајќи бес кон негова непослушност. „Луѓето си имаат толку
многу свои обврски а ти настојуваш обврска да им наметнуваме и ние!“
Домаќинката сочувствително влегувајќи во одбрана на чиракот прашувала
што скривил толку за да биде така биен. „Е, му се јадело мазник“, луто
кажувал калајџијата. „Не може да досадува со барање што му се јадело!“ Се
фаќала на штосот домаќинката: „Колај бидува за тоа, не го тепај детето, јас
веднаш ќе подготвам мазник.“ Така го добивале јадењето кое го посакувале.
А почна да обросува и штом соседот ја доврши приказната тргнав
кон пчеларската куќа, поттрчнувајќи да му избегам на дождот кој многу
ненадејно се појави од кај планината. Беше подзасилен кога стигнав на
два-три чекори пред вратата и онака бос во последен миг одбегнав да не
го нагазам гуштерот, крај тревичката отпревртен на плочникот. Успеав да
го прескокнам да не го изгмечам, помисла што ми создаваше грозотија и
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
32
влегов низ вратата. Тука застанав и го посматрав дождот како подзасилува,
а прозрачноста во околината не најавуваше силен дожд. Само летна роса.
Се погледнав и кон превртениот гуштер, сега размислувајќи како дошол
тука и од што настрадал кога пред малку не бил тука. Повнимателно се
загледав во гуштерот и одеднаш забележав тоа што при нормалното
погледнување не ми беше забележително. Главата на гуштерот беше лапната
во главата на поскок. Змијата, завиткана и камуфлирана во тревичката,
изедначувајќи ја својата шара со шарата на плочникот и стеблинките, го
држеше уловениот гуштер.
Ми надојде страв од можноста што можело предмалку да се случи ако
навремено не го забележев гуштерот и ако не успеев да го одбегнам нагазот
врз него. Ќе беше нагаз на боса нога врз змија поскок. Најотровната змија
кај нас, која се крие по камењата и стигнува и во изградените делови и
живеалиштата.
33
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Биљана Т. Димко
ЧИТАТЕЛ
Да се запише да се напише буквар
за описменување на човекот
во трпеливоста,
во работливоста.
Сите пеплишта
се сторија соништа.
Буништето на стари склопки
скрои млади неотспиени ноќи.
Ко недотокмена стварност
постојам меѓу мислата и зборот.
Виорот на амбиции
ми го изеде домот, сврталиштето ми го нема веќе.
Ами сега?!
Сеништата се удираат по слабините.
Ги острат слабините на неуката болка.
„Си беше еднаш еден бестрашен човек ...“
Читам на глас.
Ѓом’ти дишам.
Секоја глава се бори за своите рамена.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
34
НАТЕМАГО
Како да те наречам кога немам
љубов во мене ни за мене?
Натемаго!
Младоста е неука во болката
та во нестрплива глад
бара многу, неискусна дека
малку ќе е доволно.
И натемаго!
И сите прописи и правила!
По улиците се тркала
човечка фигура
ко непрекината програма
на фестивалот на самотијата.
Како да те наречам кога немам
љубов во мене ни за мене?
Натемаго!
Ослободи ја душава од прангите на
уставот и законите
За мирно да љубам.
Натемаго!
БЕЗ ДЕТЕ
Единица мерка за болка,
има ли?
Се запрета во неизречените мисли
за да ги одгатне правите зборови.
Душата немо растрепери
Спласна под мигот на небиднината.
Има ли мерка за болка?
35
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ДОМ
Вечерва, токму вечерва
сакав да ти признаам љубов.
Громот на врвот од домот
беше погласен.
Пеплишта ми се сторија зборовите.
Сончевина ти постилам
да не го заборавиш патот за дома.
Неук си во слободата
се плашиш од височина.
Згргулен од величината на предците
не се осудуваш да бидеш свој.
Мракот широко зркнал
гладно ми ги гледа рацете.
Ти во навика
чиниш секојпат ќе бидам тука,
па ме оставаш за попосле.
Громот на врвот од домот
беше погласен.
Не шушка ветрот
треперат душите
на изгубените љубови.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
36
Никола Илијовски
ВИТЕЗ СКИТНИК
Кога ќе се разбудам
ќе избегам во непознатото.
Тогаш ќе имам време
за да се прошетам по кејот на осамата.
Брановите ќе удираат силно
и ќе копаат во бетонот, но нема да го срушат.
Сонцето ќе ме гори по дланките,
а јас ќе се смеам во себе
оти сум слободен.
Кога ќе решам да се разбудам
ќе си купам меч и една торба со стари соништа.
Нема да се плашам
да одам пешки по улиците на стравот.
Кучињата ќе ме препознаваат
и тогаш ќе знаат дека одиме по истиот пат.
Сонцето ќе ме удира по главата
а јас ќе знам дека сѐ е игра
оти сум слободен.
Кога ќе бидам разбуден
мојата работа нема да биде лесна
оти имам многу за одење
и уште повеќе за присетување
на сите желби што одамна сум ги заборавил.
Знам дека тогаш облаците ќе пуштат дожд
за да го измијат патот од сите премислувања
и дека навечер ѕвездите ќе знаат
кога да ги формираат моите соѕвездија.
Кога ќе се будам
ќе биде како одново да се раѓам,
37
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
само тогаш ќе знам што треба да правам
и нема да чекам мојот коњ да тргне сам
по ветрот на непознатото.
Кога ќе се разбудам
светот ќе биде ист,
а ќе изгледа поинаку
и јас во него заигран.
ВОЗДРЖУВАЊЕ
Времето слободно паѓа во просторот
Јас паѓам со времето по слободна навика
Некоја чудесна музика секогаш ги прати нашите чекори
Се воздржувам да помислам што е тоа?
Времето слободно паѓа по улиците
Јас газам по необележани пешачки премини
Некоја чудесна среќа секогаш ги прати нашите чекори
Се воздржувам да помислам што е тоа?
Времето слободно паѓа по сите страни на светот
Некоја чудесна мисла ми дава сила да продолжам да одам
Се воздржувам во себе и оставам работа за другпат.
Времето паѓа несвесно
а јас воздржано го задржувам возот
да успори по патот.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
38
ЗНАЕЊЕ
Да знаеш кога да молчиш
И да издржиш во молчењето
Тоа е нешто.
Да знаеш кога да зборуваш
И да издржиш да не кажеш отповеќе
И тоа е нешто.
А кога би го знаел
Тоа што сега не го знаеш
Тогаш можеш да се одмориш.
Постоењето се состои од знаење и незнаење
А тоа што се наоѓа помеѓу
Е играта што треба да ја одиграш.
МЕТАФИЗИКА НА ПОТСВЕСТА
Времето умира по улиците
До крајот на ноќта се сомневаме во денот
и знаеме да молчиме во сонот.
Денес сѐ е чудно.
Трчаме во непознат правец,
оти годишните времиња се измешани
во апокалиптичен театар.
Денес сѐ е чудно.
Времето умира по улиците
и нѐ залажува со нови изгрејсонца.
Трчаме како деца што неодамна проодиле.
Денес сѐ е чудно.
Времето умира по улиците
До крајот на денот дуваат лажни ветрови
и ни треба потопла облека за да издржиме.
Денес сѐ е чудно.
А сѐ може да биде поинаку.
(26.10.2022)
39
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Елизабета Јончиќ
ПРОЗА
Што гледаш во ПРЕДАВСТВОТО?
Легура од правец и препреки
уништени во миг своеволно
малтретирајќи те полека
додека ти се обидуваш
да ги разделиш...
Што гледаш во РАСУДУВАЊЕТО?
Превласт од правила и чест
демонски жестока борба во умот
меѓу чувствата и мислите
додека ти се обидуваш
да ги разделиш...
Што гледаш во ОПСТОЈУВАЊЕТО?
Карамела од измешани вкусови
со името што те замајува
но стврдната од искуството
го губи и вкусот и поимот
ти, се обидуваш да го сочуваш...
Што гледаш во ЗАМИНУВАЊЕТО?
Понорница од черешнини цветови
откинати од пазувите на најмилото
свилена шамија црвена, натопена
од солзите црвени на черешната,
се обидуваш да не ти се излизга...
Што гледаш во АПСТРАКЦИЈАТА
Нелогична потиснатост на зборовите
се губи во рамнодушноста на делата
одделувањето веќе се сторило
разбирливото и неразбирливото
сами, си го пронашле патот...
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
40
ОДДЕЛНО ЗРНО
Ти, мала исплашена Семко,
те гледам, како се мачиш
исфрлена во јаловите карпи
од налетот на споулавениот ветер
оставена сама на себе си да го сочуваш
Тоа, што го имаш
Под таа тенка кафеава коричка.
Ти, мала исплашена Семко
Што се криеш под пластови надеж
Пласт по пласт да напластиш,
Да оживееш, да се издигнеш
Во ова замелушено време
Од самопрогласени Ајнштајновци
Сезнајковци што го голтаат,
што го јадат, што не им стига.
Ти, мала исплашена Семко,
те гледам, како се мачиш
ползеш по намќорестиот карст,
се тресеш низ трнливата завист
се грозиш од одмаздољубивата циничност
се браниш од женски солзи
во машки очи што се разливаат
да не впиеш ни капка, да не овенеш,
зашто, сите се отчовечиле...
Ти не си демонски предавник
Ти си ангелски здив со мирис на среќа
Тенка коричка збрчкана над кожа
Над нежната кожа од лицето човечко.
Коприна од светлост си и дар најскапоцен
Бесценет дар што дар дарува!
Ангелски здив со мирис на среќа
Ти, Насмевко милна! Одделно зрно!
Те скриле во семка со тенка коричка...
41
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
НАВЕСТУВАЊЕ
Во светот денешен,
преполн со извештачени патриоти
(а, и тие до нив)
го слушам гласот на она што се викаше морал,
како скриено во сенка од некаде плаче...
А тој плач негов, срце ми кине,
и ме носи таму, каде ни мене, ни нему
не ни е место.
Не прашувај зошто,
Сепак, така е, прашањата денес не ти вредат многу...
Тие се сами, празни и грди,
ништожни и пусти,
изгубени,
заталкале барајќи си ја половината
секогаш туѓа за исто...
Секогаш поинаква – за исто...
Луѓе! Вашите маски проѕирни се!
Кажете само на што ли се држат?
Душа ли има тоа зад нив или бездна
Та пропаѓа сè што во очи им гледа!?
Срце ли има тоа во нив или е камен
Та здробува сè што на патот му стои?
И пак одговор нема,
само липот и солзи
и немоќни бледи сенки со стегнати гради,
и надеж пуста,
и пат обезглавен,
пат бесцелен кажан како ПАТ
за некое напред,
за некое утре,
за нечие добро...
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
42
ЗА ЗАСЛУГАТА
Не јади го лебот неизџвакан,
тој е благословен од Бог...
Станува грутка блантаво тесто
и не е сладок,
исто како незаслуженото заслужено
да си го присвоиш со гордост
и да се задавиш од срам
што ќе ти горчи
а јас, ќе молчам
ќе молчам како секогаш
за вистината што не сака да се слушне...
А ќе чувствуваш!
