МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО-БИТОЛА Центар за култура - литература, драмска уметност, филм и...

МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО-БИТОЛА
Центар за култура - литература,


драмска уметност, филм и издаваштво


С О В Р Е М Е Н И Д И Ј А Л О З И
Списание за култура – литература,


драмска уметност, филм и издаваштво


Година, 2013




МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО-БИТОЛА
Центар за култура – литература,


драмска уметност, филм и издаваштво


За издавачот:
Проф. д-р Игор Неделковски


Главен и одговорен уредник:
Зоран Пејковски


Редакција:
Доц.д-р Валентина Гулевска, Панде Манојлов,
Добре Тодоровски, Валентин Светозарев


СПИСАНИЕТО ИЗЛЕГУВА ПЕРИОДИЧНО
Адреса: ул. “Ленинова” бр.33 – Битола
Тел: 047/ 222-683 - е-маил: sovremenidijalozi@yahoo.com
Жиро сметка: 200-0008265087-65
“Стопанска банка” АД-Скопје
Ракописите и фотографиите не се враќаат.




5


П Р Е Д Г О В О Р


Создадени да мислиме духовно и да ја создаваме бесконечната слика за
убавото, вечното, за мисловното, на крај и за човечкото, одлучивме да направиме
списание во кое нашите елегично - лирски чувства, расажувачко - романсиерски
преокупации, или пак книжевно - критички осврти, ќе придонесат кон збогатување
на книжевно - духовната мисла која во овие мигови на глобализација, на новите
масмедиуми и новите технолошки пронајдоци и социјални мрежи повторно ќе се
вратиме на пишаниот збор, онака како што не учеле нашите светители, дека без
силна духовна мисла ние сме ништо.


Ние го имаме божјиот дар да создаваме, да бидеме дел од глобалната умет-
ничка мисла и затоа постојано треба да бидеме активни поети - говорници, кни-
жевни лиричари, или пак, општествено полезни аналитичари, кои преку нашите
согледби и анализи ќе допреме до душата и срцето на вечноста, за да ја кажеме
болката, за да ја создаваме радоста.


Па затоа, водени од оваа мисла, од личната духовна чистина, од човековите
вредности што сите ние длабоко внатре во нас ги имаме, го создадовме списани-
ето “Современи дијалози” во кое ќе ги сретнеме чувствата и размислите на по-
единците кои секогаш се во полза на колективитетот на општеството, оти ние
не пишуваме за нас, нашата мисија не е да се занимаваме со нас, туку сето тоа
наше знаење, умеење, сите тие богати чувства на доживеаното и осознаеното да
го поделиме со другите, со оние кои се до нас, со нашите соседи, па и со првиот
минувач на прекрасниот Широк Сокак за да го размениме флуидот на нашите
души.


Го направивме ова прво списание “Современи дијалози” за да осознаеме, на
крај на краиштата и ние нешто ново, за да ги поместиме сивите ќелии и навлеземе
уште подлабоко во личната интима како раритетна приказна за универзалноста
на животот.


И бидејќи, првичната идеа беше “Современи дијалози” да биде списание кое
ќе биде наменето за сите, кое ќе излегува во рамките на Македонското научно
друштво од Битола, согласност даде и неговиот претседател, проф.д-р Игор
Неделковски, така што тој ја прифати мојата и иницијативата на писателот Добре
Тодоровски, кој е заменик претседател на Македонското научно друштво, да се
роди ова списание, а управниот одбор и одделението за литература и лингвистика
донесе одлука списанието “Современи дијалози” да го собере екстрактот од
повеќе уметности. Тоа значи дека во него во иднина ќе бидат застапени сите
чинители на културата и уметноста кои можат да придонесат за здреењето на
литературата, културата, драмската уметност, филмот, односно на целокупната
уметност како неизоставен факт од целокупното живеење.


Исто така за ова прво издание како за почеток ќе го проследите и кусото ин-
тервју со градоначалникот на Општината Битола, м-р Владимир Талески, кој
културата и уметноста отсекогаш ги ставал на пиедестал и вложувал во нив и во
луѓето кои ја создаваат. Не попусто за Битола се вели дека е четврти Европски
град по културните настани (според бројот на жителите).


Потоа, почнуваме со еден од најголемите македонски поети Панде Манојлов,
кој години наназад покажува како може во континуитет да се биде активен
поет кој секогаш естетиката ја поставува на совршеното скалило на убавото и
интимното. А во продолжение на списанието ќе уживате во поезијата на Зоран




6


Пејковски, Милица Димитројовска - Радевска, па на Бранко Наумовски, на Весна
Мундишевска - Велјановска, па на Мирјана Стојановска и младата Биљјана Т.
Димко.


Ќе прочитате и фрагменти од романот на нашиот романсиер Добре Тодоровски
-“Прокоба”, за кој во една прилика и Раде Силјан, ќе рече дека Тодоровски, е
новиот Петре М. Андреевски. Тука ќе го прочитате извадокот од романот “Ќер-
ката Кети” на еден од повозрасните романсиери Никола Кочовски, кој остави
заслужен белег во романсиерската битолска школа.


Следат и критиките, исто така на еден од највозрасните книжевни критичари,
поети и раскажувачи Радован П. Цветковски “Човекот изгубен сам во себе”, за
новиот драмски текст на Зоран Пејковски, “Сон”, од кого многумина од младата
генерација книжевници земаат пример како да се пишува студиозна книжевна
критика.


Се разбира ќе ја прочитате и рецензијата за театарската претстава “Травничка
хроника” насловена како “Приказна за хаосот и по 205 години, која се одигра во
октомври минатата година на сцената на Народниот театар од Битола.


И за крај, само уште еднаш да потенцираме дека ова е само мал дел од она што
ние како Центар за култура - литература, драмска уметност, филм и издаваштво го
планираме и предвидуваме да биде објавувано во нашето списание “Современи
дијалози”, со кое сакаме да дадеме свој придонес во културното живеење на
нашата Битола.


Главен и одговорен уредник
Зоран Пејковски




И НТ Е Р В J У




ул.„Кирил и Методиј“ 14




9


Интервју со м-р Владимир Талески,
градоначалник на Општината Битола


КУЛТУРАТА Е ЕДНА ОД ПРИОРИТЕТИТЕ
НА ОПШТИНАТА БИТОЛА


Покрај сите оние атрибути за Битола, европските и светските медиум
пишуваат дека е четвртиот град во Европа на културата. Традицијата на
културен центар ја врати м-р Владимир Талески, градоначалник на
Општината Битола, кој покрај останатите приоритети, даде и приоритет
кон културата и културното живеење на градот.


Новитет годинава е проектот за обнова на киното на браќата Манаки во срце-
то на Широк Сокак. Дали гостите кои традиционално од цел свет доаѓаат на пре-
стижниот Фестивал “Браќа Манаки” наесен ќе имаат можност да видат дел од
тоа кино кое најверојатно ќе стане нова голема атракција во Битола?


М-р Владимир Талески: Точно е започнавме со обновата на киното “Манаки”.
Првата фаза годинава ја започнеме и се надевам дека и ќе ја завршиме. Штом
гостите за фестивалот “Манаки” ќе стигнат, таму веќе ќе имаме конкретни ин-
тервенции во просторот, и мислам дека тоа ќе биде видливо. Имавме долга под-
готовка. Тоа е заштитен дел, имавме интеревенции со деталниот урбанистички
план, изглегоа некои непредвидени работи, но сѐ е веќе завршено и веќе имаме
договор со фирма којашто ќе го гради тоа. Првата фаза ќе биде завршена во
текот на годинава.


Битола отсекогаш е водечка општина во поглед на културата.
М-р Владимир Талески: Немаме конкуренција искрено во тој поглед, зашто


не се работи секогаш само за финансискиот аспект на работите. Многу суштински
и значајна работа е креативниот пристап кон работите. Инвентивноста и креа-
тивноста се многу важни. Треба да се има екипа, концепт, треба да се знае, да се
сака и да можете тоа да го реализирате. “Битфест” во голем мера од финансиски
аспект е многу помал од многу други фестивали кои едноставно и не значат она
што треба да значат, а оваа година “Битфест” ќе има неколку новини. Го задржува-
ме концептот тоа да биде летен фестивал, фестивал кој ќе биде прифатлив за
сите, за најголем дел од граѓаните во Битола, со содржини од сите области, музи-
ка, филм, перформанси. Значи, да ги имаме сите аспекти и, се разбира, дополнето
со она што ќе биде ново, како фестивалот посветен на Шекспир. Тоа е една
новина. Во секој случај, го гарантираме сето она што досега “Битфест” значеше.
Максимална, апсолутна, стопроцентна култура во летниот период.


Бројните признанија и награди во областа на културата ја издвојуваат Опш-
тината Битола во поширокиот регион. Колку ваквата културна промоција и афир-
мација на градот придонесува за развој на туризмот?


М-р Владимир Талески: Општината Битола можеби е најнаградуваната Опш-
тина затоа што е единствена општина која е полноправна членка во европската
Асоцијација на историски градови и региони. Тоа е признание кое пред неколку
години го добивме во Верона, во Италија. Такво признание останатите градови
во Република Македонија немаат, а го немаат и останатите градови на екс-ју
просторот. Единствено Дубровник го имаше тоа пред нас и сега Битола го има,
што значи дека сме внимателни кон големото културно историско наследство




10


коешто го имаме во Битола и посебно односот на нас, Општината и сите граѓани
на Битола кон ваквото културно историско богатство. Потоа, имавме едно големо
признание во Лугано, Швајцарија. И ова признание се однесува на големото кул-
турно наследство и бевме прогласени за најавангардна дестинација. Потоа
добивме уште една награда. Тоа беше “Баха” каде што, во конкуренција од де-сет
балкански земји, Битола беше прогласена за најтуристички град кој има најголеми
потенцијали за културен туризам. Потоа пак добивме уште едно признание
повторно во Лугано, Швајцарија. Така што овој однос којшто го имаме како ло-
кална самоуправа кон големото културно историско наследство на некој начин
овозможи подигање на бројката на посетители, односно туристи. Секако, во
летните месеци во Битола доаѓаат многу туристи, но, главно, тоа секогаш беа
луѓето кои што се битолчани или живееле во овој крај, а се на привремена работа
во европските или прекуокеанските земји. Но сега се тука и тие, и многу ту-
ристички екипи кои доаѓаат. Групи туристи секојдневно на Широк Сокак го
разгледуваат ова подрачје. Со сето ова, дефинитивно, Битола е на мапата на
места коишто се интересни и можеби немаме море, но го имаме големиот прилив
на културни настани. Тоа море од култура е навистина голема придобивка за
Битола.


Дали и концептот на најдолгото културно лето “Битфест” е дополнителна сил-
на причина да дојдат нови посетители и да останат што подолго во градот на
конзулите?