О, како само ужасно добро ќе чувствуваш
иако со окото нема да трепнеш
додека морничави боцки
низ телото ќе ти се редат...
Немој, ти, мене, за заслугата...
Глад за воздух.
Ја пара утробата ненаситно.
Глода пак ненаситно, и боли, и боли...
Не го искористувај зеленилото на нечија младост
ќе ти биде тешко
кога сувотијата ќе ја собираш
некој ќе побара сметките да ги израмни.
Знаеш...И тогаш грлото се стега
кога ќе замислиш
за водата пред време што си ја исцедил,
и си ја испил
а таа на сушата живот носи, и толку многу треба...
И гладот за воздух,
и распараната утроба,
и глодањето на ненаситната болка
кога ги исмеваш зборовите
со содржајна точност наредени во редот...
СИТЕ! Сите да се сетат за постапките
за заслугите,
за доброто и лошото
заслужено или присвоено
во штуроста од незнаењето.
43
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Весна Мундишевска-Велјановска
СУДБИНА
Најлесно е
секој фотон незадоволство
на лоша судбина
да се припише.
Сечија
себична еднина
множината на целоста
ја брише.
Во пресекот
на совршенството
и релативноста
блажено ротира
обичноста.
Во сличноста
на фантазијата
и илузијата
’рти возбудата на
магичноста.
Секое
големо откритие
кон изворот
на мали нешта
гравитира.
Фузијата
на љубовта
и вербата
соларни коридори
дисперзира.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
44
Насипот
од стравови
и несигурност
бесмислено
се вудвосува.
Секој
судбината
во куполата на
својот избор
ја врвосува.
РАЗДЕНУВАЊЕ
Утрото
врз образите на небото
здравје истури.
Поспаноста
ги мрежнее облаците
во невидени текстури.
Истекот
на зачетокот на денот
ја напрегнува неизвесноста
за раѓањето на копнежите.
Ритуалот на вдахновение
е растерувач за сомнежите.
Разденувањето
ќе ги отелотвори
надежите.
45
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
НАВЕВ
По зовриената кора
на придушениот вулкан
збунет ветар вее.
Вее кога самува
сам да не тагува.
Во јадрото на небегот
со стегнат здив
во пепел сивее.
Сивее што преврива,
што в магма не се скрива.
Ветрот што вее
во навевот не венее.
Овој ветар
во мене што дивее
со мене жив(е)е.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
46
НЕДОСТИГ
(на татко ми)
Не го сакам чувството
на бурбатење во стомакот.
Го знам тој предвесник,
сум му го прочитала знакот.
Ја сменив и мелодијата
за ѕвонење на телефонот,
но не се менува бодежот во градите,
не се дофаќаат парчињата од сонот.
Ме столчува недостигот на утеха
во голготата на секојдневијата,
расеаноста и неспокојот
се лица на самотијата.
Ме размрдуваат полемиките
што напати со блиските ги водиме –
Кои сме? Што сме?
Каде ли одиме?
Гневна сум и од барањето причини,
изговорите и прашањата разни.
Душата ми е полна,
но рацете – празни.
Ме одржуваат погледите
на твојата своевидна реинкарнација.
Сега Ангел ме чува меѓу рацете.
Ти во ангелчето – мојата животна инспирација.
47
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ЧЕШМА
Со расплесканите истеци
на ктиторската чешма
честопати пладнувањата
си ги капев во пена.
Сред едно обременето измивање
од в зори здушената бура
низ тешко-дишечкото испарување
препознав – жена.
Се извиваше од зад завесата
од згужвани капки прочистување
прскајќи со нежност
и нескриено човекољубие.
Во еруптивните вдахновувања
со прекривки од облаци
раните на духот
ги залекуваше со мудроумие.
Се препуштив на милувањето
на благословеното мајчинство
впивајќи ѝ го дишењето
– да не ми го земат.
Успокојувајќи се
во вознесот на единственоста
открив дека и изворите
кон Небото се стремат.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
48
Сања Мучкајева Видановска
СУВИ ЦРВЕНИ ПИПЕРКИ
Толчени цревни пиперки со компири и лук:
Се земаат десетина исушени пиперки, (обично сезоната на нивното
јадење започнува кон крајот на ноември, кога ќе почнат Божиќните
пости), се мијат добро заедно со четири, пет компири и се ставаат
заедно да се варат. Од кога ќе бидат добро сварени, се отстрануваат
лушпите на пиперките и на компирите. Потоа со дрвениот толчник, се
толчат, се’ додека не се добие убава хомогена маса. Четири, пет чешниња
лук се чистат и исто така на страна добро се толчат и се додаваат во
смесата. Се меша убаво за да се спојат. За пикантен вкус, се додаваат
и неколку суви, лути пиперчиња, кои исто така се претходно сварени со
останатите, но ова е додаток кој сака луто. Потоа се става една ракиена
чаша загреано масло и вода, околу половина голема шолја и сол по желба.
Се меша повторно добро, се додека смесата не ги впие добро водата и
маслото.
Баба ми секогаш велеше, слушај си го срцето но разумот секогаш нека
ти биде еден чекор понапред од него. Срцето е чудна работа, продолжуваше
таа, ти ги дава најубавите моменти и тврдоглаво ќе тврди дека истите тие
одат во чекор со тагата.
Не ги разбирав тогаш нејзините зборови, а погледот ми паѓаше на
нејзината уста која речиси никогаш не се смееше. Всушност, во ретките
моменти кога ги развлекуваше за да искаже радост тоа наликуваше на
стегната вилица која заглавила до таму и запираше на некое пристојно
истегнување, како да се плашеше дека ако ја развлече повеќе, радоста ќе
исчезне. Таа веруваше во уроци и секогаш нè предупредуваше да не го
лутиме Господ.
Ја гледав како ги толчи црвените суви пиперки со остри движења,
а толчникот во дрвениот аван се судираше од неговите ѕидови. Како и
нејзините зборови, кои во моето детство се судираа со неразбирањето на
тие сложени реченици.
„Дојди да видиш“, ми велеше. „Првата лекција на секоја девојка и идна
домаќинка е подготвувањето на црвени толчени суви пиперки.
Идна домаќинка?, помислив на свои десет години. Мајка ми вели
дека јас сум сè уште дете. Каква сега девојка? Сакав да го искажам моето
49
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
размислување гласно, но ситната жена пред мене имаше природна дарба пред
која противречноста занемуваше. Тоа беше придружено и со кревањето на
ковчестата дланка, што значеше дека треба да замолчиме. И замолкнувавме,
трите нејзини внуки, иако таа нејзина сува рака никогаш не нѐ допрела за
да нè казни.
„Домаќинка“, ѝ реков со потсмешлив тон на една од моите братучетки,
кога подоцна се враќавме од училиште. „Јас никогаш нема да се мажам, така
решив.“
„И јас“, одговори мојата братучетка.
Рецептот за правење црвени пиперки не е напишан на лист хартија.
Мислам и денес дека ни една домаќинка на нашите простори не го има
запишано овој рецепт во својата тетратка наменета за тоа. Тоа е единствениот
рецепт кој со генерации се пренесува усно од прабаба на баба, на мајка и на
ќерка.
Во октомври месец, секоја година се купуваа убави, меснати црвени
пиперки (во нашето семејство, се купуваа околу десет килограми). По налог
на баба ми, мајка ми и стрина ми го вадеа стариот бел чаршаф малку отпаран
на краевите кој служеше само за ова и го постилаа на подот од штици на
малиот чардак. Ги истураа пиперките на него и баба ми ги проверуваше
една по една, со брзи движења пребираше по нив и потоа како и секоја
година ќе процедеше низ заби:
„Видете! На никого во денешно време не можеш да му веруваш.
Одозгора убави и меснати, а внатре тенки како сукала. И расипани...“,
додека нејзините суви прсти поминуваа низ нив. „Убаво му кажав на Јордан
да ја отвори вреќата пред да ги купи. Ако треба и да ја истури цела за да
ги види. Видете...“, продолжуваше кревајќи една тенка пиперка, која како
расипан наметливец се провнала меѓу останатите дебели и здрави пиперки.
Потоа продолжуваше со потрагата по оние кои земјоделецот како што
велеше таа, подло ги подметнал за повисоката цена која ја платил татко
ми Јордан кога ги купуваше од пазарот. „Еве уште една и уште една...“,
продолжуваше и со брзи движења ги тргаше настрана иако знаевме дека
и тие ќе бидат нанижани со останатите, затоа што во тие повоени години,
беше распинички да се исфрли макар една пиперка.
И оние кои беа малку подрасипани, ги чистеше и печеше на шпоретот
на дрва, кој се наоѓаше потпрен на западниот надворешен ѕид од куќата, во
малиот двор. Ќе ги излупеше и со малку сол и масло ги оставаше за ручекот
за наредниот ден.
„Грев е да се фрла храна“, велеше.
Потоа ќе седнеа трите околу пиперките и секоја со по една голема
игла во раката ги продупчуваа дршките и ја провнуваа иглата заедно со
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
50
пиперката на дебелиот јутен конец. Баба ми, сè разбира, ги проверуваше
нивните низи, затоа што како што велеше, срамота е обесени да висат која
подолу - која погоре. Секој кој би дошол би ги видел пиперките обесени на
ѕидот над старата фотелја на чардакот и затоа пред да ги нижат, мајка ми и
стрина ми мораа прво да ги сортираат од најголеми, па средни до најмали
и секоја низа да биде наредена со иста големина. Но целиот тој труд беше
најсладок во зимите кога собрани сите околу шпоретот за дрва, она истото
кое во лето татко ми и чичко ми го вадеа во дворот за да се готви на него,
макавме со топол леб што го месеше баба ми. Лукот од толчените црвени
пиперки мирисаше низ просторијата и се мешаше со острината на некоја
лута пиперка која баба ми ќе ја истолчеше заедно со благите. Макавме и
џвакавме, шмркајќи одвреме-навреме од лутиот вкус. Но лутото не само
што го отвора апетитот, велеше таа, туку е и здраво, штити од настинки во
зима. И навистина, ние трите ретко се разболувавме.
За време на Божиќните пости, не ни беше дозволено ни нам да јадеме
месо. Бидејќи бевме деца, ни дозволуваа да јадеме млечни производи и да
го пиеме млекото од козата која ја чувавме во дворот, заедно со десетина
кокошки. Тогаш обично доаѓаше и првиот снег. Се радувавме како сите деца
на првите снегулки и едвај чекавме да излеземе во малиот двор, кога снегот
ќе се претвореше во бела прекривка. Легнувавме на грб со раширени раце
и нозе и ги правевме малите ангелчиња од што ни се зацрвенуваа образите.
Гласно се смеевме, додека снегот под нас ги омекнуваше нашите гласови.
Седната покрај прозорецот, гледаше во нас и тоа беа едни од ретките моменти
кога не бевме замолчувани да бидеме тивки. Влегувавме зацрвенети, додека
капки истопен снег се цедеа од нашите облекла. Веднаш се преслекувавме
и седнати покрај огнот го пиевме топлиот планински чај, додека полека
исчезнуваше болката од премрзнатите прсти која на почетокот штипеше, но
за кратко време се затоплуваа во волнените чорапи.
Топлината на домот знаеше да го одмрзне и најостриот мразулец. Дури
и оние кои се претвораа во остри висулки после краткотрајното дневно
сонце, од снегот кој се топеше од покривите и полека лазеше надолу.
Застануваше како фатен во стапица од брзото повлекување на зраците. Во
текот на ноќта создаваше чудесни кристални форми кои детската фантазија
ја поистоветуваа со најубавиот сладолед. Кришум ги кршевме наредниот
ден и ги лепевме јазиците на тој студен кристал без вкус и мирис.
Куќата во која живеевме беше едноспратна. Дневниот престој беше во
вистинска смисла на зборот дневно собиралиште. Особено во зимите кога
поради студот седевме сите заедно во една просторија. Во останатите соби
кои ни служеа како спални, беше премногу студено и во нив се повлекувавме
само за преспивање. Во нашата спална соба имаше брачен кревет за моите
51
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
родители и помошниот кревет на кого спиев јас. Другата спална соба во која
спиеја моите братучетки со родителите беше малку поголема од нашата.
Баба ми Костадина спиеше во малата кујна која беше одделена од дневниот
престој со платно, исшарано со ситни цветови. Кога беше навлечена, значеше
дека мора да бидеме тивки и тоа платно за нас беше свето одделување на
времето кога одмараше.
Од нејзината соба, која истовремено служеше и како кујна, низ еднокрилна
врата се излегуваше на чардакот. Кога ќе завршеше со попладневниот
одмор, таа излегуваше и седнуваше на удобната стара фотелја чиј седишен
дел беше вдлабнат од долгогодишната употреба. Тука го пиеше своето кафе,
загледана некаде во далечината. Ние и натаму моравме да бидеме тивки.
Над нејзината глава висеа црвените суви пиперки, наредени во правилна
низа. Никој не смееше да ја наруши таа низа, освен таа. Бидејќи и што ќе
се прави за ручек наредниот ден, беше исто така едно од правилата која ги
одредуваше таа.
***
Во тоа време, нашите мајки не работеа. Татко ми и чичко ми Богдан имаа
заедничка работилница за поправка на обувки. Речиси по цел ден остануваа
во работилницата, освен во недела кога не работеа. Мирисот на лепило го
носеа секогаш кога влегуваа дома после работниот ден. Во чаршијата каде
што се наоѓаше нивниот дуќан, никој не ги нарекуваше по име. Сите ги
знаеа како чевларите. Богдан беше три години постар од татко ми, но беа
толку слични по лик што луѓето не ги препознаваа кој е кој. Затоа најлесно
им беше да им се обраќаат со тоа заедничко име. Кожата на врвовите од
прстите им беше рапава и груба, а ноктите пожолтени и исто така рапави
од хемикалиите кои ги користеа за работа. Ми беше чудно како може двајца
луѓе да мирисаат секогаш исто. Луѓето се разликуваат по својот сопствен
мирис, но нивниот беше заеднички. Го делеа, како што делеа сè. Дури и
ние трите имавме чувство дека имаме по двајца татковци. За секоја работа
имаа исто мислење и заеднички став, како лепилото да ги имаше споено
и нивните размислувања. Единствено се разликуваа по тоа што татко ми
накривнуваше со десната нога. Неправилното зараснување на скршената
коска остави последици со тоа што беше пократка од другата.
Таа зима, имаше големи снегови, а студот под нулата се задржа сè до
февруари. Поради тоа имавме и продолжен зимски распуст. Улиците беа
натрупани со замрзнат снег, а тротоарите наликуваа на снежни трупци,
цврсти и нераскинливи. Под стапалата како да јачеше сиот тој насобран мраз
на кој мораше внимателно и полека да се пушта чекорот. Таа зима поради
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
52
ногата татко ми повеќе време беше дома. Чичко ми работата ја носеше дома
и тој се затвораше во шупата која ја замени со работилницата. И чичко ми
не седеше многу во работилницата. Чекаше да дојдат муштериите додека
беше ден и пред сенките да започнат да се спуштаат на мразот кој светкаше
во ноќта, се враќаше дома со торба полна со обувки. До вечерата работеа
во шупата, а кога ќе вечеравме тие неколку часа пред секој да се повлече
во студените соби, седевме и ги слушавме возрасните. Нивните сеќавања
се вовлекуваа покрај зажарената печка, а трупците со тивок пламен полека
се разгоруваа како што одминуваше вечерта. Таа зима спиев со мајка ми и
татко ми. Нивната топлина го гонеше студот. Го лепев грбот на нивните тела
и тоа беше иако најстудена, за мене најспокојната зима на која сеќавам.
„Ваква зима паметам пред петнаесетина години, неколку години пред
да започне војната“, рече баба ми додека вртеше брзо со иглите правејќи
бодови на џемперот што го плетеше.
Со вуницата околу вратот, и обвиткана околу показалците ја довршуваше
предната страна на џемперот за Катерина. Имаше намера за некоја недела
на сите три да ни сплете по еден џемпер од волната која ѝ имаше останато
од минатата зима. Прво плетеше за Катерина, па за Лилјана и на крајот за
мене. Иглите штракнуваа кога ќе се допреа една со друга.
„Селото беше завеано во снег. Едвај се пробивавме до плевната за да ги
нахраниме животните“, продолжуваше. „А и волците слегуваа во селото,
па никој не смееше ноќе да излезе. Со страв излегувавме и до нужникот
да одиме. Кога ќе излезев ноќе, се обѕрнував лево – десно, со страв да не
се озаби некој волк во дворот. Влегуваа секаде, тие ништожници. И по
дворовите на луѓето влегуваа...“, се издиша кога заврши и продолжи со брзи
движења да работи со иглите.
Се стресив од нејзините кажувања. Го замислив волкот, со црвени очи,
затскриен зад нашиот нужник во дворот. Ја подава главата, а очите му светат
како на ѓавол во ноќта. Јас застанувам неподвижна, се стаписувам. Тој ‘ржи,
ги покажува големите остри заби; муцката вибрира додека ги оштри, со
застрашувачки став е готов да скокне.
Таа ноќ и наредните додека траеше зимата, не излегов веќе сама. Нужникот
се наоѓаше веднаш до влезната порта на дворот и требаше да поминам низ
тесната патека, каде од левата страна се наоѓаше малата градина која во
лето раѓаше миризливи патлиџани и зелени пиперки, а нивниот мирис се
ширеше додека седевме на дрвените клупи околу масата и ручавме под
сенката на големата црница. Таа беше единственото дрво во дворот и не
само што нè разладуваше во жешките денови туку и нејзините плодови ни
ги обојуваа непцата, а често и лицата. Тие мали плодови, слатки и темно
црвени беа наслада за нашите непца. И прстите со кои ги собиравме и алчно
53
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ги пикавме во устата со денови беа обоени со боја на крв, како зајдисонцето
во тие летни денови да ги залепило последните зраци на нивните врвови.
Црвеникавата топка полека заоѓаше зад планината, со румен отсјај, ист како
нашите прсти, непца и образи.
Но, таа зима и соголеното дрво ми изгледаше како крволочен ѕвер кој
демне од темнината. Се сетив на неговите плодови со боја на крв и решив
дека мора да издржувам за природните потреби колку што можев подолго.
Држев речиси цел ден, а навечер пред спиење и наутро одев со мајка ми. Таа
мораше да ме чека на студот до дрвената ниска врата, пред која возрасните
ги наведнуваа главите за да влезат.
Веднаш до него се наоѓаше дворната чешма со корито од крупен камен,
на која во лето се прикачуваше гуменото црево за миење на нужникот. Во
зима, чешмата замрзнуваше и поради тоа секој кој требаше да оди во посета
на тоа место мораше со себе да носи кофа со вода.
Војната беше блиско минато, а во детскиот ум се врежуваат зборовите
кои раскажуваат за сè она што поминало. Но и свесното кое се врежува и
останува во длабочините на умот, целиот живот. Детството памети спокојни
моменти, а мирисите како тестамент се впиваат во потсвеста, речиси како
наследен ген. За жал, тие исти мириси болно потсетуваат и на пресекувањето
на секојдневието.
Наредната есен, еден ден, татко ми и чичко ми не се вратија од дуќанот.
Стравот и неизвесноста, се судираа од ѕидовите на тивката куќа. Баба
ми излегуваше и се враќаше, а мајка ми и стрина ми со вцрвенети очи
потскокнуваа со минијатурна искра на надеж кога таа влегуваше, внесувајќи
студ и молк. Ги креваше рамениците и секој нареден ден се враќаше со
јалови одговори.
„Никој ништо не знае. Ги одведоа некаде, но каде што никој не знае да
ми каже“, велеше со глас кој застануваше во грлото.
Седнуваше покрај шпоретот за да се затопли, ќе ја поднаместеше
шамијата на главата и со долгата маша го распалуваше огнот. Рацете ѝ се
затресуваа и изгледаше уште поситна и позгрбавена.
***
Татко ми и чичко ми беа затворени во Битолскиот затвор. Таа 1948 година,
беше година во која само еден збор можеше да ја запечати судбината на
многу мажи и млади момчиња. Ја запечати и судбината на нашето семејство.
После два месеца, баба ми успеа да дознае каде се наоѓаат нејзините синови.
Ни дозволија да ги посетиме неколку месеци после тоа.
Месечината сè уште се тегнеше по сивото небо, како да не сакаше
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
54
од некоја неразумна тврдоглавост да се повлече, а ние веќе бевме будни.
Нашите мајки забрзано ги пакуваа во плетената кошница колачите со суво
грозје и ореви кои ги направија минатата вечер, го свиткаа внимателно
тутунот кој исто така претходниот ден го купија на пазарот во еден голем
лист од весник, а остатокот од весникот го ставија исто така во корпата за
да имаат нашите татковци што да читаат. Со моето детско размислување,
тоа ме израдува - место во кое тие можат да седат удобно потпрени на некој
кауч, да читаат весник и да пушат тутун – беше сознание од кое ме обзеде
тивок спокој.
Баба ми истолчи суви црвени пиперки со варени компири и лук и ги
стави во едно поголемо лимено каначе и бидејќи немаше капак за да го
затвори, за да не се истури, го обвитка со волнена крпа, внимавајќи горната
страна да биде убаво прекриена и обвиткана.
„Внимавајте да не се истурат пиперките“, рече со наредбен глас. „Ќе ги
ставите најгоре во исправена положба.“
Минатата вечер, таа ги толчеше пиперките и компирите со таква
внимателност, речиси нежно поминувајќи со толчникот по дрвениот аван,
што се чинеше дека сета љубов ја пренесува во таа еднолична црвеникава
маса, од која се ширеше мирис на дом и семејство кое заедно ручаа и вечераа
секоја вечер, ги чекаа мажите секој ден да се вратат од работа, како еднолично
но толку спокојно секојдневие, што додека ја гледав како го прави тоа,
почувствував остар бодеж во срцето. Од шупата во дворот, која сега седеше
заклучена со алатите на нашите татковци, зеде едно шише домашно вино од
ланската година. Нашите татковци, правеа вино од грозјето од лозницата во
дворот, кое раѓаше преубаво црвено грозје. И виното го завитка во уште еден
лист од весникот. Топлиот леб кој се печеше во шпоретот на дрва мирисаше
свежо и вкусно.