М-р Владимир Талески: Туристите навистина има што да видат во Битола.
Покрај големото културно наследство, во Битола, практично, имаме многу силни
културни содржини. Тука ни е Интернационалниот фестивал на филмската ка-
мера “Браќа Манаки”. Тоа е најзначајната културна манифестација во Република
Македонија затоа што е единствена која поврзува неколку сегменти. Имаме исто-
риски момент, односно доаѓањето на првата камера во Битола, односно тоа е вре-
мето на браќата Манаки. Тука е врзана традицијата, односно веќе над три деце-
нии го имаме Интернационалниот фестивал “Браќа Манаки” и сега ова што го
правиме, односно сите наши обиди заради кои сѐ почесто нѐ посетуваат филмски
и телевизиски екипи, значи филмска продукција, односно нашите заложби Би-
тола да ја направиме филмски град. Мислам дека веќе и во тоа имаме позитивни
че-кори. Имаме бројни културни настани коишто ова лето како и претходните, се
во рамките на “Битфест”. Битолско културно лето “Битфест” е, исто така, еден
наш концепт којшто, слично како Општина Битола, е концепт којшто ги обединува
сите на едно место. Се разбира, секој да го покаже својот квалитет. Сите инсти-
туции од културата, сите поединци, музичари, луѓе од театарот, ликовни уметни-
ци. Сите се обединети во една програма што ја организира Општината под името
“Битфест”. Оваа година го имаме фестивалот којшто има најголем број настани,
односно 242 содржини кои се дел од програмата на “Битфест”, а до крај сите
оние најави кои ги имавме ќе ги реализираме максимално.


И од Италија пристигна големо признание со тоа што Битола беше рангирана
на високо место по бројот на културни настани и тоа на европско ниво. Дали
ваквиот пристап ќе продолжи и во иднина?


М-р Владимир Талески: Минатата година беше објавено во некои италијан-
ски портали дека Битола, практично, е на четврто место по број на културни
случувања по глава на жител во Европа. Значи, Европа како целина, а не по
одделни земји како членки или нечленки на Европа. Едноставно, сите земји во
Европа се земени предвид. Така, оваа година имаме шанса да се подобриме од
четврто место значи на трето, на второ, а зошто да не и на прво. Големиот број
настани кои ги организираме не се само квантитет, туку и квалитет. Многу сме




11


внимателни ова да не прерасне во евтина панаѓурска забава, да не биде кич
однесување кон сето она што е вистинска вредност. Така што мислам дека секоја
локална самоуправа и во иднина треба бескрајно многу да биде внимателна кон
вистинските вредности и сите културни настани да бидат во однос на сето она
што Битола го има. Тоа да биде репер. Битола сите нѐ обединува и таа нѐ задолжува
сите да бидеме внимателни со вистински квалитети и таквиот начин на одне-
сување да го понудиме на сите наши граѓани. И најважното, Битола е единствената
општина којашто навистина има премногу публика за ваквиот концепт. На некое
друго место, во некоја друга општина, можеби нешто друго е интересно затоа
што составот на луѓето, менталниот склоп и размислувањата се поинакви. Овде
се вистинските вредности и ние секогаш и понатаму ќе се однесуваме на тој
начин. Нема да дозволиме во Битола да пробие нешто што би го рушело концептот
на вистински вредности и 365 дена култура во градот на конзулите, градот на
клавирите, градот којшто денеска има тринаесет конзуларни претставништва, а
веќе во фаза на реализација ни се уште две. Мислам дека таа успешна приказна
на Битола на европската и светската мапа продолжува, не само во делот на сто-
панството и културата, туку и инфраструктурно. Максимално се трудиме колку
што можеме упропастената и навистина заборавена и отпишана Општината
Битола да ја направиме со вистинските вредности, да ја разоткриеме, да ја исчис-
тиме, да ја подобриме, да ја доизградиме, да ја направиме навистина најубавото
место за живеење на сите оние коишто од срце ја сакаат Битола.


Значи ли сето ова дека Битола веќе е во Европа, односно дека отсекогаш е
водителка на овие простори?


М-р Владимир Талески: Не само денеска, туку секогаш во историјата Битола
била неколку чекори пред останатите градови и пред останатите земји. Практично,
во минатото голем стратешки и културен центар, стопански и економски центар,
па и воен центар. Така што сето ова опкружување кое го имаме само укажува на
големото значење и влијание што моќно го имала Битола на целата околина. Во
таа смисла, мислам дека овде никогаш ништо не се сменило. Се работи за однос
и концепт којшто ја игнорирал Битола повеќе децении. Педесетина години таа
била изигнорирана максимално и навистина била третирана како последна ста-
ница на возот. Нашиот концепт е поинаков. Битола е во срцето на Балканот. Таа
е во средиштето и таа е најважна, најзначајна, без оглед на тоа што некој отстрана
одлучил тука да стави граница и дека оттука натаму нема каде или пак нивниот
свет завршува тука. Битола е во срцето на Балканот. Таа ја има најубавата место-
положба. И не случајно секогаш била одбирана за средиште на големи општест-
вени процеси, историски процеси, па и економски процеси затоа што и револу-
ционерните потези кои практично се правеле во текот на македонската историја
главно средиштето на најголемите клучни настани се, всушност, водени од Би-
тола. Така, ова е еден исклучителен центар, па и сега со својот начин на живеење
и однесување Битола покажува дека не треба некој да потпише некаков документ
па да биде прифатено дека сме дел од Европа. Јас сум убеден, иако не сакам ова
да звучи нескромно, но има работи за кои Европјаните допрва треба да ги учат од
Битола, допрва треба да ги учат од Република Македонија. Затоа што и учеле и
уште има содржини од коишто тие треба навистина максимално да учат. Во секој
случај, ние го тераме нашиот живот и нашата обврска е, без разлика на туѓите
концепти, Битола да биде светско место и ние максимално, навистина деноноќно
се трудиме да направиме прекрасно, убаво место за живеење на нашите граѓани.


м-р Анета Шијакова




Митрополија




П О Е З И J А




Хотел Гранд (Македонија)




15


Панде Манојлов


ВО БУРИТЕ НА ПУСТИНАТА


Години,
низ пустини
и пустински ветрови талкаме
како камилари
без камили
и како сеедно да ни е
што мислат за нас
и денес
во некој нов Букурешт.


Години,
ветришта дуваат
и од Запад и од Исток,
ветришта
и од Север и од Југ,
ветришта на неспокој,
букурештки ветришта
на пустошот
и стравот.


Еден ден,
еден суден ден,
можеби ќе се засолниме
како патници намерници
во некој ан,
во некоја станица за изгубени,
прашувајќи ги непознатите
каде е татковината
на протераните од Македонија.


Сигурно ќе ни кажат
дека тука
некогаш наминал од робија
некој си Павел Шатев
со бисаги полни динамит,
со една карта
на една Земја
што ја носел в срце -
картата на Македонија!


Ќе ни кажат
дека атентаторот носел
и икона од Свети Павле
и дека Павловден
бил негов сведен




16


и сведен на неговата земја,
ќе ни шепнат дека “Гладакавир”
сеуште не е потопен
за во него да не потопат нас.


Затоа треба да се истрае
оваа нова букурештка бура,
овој пустински ветер,
за некогаш да си ги ставиме
нашите глави
на наши рамена,
за патот да го пронајдеме,
патот
до следното востание во нас.


14.06.2013 г.




17


СЕ ПЛАШАМ


Мислев:
заедно со мене,
со мојата старост,
одвеана е и печалбата
од мојот роден крај,
одвеана со виорот
на црвената
ѕвезда петокрака...
Мина еден век,
мина и друг
а третиот е на прагот
и ете,
пак некој бран,
некој ветер,
некој виор
што не корне
до непостоење!
Се плашам
од небиднината
од селидбите,
се плашам од авионите,
од бродовите
што го разнесуваат
и денес
мојот народ,
се плашам од ветриштата
што не разлетуваат
како диви гулаби,
како штркови
да сме без гнезда,
се плашам
да не ни остане ништо
и од она
што малку ни останало!


13 јуни 2013 г.




Саат кулата на полетокот на 20. век




19


Зоран Пејковски


ТИ СИ ВКУСОТ НА СЕКОЈ МОЈ ДЕН


Додека сончевина
го оплодува вкусот
на овошките,
додека вишнее сокот
од длабочините,
јас сум пладнувач
што се насладува
на иззреаното присуство
на твоето тело.


Ти си вкусот на сонувањето,
пладне на сите исчекувања,
откритие за постоењето на светот.


Ти си немирна вечност,
што ги бранува длабочините
на морето-космос
на недогледите.


Оковај ме
во прангите
на моите слабости,
затвори ме
во светот каде што
само тебе те има
да си бидам среќен
во моето прогонство.

Ти си вкусот
на секој мој ден,
свежина на секое ново утро,
благост во крепок сон,
среќна мисла
во студената грубост на светот.




20


КОГА НОЌИТЕ МИ ГО ЗЕМААТ СОНОТ


Кога ноќите
ми го земаат сонот,
јас сум будниот воин,
што сака да освојува,
со витешки манир.


Кога ноќите
ми го земаат сонот,
ти крадам шепоти од усните,
со призвук на моето име
за да ми зазвучи тишината.


Кога ноќите
ми го земаат сонот,
знам дека вечноста ме краде
да смогнам сила
и буден и болен да чекам,
оти таков е патот
до среќата боженствена.


Кога ноќите
ми го одземаат сонот
те создавам од мисли и жедби,
вистинска
како молитва посветена.


ЗАДОИ МЕ


Задои ме
со младост сочна,
стареам чекајќи
свежи гласови
од времето
што го премолчивме!


Задои ме
со убавина,
оти се изнамќорив
од грубост.
Задои ме
со вечност,
од утрата се плашам
да не ми ги снема.
Задои ме
со вистина,
доста себе си се лажам,
дека пак ќе те има.




21


СЕГА ЗНАМ


На Љубе Цветановски
Сега ти сон стокми,
сон на вечноста,
оти доцна за разговор е,
а имавме толку многу да муабетиме,
за слојштичките води
што го миеа твоето
утринско лице,
за Петрета, за Владета наш,
за Бели мост,
што ни ја дели куќата од реката,
за сѐ, а малку кажавме.


Сега знам,
сега е доцна за разговор,
оти се спуштија
сите небески параболи
во фокусот на времето запрено,
во темното дно на конечноста.


Сега знам,
веќе нема да испловат корабите,
од здивот на бесмртноста,
што расејуваше со поглед
преку океаните.


Сега знам,
колку отворени патишта
ги запамтија твоите смирени чекори,
колку цивилизации проговорија
со твојот јазик.


Сега знам,
сега е доцна за разговор
со бестелесната опсесија на сонот,
никој не испловил
од понорниците на животот.


Брате,
пријателе,
биди спокен на оваа пловидба
по вселенските океани,
оти сите ќе сме ти вечни чувари,
на заветот кон иднината,
кон вистината,
кон тебе.


04.02.2013




22


ЗАВЕШТАНИЕ

На Светлана Христова - Јоциќ


Ја следам поворката
од липини дрвореди,
и го думам секој твој збор,
за ѓерданот да Ти го стокмам.


Ги пребарувам сенките
разлипени и раздиплени,
исткаени,
од сончева преѓа,
бисерите Твои да ги најдам.


Вселената ја истражувам,
склопена над твоето небо,
ѕвездата да Ти ја најдам.


Талкам низ дождовите,
душава што ми ја браздат,
мислата Твоја да ја најдам.


Ги надвјасувам ветриштата,
времето што го разнесуваат,
завештание да Ти пратам.


Наградена песна на Друштвото на Писателите на Македонија
на Меѓународната книжевна манифестација “Празник на липите”
12.06.2012 год. Скопје




23


Милица Димитријовска-Радевска


ВОЗДИШКИ НА ВЕТРОТ


Ветрот има сила на воздишка
Ветрот има говор
на треперење
Ветрот сам се повикува
во самотноста
Ветрот се лути
во своето немеење.


Допрете ме кога завивам
Допрете ја мојата кршливост
Допрете го моето смеење!


Во просторот
сум исполнетост
Во просторот сум суетност
Во просторот сум дивеење.