„Доволно ли е мајко? Или да го оставам уште малку да се испече?“
Баба ми погледна во лебот и со врвот од показалецот притисна на
средината. Најважно беше да биде извриен од внатре, во средината каде
што е најдебел, како што велеше таа.
„Уште пет минути и доста е.“
Мајка ми веќе ги ставаше волнените плетени чорапи, по два чифта
за двајцата и два дебели џемпери исто така од волна. На татко ми беше
темнокафен, а на стрико ми темносин.
„Да ги топли...“, рече и воздивна длабоко. „Велат дека оваа зима ќе биде
студена. Уште од Митровден залади, а кога е студен Митровден и зимата ќе
биде таква“, заврши и уште еднаш воздивна.
Кога излеговме надвор, ме стресе остриот студен воздух. Немаше сонце
на небото, а ветерот, студен и влажен преупредуваше дека таа ноќ можеби
55
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ќе заврне снег. Порано толку многу се радував на снегот, но сега и тој беше
сив и непријателски.
Слеговме надолу по тесната уличка со калдрма, а куќите прилепени една
до друга, беа тивки. Беше уште рано и слаба светлина излегуваше од некој
прозорец. Откако слеговме по удолнината и ги оставивме зад нас, излеговме
на пошироката улица на која беше малку пораздвижено.
Арабаџиите се влечеа со своите стари коњи стуткани од утринскиот
студ, неколку минувачи забрзано одеа на работа, едно куче, изгладнето и
слабо, гризеше една коска, држејќи ја со тенките долги шепи. Продолживме
право, сè додека не стигнавме до реката која ја преминавме по дрвениот стар
мост. Од другата страна, дуќаните, наредени еден до друг беа со спуштени
кепенци, затоа што беше уште рано. Ја пуштив раката на мајка ми и го
обвиткав шалот поцврсто околу главата но и покрај тоа го чувствував студот
низ тенките празни просториката сè до главата. Се стресив и тогаш мајка ми
ја зеде мојата рака и ја стави подлабоко во нејзиниот џеб од палтото, заедно
со нејзината. Стрина ми ги држеше моите братучетки за рака од двете
страни, а баба ми одеше малку понапред со корпата во раката, внимателно
стегајќи ја за да не се истурат толчените пиперки со компири. Рамениците
ги имаше подадено напред, а грбот малку подвиткан ја следеше нивната
линија. Помислив колку се имаше променето овие последни месеци. Беше
молчелива и зборуваше само кога даваше наредби околу домаќинството.
Немаше никакво објаснување за тоа што се случи со мажите од нашата куќа
и зошто беа одведени на тоа место чие име не се споменуваше.
После пешачење од половина час, стигнавме до една голема жолта зграда
со исцрнети ѕидови, на која единствената комуникација со надворешниот
свет, беа малите прозорци со решетки. Илузијата за удобниот кауч и
читањето весник со мирис на тутун, одеднаш исчезна. Тоа ми се виде толку
чудно, дури и страшно, што помислив да ја оттргнам раката од џебот на
мајка ми и да истрчам назад. Дома би се затворила во топло и удобно и
никогаш веќе не би помислила на таа зграда. Никогаш порано не сум била
на таа страна од градот.
Ноември беше на изминување и како да сакаше да остави трага во нашите
премрзнати ножни прсти воврени во старите обувки уште од време на
војната, кои татко ми и стрико ми ги поправаа и одржуваа и, на замрзнатите
глави обвиткани во плетени шалови кои жените од нашето домаќинство ги
плетеа во зимските квечерини. Тие носеа впиени мириси на топол дом, сега
принудени да исчезнуваат под сивилото над нашите глави и пред оваа стара
зграда, осамена и грда околу која немаше ништо - дури ни едно дрвце кое би
најавило живот во оваа околина. Сè беше тивко и суморно.
Стоевме и чекавме нешто да подмрдне, некој знак дека сепак тука има
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
56
некаков живот. Блиску до нас стоеше уште една мајка со мало детенце,
држејќи го за рака, а од другата страна малку подалеку една поголема група
како нашата. Пред металната затворена порта на зградата, стоеја уште едни
постари маж и жена. Не се погледнувавме меѓу себе, само стоевме и гледавме
во зградата, во прозорците, како маѓепсани - да не се појави некој, иако
беше нереално, затоа што на нив имаше решетки. Сите стоевме неподвижно
со корпите во рацете речиси никој не разговараше меѓусебно. Ако и некој
прозбореше, тоа беше како шепот. Ветерот кој сега вртеше околу зградата,
како да сакаше да нè направи уште потивки, да нè скамени. Ми студеше
толку многу што почнав да мрдам во место, а прстите на нозете речиси и да
не ги чувствував. Мајка ми ме погледна, ми ја пушти раката и застана зад
мене за да ми го топли грбот и да ме заштити од студот.
Не знам колку време стоевме така, кога ненадејно се слушна звук,
цивкање низ ветерот. Сите погледнавме во правецот од каде што доаѓаше
звукот. Металната тешка врата се отвори тешко и сите како под комада
зачекоривме пред неа. Излегоја двајца крупни мажи облечени во војнички
шинели, а нарамените пушки го засекоа воздухот и во мене предизвикаа
страв. Подзастанав малку со раширени очи, но мајка ми благо ме повлече
за раката. Ајде, го слушнав нејзиниот шепот, толку тивок што не знаев
дали навистина ги изговори тие зборови или мене само така ми се причини
поради ветерот. Тргнавме со несигурни чекори.
Едниот маж имаше груб израз со густи мустаќи кои стрчеа од страните
и на кои имаше остатоци веројатно од појадокот кој штотуку го завршил.
Погледна во нас, а другиот стоеше зад него, но поради крупните плеќи на
првиот, не можев да го видам.
„Соберете ги сите своите лични легитимации“, извика.
Возрасните се размрдаа и ги извадија личните документи, за да му ги
подадат.
„Не така! Реков соберете ги сите!“ Неговиот страшен глас одекна во
мене како експлозија и тогаш се потврди мојот страв. Татко ми и чичко ми
се наоѓаат на некое страшно место. „Ти, другар...“, покажа со раката кон
постариот маж кој, додека чекавме стоеше до вратата со жената, „Собери ги
сите на едно купче и да му ги предадеш на другарот“, продолжи, отстапувајќи
му место на другиот маж. Со брзо движење се сврти назад и влезе внатре, со
тресок затворајќи ја вратата зад себе.
Помладиот човек кој носеше пушка на десното рамо исто како него, не
рече ништо. Ги собра легитимациите и без да прозбори збор, се сврти со
истиот отсечен чекор како неговиот претходник и влезе внатре. Останавме
да чекаме пред вратата. Веќе не се тресев од студот. Тресењето премина
во чуден страв и не можев да се смирам. Низ главата ми поминуваа слики
57
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
со стотина вакви војници кои што трескаат врати, со груби гласови, таму
внатре каде се наоѓаа татко ми и чичко ми.
Мајка ми веќе не ме држеше за рака и сега стоев до моите братучетки,
во кои не сакав да погледнам, затоа што знаев дека ако ги погледнам, ќе го
видам стравот и во нивните очи и со тоа тој би се зголемил толку многу што
не би ми давал да дишам. Се борев да ги исфрлам од главата сликите, да
замислам дека внатре е сепак топло и удобно и дека грубоста е само овде
на влезот, само колку да нè заплашат нас. Но знаев дека се залажувам и се
трудев да земам длбоко воздух за да престане тоа тресење и мислите кои
ми ја опседнуваа главата. Помислив на тоа дека лебот ќе се излади на овој
студ, но сеедно. Кога ќе го јадат татко ми и чичко ми и понатаму ќе биде
крцкав, а внатре мек и дека додека џвакаат ќе се затоплат околу срцата исто
како да се дома. Тоа малку ме опушти и ги замислив внатре после убавото
јадење на лебот и пиперките, како удобно потпрени пушат од тутунот и
тивко разговараа меѓу себе; задоволни од вкусот на јадењето и од мислата
дека после тутунот ќе загризат од убавите колачиња подготвени само за нив.
Звукот од металната врата, ненадеен и остар, ме пренесе во реалноста.
Излезе помладиот човек и започна да чита имиња и презимиња. Возрасните
застануваа пред него откако ќе го слушнеа своето име и презиме. Еден по
еден му ги даваа корпите со јадења и топла облека. Тој ги ставаше покрај
нозете, долу на калливата земја и тие одеднаш изгледаа толку извалкани.
Ја погледнав корпата која му ја предаде баба ми. Под чистата ленена крпа
ѕиркаше едно мало крајче од домашниот леб. Излезе и другиот човек со
густите мустаќи. Ги земаше корпите и повторно се враќаше. Вратата
повторно се затвори со тресок.
Стоевме неподвижни и чекавме. Не знаевме што да правиме. Започна
тивко шепотење. Тивкото прашање дали ќе нè пуштат внатре, се предаваше
со тивок шепот од еден на друг. Чекањето се одолговлекуваше, а сонцето
пушти слаби зраци меѓу сивите облаци. Сега и возрасните мрдаа во место
за да се загреат, често погледнувајќи кон вратата.
Не знам колку време помина кога повторно се отвори, бидејќи времето
кога се чека нешто толку драгоцено - во овој случај драгоценото беше,
само еднаш да ги прегрниме нашите сакани и да ја почувствуваме нивната
топлина за да се увериме дека се добро - е само една точка во просторот
наречена надеж. Младиот човек излезе сам. Веднаш се најдовме пред него,
нашата група пред оваа валкана жолта зграда, премрзнати, но полни со
надеж. Мислам дека во тој момент додека тој не ја отвори устата и ветерот
запре и дишењата запреа, толку беше тивко.
„Оддалечете се од вратата“, рече со глас кој не беше груб како на првиот
човек. „Ќе можете да ги видите на прозорците“, рече и повторно се изгуби
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
58
зад затворената врата.
Со брзи чекори се упативме на местото од каде што најдобро се гледаше
кон прозорците. Со кренати глави, се напрегавме за да препознаеме некоја
од сенките кои се појавија на прозорците. Мојот поглед одеше од прозорец
до прозорец за да ги здогледам нивните ликови. Колку само сакав прва да
ги здогледам, за да извикам во кој прозорец да погледаат сите од нашата
група. Да бидам прва која ќе ја објави веста за нивната насмевка кога ќе нè
здогледаат и тие. Но, решетките го затвораа мојот поглед и речиси иронично
ми се смееја, укажувајќи ми дека насмевките се замрзнати во оградениот
простор низ чии железни препреки не можат да излегуваат и да влегуваат.
Реалноста ги зароби и затвори на којзнае колку време.
„Ене ги татко ти и чичко ти“, ја слушнав мајка ми. Покажа со прстот на
еден прозорец кој ги имаше заробено тие насмевки, на вториот кат. „Поздрави
ги со раката, брзо“, ми рече сега погласно мајка ми додека мавнуваше и таа
и истовремено ми го покажуваше правецот, со чудна возбуда во гласот.
Ја кренав брзо раката иако не можев да видам ништо, затоа што сонцето
ми светна во очи.
„Толку беше“, рече мајка ми тивко, а раката сè уште ѝ лебдеше во
воздухот. Ја наведна главата и ме фати за рака. Ја стисна цврсто, што дури и
почувствував болка, додека сè уште гледав во прозорецот. Конечно сонцето
се тргна и сега можев јасно да го видам прозорецот.
Беше празен.
„Да си одиме дома“, рече баба ми со глас кој наликуваше на скршена
насмевка која никогаш нема да биде истата, колку и да се обидуваше да се
состави во иднина.
Татко ми не издржа во затворот. Доби воспаление на плуќата.
***
Чичко ми се врати дома после три и пол години. На крајот од шеесеттите
години на минатиот век, чичко ми со семејството замина во Германија. Таму
беа погребани и чичко ми и стрина ми. Моите братучетки живеат таму со
своите семејства.
Баба ми, секој ден зборуваше сè помалку. Кога останавме сами во старата
куќа ние трите, таа веќе лежеше во постелата.
„Од млада вдовица“, рече со едвај чуен глас. „па мајка завиена во црно,
Коце моја, нема ништо пострашно“, воздивна тивко.
Дишеше едвај чујно. Ја фатив нејзината студена дланка, а ковчестите
прсти возвратија со слаб стисок. Не плачев. Од смртта на татко ми, солзите
се имаат заглавено во грлото и не сакаат да мрднат.
59
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
„Го носиш моето име, но нема да ја носиш мојата судбина. Ти мораш да
живееш посреќен живот.“
Тоа беше последното што го рече. Имав неполни триесет години кога нè
напушти. Веќе имав свое семејство, иако кога бев мала велев дека никогаш
нема да се мажам. Тогаш веќе знаев зошто беа затворени татко ми и чичко ми.
Во еден обичен разговор во чаршијата, се изјасниле дека се поддржувачи на
Резолуцијата на Информбирото. Толку требаше во тоа време. Беа жигосани
како ненародни елементи.
Јас го исполнив аманетот на баба ми. Со гордост го носам нејзиното
име и проживеав убави години. Сфаќам дека мојата душа е поврзана со
нејзината. Не е тоа огледало, бидејќи судбината ја носам како сопствена на
моите плеќи, но нејзиниот живот и мојот е како прозорец. Надворешниот
дел е реалноста, а внатрешниот дел се сеќавањата со сите мирудии и мириси
од минатото.
Постариот син, со помош на моите братучетки најде работа во Германија.
Со своето семејство, го градат својот дом таму. Помалиот син живее во
близина на мојата куќа, истата во која пораснав. Со мојот сопруг останавме
во неа, ја реновиравме, а мајка ми остана со нас. Ги гледаше своите внуци
како растат.
Денес, за ручек правев црвени суви пиперки. Внуката од мојот син многу
го сака ова јадење. Рече дека ќе намине да ме види и веднаш се зафатив со
подготовката. Живеам сама од кога мојот сопруг замина ненадејно пред три
години, од срцев удар.
Мирисот пријатно се шири низ куќата. Ја чекам внука ми Костадина, да
дојде.
Ќе ручаме заедно.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
60
Христо Петрески
РАСТОЈЦА – ОГЛЕДАЛО НА МОЈАТА ДУША
ЗРАК
Ставив ситни семки во ровката земја / и попрскав со рака како поп со
босилек
Набрзо се појавија тенки бели стебленца како конци / на главите со
зелени чалми
И сите магдоноси и марули тргнаа кон надвор / како исправени војници
пред бој
А поетот може(ше) со денови за нив да (ис)пишува поеми балади сонети
и псалми
И очите трчаат и се лиднати по зракот / брзаат да ги (пре)стигнат коњите
на мракот
А толку многу затворени очи заминале на почин / па тоа е браќа и сестри
мои невиден злочин
За еден зрак и сите тунели би ги срушил / низ нив и по нив се провира и
коренот и стракот
Од небото се истура сноп светлина врз зрелиот сончоглед / во стаклениот
бокал сончевина се точи
Сал премалениот и подгрбавен осамен татко пред куќата / на камена
плоча грее стари коски
Во друштво со гурелавата и мижуркава мачка / со шепата брка пеперутки
и крупни црни муви
А во визбата каде одамна си заминала и последната светла надеж /
изртиле сал отровни габи
И нема кој да ги откорне и фрли / зашто и рацете и нозете, но и устите и
клепките се сосем суви!!!
61
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ВРЕМЕ
Времето е воз којшто вози само во еден правец
Има само еден кондуктер и нема повратни билети
Секој што се обидел да го врати времето назад
Не успеал воопшто во тоа и газел бос по остри жилети
Кој еднаш се качил на возот наречен време
Тој залудно мислел дека претходното ќе се врати
Па од скршени огледала едвај составувал мозаици
И својот данок цел живот го отплатувал на рати
Но редовно се качувале и лутале и слепите патници
Зашто ниту знаеле каде тргнале и каде ќе стигнат
А спокојно патувале само тие кои ги носел самиот воз
И не се ни обиделе никогаш рачната кочница да ја дигнат!
КУЌА
Кога куќата ќе се навали од сопствената тежина
Набрзо потоа ќе попуштат и ѕидовите и покривот
И темелите ќе се ослободат од преголемата тежина
И тогаш куќата ќе се збогува од исправ(е)ниот живот
Ќе се замори ли куќата од постојаното стоење в место
Ќе се помрдне барем малку но тоа не се случува често
Со левата рака ќе се почеша пред нешто значајно да рече
А со десната нога ќе ја затвори дупката каде почнува да тече
Тогаш ќе дојдат и водоводџии електричари дограмаџии...
И најразлични улични шетачи и продавачи на магла и ветер
Но колку повеќе ќе се обидуваат да ја из(в)лечат старата куќа
Толку нејзината положба и состојба ќе станува бетер и бетер!
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
62
СЕДЕЛА
Седелата се празни не кога ќе ги напуштат птиците
Туку кога нема веќе да помислат назад да се вратат
Тогаш исчезнуваат сите дамнешни спомени и посакувани соништа
А болката за изгубените нешта само преселниците можат да ја сфатат
Сега седелата самотно скапуваат на ладниот зимски дожд
И полни се со вода и невидена ладнотија и празнотија
А и малечките птици одамна ги променија пердувите
И се навикнаа на уште поголема и потрајна самотија
Срушете ги сите седела во кои нема ни легло ни род
Зашто тие попусто висат на највисоките гранки
На столетните стебла кои страдаат од црвојадина
И не се веќе ни за мазни штици ни за тенки деланки!
МОВЧЕ
Каменото мовче над малата рекичка наречена јаз
Се излижа од газење на стапки кои немаат број
И сите тие секогаш оделе долу и се враќале горе
Но не ќе се дознае точно за сите нив и кој бил кој
Дрвеното мовче преку поголемата река наречена Жаба
Одамна нема ниту една греда и ниту една штица
И преку него се поминува само во намерите и мислите
Но не и на светол ден а најмалку пак во црна темница
Преминуваме сега само преку нашите невидливи мовчиња
До кои исто така водат лажни и измислени тесни патчиња
И одамна преку нив не преминуваат ни баби ни дедовци
А не пак фатени за раце и прегрнати сестрички и братчиња
63
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Михајло Свидерски
ИЗВАДОК ОД РОМАНОТ
„СИНОВИТЕ НА АДАМ“ ВОСТОК (2022)
Боже, денеска целата сум во бунило и не сум сигурна за ништо, па
дури ниту дали дишам. Обземена сум од некоја вознемиреност и срцето
ми чука како полудено, ќе се затресе и ќе ми ги поткрене градите, ќе бие и
како да прелапнува, како да чука побрзо од што може и на момент мислиш
престанува, ме штрекнува и пак продолжува да удира во градите. Не знам
ниту кога се раздени, ниту кога се разбудив и што направив потоа, ниту
дали успеав да изустам ниту збор кога ми кажаа дека син ми се враќа од
училиште. Дедо му е на умирање, ќе му кажам, вели заслужува да ја знае
вистината, нема потреба, велам јас, не постои вистината, она што ние го
сметаме за вистина, за наша сопствена вистина, тоа е вистината, а она
што го отфрламе како лага, и да е вистина, за нас останува лага. Тој мора
да знае, повторува полека и како чад да му се крева од устата, градите му
клокотат како зовриена вода што испарува, ме гледа право во очи со некој
поглед на закана, а толку е беспомошен, лежи неподвижен во постелата и
ги поминува своите последни часови, косата и ноктите нагло му пораснаа,
стомакот му е надуен, лицето му е обземено од бледило, викни го да му
кажам, вели, не е дојден, сѐ уште не е дојден, му велам и уште толку се
вознемирувам, почнувам да ги тријам рацете, станувам од столот, одам до
кујната, влегувам во спалните соби и ги превртувам јорганите, ги местам
перниците, излегувам и пак се враќам до него, излегувам во дворот, го
метам, правам сѐ ова убиствено траење на времето да биде што е можно
пократко, а ми се гледа како вечност. Го чекам син ми. Сигурно ќе сака да
го види барем него, оти со него беше и ден и ноќ, дента кога заминуваше,
беше тажен што нѐ остава, очите му беа црвени, по лицето му се тркалаше
и по некоја солза, ќе ги кренеше рацете и набрзина ќе ги избришеше со
дланките. Беше тажен, а истовремено во него имаше и некој гнев што му
го муртеше лицето, му ги собираше усните и му го ожесточуваше погледот,
никогаш повеќе нема да се вратам дома, рече, и ме погледна право во очи,
како да сакаше да ми каже повеќе никогаш нема да ме видиш, не се враќам
кај тебе, не вели така, само тоа го повторував, а што би кажала и јас самата
носам многу тежина за сите дома, сакав да му речам дојди да те прегрнам,
да те бакнам, ама ми се враќаа зборовите, тоа никогаш не сум го направила,
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
64
оти и јас самата живеев само во студенило, ниту мене некој ме прегрнал,
ниту сум знаела да прегрнам, ниту да љубам, ниту да милувам, целата сум
згрчена и само слушам, гледам, а ништо не можам да направам, ниту знам
како да го направам оти немало кој да ме научи, оти и љубовта се учи, и
сакањето, и нежноста, и прегратката, сѐ се учи во убав дом, во топлината на
семејството, а јас ниту имав дом ниту семејство. Во оваа куќа бев донесена
насила, против својата волја, против сечија волја, против Божјата и против
човечката, оти кој би сакал да види едно невино девојче фрлено во рацете
на човек што не си го знае името, презимето и живее надвор од разумот. И
сите ме сожалуваа, ќе ме погледнеа, ќе ја протресеа главата и ќе заплачеа,
кутрата таа, ќе ме погалеа по лицето и ќе заминеа, никој не застана зад мене,
никој не застана зад правдата, а правдата не ги стигна ниту тие што ми го
направија ова. Ама човекот што умира на креветот сака нешто да му каже
на син ми, и тоа ме вкочанува.