Допрете ме кога завивам
Допрете ја мојата кршливост
Допрете го моето смеење!


Ветрот има дофат на искра
Ветрот има тело на музика
Ветрот сам се одгатнува
во плимата
Ветрот се пресретнува
во синевината (карпата).


Ветрот го допира просторот,
просторот го допира ’ртењето,
лузни се браздат на карпата,
беспоштедно
го спотнуваат венеењето.




24


ВЕТАР ВО ОЧИТЕ


Во очите имаш
светлина и ѕвезди
и јаболко закасано од облаци,
на дланките
зачекуваш невиделици,
расплотени сенки
на игрокази...


Пламенпотци, плапотници,
вејпотници...


И прашуваат, заушуваат,
во плотта прегрешуваат.
Во очите имаш
светлина и ѕвезди
и што чекаш,
златоуста пламенке,
пушти го ветрот
нека го разведрува облакот,
со златно копје
да го допре срцекопнежот.


СТАРЕЕЊЕ НА ВЕТРОТ


Самотно дрво на ридот
оштрбнато
без месо, без става
црнее во утрото...
Ни ветрот не го милува,
ни ветрот не минува
низ неговата болност,
струпје и глуждави засеци,
повит и трн што зрее
му ја раскинува кошулата...


Доберете се,
се превива уплавот,
откинете
од овие здробени коски.
Доберете се,
запалете страк надежи
за да ги развее ветрот
за ново вжилување
на каменот.




25


ПРАВО НА ВЕТРОТ


Со кое право
си земам за право
да му го менувам правецот
на овој гологлав ветар.
И кому му дошло до смеа
да крева врева,
да го повива
овој невидлив ветар...
Улицата подмолно го свива,
во широчината
ја крие голотијата.


СТАРОСТ


Ветрот заспива
на оваа рапава ледина
од сеќавања.
Му тежат годините
го забавуваат погледите
Немее овој ветар,
лунѕа во здивот...
Час лесен повев,
час болни морности.


Ветрот заспива,
се слева телото
како застоена лапавица.
Го залева полето
со подгорени волности.
Ветрот заспива...
Не будете ја врелината,
не кошкајте ја жестокоста.


Оставете оваа умора
да ги впие
соковите на зрелоста.




26


РАЗБИРАЊЕ


Рекоа,
не знаеш, не умееш.
А ветар им свири од утробата,
завива лошотилокот,
црвени мравки
треперат во гласот.
Мислиш,
те прецениле, те потцениле.
А ветрот оскомина
фаќа во добрините,
се вудвосуваат вистините,
молци огносуваат
во истинувањето.
Сфаќаш,
таков си каков што си,
без заветно и безветрини.


Те вее ветрот
низ лути камења.
Во жарчето гледаш огнови
и раѓаш светови.


ОПСЕРВАЦИЈА ЕДЕН


Тишина долга
како прегладнето поле
јачка во градите.
Сеќавање празно
како подземен екот
драска во мислите.
Осама самува
во звукот на стаклото.
Кристален блесок
ѕуни во немирот.




27


ЛОВ НА ЦВЕТ


Цвет со круна,
цвет со трнлив венец,
цвет со раскошна струна,
цвет во занес што те праќа,
цвет од радост што одвраќа.
Цвета на дланките,
цвета под клепките,
цвета во зависта,
цвета во нависта,
Од жар се распламтува
во искра се сламчи,
со верба си поигрува
на гранка те камчи.
Чекаш.
Во булка се распатуваш
како чичка стрежиш,
со небесни ’ркулци
писанија мрежиш.


ОПСЕРВАЦИЈА ДВА


Тело и сенка
без форма, без става
есенцијално задумани
кројат поплава.
Крцкаат долапи,
ништожности дрочат,
завалени мудрости
параспури точат.
Пауза...
Колку да се знае
вистината трае.




28


СЕНКА


Сенката оди пред телото
нечујно, потајно лида.
Каде, каде сенко моја?
- зачудено се вѕирам.
Сенката трча пред телото,
уморно гризе усни.
Каде, каде сенко моја?
- преплашено одбирам.
Сенката збива пред телото
во грч телото го свива.
Каде, каде сенко моја?
- неспокојно липам.
Во себе бдеам
- го дразнам егото,
ја копачам хармонијата на
просторот.




29


Бранко Наумовски


НЕМЕРЛИВА Е ВЕЧНОСТА


Се губат сенките
како движењето да е премин
од едно во друго скривалиште
на копнежите.


Голо е телото на свингата,
таа нема часовник
да го измери времето
и не знае колку е часот.


Пирамидата е високо,
високо над мене,
високо над сите нас,
високо во височините...


Се чудиме
сами сред пустината,
без да забележиме
дека го изминавме патот!


И нема зборови на покајување:
пустинскиот ветер ќе однесе сè
зашто вечноста е немерлива
како и времето во нас!




30


МИРИСОТ НА ЛИПИТЕ

Ова е најубаво
што може да биде:
да се вдише мирисот
од уште по некоја липа,
стара липа
од Дебар Маало!


Мирис
за носталгични спомени,
мирис за осамени,
мирис за заљубени
тукушто венчани
во некој пролетен автобус...


Пиејќи црно
македонско кафе
во некоја меана
на ќејот на Вардар
липов цвет
в коси ќе ти ставам!


В коси златни,
златен цветец,
опоен мирис
по Вардар што броди,
мирис на љубов
љубена моја!




31


РАНИТЕ НА РАЦИН

Си стои Рацин осамен
сред некои други велешани
во Велес,
крај некои други Македонци
од Македонија,
си стои,
си стаменее
излеан од бронза -
бронзен споменик
високо на постаментот.


Си стаменее Рацин
во црни ноќи
и во бели мугри,
си стаменее
смртно ранет
пред ноќта да се к'ти,
си стаменее
јунак
под тажна врба
жалоита...


Сè се менува Рацине,
сè тече и истекува,
само раната боли,
раната пека,
раната поету
од брата зададена,
раната
рана македонска,
раната
уште не зарастена!




32


СОНАТА ВО СОНОТ


Може да има пречки
пред зајдисонце
и пред да падне мракот,
може да има и разочарувања
од денот што измина
натажен и тмурен
но мора да се прилегне
или легне во топол кревет
и да се сонува,
сонува...


Да се сонува надеж,
да се сонува добра волја,
да се сонува среќа
и нежен збор,
да се сонува љубезна насмевка,
храброст,
да се сонува верба
во утре и утрешнината,
во иднината
и светлината!


Животот
е облечен во костум
и маска
за маскембал
а танцот е само пародија,
театарска претстава,
оро кое треба да се доигра,
или валцер
виенски валцер,
соната во сонот...




33


Весна Мундишевска-Велјановска


РАЗГЛЕДНИЦА


Од Тумбе-кафе
ти праќам
разгледница.


Разбучен калеидоскоп
од безвремени фотографии.


Од тумбето
кај што вриеја копнежите
на нескротливата младост.
Од мовчето
на беспаќата и надежите.
Од врутокот
на сталожена оспокоеност.


Битола на дланка
во пејзаж без рамка.


Во срцето нè носи
битолскава разгледница
– нам и времето
во исконска ризница.




34


ЧЕКОР


Чекорот
е згужвано итање
или збунет прекор.
Често е и инаетење
или стокмен декор.
И матица и трут е
во кошарите,
но и тресалка
на кошмарите,
дофаќање
на трошливоста
на времето,
скоткано сновење
со бремето.
Чекор војник,
чекор деленик,
нем чекор
или чекор-екот,
секој чекор
бројник е
во низата
на векот.


СУЕТНОСТ


Зрно прашинка сме
во вселената,
а таложиме себичности
во меѓупросторот
на калдрмата на душата.
Малодушно збивтаме
во трката со времето,
а додаваме мириси
на егото што виси
како израсток во гушата.
Со напудрени јазици
и срцевина со спици
живи огради креваме
да нè одмине бремето.
И да се надраснеме себеси
пак ќе сме прашинка,
прашинка на безвремето.




35


ЗА УБОСТА


Меѓу два моста
на конец виси убоста.


Истрчав до чешмичето
во дворот на дедо ми
во каначе да ѝ зберам
добра душа.


Стуткани фигури
се туркаа за капка
смирисано лачење
стегајќи го за гуша.


Им секнал умот,
но не и пакоста.
Глупаво се дават
во сеопшта суша.


Е сега е доста.
Ееееј, тргнете се!!!
Пуштете го да тече
изворчето на мудроста.


На конецот се сучи лудоста.
Ќе знае ли да плива убоста!?




36


МАЧНИНА


Деновиве се доживувам
како балсамираниот еленрог
што се всели
во нашиот сандак со пчели,
па не можам
да се искашлам,
да се извикам,
да се извишам.
Низ парчосаната утроба
на трупов што дреми
подуен провев фучи
во лавиринт од мисли во срчи,
па не можам
да се стоплам,
да се сталожам,
да се стишам.
Гргорат немири,
роморат вжештени води,
во брзакот на безизлезот
проѕирно се нишам
и... дишам... трепетно, но – Дишам!


ВОДАТА ВО НАС


Се напнувам да проѕрам
низ калливото лице
на вознемирената вода.
Реата од фекалиите
на незаситот
ја топам со сода.
Еден грамаден бран
ме склешти
во талогот на совеста.
Безочно се влечкам
во тињата на свеста.
Меѓу камењето на дното
станав експонат што бабри.
Во дуењето ги солупив
и последните жабри.
Спасот се дави без глас.
Сега ќе разберам
што крие водата.
Што сè ли крие
водата во нас!?




37


ЗБОРОТ ПЛАСТЕЛИН


Ги кршиме,
ги прекршуваме зборовите.
И ронките ги дуваме
да ни остане
почиста дума.


Де ги чуваме,
де ги набркуваме...
Сè нешто изведуваме.
Де сме им поп
де кума.


А зборовите
како пластелин –
нè оставаат да ги месиме
и преобликуваме
сè додека чувствуваат
дека има смисла.


После тоа
и да гмечеме до бесвест
ќе бидат само
низа сува монистра.




38


ПТИЦАТА ВО ШТИЦАТА


(ИНИЦИЈАТИВА)


Се стрвив на парче дрво
и го делкав,
во лак го прпелкав,
со цртежи го озаглавив,
во витрина го ставив.


Изгледа го обездушив –
беше само убава Штица.


(ПЕРСПЕКТИВА)


Со вруток од страсти
дрвото го обликував,
со стругот
мислата си ја оддиплував,
со боја немирот си го збришував,
со формата
душовриежот го стишував.


Дрвото развлече крилја,
испушти крик,
витрината ја исучи во жица
и се возгорди – Птица.




39


ЕКСПОНАТ ДУПЛИКАТ


Во момент
на опуштеност
го парчосавме
бесценетиот експонат.


Си подававме
со вазната на спокојот,
јас – во дворот,
мојата половина – на горниот кат.


Премолчени
немири и двоумења
полуживи лебдеа
во пајажината на воздухот.


Заталкани
духови од минатото
искривулчено скокаа
по браздите на кристалот.


Смешавме лепак од сништа
и вознемирен фат,
па вѕидавме живот
во вазната-дупликат.


На масата во претсобјето
дреми закрпената реплика.
Огледалото, пак, рефлектира
мозаична слика.




40


ЗАЛЕЗОТ В СРЦЕ


Гледам:
сонцето се плакне
во залезот.
Тој – плаче.
Јас – собирам солзи
да ја измијам сенката
од згрутченово лице.
Секавици ги сечат
грамадите
во зазбивтаниве гради.
Здивен ветар
де краде зраци
де со земјата чади.
Се нададе
со грмежи планината
и го скри зад грб
збунетото сонце.
Залезот
сега крвари
во моето срце.




41


Мирјана Стојановска


ОТКАЧЕНА


Една буква е откачена.
Во низата на фонеми
и морфемски склопови,
една буква недостига.


И колку да е сè совршено
и мислата лесно тече,
токму таа буква
го прекинува значењето,
таа буква пече.


Потоа стана прикачена,
закачена,
закована,
зацврстена,
залепена.


Но, попусто.
Се чуствуваше дека
една буква е откачена.




42


ПИНК – ПОНК


Пинк-понк
ми тропка топчето
во мојот желудник,


Пинк-понк
како плунка
ми кружи во устата,


Пинк-понк
ми се тркала на стомакот,


Пинк-понк,
ми враќа телевизорот,


Пинк-понк
си разменуваме удари
со мојот пријател,


Навивачите во пинк-понк ритам
кружат со надочниците.


Првпат,
вторпат,
Третпат.
Продадено.
Изгубено.


Мене в рака
ми остана топчето
Јунг-Јанг,
Пинк-Понк,
едно за мене,
едно за тебе,
за мене пинк,
за тебе понк.


Пинк-понк,
пинк-понк.




43


САПУНИЦА


Мојата улица има потреба
од театар
кој ќе го отслика животот
токму на аголот
каде се вкрстуваат патишта
и мислења,
каде се тргува со лаги,
каде летаат перници на
бесни сопружници,
каде играат деца на изгубени
родители,
каде животот најмалку вреди,
каде пукаат луди глави
кои се мерат во децилитри
и неколку облаци дим
од најстариот оџак на оваа
мала
бледа,
тркалезна
улица.


Оваа е
прототип на големата улица
и затоа не ги штити луѓето,
туку луѓето упорно ја градат
оваа улица,
ја истегнуваат да се поврзе со магистралата
Охрид-Скопје,
небаре Оксфорд и Минхен.


Овде улицата не ја мијат со сапуница,
овде во сапуница лета мојата улица.




44


ПРАПОЧЕТОК


Сеалка-ми свучи рурално
како семем на македонството,
а сепак ме влече како атавизам
од пред десетици генерации
каде ДНК се меша
со историјата
на прапочетокот,
како потреба да се трага
по корените,
оние сочните,
оти светот се движи по работ,
а корените ќе ни требаат
како храна.


Не ни требаат нови наречници
и гатачи,
речено е, ќе се случи,
веќе никој нема дилема...


Сеалка- ми звучи рурално,
како селанка која има цел
да го прероди светот,
да го пререди редот,
да му навезе вез,
да му даде триножно столче
и да го напои најголемиот јунак
од нејзината утроба
и да го зачне
небаре
прапочеток на светот.




45


ФРИГИДНОСТА НА АГОЛОТ


Фригидниот начин на размислување
е реалност, како слепо црево
на дигестивен систем,
како див израсток на жрбет
кој од вакви тупави агли
се гуши во сообраќајот на мртви души.


Фригидноста е систем
на функционирање
во секоја алка
до дното
и веќе стана престиж
на глупоста во најголеми рамки
како синоним
на комплексноста на трендот,
на историјата во мигот,
на глупоста на зборот
која се исцрпува со
фригидната бетонска бездана
на безизлезноста.




46


КОРИНТСКИ ПАПИРУС


Коринтскиот папирус
Од пред три илјади години
покажува голема
сексуална слобода,
далеку од травијалата љубов
на денешното платно.


Во сексуалниот чин на стариот Египет
никој не лаже,
со нагласена машкост и полова моќ
целосна е таа игра
која носи реинкарнација,
а не лира.
(Сега лотусот е заменет со дрога,
а периките со фарбани коси).


На Коринтскиот папирус
недостасуваат фрагменти
но, сѐ се чита.
Денес сè е видливо
но личи на фрагменти.


Од овој агол
Коринскиот папирус е
мистика, историја и култура.


Во паралела, денес
супкултурата на
индивидуалниот чин е
без лотус,
без занес,
без танц,
без сеќавање,
во минијатура.




47


Биљана Т. Димко


СИТЕ


Ти си како сина птица
неверна и добра
ситна, а голема радост.
Знаеш, кога се помешуваат
соковите на телесните страсти
и духовните крици на невиност,
ете, тогаш ти верувам.
Ти си најдобриот, најнежниот маж, ама,
секогаш има – ама.
Сите мажи се исти, клише е нели?
Сите ветуваат,
ама за среќа, сите жени се исти,
барем еднаш во се ќе поверуваат.


И БИ


Полна месечина,
ѕвезденото небо лудува,
летниот жежок ветар носи
безброј неоткриени мириси.
Оваа ноќ е токму таква,
како што треба да биде една жена,
раскошна дива,
со хавајски цвет во златестата коса
да се лелеави под месечевата светлина...
Би те украл, без да ти кажам збор
би те стиснал до срцево и без да знаеш
би те повел далеку од овој сиромашен свет
и би те направил жена
и би ми раѓала ќерки
и би можеле да ги поправиме сите штети,
нашата љубов би била мелем.




48


ИМПЕРАТИВ


Секаде оклу тебе радост,
а ти упорно ја држиш будна тагата,
со суви лисје ја украсуваш младоста,
а на соновите им изгради
гробови од фин камен.


Те молам, не се занесувај!
Крени ја главата горе,
смири го срцето
и вдиши воздух.


И вчера и утре се далеку,
ама Сега, ти можеш, ако сакаш, ако ти треба,
сега некого можеш да го љубиш.




П РО З А




ул.„Кирил и Методиј“ 22а (Англиски конзулат)




51


Никола Кочовски


фрагмент од романот: „Ќерката Кети”


БЕГСТВО, ИЗДИШКА, И НЕ САМО ТОА


- Сигурно сега си и ти огладнета, - ја задевна Страшо пред вратата на ресторанот.
- Ами... така.
Седнаа крај една маса. Порачката му ја соопшти Страшо на келнерот што го


викна. Исти јадења, чиниш семејни луѓе, на домашен ручек.
- Во ред е? - ја праша сепак.
- Во ред.
Келнерот запишуваше.
- И по чаша вино? - ја припраша, да заврши со порачката.
- Не, за мене не, - таа одби.
- Ама зошто?... Ти не мораш многу. Би сакал, за доаѓањево наше... - понастојува


тој и го испрати келнерот.
Таа не зборна повеќе. Снема волја да го повторува кажаното.
Оброкот беше вкусен, скара. Но потребен е и апетит. А таа го немаше. Негде


во слепоочниците ѝ биеше сознанието за татко ѝ што денес набавува вино за неј-
зината свадба, - но повеќе никој нема да ги дознае нејзиниве мисли!


Сред јадењето, Страшо посегна по чашата со вино:
- Денес празнуваме, и ние двајцата сме славениците за кои што ја кревам оваа


чаша... - Тој со јасен став исчекуваше и таа да ја земе полната чаша од пред себе.
- Ти реков. Јас не сум пиела вино.
- Ајде, Кети... За денес нека не важат ограничувањата. Макар половина чаша.


Една голтка пивни, де?
И послуша Кети, ја дофати чашата, да не должи повеќе, задоволниот Страшо


побрза со својата, и помогна чукнувањето да се изврши.
Кети голтна. Еднаш, двапати, трипати.
- Уу, што е зашеметувачко!
- Виното е добра работа.
И во миговното заискрување пред очите, како да ѝ молсна некое чудно


рамнодушие, како да ѝ беше затапело секакво запазување на обѕир - некаков
инает ли, зајадливост ли, нешто бесконтролно ја повлече, искажа:


- Виното што ќе го донесе татко ми... ќе го пиеме таму, во Рочестер... со куп
нашинци... И сватови!...


- Кети! Кети, смири се! Знам дека ти е непогодено.
Тој немаше во себе лутина. Имаше жал за неа.
Речиси истиот час телото ѝ направи мала, но значителна реакција; се пристори


како да сакаше да си го покрие лицето со рацете, но само ѝ подјачнаа зборовите:
- Прости, Страшо. Ме испијани...
- Не испијанува толку малку пијачка. - Забележливо беше: не за неа, за себе го


велеше тоа, му се отпираше, всушност, на своето попуштање. - Ама ако...
Не, ова беше спротивно на неговите очекувања. Нема што да се лаже себеси,


тој всушност не се почувствува денес како што се надеваше... Мислеше дека
барем до извесен степен, колку што ќе им се наклонети околностите, ќе си
овозможат среќа во ова вонпросторно избивање од несфатливите стеги, небаре
во приказните!




52


Место какво било објаснение повеќе, молкот го направи троа неугоден поче-
токот на јадењето, иако многу бргу пак се врати ненарушливото нормално, при-
родно меѓу нив. Зашто преку сѐ беше големото разбирање. А и самопрекорот на
Кети, забошоткан длабоко во себе.


Не по многу време, ручекот заврши. Во чинијата на Кети, подместена малку
кон средината на масата, најголемиот дел од печеното месо остана негибнат.


- Не ти се јаде многу?
- Јас многу јадов, - му одговори.
Бидејќи на тоа Страшо примолче, полн прекорни погледи кои, се гледаше, не


одеа подалеку од себе, таа се замисли, не давајќи знаци за тоа. „Не сум јас об-
винител негов, ниту имам право да бидам”. И’ беше жал што му ја засенчи ведрата
расположба, за која беше подготвен. Сакаше да може да најде начин да му ја
поврати. И’ падна в очи дека пред неа стои недоиспразнетата чаша. Таа ја крена,
ја принесе до устата, како да сакаше со нешто да се избори, и полека, полека ја
допиваше додека не ѝ се виде ничкосаното дно.


- Не е страшно! - викна победнички, со мал насмев. - Збрложувачко, ама слатко.
- Како нашата љубов, - рече сосем гласно Страшо, со некој нов потсветнат зрак


на лицето.
Зборуваа македонски, и не му беше незгодно од присутните.
Следниот миг таа му ја осети раката на својот грб.
Иако потштрекната од неговата постапка во полниот ресторан, веќе не ѝ


требаше некој напор да му го заврти целосно своето убаво насмеано лице.
Место бакнеж, на кој, можеби и зачуден, беше предизвикан, тој сепак


неупадливо ѝ ја допре раката на масата и внимателно ѝ ја стисна.
- Се однесуваме како да сме некаде скриени од луѓе, - му рече смело примижана,


со некој претрпнат, превладувачки насмев.
- Де, ова не е Рочестер. Никој тука не нѐ познава.
- Да мислиме дека е така!
Додека зборуваа, си гледаа еден на друг во лицата, во устите, и тоа не беше


толку лесно да се одолее.
- Ние се сакаме, Кети! Знаеш ли? - ѝ зборуваше ведар.
- Дали знам? Ме збудалува тоа!
- Ама... и некои други работи... Има и такви работи, што те мачат, нели?
- Па, нашите незгоди, ни ја зголемуваат побрканоста...
- Незгоди, незгоди... Еден ден нема да ги има, веруваш, Кети?
- Ние сме тука избегани од тоа! - рече таа брзо, така што не стигна да го прикрие


воздивот, кој беше и горчлив протест и сигурно нешто повеќе.
Кусо време мина, а Кети веќе, по вторпат откога седнаа, како да не беше Кети.