И одеднаш го гледам низ прозорецот, син ми, пораснал, извишил како
фиданка, како цвет кога распупува, со погледот зрачи и мислиш ја осветлува
целата улица, иако е дење.
После четири години собрав храброст да се вратам дома. Таму ги затекнав
лицата на домашните, онака како што ги оставив, непроменети, само малку
остарени, со збрчкани лица, но исто толку ладни и туѓи, далечината како
ми направила еден голем одмор од нивните бескрајни и секогаш нови
проблеми кои им се напластуваа како лишај, слој врз слој, кој и колку и да
го стругаш, да го гребеш и да го уништуваш, тој никако не исчезнува, по
следниот дожд пак ќе се појави и ќе обрасне сѐ околу себе, ќе ги обвие сите
во домот, ќе ја преплави куќата, дворот, имотот, лицата на моите родители
остануваат истрошени, бледи, со брчки и подочници, погледите им се
нурнати во подот од темните соби во кои ги минуваат деновите без струја,
нивните очи се влажни од студот и ги менуваат боите, бледнеат, небаре сѐ
што гледаат пред нив е само сивило и нема излез од оваа бездна во која
баналното секојдневие е исполнето само со грижи и нема место ни за малку
радост, ниту за насмевка. Кога влегов во дневната соба, само што ја отворив
вратата, тие нешто гласно зборуваа и одеднаш занемеа, ветар од молк
проструи низ собата, ме погледнаа толку зачудено, ги отворија очите и не
трепкаа, можев да го слушнам нивното забрзано дишење, мислам и дека им
го слушав чукањето на срцата во ист тон, забрзано, тахикардично, целата
соба полна со очи гледаше во мене, како да не ме познаа, или можеби не
сакаа да се вратам, не знам, ама, како и да е, јас не сакав да ги видам после
сето тоа отсуство што го присвоив како свое секојдневие, толку се навикнав
без нив што сега нивното присуство уште при првото влегување дома
65
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
почнува да ме задушува, да ме притиска. Лицата им се вцрвија, можеби и
нив ги вознемирува моето доаѓање, ги плаши моето појавување на вратата,
сигурно си мислат дека некој туѓинец им влегува во домот, и тој туѓинец
толку ги застрашува што само гледаат во него и молчат. Мене молчењето
ужасно ме плаши, оти и јас молчам кога сум уплашен.
Влегувам низ вратата, ме удира реа, дедо ми лежи на креветот, гледа
беспомошно во мене и како со погледот да ме прашува, дојде ли конечно,
дојдов, велам и само што ми го слушна гласот, очите му засветеа како
ѕвезди, му бакнувам рака, го прегрнувам, едвај дише, ама сета живост му е
собрана во очите и во радосните погледи што ми ги упатува, седни до мене,
за последен пат да те фатам за рака, тебе те чекав ми вели, сосема се смалил,
не си веќе истиот човек, го паметиш прашањето што ѝ го постави на мајка
ти дента кога те истепав со стапот и цела ноќ не се врати дома, ми вели, ние
тогаш требаше да ти кажеме, ама немав храброст да ти кажам дека ти си
плод од една голема грешка, од една страна се каам од дното на душата, а од
друга страна, среќен сум што ти ни го разубави домот, секогаш бев горд со
тебе, ама секој миг кога ќе те погледнев в очи, ме потсетуваше на мојот грев
и сиве овие години во себе носев неверојатна тежина, се срамам од себеси,
знам дека и лебот што го јадам е харам, ама не сакам ти да го носиш товарот
и помислата дека си плод на грев.
Значи, не сум сонувал, ме штрека мислата, тие двајца што ги видов
натиснати на кревет, тоа не беше сон. Дај ми вода, ми вели, и додека се
вратив со чаша вода во рацете тој веќе беше мртов. Колку е чуден животот,
не можеш да умреш додека чекаш некого да се врати, тоа чекање, таа надеж
е одбрана од смртта. Уште посилна е ако имаш нешто тешко некому да
кажеш, за да се ослободиш од тежината. После смртта, зачудувачки, сите
откажуваа да го искапат дедо ми за погребот. Кој и да прашавме, одбиваше,
некои велеа дека не сакаат да го гледаат вака истрошен, целиот кожа и
коски, други се правдаа дека сакале да го памтат по убавите моменти, за на
крај како награда или казна на судбината, јас да бидам тој што ќе го допира
по мртвата кожа, по дланките, по стапалата, беше студен како мраз, ама во
мене тлееше некоја чудна топлина, бев шокиран но истовремено и смирен.
На погребот бевме само оџата и јас. На патот од гробиштата кон домот за
последен пат си повторив во себе: Јас сум најмалиот брат на татко ми и на
чичковците, а и најмал син на татко ми од неговите пет деца.
Му простив на Симон што ме вовлече во мрачните одаи, му простувам и
на татко ми што цел живот го викав дедо. Богоугодно е да се простува, сите
ние сме синови на Адам.
Деца на рајот.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
66
Мирјана Стојановска
ФИЛОЗОФСКО-ФАНТАСТИЧНА, МЕТАФИЗИЧКО-
ПОЕТСКА ДЕСКРИПЦИЈА НА КОСМОСОТ, НА
ЖИВОТОТ, НА ВЕЧНОСТА
(Осврт кон книгата поезија „Манифест на каменот“ од
Виктор Радун Теон)
Книгата „Манифест на каменот“ е шеста книга поезија од Виктор
Радун Теон. Книгата содржи вкупно 59 песни, поделени во 6 циклуси, чии
наслови се воедно и насловите на објавените поетски книги на авторот,
вклучувајќи ја и оваа книга: „Јајцето на Еднорогот“, „Вавилонски водопади“,
„Чудото на Фениксот“, „Крвта и розата“, „Змијата на Бурата“ и „Манифест
на каменот“.
„Манифест на каменот“ претставува финална книга во неговата
хексалогија. Сите шест поетски книги чинат едно неразделиво единство,
единствен систем, како симбол на Универзумот во сета негова комплексност
и циклично движење. Таа, исто така, симболично претставува трактат на
Времето како посебна димензија кое постојано се повторува и возобновува,
прикажано во форма на Ауроборос, Змијата и сл.
Универзумот, според авторот, е еден космички циклус на вечно траење
и движење, кој почнува и завршува во една точка и повторно продолжува,
само од повисоко ниво. Четирите од вкупно шест книги ги симболизираат
градивните елементите на космосот, а тоа се: вода, оган, воздух и земја.
Книгата „Манифест на каменот“, го симболизира елементот Земја. Тој
елемент е симбол на крајот, на довршувањето на одреден циклус или процес.
Целата збирка е во тој знак. Низ песните и стиховите се провлекуваат
симболи и метафори претставени со: камен, карпа, скапоцени камења,
почва, земјиште, зданија, тврдини и др. Каменот е синоним за познанието,
така што за „Манифестот на каменот“ потенцијално може да се зборува како
огледало на лирскиот субјект, што му овозможува на авторот да се спушти
во подземјето на јаството и да се издигне и отелотвори во нов почеток.
Книгата е филозофска имагинација која преминува преку метафизиката
и теологијата и влегува во реалноста. Вака формираниот поетски склоп
открива нови сознанија што ја прави оваа поетика посебна, автентична,
авангардна. Ако на почетокот книгата наликува на извесна научно-
фантастична дескрипција што нѐ потсетува на популарните романи од
67
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
тој жанр, веќе од вториот циклус песни преовладуваат стиховите на
љубовната, па дури и еротизирана поезија, каде чинот на водење љубов
е чин на постоење и потврдување на битието во неговата примордијална,
егзистенцијална димензија. Да се вкусат и отсликаат тие сегменти на
животот, преку мајсторството на метафората што се проникнува тематски
во целовитоста на книгата, навистина изискува поетско мајсторство што
авторот Виктор Радун несомнено го потврдува со оваа книга.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
68
Илче Стојановски
ОЧИТЕ НА ТИШИНАТА
Нејзините очи се светли
како солза на зракот од сонцето,
погледот е далечен и бескраен...
длабок како морско дно.
Тие гледаат сè...
допираат до најскриените тајни,
животот низ спомените го откриваат
и заспиваат во сон од мирисни тревки.
Желбата и копнежот го кријат во зениците
и упорно молчат...
Со молкот ја кажуваат вистината
место збор да прозборат.
Кротко гледаат во просторот,
небесната шир ја пробиваат,
далечината ја доближуваат,
тагата ја ублажуваат...
69
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
СПОМЕНИ ВО ТИШИНАТА
Во мислата ги броеше миговите
животот што го сочинуваат...
и секој миг е изоден пат
во тишината на твоите желби.
Спомените се раѓаат како живи слики
во очите на твојот недосонуван сон
што постојано го носиш со себе,
во себе, како дел од тебе.
Погледот ти шепоти минати дни
од тајната соба на твоето детство,
од дното на езерото извираат
капките вода како зборови од тишината.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
70
ОДМИНУВА ДЕНОТ
Одминува денот
како дел од животниот сон
со сите свои недоречености
како тишината во мракот.
Зракот - надеж,
само тој останува да свети
како светилка во секој твој чекор
што те следи во животот.
Тргни таму,
каде тишината векува во својот молк
и во мигот радувај се...
одминува денот неповратно...
Застани малку,
почувствувај го мирисот на животот.
Одминува денот...
неповратно патува...
Со секој твој чекор патува
во мислата на твојот сон
Запри го за момент, прегрни го... силно гушни го
Зачувај го споменот на мигот... Одминува денот...
Од длабочината на срцето
бисерни капки се разлеваат на брегот,
на песокта жолтозрачна
од одблесокот на светлозрачната ѕвездена ноќ.
71
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
ЉУБОВНА ИГРА ВО ТИШИНАТА
И повторно таа... тишината...
е крадец на нашите погледи во ноќта,
во таа осама на бурна мисла
што плови врз брановите на животот.
Стоиме на брегот на нашата средба
каде само крикот на галебите се слуша.
Љубовната игра може да започне
скриена во школката на дното од срцето.
Усните шепотат тајни скриени
меѓу нашите тела што треперат
како лисјата на брезите под прозорецот,
чувари на стари спомени и соништа.
Љубовна игра како бран во тишината,
на брегот на чувствата,
засидрен молк што чека
тишината и темнината да го голтне во сонот на бескрајот...
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
72
ЖИВОТОТ Е СОН
Гласноговорникот
во тишината на тајната соба
сè појасно и погласно се слуша...
и секој збор го впива твојата душа.
Како лек е тој пустиот
кога е вистинскиот
наменет за тебе,
болката да ја смири.
Божја промисла ќе да е,
рече старицата и се прекрсти,
се наведна пред иконата
пред да легне да спие.
Сон – магија – си рече, штом се разбуди...
сум спиела долго
уморна од секојдневието
брзајќи низ кривулестиот животен пат.
Само миг, само миг застани
пред да продолжиш,
не брзај...
погледни наоколу...
тишината е толку благородна
ти ги дарува сите спомени
од цел еден живот
преточен во сон.
73
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Добре Тодоровски
ПРОШКА
Летната горештина зафатила насекаде. Особено се чувствуваше кога
сонцето се наоѓаше на половина пат, највисоко на небото. Тогаш жештината
беше неснослива, па човек требаше да се крие под најдебелата сенка, или
спасот да го бара во разладните уреди.