Очигледно, во неа се брануваа чувства. И рече:
- Би сакала да скокнам од столов и пред сите да извикам: „Јас сакам! Јас одам


по тоа што душата ми го сака”... Да вреснам!
- Да си го оставиме тоа за попосле, - зеде тој да ја поучува, стишувачки. Само


за нас. Никој од тоа нема да ти биде благодарен.
- Јас не барам да е благодарен. Јас велам за тоа што внатре во мене копа...
Тој закима неколку пати со главата. И само изусти:
- Точно.
Мина малку време во молчење, сред живиот амбиент на тихи разговори на-


околу по масите. Страшо го викна келнерот и ја плати сметката. Потоа станаа.
Убаво беше што ја имаа собата. Да се видат малку на свое.
Таа се одвали на креветот, потпрена на лактот. Страшо седна нешто подалеку


од неа, до зглавјето. И проговори мошне внимателно:




53


- Кети, троа вознемирена како да си?... Ми изгледа, често те притискаат впе-
чатоците од поминатото. Гледав, тие нешта како да ти пречеа кога се најдовме
пред оваа голема реткост денес.


- Јас убаво уживав во водата, - се бранеше таа.
- Што ти значеа тие зборови, Кети? За сватови, за нашинци на свадба? - ја


праша дури смуртен. - Пречка за нас ли? Несовладлива ли?
- Не, напротив... далеку си од тоа да ме разбереш, Страшо. Бездруго и јас сум


крива сега... Ама најпосле, човек има право да си чува нешто свое... во своето
улаво фантазирање...


- Чудна ми си ти денес... Што е причината? - Не ѝ се лутеше. Само сакаше да
вникне во нејзината душа. Тоа и во него веќе навеваше извесна матникава
сериозност.


- Да го отфрлиме тоа, Страшо. Прости ми... Овој ден е наш, како што сам рече,
и треба да бидеме умни за да го искористиме убаво. И да го паметиме...


Зборувајќи го ова, таа се премести на креветот сосем близу до него и, по малку
како дете кое се разгалило, му ја зеде раката и умилно, скоро ликувачки, си ја
принесе на образот и троа на вратот, кој благо почна да ѝ се извива, во желба за
милнување.


- Не барам да претеруваме... само сакам да бидам... нежна... - Последниот збор
ѝ извлече насмевка на краевите на устата. Толку слободна убавина, која се пре-
пушта.


- Па убаво е кога сакањето е толкаво, што дури да не знаеме што да правиме со
него, - кажа тој одобрувајќи.


- Овој ден е наш празник, а празниците се помнат, - повтори таа.
- Најточно речено! Ќе го помниме денов, - потврди Страшо.
Сакаше да биде гушната, и кога го направи Страшо токму тоа, кога му ја осети


другата рака, внимателна, околу половината на снагата соблечена, без палто, бе-
ше среќна. Дури почувствува извесно поневоздржливо искушение. Меѓутоа го
придуши, свесна дека денов чува уште многу време за нив.


- Мое убаво девојче, - тој ѝ допушти на својата љубов да проговори. - Не кријам,
денес е ден во кој чекам нови, незаборавни моменти за нас, така што душава да
не може да ми се донасити... Грешен сум што љубам, ете! - Тој блиско, речиси
срамливо се насмевна.


Кети, подзамижана за миг, посака овие изречени зборови да станат една уба-
вина што ќе трае вечно, но ако не може, а и не си допушташе во тоа да поверува,
барем да ја доживеат овој еден ден!


Но Страшо всушност само малку позапре, како да си ја потсмирува возбудата,
па додаде, зборувајќи ѝ и со уста, и со прстите на раката по нејзиното лице: - Во
празников наш, ние дојдовме еве, кај една убавина, реткост, ама јас сакам да ти
речам, Кети: тука треба и да внимаваме, местава се незгодни, можат да бидат и
опасни...


- Не зборувај... Гледај, в раце ме имаш, земи ме!...
Толкава топлина имаше тој во својот поглед управен во неа, дојдена така во


неговите раце.
- Тука ги немаме барем оние непријатности, опасности кои на чекор нѐ следеа,


- во вознесот, сега нему му дојде да потсети. - За кои ни требаа човечки итрости...
- Сакаш да речеш, од кои бегавме и не доизбегавме.
- Да, Кети. Добро го знаеме тоа. И, завршувам со сето тоа тамошно... Тука те


имам тебе, и сакам да бидам сиот со тебе.
- И јас... - рече таа со силно замечтаен и многу тивок глас. - Заборавам на сѐ


друго. Ама ништо друго не сакам. Тебе те имам. Земи ме... - небаре од болест од-




54


вај дишејќи, кротко припоена на неговото рамо и гради, сосем слабо допирајќи
го, беше причина и тој да внимава, да го придуши веќе пламнатиот порив во се-
бе. Со почит, да ја допира и да ја бакнува, како икона речиси, да не заборава која
е таа.


Тоа беше милување, штитење, ветување неречено, од кое солзи ѝ проронија
очите, но гледаше да не го покаже тоа, за да не прекинат, па се дофати изненадена
во еден миг како, бакнувајќи му ги подразгрнатите гради, по кои разбрзано,
излудено шетајќи со усните, премрено, и делови од кошулата му бакнува, целата
претворувајќи се во даруван, до болка нежен трепет. А тој ја милуваше, милуваше
по главата, по едноставната, многу мила коса, што толку ѝ одговараше, иако
телото ѝ беше едно бескрајно богатство.


„Тоа е наше право”, беше неизречената, но понекојпат веќе повторувана мисла
на Страшо.


Така, кротко се љубеа, доста долго. Всушност, се силеа да си ги придушат, да
си ги присовладаат поинаквите пориви, за дивеење на страста во телата.
Чувствуваа оти вака е подостојно некако. Она другото го жртвуваа на празнувањето
на нивната љубов. А тоа бидува со свесна соземеност и со благост.


Еднаш само ѝ подрече Страшо:
- Би те гризел, Кети, ама го оставам тоа за друг пат.
- Друг пат... - повтори таа, небаре слабо ехо, небаре во сон. И само по некоја


секунда го грицна самата при бакнежот.
Тој, како да ѝ ја вајаше снагата, воздржувајќи се, со двете раце, одгоре од под


мишките, сѐ до стомакот што секогаш ѝ бил на оваа девојка елегантно тенок.
Но започнат беше повикот на клетките за вистинско спојување. Многу вни-


мателно, торжествено речиси, чудесен ритуал на раширување раце, бакнувања и
по нив, и по снагите. И наслушување како крвта под кожата бие за двајцата, за
добро да се запомни тоа, да не се заборави... и вникнување во текот на длабокото
сврзување на животот.


Како би можел да не се заборави! Ѝ се нафрли. Воздух просто во градите не ѝ
остави..


Душата ѝ бликаше од благодарност.
- Страшо, побарај музика?... Некоја многу убава музика. За нас, - засака таа


копнежливо.
Тој го вклучи радиото, и без многу задржување, среќно ископа со бирачот една


жестоко чувствена мелодија, што поткреваше од место!
- Позасили...
Го имаше пак вратен до себе. Раката му беше под нејзиниот врат, на задишаните


нежни гради, устата се ближеше до нејзината.
- Оваа мелодија за нас е денеска! Којзнае дали уште еднаш... - таа брзо се по-


прави, не сакаше кобежно да прозвучи во овие мигови: - којзнае кога другпат ќе
ни се здаде слично нешто.


- Оти така велиш? Па јас те сакам! Ние... - И толку беше просто тоа што беше
докажано и со немирните, постојано обгрнувачки раце негови и со целиот изглед.


- Држи ме... - Се притискаше, сакаше да се зарие во неговата снага. Да најде
таму зарем мир... И вресна, речиси лелекна, давајќи му се.


А тој, да можеше грутченце мало да ја стори, во устата да го понесе. Не му се
смируваа усните од бакнежи.


Таа лудуваше. Го грабеше, го стискаше.
Несмирена, подзбивана, и устата ѝ се движеше во неогласени зборови, или


што правеше тоа?...




55


- Не!... Не! - изби од нејзиното грло, и ја зари устата сосе глас во неговата. И
рацете им се припија во снагите, потпретаа подлабоко, во самата плот, и не само
рацете, и споулавеност на целите битија разбрзани.


- Кети! Кети!
- Страшо!...
Испивање за кое премногу се слаби усните за да го направат колку што е са-


кано.
Небаре се разделуваат за којзнае колкава далечина.
- Мила моја убава...
- Ох мој!... Ти мој!...
Веќе не толку обѕирно тој ја зеде под себе, а таа само за него се чипчеше, само


во него втопена, како да ќе ѝ го истргне некој и не ќе го види повеќе.
- Држи ме... не ме испуштај... - гласот веќе ѝ се губеше, но дали тоа, во нејзината


чудна премаленост, беше тага, или нешто друго? Тој беше и среќен од нејзиното
предавање, но сепак збунето трогнат од несомненото неспокојство во неа. Веќе
му се испречуваше некаква грижа, како одговорност во името на љубовта. Не
беше умен ништо друго да стори, само топло ја избакна.


Навалена со лицето, во трептеж подослабен веќе, но непрестанат, со солза му
ја нароси влакнестата кожа на градите.


Не сеќавајќи го тоа, ја обгрнуваше силно со обете раце.
- Држи ме!... Држи ме!...
- Тука сум, Кети. Во моите раце си.
- Држи ме...
Му се виткаше како змија по снагата, лепејќи му се. Се забораваше во воздиви.
Сега веќе кротко, внимателно ја смируваше со допири. Таа најпосле мораше


со врвовите на прстите да си помине по очите, но тоа ја издаде.
- Што правиш, Кети? Солзи?
- Дека така... не ни даваат да бидеме среќни...
- Ах, Кети, Кети!
...И најпосле слатка папсаност и молчење, и тивко повикување на сон. Познат,


убав начин за одмор, но само ѝ се причини дека и таа ќе заспие. Го погледна со
блага завист Страшо, веќе зајден во свои олеснувачки сфери, на истата перница,
од која таа малку ја поткрена главата. Чудно, некоја нова, непозната внатрешна
личота се откриваше сега на неговото лице... „Сѐ ти дадов од срцево, убаво е од
тебе што ме оставаш малку да предивнам, во ова молчење. Не знам каде сум, и на
што сум застаната... На љубов, знам. Но љубовта е кревко нешто, чинам. Што им
значи таа на моќните?”


И веќе насеќаваше со трпнеж... Овој одмор, ова самоизмолчување, со подмолна
неосетност ја враќа подалеку назад, каде од сето што се случуваше и што про-
должува, некоја голема магла како да се одвлекуваше сега, и зад неа остануваше
истата нејзина несакана дејствителност - но многу повистинита, незабошотлива
за очите, - која жално ѝ ја скршнува нејзината судбина, така што денес ѝ е веќе
бегалечки ден од самата себе... Тоа беше едно чувство кога се најпосле очите доб-
ро отворени, едно снемување на мирот. Можеби така изгледа отрезнувањето?
„Пукни од тага ако сакаш, ама нема повеќе уста да отвориш, да проговориш!” се
жестеше, си наредуваше, зашто всушност само на неа паѓа веќе одговорноста.
Немаше ништо друго што да направи, освен да го погледа испружениот Страшо
покрај себе, на кого му се соземаше снагата во одморот, по сето што го направија
денес.


Без оглед на уште несредените мисли, непрестајно го сеќаваше него, тука до
себе, под себе ја сеќаваше постелата врз која се љубеа, ја гледаше собата, веќе




56


осветлена од светилката што ја беше запалила, и сфаќаше дека тоа е нов свет во
кој повтила да влезе. Силум ја оттурнала вратата што води во него, но таа сѐ уште
се чувствуваше надвор, за неа немало дозвола, никогаш всушност не ѝ се нас-
мевнале изгледи да влезе вистински во таков еден свет, што само мечтата може
да го препознае. При сѐ што сетивната разиграност од бакнежите, допирите, од
страста, сѐ уште ја сеќаваше како ѝ пулсира и вилнее низ целото битие. Да, телото
ѝ беше заситено, ѝ беше израдувано со галежите што ѝ ги дари овој ден, во неа
небаре да продолжуваше тоа и во овие мигови на нужност за сон, траењето на
скриените телесни тајни...


Ѝ дојде одеднаш на ум мајка ѝ , што е оставена таму притулена во куќата, ни
прашана ни известена.


„Што би рекла мама, само да можеше однекаде да ме види преѓе на оваа
постела? - Што би рекла, таа е со Господ... а јас сум, сеќавам, и од него напуштена.
Би се уплашила од Господ... Би рекла, кога би знаела сѐ: „Таа тргна по диви по-
ројници, како малечкавиот син, што надојденото пелистерско водиште ми го
однесе.”


Таков е денов: колку ли пати ѝ доаѓа во мислите Драге, зашто и таа, Кети, се
најде пред многу вода... Уште, чинеше, ѝ јачеше во ушите шумот на водата, раз-
бликана отсекаде, што му напомнуваше на Драге, Драге не им избегна на во-
дените бранови и стана причина да се роди таа, за чија што судбина веќе куп
случувања во времево последно се потврда дека ѝ е безмилосна. Судбината
дојдена од трагедија, ѝ е полна со проклетство. Не утеха за татко си и мајка си,
туку несреќничка. А какви нови судбини може да дојдат со рожбата од разо-
чараноста нејзина, од трагедијата што никако не смогна таа со своите премали
сили да ја избегне. Веќе низата денови во времево, не ѝ кажуваат ништо друго,
туку токму тоа! Дури и сонот. Мостовите се нишаат, но во водиштето мочурливо
не се умира да биде тоа прекин и спас, туку пропаста таму е смрт со живеење во
една смрдеа неподнослива. Таква смрт!... Таква смрт!...


Во миг ја штрекна стреснувачка помисла како татко ѝ и Дино да доаѓаат до
вратата и сега ќе влезат... Ѝ се подзапре здивот, за збудалено да ѝ се забрза. Дури
тогаш се сети дека вратата е заклучена. А сепак... не потропна никој. „Ќе излудам!”
си рече. „Ќе излудам! Нема нигде побегнување од злото. Тоа е веќе во мене.”


Колку морничаво! Ќе беше поштедена од оваа глупава гроза во себе, да успееше
да заспие. Знаеше дека сонот е некаде тука, можеби во нејзиниот тил, но прави
отпор...


Снемирениот, вистина одвај и сознаено колку изморен дух, сѐ нешто туку ќе ѝ
го поткосне, нешто во нејзината судбина како да си игра, ѝ покажуваше дека не
остана место за избег...


Нејзе ѝ кажуваат дури и скромните познавања, поправо приспомнувања на
прочитаното, како судбината сред трагични околности станува трагична. Такви
се и Ромео и Јулија, и Дездемона заедно со нејзиниот Отело... Тие не избегнаа од
власта на својата судбина. И тоа е вистината!...


И едно подмолснување во умот: „Го донесе ли виното татко ми?...”
Колку ќе беше убаво да успееше да заспие!
„Ама што е ова што ми се случува денес ?! - се праша скоро залипната. Ова што


ја владее вака кутро? Но... можеби не погледнувала досега подобро?... Толку не-
убави работи се накупчиле во неа! Зарем не е ова плод на случените нешта уште
од порано, а особено последната недела, од она засрамување на двајцата нив во
собата на Олга, па сѐ до завчера, и до вчера... И сето, во душата на една неука
девојка. Затворана држена дома.




57


„Олга... Неблагодарна сум: Во глупавава состојба заборавив на добрата Олга,
иако нејзината среќна приказна за момчето Линдон нешто ми кажува. Дека раз-
ликата во годините не е важна... Сосем така ни годините на Страшо спрема моите.
Море не е во нас, ни во мене ни во Страшо лошото, - таа го погледна и се здржа
во желбата да го милне по успаното лице, - туку во другите е! Жилаво, тегаво ло-
шо, со кое не успеав да излезам на крај... И да ми е Олга тука, зарем би можела
нешто да ми стори? Од својата среќа може ли да се даде на друг! Тоа се виде уште
во нејзината соба минатиот петок...


Таа одвај ги оттргнуваше очите од лицето на човекот од кого научи што е
сакање.


„Нешто сепак ни се случува со доаѓањето ваму”. Ѝ беше многу сериозен из-
разот додека ова си го искажа. Без ни сенкичка насмев на задоволство, иако са-
каниот лик на Страшо уште сѐ така ѝ беше во очите и топло дишеше. И на тоа, од
длабина ѝ дојде надополнувањето: „Ама... да ме праша некој, зошто предложив
да дојдеме на Нијагара, можам само да му одговорам: Дека немавме што да сто-
риме друго...”


Ѝ се мрежеше пред очите. А веќе и во свеста.
Од него ѝ дојде малата, но доволна помош. Тој сигурно не баш будно, ја пре-


фрли раката преку неа. Ја потргна, и таа повинувано се прибра сосем до него, ѝ
задиша топло во гушата. Полека фати да ја напушта свеста, се принамести, се
приизгуби.


- Доста се тресеш... Парно... - ѝ промрмна низ сон.
- Не се тресам...
Слабо си го чу и сама гласот.
Кога по некое време се разбудија, најпрвин тој од некаков шум во ходникот, а


тогаш и таа, косата ѝ беше растурена од нејзиното, до неговото лице. И пак про-
должија да спијат, како изморени борци на избавувањето. Немирот не ѝ даде пре-
ку денот да мигне, а беше прекапана за сон! Сега се изгуби, исчезна во неговата
прегратка. Среќен, заспа и тој, и подолго време не му се изгуби од лицето лес-
ничката, блажена насмевка. Немаше од Бога создадени чувствени очи тоа да го
видат, само мртвата неизгасната светилка од таванот.


...Во соба, мала, здраво правена, како што се од метал работите здрави, сама
се нашла таа, и туку одеднаш, преку единствениот прозорец, со единствено стак-
ло, одгоре, од таа рамка од која не е потврдо железото, одеднаш млаз една таква
течност... преку стаклото, небаре испуст од река, ама што е оваа грозно црвена
боја, течеше - се истураше! Со какво ли оградиште беше заграден просторот и над-
вор, започна да се накрева, да пребликнува од ужасното дворче, и веќе надре и
во собичката кај неа, не бил толку здраво направен прозорецот, без запир рас-
теше нивото! Заканата однадвор достасана, се накреваше, го малееше веќе и
виделото од прозорецот. Море да не е крв ова стравотииште, ова напливнатово
до близу нејзините гради, што ја има иста бојата како виното во чашата што не го
испи таа на првиот повик... „Што ќе да било толку виниште, ќе ме дави некој со
него...” И некаков внатрешен глас на досетување ѝ кажа: вино е тоа, вистина!
„Што е ова толку вино?” се праша, „ќе ме удави татко ми во вино...” Телото веќе не
ѝ знаеше до каде е црвено-моровата течност, во собичката исчезнуваше виделото,
и почнуваше грозомора со студ околу срцето. Погледна горе на таванот - и од
него, и од рабовите на ѕидовите извираше обоената течност и се слеваше долу.
Но тоа не беше веќе многу долу. По нејзината снага се издигаше чудната вода и
ја обземаше сѐ повеќе. Се качи на стол, но удри со главата во таванот и ѝ се раз-
лигавуваше сега тоа течење по неа.. Најмногу од сѐ ѝ пречеше тоа што ја при-
тискаше таванот, и тоа притискање ѝ остана повеќе од сѐ во свеста, зашто таванот




58


со шурките и млазовите почнуваше сега да се спушта, да се спушта, како да пос-
тоеше нешто кое сакаше таа да биде смачкана. Толку здраво градено, а се испол-
нуваше со смрт внатре, и немаше повеќе каде да се постои. Но пукна вечерната
електрична светлост меѓу клепките, отворајќи си несигурно, колебливо, мал про-
цеп сред нив - Страшо беше станат од постелата во хотелската соба, погледнуваше
на неа дали доволно внимателно ќе ја пробуди светлоста, а однекаде оддолу,
сигурно од приземјето, се слушаше музика.


- Дојди до мене. Гушни ме, дај ми ја раката... - го помоли стреперена.
Тој не зборнувајќи збор, направи така, но не пропушти и да ја бакне во устата,


топла од спиењето.
- Не, не се разгалувам. Се уплашив.
И си допушти да му го раскаже сонот, со трепет во гласот, плашејќи се дека ќе


ѝ се недостатни допирите на неговата рака, која многу внимателно ѝ шеташе по
кревката снага, да ја заштити:


- Сон... Будалски, грд сон сонив. Се заплашив... Во една собичка бев сама, и
надвор на прозорецот надојде вода и почна да продира, да навлегува... ќе ме уда-
веше... како... - Не изговори, примолче овојпат.


Меко, топло гушнување и уште еден бакнеж - беше неговата поддршка.
- Многу си се растроила, Кети. Јас, ете, ништо не сонив.
Неговата рака, што ѝ го милуваше лицето на перницата, имаше убава, сми-


рувачка моќ.
- Да слеземе, да земеме малку воздух? - ѝ понуди на крајот.
- Ми се спие уште.
- И мене, Кети. Ама ќе имаме време. Ноќта е голема.
- Голема... - Таа се сети на минатата голема, непроспана ноќ, лошо помината.
- Не ти се стегам. Ти како што ќе кажеш...
Одговорот ѝ беше станување.
Вечерта помина едноставна, одвај и забележана. Еднаш спомнаа за одење до


гратчето Нијагара Фолс, веднаш тука блиску било, но решија тоа да го сторат
утре. Слезени во ресторанот, беа пресретнати од живите, силни звуци на музиката
од соседната сала. За да завршат побрзо тука, Страшо го погледа понудениот
список со јадења, па ѝ го даде нејзе. Таа одби: - Не, благодарам.


- Што?
- Не ми се јаде. Тогаш кога ќе ми се пријаде, ќе побарам што било. Не вечерва...


Ама ти - не си осуден, поради мене, да гладуваш! Јас, еве, друштво ќе ти правам
на маса.


- Мислиш, мене ми се јаде без тебе? - Страшо беше сосем убеден во тоа што го
зборува. Верен во сѐ. Ништо не помогна ни замолувањето нејзино. Тоа беше веќе
решено нешто.


Сепак, не можеше да не ѝ забележи на толкавото неразумно гладување.
- Не... како да речам... - му одговори таа. - Мене полниот стомак не ми прави


толку добро...
- Ама, ако вака јадеш, ќе бидеш многу слаба!
- Меѓутоа, ете каква сум.
- Чудна природа. До колку си... навистина искрена. - Тој ова го дорече и со


погледот.
- Те молам, Страшо. Не ме знаеш ли!
Во другата сала најдоа една слободна маса, и тука ја послушаа музиката, која


ѝ беше на Кети многу бучна, и ја погледаа мошне големата игранка на гостите. Но
брзо станаа и се прибраа в соба, да продолжат со одморот, што навистина многу
потребен го почувствуваа нивните уморни тела и нивните скитнати души.