Сиве Плитароски беше човек во средни години, претерано елегантен, со
постојано развлечена уста, што се чинеше како да се насмевнува. Така, или
останата некогашна мана од непознати причини. Иако беше имотен човек,
тој постојано го користеше градскиот превоз кога одеше и се враќаше од
работа. Со завршено високо образование, беше вработен како државен
службеник во Општината. Но, иако ги имаше сите позитивни човечки
особини, ете, не нашол за згодно време да се ожени, што се вели, да си
најде друшка.
Застанат простум и потпрен со лактите на отворениот прозорец, го
чекаше крајот на работното време. Се загледал во зеленилото на градскиот
дрворед и се замислил. Всушност, го замисли сонот што тоа утро го разбуди.
Го разбуди во силна возбуда и сиот испотен. На сон му дојде некоја крупна
жена, на која не можеше да ѝ ги одреди телесните димензии и му се пикна
под ќебето во креветот. Сиве се опира, сака да ја поттурне, да ја оттурне и
помести понастрана, ама не му успева. Со сета сила запнува, а ваму ни да
ја помрдне. Наеднаш жената се заврти и за миг се најде одозгора над него.
Сиве ја сети сета нејзина тежина и гломазното голо тело на жената.
- Сега си мој, - како да му рече и го опчекори, го стегна со нозете како во
менгеме да го стави.
На Сиве како целата крв да му дојде во главата, па го притиска до
пукнување. Единствено што му остана беше тоа да прета со рацете, во
неуспешен обид да ја оттурне од него. Му го истера воздухот, а тој се
обидуваше да вдиши, со сила да земе воздух, се најде како риба на суво.
Таа го загрли со рацете и се наведна кон него, му го стави, му го прилепи
дебелиот образ на неговиот. Кога сакаше да го бакне, в уста да го бакне,
со нејзините разлигавени усни, е тогаш Симе се обиде и со нозете да се
ослободи од неа, а тие му се лизнаа од нејзиното тело и му останаа некако
обесени. Се исплаши. Возбудено рипна од креветот, седна на ивицата и ја
пикна главата во рацете.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
74
- Сон било! Тууу, за малку ќе ги фрлев че’лите, ќе проумрев, - возбудено
промрморе и го слушна електронскиот часовник кој даваше сигнал за
будење. Во еден за него вообичаен ритам и стекната навика, се подготвуваше
за на работа.
Потоа цел ден само сонот му се меткаше во главата и никако да се оттргне
од таа мисла.
Пред него прелетаа гулаб и гулабица. Се бркаа застанувајќи на гранките
од дрворедот и високо поставените улични светилки. Гулабицата чинеше
одлетај на некоја гранка, а гулабот по неа. Само што ќе ѝ се доближеше, таа
пак замини му, одлетај на друго дрво. Кога гулабот ја стигна ѝ се качи на
грбот, изврши љубовен чин, ги истресе крилата и одлета на подалечно друго
дрво од дрворедот. Сиве се насмеа.
Од зградата излегуваа вработените, па тој како да се штрекна, погледна
во часовникот, ја грабна чантата и побрза на автобуската постојка.
Во градскиот автобус навлегол народ, се стегнале небаре тој е последниот
што вози во тој правец. Патниците, поседнати по оние малку седишта,
беа со свртени погледи кон прозорецот, а повеќето се држеа за држачите
прицврстени на кровот, стоејќи на средината на автобусот. Спарното време
им ги потеше лицата, им ја истеруваше потта од сите места по телото па беа
приморани да се бришат и забришуваат со што ќе стигнат.
Успеа да се качи и Сиве Плитароски. Влезе во утробата на автобусот, со
сила се испика низ народот и застана некаде во средината. Поточно застана
пред една висока жена со гломазно тело и изразено истурени големи гради.
Градите ѝ беа разголени и видно спотнати. Ех, колку силно го потсети на
сонот! Но, тоа беше само за момент. Со сила се поднакашла.
Сакал или не, Сиве мораше погледот да го застане токму таму, затоа
што и висината му дозволуваше само толку и дотаму. Жената го погледна
од високо и му го виде темето на главата. Навистина беа наблиску. Па уште
кога на следната станица привлегоа луѓе, се при туркаа и се до стегнаа,
тогаш немаше каде. Скоро ѝ дишеше во градите, ѝ придодаваше жештина,
а жената го чувствуваше тоа и ја собираше лутината во себе. Автобусот
наеднаш застана, па дали по инерција, или го поттурна човекот зад него,
Сиве се навали и се најде залепен меѓу двете големи дојки што уште толку
му го испотија лицето.
- Се извинувам, - рече Сиве откако виновно го крена погледот кон жената
над него. - Проштевајте, не беше намерно.
- Ајде, ајде не се возбудувајте, гледам дека не сте вие виновни и простено
ви е! - му рече жената и со раката се забриша по лице.
Не помина многу време откако доби извинување, поправо доби прошка,
возачот на автобусот повторно ненадејно закочи и Сиве пак се најде во истата
75
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
положба од пред малку. Кога го залепи лицето на градите, сега оттаму му
наиде голема топлина но и несетена блажина од мекото месо. Се потпре и
се заниша како на перница. О, требаше да се види тој изненадувачки израз
што потсетува на човек фатен за срамно место. Какви ли сѐ не мисли му
поминаа низ глава. Неколку пати јаболкцето на грлото му замина горе-долу,
гледајќи од ниско во жената што го стрела со поглед од високо.
- Повторно се извинувам, не беше на сакање, - пак виновно ѝ рече Сиве.
- Проштевајте, видовте и сами.
Жената посака да ја скрие нервозата, ги напрчи усните, дувна низ носот
и се обиде да ги покрие градите, да ги прибере под летниот фустан, но
безуспешно зашто што при секој обид тие сами излегуваа. Чинеше од една
страна потпикни ги од друга страна покажи се, излези.
- Во ред. Не сте вие виновни, - одговори жената, а Сиве се обиде да се
повлече колку што можеше поназад и направи мал простор меѓу двајцата.
Не за долго. На следната постојка привлегоа уште неколкумина па народот
се затурка и повторно ги зближи двајцата.
- Ве молам, немојте да се лутите! - подвикна Сиве, а го слушнаа и тие
околу него.
- Не се лутам човече! Видов и самата од кои причини се наваливте, -
подвикна жената.
- Сакав само да знаете... - пак Сиве.
Жената издивна. Покрај маката што ја мачеше од жештината и гужвата,
сега и Сиве на еден начин ѝ претставуваше проблем. Всушност од сѐ по
малку ѝ се накреваше нервозата, па со понизок тон во гласот, малку се
поднаведна и низ заби му с̕ сна како не би слушнал човекот застанат накосо
од Сиве.
- Што сакаш бре!? Да ти ја тутнам цицкава в уста, па да замолчиш, а!? -
рече жената и се заврти. Одвај се заврти в место. Ех, каква среќа во несреќа.
Сироти Сиве, од срам да можеше в земи да пропадне, да го нема. Токму
така, подобро да го нема тука, одошто вакви срамови да јаде.
-Леле, леле, ами ако слушнат колегите на работа!? - си помисли. - Оф,
оф, ако дознаат оние што му се прават другари, а ја користат секоја можност
да го омаловажат. Што ќе биде тогаш?
Сега наместо големите гради Сиве се потпре на нејзиниот голем и
широк задник. Како жената носеше лесен летен фустан, Сиве ја насети
целата облина на задниот дел од жената. Се најде навреден. Толку многу го
сеќаваше задниот дел од телото на жената, а не можеше да се помрдне ниту
на една страна, за да остави барем малку простор меѓу двајцата.
Потоа на неколкуте станици, кога возачот ќе закочеше, Сиве повторно
ќе се прилепеше за неа, а таа потскокнуваше, како некој да ја штипнал за
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
76
дебелото месо.
На последната станица излегоа сите. Излегоа и тие двајца. Поправо прво
излезе жената, а по неа и Сиве.
- Уште еднаш ви се извинувам, - скоро подвикна за да го чуе.
Таа се заврти и во силниот издив му нарече:
- Добро бре човеку! Прво ми лежеше на гради, второ, ме скапа потискање
и штипење за газот и пак ти велам не се лутам, затоа што ти не си виновен!
Што сакаш и како сакаш да ти кажам, па и јас сум човек имам ограничени
нерви...
- Ви благодарам, навистина ви благодарам на разбирањето, - ѝ врати Сиве
со олеснување и по чекор-два ја отвори вратата од портата пред огромната
куќа, пред која се наоѓаше луксузен автомобил. Жената го загледа и од
нејзини причини му подвикна.
- А, можам да ве дадам и на суд!
Сиве застана и се здрви.
- ,,На суд, на суд, на суд!” - му одѕвонуваше.
Всушност му се заврти во главата, ги преврти очите и ја виде куќата
наопаку. Сѐ му се испреврти.
- Молам! Зошто!? - успеа да врати потиснувајќи ја сувата голтка.
- Па, заради искористување жена во неможност таа да се одбрани. Ете,
на пример за тоа, - му рече жената. - Иии, колку да знаеш, јас сум секретарка
кај познат адвокат.
И покрај силната горештина, Сиве го полазаа студени морници. Му
проструи како навистина би можел да биде застанат пред судија и да ја
оправдува својата невиност.
-,,Па јас немам никаква вина. Ако е некој виновен тогаш е виновна
физиката, инерцијата. Акција - реакција”, - си мислеше, а не му беше сеедно.
- Прошка барам. Ве молам проштевајте!
- Сега се предомислив, не давам прошка, - рече жената. - Ме излага, ме
искористи и сега ,,прошка барам”, види мајката!
- Што би требало да сторам? - праша Сиве.
Жената најпрво погледна во куќата, ја мереше со поглед како за купување,
па погледот ѝ застана на луксузниот автомобил. Ја стави раката на уста, па
како да размислува што да каже, му се обрати.
- На пример, поканете ме на едно кафе и белки ќе ги решиме работите,
ќе најдиме мунасип, што се вели. Па луѓе сме...
- Ама јас сум самец. Живеам сам, - ја прекина Сиве.
- И тоа ќе го разберам, - рече жената и заоде кон него.
Сиве срамежливо ја покани. Жената влезе и двајцата се изгубија во
внатрешноста на куќата.
77
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Ете на што истера сонот.
Оттогаш Сиве веќе не одеше и не се враќаше од работа со автобус, ами со
луксузниот автомобил. До него секогаш насмеана седеше жената со големи
гради. Разликата во човечките димензии ја надополнуваа со за нив познати
мерки.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
78
Златко Жоглев
ШТО ВИ БИЛО ПИШАНО
На литератите насекаде ширум светот, со мала или голема слава
За перото нивно, секогаш само љубов и среќа на сите да им дава.
Со мисла и зборови Вие смисла да барате,
Со молив и пенкало по хартија да шарате,
Со работа - тага да растерувате,
Со надеж - судбини да дотерувате.
Слободата да Ви биде постојан мотив,
А кон ропството да сте секогаш против.
Ѓердан од зборови дребни катаден да везете,
За во душите човечки да можете да влезете.