59


Легнуваа. Немаше посегнувања од едниот кон другиот.
Откако се покри, таа замислено си ги скупчи рацете пред себе во скутот.
- Ми се лутиш? - ѝ проговори Страшо.
Сигурна беше дека тоа може да биде само блага шега, и му одговори:
- Не може да има лутачка меѓу мене и тебе.
Тој, не толку близу, не толку далеку сместен крај неа, остана мирно да го чека


своето заспивање.





Саат кулата - денес




61


Добре Тодоровски


- фрагмент од романот ПРОКОБА


Времето се живееше по некаков ред, што замислен, што од навика, или како
што ќе се наредеше од власта. Редот кој одамна се почитувал, а го почитуваше и
гласникот Недан питропот, кој на одредени места во населбата застануваше,
тропаше на самоизработен тапан и повикуваше на внимание. Чинеше застани на
средината од патот, поднамести се, потпри се на бастунот и ќе удри посилно по
кожинката од тапанот. Па ќе викне, ќе каже што има за кажување.


Едно такво тропање, тоа утро го разбуди Сидор, кој скокна од креветот и из-
лезе на балконот од куќата. Во дворот го виде брат му Димитрија како префаќа
нешто околу запрежната кола. Потоа се загледа во Недана и се вслуша.


- Кога ќе е чуете камбаната, да знајте дека чука за Колета Врзикоска, кој се
прости од нас и од овој свет. Бог нека му ет на милост.


На Сидор му олесна. Се сети на Колета Врзикоска, кој ни самиот не знаеше ко-
га е роден, од старост не можеше да се сети нити колку години поминале откако
го видел светов и веков.


- Бог да го прости, - си рече за себе и побрза да се облече.
- За тебе како да нема работа!? – му подвикна Димитрија, кога помина крај не-


го. Сидор застана, се заврте кон него и се поднасмевна.
- Јас чекам работа. Секој момент треба да ме викнат, - вели Сидор.
- То ет државна работа, има и шума и поле, треба секој ден да се јади, - вели


Димитрија не кревајќи го погледот. – Тебе умот ти е само по девојки.
- Кажи, ако треба да се стори нешто, - виновно рече Сидор и му се доближа.


Димитрија дури тогаш ја крена главата.
- Те бива поќе за та’ работа. Не еднаш сум те замолил! Најди некоја да можам


и јас да се задомам, - му вели со видлива тага на лицето.
- Ќе најдиме, не секирај се. Јас ќе ти најдам…- му рече и го подудри по рамо.


Кажи им дома, ќе одам да ја пречекам Магда. Денеска порано ќе се врати, - под-
викна на заминување.


Кога излезе на патот го виде Илија Спироски како ја води кравата по него. По-
брза да го стигне.


- Аирлија, кај е водиш кравата, стрико Илија?
- Аир д’имаш момче… Кај е водам!?
Така рече и подзастана да ја запали цигарата што му угаснала. Откако ја запа-


ли, ја разгоре, испувка повеќе и скоро целата глава му се обви во чад.
- Начув, вели, дека во Околија донесле некој нов бик, расен некој, па да појдам


да видам, ако можит да е заскокнит… Никако да останит стелна. Да не е јалојца
пустинава!?


- Прв пат се води? – прашува Сидор.
- Не, втор пат, - вели Илија.
- Ќе ватит. Овој пат ќе ватит, да немаш гајле.
- Оф бре, младо момче, ако јас не знам, ти ич!
- Немој така стрико Илија. Завршив сколија за тоа.
Илија застана и зачудено погледна во Сидор. Го гледа право в очи и ја собира


устата, па подзина како да се сети на нешто.




62


- Море вистина!!! Вистина, сега се сетив дека тебе те пратија за марвени лекар.
Ти сакаше?


- Ете, не сакав, ама ми рекоа и отидов. Завршив, а сега чекам работа.
- Жити очите, ај види ја кравава, дали е стелна, или јалојца е, да не го тепам


патот до Околија. Сидор се насмевна.
- Види ја позади, ватија за виме, за стомак. Дури Илија зборуваше, Сидор веќе


ја гледаше кравата, де напред, де назад, па чини потфатија за виме, за стомак.
- Не можам да ти речам со сигурност стрико Илија. Ама, сега кога си тргнал


оди, од два пати заскокнување нема гајле. Денеска напред се оди и со оваа работа.
Ќе видиш, набргу какви крави и свињи ќе имаме. Барем за млеко и месо да не
страдаме.


- Е арно де, барем да не сум на мисла.
- Ќе останит стелна, да не бериш гајле, - му вели и заминуваат надолу.
- А, да ти кажам, во старо време, - почна да кажува Илија, а овај го слуша: како


ги лечеле од болест, од зарек, како вимето, како јазикот, надуеност во слабините
и кога ќе се скрши рогот. Кажува Илија и ја трга кравата по него. Одмалува од
патот.


- А, одошто умре Коле Врзикоска? – го праша Сидор и му го прекина кажувањето.
- Никола Коле си умре од своја смрт. На денешен му било писанието, писано


скончанието. Или, можи да се умори чоекот од живеачката. Така некако, само
нека е со ред.


- Јас за д’овде. Ќе го чекам автобусот, - вели Сидор и застанува. – А ти, крај пат
и полека. Неоти има возила, ама што си е сигурно-сигурно си е, само крај пат.


- Остани ми со здравје, - вели Илија и заминува.
Сидор пред време дојде, па отиде до чешмата во близина, одма до патот, на


која беше испишан натпис ,,Лековита вода”. Само што се наведна да се напие во-
да од дулецот, скоро се подисплаши кога го виде Стојан попот, кој беше седнат на
дрвената клупа одма над чешмата. Црната раширена мантија му беше избледена,
обелена од сонцето. Капата ја обесил на едно гранче од дрвото, а во скутот, на
бела месарска хартија, држи леб, сланина и една поголема главица кромид. Сечи
од сланината, крши касаи од лебот, гризи од кромидот и ја полни устата. Поп
Стојан џвака и набрзина примижува со очите, како да се брани од ситни пепе-
рутки. Гледа Сидор во него и не му се верува.


- Да те прашам нешто попе! – му вели и го водени лицето.
- Да чујам!, - вели попот со полна уста и ја врти главата настрана.
- Дали се мрси во деној кога не треба да се мрси?
- На кој деној мислиш?- прашува попот.
- На среда и петок, - вели Сидор.
- Не те чув убо? - вели попот и џвака набрзина.
- Денес е петок попе, не се мрси!
- А, кој вели дека мрсам?
- Јас. Те гледам гнетиш сланина, пикаш олкај касаи, ќе ти залетни надолу некое


парче.
- Јас не мрсам. Јас само јадам. А, ти не си тој што можит да кажит. Ти најмалку


можиш ум некому да даваш што да прајт и како да прајт, - вели поп Стојан и го
врти погледот, гледа настрана некаде кон полето удолу.


На Сидор му се оттргна една несакана, подбивна насмевка, па побрза да се
врати кај автобуската постојка.


Почека Сидор повеќе време, додека не стигна автобусот во кој требаше да би-
де Магда. Откако беа заедно, заминаа некаде преку трупа. Поправо заминаа во
една постара мала куќарка, која порано служела како стражарница на некои дам-




63


нешни војски кои овде престојувале. Оттаму најубаво се гледаше големиот овош-
тарник, а преку него и надолу кон полето.


- Ела ми ваму на скришно, - ѝ вели Сидор, ја потргнува за рака и ја прилепува
за него. Блискоста им ја креваше возбудата. Еднозаедно ги лепеа телата и ги
одлепуваа, насладувајќи се на љубовните допири. Се грабаат за голите меса, се
стегаат, се штипат. Офкаат од задоволство, од надојдената страст и уште толку се
лепат еден до еден. Вцрвенети во лицата и загреани во телата, подолго време ос-
танаа впиени, како едно тело да се. Па како да се изморија, слушајќи си ги силните
воздишки, сега само се гледаат потпрени на ѕидот.


- Дојди, вели Сидор, ќе ти го скинам најдалечното јаболко од највисоката ја-
болкница, ајде, - вели и веќе ја завлекува за рака, одат кон овоштарникот. Сидор
се гледа во јаболкниците, трча од една до друга и се загледува нагоре.


- Еве оваа. Оваа е највисоката, - така вели и почнува да се качува, се јазли по
гранките, се крие во лисјата. Набргу се искачи до самиот врв. Се пресига кон
црвеното јаболко на тенката гранка и го позема. Најпрво го зафаќа со прстите, го
тера кон раката, во киската, го фаќа со прстите и како со лале го кини.


- Слегувам, - свика одозгора и брзо преоѓа од гранка на гранка, по чаталите
надолу. Кога слезе најниско, седна во длапката меѓу две гранки и се загледа во
Магда. Тој над неа на дрвото, таа под него до јаболкницата. Ненадејно, на една од
гранките Сидор се врти надолу, се беси, фатен само со нозете за гранката и ја
гледа Магда однопаку, како превртена слика. Ја гледа и сиот озарен се насладува
на ставата нејзина, на убавината. Ја гледа и не клепнува со очите, како да гледа
во некоја светица од постара икона. Сака да каже нешто, да ги најде најубавите
зборови за да ѝ каже колку му е при срце. Така ја гледа Магда.


- Да не сакаш да кажиш нешто? – го прашува Магда и на глас се смее.
- Не знам. Сѐ уште не сум ги начекал најубавите зборови што ќе ги пребирам


само за тебе. Такви зборови што ќе ѝ прилегаат на твојата убавина. Магда се пот-
каса за усна.


- Немој. Со такви зборови срцето ќе ми се скрши на две - на три.
- Ако го скршам со душава ќе го зацелам. Ќе го закрпам и ќе го исцелувам.
- Ќе останиш без душа. Кај би одел таков бездушник.
- И без душа ќе те сакам, - вели Сидор и ги шири рацете. Магда го прегрнува,


му го стега лицето и го бакнува во образите.
- Не можам да те гледам вака. Слези, - молежливо му вели Магда.
Наместо одговор Сидор само ги спушти нозете и се исправи пред неа. Нежно


ја помилува по косата и вратот.
- Да можам да те насликам, вели, да знам да те нацртам, онолку колку што те по-


сакувам, би била најубавата нацртана слика на светов. Или од мермер ликата да ти
ја изделкам, калап за урнек да биди за другите, да можат убавина да се нагледаат …


Некој свиреж се слушна недалеку оттука и обајцата се затскрија.
- Да си одиме, - вели Магда и заминува кон патот. Без збор по неа замина и Си-


дор.
- Ќе те чекам секој ден, - ѝ вели.
- Немој, да не научат моите, ќе се лутат. Има време.
- Нека се лутат. Лутината кратко ќе им трае.
Еден постар човек, којзнае од каде се зададе, изникна, застана недалеку од


нив. Ја тргна капата, се забриша по челото и се насмеа.
- Блазе си ви! - им подвикна, а тие се завртија кон него. - Велам, ви блазесвам


на младоста. Живејте ја, да ѝ се наживеете. Радоста и младоста се неделиви, се-
когаш се заедно. И јас некогаш… - недорече. Замрда со главата и со наведната
глава замина, се скри.