Перото Ви само со оптимизам да грее,
Зборот Ваш поубава иднина да сее.
Со леснотија да потикнувате секој што страда, пати,
Оти другарувате со друштвото на живите литерати.
И никогаш, никогаш немојте вие литерати, да заборавите -
Пишувајте само, ако со тоа на другите добро им правите.
(2005., 2011.)
79
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
СОЛЗИТЕ НА ЕДНО ДЕТЕ
По мотив од “Браќа Карамазови”
од Ф.М. Достоевски
Кога Судбата на Светот
Во Твои раце би ти била
Би билa ли ко добра вила?
Кога би можела в тој час
Сал одлука твоја една,
племенита, а не бедна
на болните да им даде спас?
Сите болни да ги излечи
Има ли нешто што во тоа
Би можело да те спречи?
Ко Прометеј што оган
На луѓето им беше дал
Да ги излечам за вечност
Од болки и страдања луѓето
Јас за тоа и душа би дал.
Не брзај, не кажувај ништо итно,
Можеби ќе згрешиш многу битно.
Дал душата нема да те печe
Ако ги занемариш солзите
Бар на само едно дете
Пред тебе што ќе клечe?
Ако цена за човеков вечен спас
Би била да убиеш со голи раце
Едно мило дете, в миг, в тој час?
Гласот Небесен Тебе јасно би Ти рекол:
Не постои такво страдање, таков пекол,
Сите страдања на луѓето од светот бедни
Колку солзите на едно дете не се вредни.
(2015.)
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
80
ЗАПОЗНАВАЊЕ
На Сашка
Пред сивата судска зграда
Со придружничка млада
Сретнав јас пријателка стара.
Тремата ја здрви, целосно ја совлада
Таа се збуни и зборови бара
Како да ме претстави на девојката млада.
Било-како реков, не е тоа толку важно
Само да не биде претставување тажно.
В мигот ја пуштив раката јас
Златко - реков со машки глас
Рака пружена девојчина
Не видов јас во тој час
А девојката бараше
Од пријателката спас.
Сашка – ѝ рече пријателката
“Те молам, право пружи рака”
И во тој невообичаен миг
Ја разбрав нејзината мака:
Во очите нејзини право ја погледнав
И дека во нив виделина таа нема
Дури тогаш јас вистински согледав.
Сашка пушти рака
Директно напред, право
И цврсто стегнавме здраво.
81
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Дур тогаш ја сфатив суштината –
Иако во очите немаше виделина
Од душата ѝ извираше топлина.
Гледањето и слушањето
не се секогаш предност
За сите луѓе, за сите души
Тие се само лоши сведоци
За оние што злоба ги гуши.
За оние кои кон злото
Честопати брзаат, итаат
И место вистинaта
Лагата ја претпочитаат.
Оние за кои вистината
И лагата се исто
Никогаш не можат
Да гледаат чисто.
За нив е веќе премногу касно
Да ги гледаат работите јасно.
Затоа кога ќе се запознавате
Вие едно не заборавајте
Никогаш сетилата пред
Душата не ги ставајте.
При запознавање не e важно
Дали е лето или пак е зима
Дали некој со очи гледа
Дали тој виделина има.
Не гледајте како изгледа
Тој што во пресрет ви иде
Важно е да има чиста душа
Вистински Човек да биде.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
82
ПОЕТСКИ ТРИПТИХ
На Раде Силјан,
место рецензија за истоимената книга
со избор од неговата поезија
Со кросно од пепел
Поетот почна вешто
Триптихот да го плете.
Во превртени слики
На постела од сказни
Низ темен влез влегува.
Во ноќната мора
Стихови таговни се пеат
За децата на надежта
Што за љубовта недопрена
Солзи дробни леат.
Водите лековити
Треба да луѓе излекуваат
Од уплав што боледуваат.
Уздата од спомени
Треба да нè води
Низ Векот што иде
Надеж да се роди.
Ако свеќата на векот веќе догорува
Ко на остров со отворени гробови
Желбата за живот да не ни согорува
Да не пееме ние песни без зборови.
Крст и кама пред икона бакнувајте
Траги исконски не завевајте
Во ѕвездата своја гледајте
Во нерамен бој победувајте.
83
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Гласот на Спасителот
Од облак над вашите глави
Сигурни и храбри ве прави.
Демони в ниедно доба
Вие никогаш не будете
Во кули од ветер
ни за проба
копја не забивајте.
Пред лицето на ноќта
Со љубов бидете збрани
На посна вечера
на препознавање
Каменот студен ве кани.
Со кафезот од зборови
Храм молитвен изградете
Славеј од внатре извадете
Со молитвење спасете се.
Со пијаната прегратка
Со ѕвезда на чело
радувајте се.
Место леб и вино
Со љубов заемно
дарувајте се.
Занемена уста
Од живите заборавена
На пусија пуста.
Кротко ми пиле
Во повој става
Столчена пердув глава.
Со клуч за царски двери
На врв од игла
Испосница ангели мери.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола
84
Клуч со јазик од спомени
За татковината е граница
А не отворена страница.
Блажена плетенка
ветрот кога вее
татковината ја грее.
На саќето медна уста
Натпевање во невреме
Работа јалова пуста.
Ченгел од спомени ветви
Крилат ангел
Повик по Божји клетви.
Пладневно рамновесие
Припитомен ѕвере
Човек во Вас крие.
Сенката на векот
Отворена книга
Од зандани екот.
Небесните труби повикуваат
Против нашето исчезнување
Не е тоа само обично довикување.
Лебедова песна со глас тревожен
Крилата мисла колнатија пренесува
Во ноќта долга тагување донесува.
Завет во глава ни се плетка
Со солзите на векот
Наша неизбежна глетка.
Крик се слуша од небесни скали
Храбро треба да се мине мостот
На провев со белези од преобразби.
85
Осумнаесетта Роднокрајна средба со битолските писатели во Македонија
Траги од отсечени глави
По крвава патека
народот ќе мине.
Од ропство тешко вековно
Народ славен глава ќе дигне
И сам на целта тој ќе стигне.
Тоа нема да биде задача лесна
Бар така поетот пее
Во видовитата песна.
СОДРЖИНА
18. ЗБОРНИК НА ИЗЛАГАЊА .......................................................................... 5
ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА - ТРАЈКОВСКА ................................................ 7
ФЕНОМЕНОЛОГИЈА НА ЗНАЧЕЊЕТО ......................................................... 7
ЕЈДЕТСКА РЕДУКЦИЈА.................................................................................. 12
ЈАЗ МЕЃУ ЗНАКОТ И ОЗНАЧЕНОТО ........................................................... 13
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА ТИШИНАТА .......................................................... 15
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА МАШКИОТ И НА ЖЕНСКИОТ ПРИНЦИП ..... 16
ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА МАРГИНАТА ......................................................... 18
СЛАВИЦА ГАЏОВА СВИДЕРСКА ............................................................... 20
ВАНА .................................................................................................................. 20
СОТИРКА ........................................................................................................... 21
ХАРИКЛИЈА ...................................................................................................... 22
СУЛТАНА ........................................................................................................... 23
VIA DOLOROSA ................................................................................................ 24
ПЕТРЕ ДИМОВСКИ .......................................................................................... 25
МАЛА ЛАЃА НИЗ НАДОЈДЕНА РЕКА ......................................................... 25
СТАПИЦА ОД ПОСКОКОТ ............................................................................. 30
БИЉАНА Т. ДИМКО.......................................................................................... 33
ЧИТАТЕЛ ............................................................................................................ 33
НАТЕМАГО ........................................................................................................ 34
БЕЗ ДЕТЕ ............................................................................................................ 34
ДОМ .................................................................................................................... 35
НИКОЛА ИЛИЈОВСКИ .................................................................................... 36
ВИТЕЗ СКИТНИК ............................................................................................. 36
ВОЗДРЖУВАЊЕ ................................................................................................ 37
ЗНАЕЊЕ ............................................................................................................. 38
МЕТАФИЗИКА НА ПОТСВЕСТА ................................................................... 38
ЕЛИЗАБЕТА ЈОНЧИЌ ...................................................................................... 39
ПРОЗА ................................................................................................................. 39
ОДДЕЛНО ЗРНО................................................................................................ 40
НАВЕСТУВАЊЕ ............................................................................................... 41
ЗА ЗАСЛУГАТА ................................................................................................. 42
ВЕСНА МУНДИШЕВСКА-ВЕЛЈАНОВСКА .............................................. 43
СУДБИНА ........................................................................................................... 43
РАЗДЕНУВАЊЕ ................................................................................................. 44
НАВЕВ ................................................................................................................ 45
НЕДОСТИГ ........................................................................................................ 46
ЧЕШМА .............................................................................................................. 47
САЊА МУЧКАЈЕВА ВИДАНОВСКА ........................................................... 48
СУВИ ЦРВЕНИ ПИПЕРКИ ........................................................................... 48
ХРИСТО ПЕТРЕСКИ ........................................................................................ 60
РАСТОЈЦА – ОГЛЕДАЛО НА МОЈАТА ДУША ............................................ 60
ЗРАК .................................................................................................................... 60
ВРЕМЕ ................................................................................................................ 61
КУЌА ................................................................................................................... 61
СЕДЕЛА .............................................................................................................. 62
МОВЧЕ ................................................................................................................ 62
МИХАЈЛО СВИДЕРСКИ ................................................................................. 63
ИЗВАДОК ОД РОМАНОТ „СИНОВИТЕ НА АДАМ“ ВОСТОК (2022) 63
МИРЈАНА СТОЈАНОВСКА ............................................................................ 66
ФИЛОЗОФСКО-ФАНТАСТИЧНА, МЕТАФИЗИЧКО-ПОЕТСКА
ДЕСКРИПЦИЈА НА КОСМОСОТ, НА ЖИВОТОТ, НА ВЕЧНОСТА ... 66
ИЛЧЕ СТОЈАНОВСКИ ..................................................................................... 68
ОЧИТЕ НА ТИШИНАТА ................................................................................ 68
СПОМЕНИ ВО ТИШИНАТА ......................................................................... 69
ОДМИНУВА ДЕНОТ ...................................................................................... 70
ЉУБОВНА ИГРА ВО ТИШИНАТА ............................................................. 71
ЖИВОТОТ Е СОН ........................................................................................... 72
ДОБРЕ ТОДОРОВСКИ ..................................................................................... 73
ПРОШКА ............................................................................................................ 73
ЗЛАТКО ЖОГЛЕВ ............................................................................................... 78
ШТО ВИ БИЛО ПИШАНО .............................................................................. 78
СОЛЗИТЕ НА ЕДНО ДЕТЕ .............................................................................. 79
ЗАПОЗНАВАЊЕ ................................................................................................ 80
ПОЕТСКИ ТРИПТИХ ...................................................................................... 82
ОСУМНАЕСЕТТА РОДНОКРАЈНА СРЕДБА
СО БИТОЛСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА
Издава
Национална установа
Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
Лектура
Јана Михајловска
Компјутерска обработка
м-р Милка Котевска
Печати
Графопром - Битола
Тираж
100 примероци
Зборникот е финансиран од