64


Кога Сидор и Магда наближија до куќите, се разделија. Магда замина дома, а
Сидор во одвоената просторија на продавницата, каде што неговите врсници
севезден играа карти. Кога влезе затекна една група видно поднапиени. Сидор
застана над нив.


- Го пречека Магдето? - праша Крсте, стариот ерген влезен во четириесетата.
Го праша, а воопшто не погледна во него. Ја навалил главата над масата и картите
и го чеша небриченото лице.


- Што те заболе тебе? – му врати Сидор.
- Ништо, да ми простиш, за тебе ми е!
- Има кој да мисли на мене, тебе да не те болит таквото, - вели Сидор и веќе му


зоврива крвта, претчувство некое го тера на неубави работи. Го гледа откосо, го
мери од глава надолу.


- Јас да сум на твое место не би ја пуштил да работи таму кај што оди.
- Кој си бе ти. Што си ти да ми кажуваш и за кој можиш да кажуваш?
- За Магдето мислам. Во онолку мажи втерана, тешко дека можит на некому да


не запнит за око, - вели Крсте пак не гледајќи во него. Само се чу.
- Абе, ’бами ти го … - свика и никој не виде кога Сидор ја пушти раката, го фати


назад за коса и му ја акна главата од дрвената маса. Прво му ја тргна нагоре, му
го истегна вратот, за потоа силно да му ја спушти надолу. Од ударот ја скрши
масата, а главата на Крсте се најде како низ дупка проврена. Од носот и устата му
потече крв. Големи капки крв што паѓаа едно заедно и го влажнат, го крвосуваат
подот. Другите се потргнаа настрана. Додуша еден од нив се обиде да го фати
Сидор за раменици, но кога му ја виде лутината, се откажа.


- На смеа ти рече. Не мислеше така, - тивко и уплашено дофрли еден од нив.
- Со такви работа нема заебанција, - с’сна низ заби Сидор и излезе надвор.
Цело време до вечерта, а и кога си легна не можеше да се оттргне од прашањето


на Крсте. ,,Сомнеж некој, без никаква причина”, си велеше. Го разгриза некоја
љубовна црвојадина што му се пика внатре во душата и му го вознемирува срцето,
го тера на посилно чукање.


Оттогаш секој ден ја чекаше кога ќе се враќа од работа. Поправо, предвреме
одеше на автобуската постојка на главниот пат и ќе чека сѐ додека не пристигне
автобусот со кој Магда се враќаше од работа. Неговото однесување се смени.
Иако Магда го молеше да ѝ каже што се случило, да ја знае причината, Сидор се
обидуваше да ѝ објасни дека е тоа негова моментна слабост, која бргу ќе помине.
Не беше така.


Од ден на ден нервозата кај човекот се качуваше. Помалку ќе го видеа да ра-
боти, а и на трпеза ретко ќе седне со другите.


- Касни нешто мајче, залеби се. Дали можело толкав маж без јадење!? Господ
да н’исчуват,- ќе вели мајка му Воведа. Татко му ништо не му велеше. Само откосо
напорки ќе го погледнеше.


И нему не му беше сеедно. Посака ова да е само еден лош сон, кој бргу
поминува.


Сѐ така додека еднаш, чекајќи го автобусот, од него не слезе Магда.
- Да нѐ не се качи во овај автобус, да не е во друг? Или јас порано дојдов, или


сум задоцнил? – си помисли. Застана и се потпре на оградата од мостот навален
кон реката. Вниманието му го одвлече звукот на белата лимузина, која сврти, се
одвои од главниот пат и помина крај него. Ги напрегна очите да види кој е во
возилото. Уште повеќе ги очакари кога внатре, седната на задното седиште меѓу
двајца мажи, ја виде Магда. Автомобилот не застана, ами замина нагоре.


- Значи, зато’ ја немаше во автобусот! - си рече за себе и силно издивна. Сети
како му стежна снагата, го потисна надолу кон земјата. Силна вознемиреност му




65


го стресе телото. Слезе во реката и се зами, се плискаше со студената вода по
лицето и главата.


Кога вечерта се најдоа со Магда, таа прва му пријде и го прегрна. Сидор се
обидуваше да биде смирен.


- Дали ја виде новата лимузина? – го прашува, насмеана и радосна.
- Ја видов, за малку ќе ме изгазевте, ќе ме поттурневте в река.
- Вчера ни ја донесоа. За службени потреби на Општината.
- И за по дома носење на вработените?
- Не. Тоа беше само денеска, да се повозиме.
- А, тебе те повозија меѓу двајца мажи…
- Што ти е бре, па тоа ми се колеги од работа. Работиме во иста канцеларија.
- А, што не те седнаа напред до возачот?
- Напред седеше шефот.
Магда ја почувствува лутината и љубомората кај Сидор. Во моментот сакаше


да му објасни, но откако помисли дека сѐ би било попусто, се откажа.
- Се слуша’т и други работи, дека можи некој да те чепка, да те штипи по те-


лото, или да останете сами в канцеларија?
- Слушај Сидор! – му подвикна и се оттурна од него. – Јас имам државна работа.


Работам тоа што ќе ми се кажи и што мора да се сработи, тоа мора да ти биди
јасно.


- Сѐ што ќе ти речат?
- Токму така, сѐ.
- Убаво, многу убаво Магде! Така ѝ вели и ја гледа со некаква лутина во очите.


Посака да ја удри, колку да знае, за во иднина, кој ќе кажува и што ќе кажува.
Наместо тоа грубо ја оттурна понастрана од него.


- Оди си дома, - ѝ рече и замина.
- Сакав да ти објаснам, - му подвикна на заминување, но Сидор веќе беше да-


леку и не можеше да ја слушне.
Следните денови Магда попусто очекуваше Сидор да ја чека на автобуската


постојка. Го немаше ни во вечерните часови, во време на излегување на младите,
да се најдат, да се видат.


Сидор го гледаа како пие до другарите и доцна да доаѓа дома. Одеше по куќи,
празнувајќи ги зимските слави, а луѓето сѐ повеќе го препознаваа по густата и
црна брада што ја остави да расте и по разбушавената коса. За чудење. Како да не
е тој, како друг човек да стана.


Иако мајка му и татко му знаеја, не го прашуваа ништо, дури ни за работа. Са-
мо Димитрија, брат му, кога ќе го сретне и жаловно ќе погледне во него, ќе го
праша:


- Што ти фали тебе, што си таков, што се правиш сосила заникаден? Што би
праел да си на мое место, да ја имаш мојава мака?


Сидор само силно ќе издивне, миловно ќе го погледне и не може ништо да му
врати. Му е грев.




Универзитет Битола - Ректорат




КР ИТИ К И




Широк Сокак во 1936 год.




69


Радован П. Цветковски


ЧОВЕКОТ ИЗГУБЕН САМ ВО СЕБЕ


1.
Зоран Пејковски, по Петре М. Андреевски, Јордан Плевнеш, Љубе Цветановски


и Гоце Димовски, е петтиот писател што го дала Слоештица. Работел и работи
како новинар1. Сега има свој неделник2. Филолошките студии и студиите на
“Академијата за театар и филм” во Подгорица кај него инспирираа поезија,
пишувана за метафората на животот, и драмски ракописи за прагматичниот и
апсурдниот живот на човекот”3. Неговиот книжевен опус, ако се земе предвид
временскиот интервал од првопоставениот драмски текст во Црна Гора (1987) и
од првообјавената книга во 1993 година па до оваа, 2013 година, не е голем, рамно
девет оригинални книги и една препев од руски јазик, ниту многу ниту малку,
ако се знае неговата ангажираност надвор од писателската и новинарската ра-
бота. Можел и повеќе. Пишува поезија и драмски дела4. Двете првообјавени кни-
ги, поетската “Тесно небо” и драмата “Последниот чин на комедијата на смртта”
му изборија членство и во Друштвото на писателите на Македонија.


Тој, покрај новинарството, многу рано се определува за драмата и трагичното
што му останува како поставка и во поезијата. На тоа укажува и поставката “на
сцена на драмскиот текст “Атомско време” (на Алтернативниот театар во Тито-
град) за кој Милош Булатовиќ доста позитивно ќе се произнесе уште тогаш, во
времето на поставувањето на драмскиот текст”5. Најверојатно, тоа било и пре-
судно за неговото свртување кон драмата и трагичната тема. Постои и лична
причина за тоа.


1 Како новинар, дописник, известувач и соработник работи или работел за повеќе
медиумски куќи: “Радио-Битoла”, “Битолски весник”, Македонското радио Радио Скопје,
информативните политички неделници: “Дело”, “Балканска газета”, “Пулс”, радиото
“Канал 77”, “Илустрована политика” од Белград, списанијата “Нова зора” и “Сведок”,
на австралискиот весник “Австралија – Македонија” и др. Членува во Друштвото
на писателите на Македонија од 1995 година, а од 2000 година е редовен член на
Меѓународната федерација на новинарите во Брисел и на Здружението на новинарите на
Македонија.
2 Битолски информативен неделник “Јавност”, покренат кон крајот на 2002 година.
Првиот број излезе на 13-ти мај 2003.
3 Види: Ленче Андоновска (и група автори): “Значајни личности за Битола – писатели”,
издавачи НУУБ “Св. Климент Охридски” - Битола и Општина Битола, Битола, 2008, стр.
80-81 и во Ленче Андоновска и Гордана Пешевска: “Книжевен зборник на битолски
писатели”, изд. НУУБ “Св. Климент Охридски” – Битола, 2009, стр. 217-236, како и во
“Македонски писатели”, приредиле редакција Јован Павловски, Раде Силјан, Веле
Смилевски, изд. Дрuштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр.196.
4 Автор е на делата: “Атомско време” (драмски текст, 1987), “Тесно небо” (поезија, 1993),
“Последниот чин на комедијата на смртта” (драма, 1994), “Реликвија на светлината”
(поезија, 1996), “Облак во пантолони” од Владимир Мајаковски (препев, 1994), “Relic of
the light” (1998), “Филозофија на смртта” (поезија, 1999), “Љубов на вересија” (драма,
2000), “Театарот е ритам и стил” (публицистика, 2002), “За животот, љубовта и смртта”
(монодрама, изведена на сцената на Народниот театар од Битола во театарската сезона
2001-2002 година) и “Сон” (трагедија во дваесет и четири сцени, 2010).
5 В. Радован П. Цветковски: “Молитвење за љубовта и болката”, во Радован П.
Цветковски: "Видувања”, изд. "Академски печат, Скопје, 2003, стр. 17.




70


2.
Од објавата на претходните драмски дела, особено од оваа, најновата, траге-


дијата “Сон” што е и посебен предмет на нашево интересирање, а која истовремено
има и префаќања со поетската збирка со работен наслов “Да не ми е сон”, сѐ
уште во ракопис, а што треба да излезе од печат истовремено со драмата, зашто
стожерниот драмски лик, Младен, е поет, Зоран Пејковски целосно се определува
за драмскиот жанр дури и со надополнување на своето образование за тоа. Тоа
зборува дека од него треба допрва да се очекуваат не само нови драмски дела,
туку и повисоки уметнички квалитети.


Твртко Чубелиќ, на пример, укажува на онаа поврзаност меѓу драмскиот
текст, од една, и можноста за поставување на сцена, од друга страна. Укажува на
сценските законитости во создавањето на драмата и театарската претстава, на
вреднувањето на драмата во онаа симбиозна поврзаност меѓу текстот и сценската
поставка, но никако само по текстот или одиграната театарска претстава. Тие
сценски барања треба да се поставени уште во создавањето на драмското дело,
што е на показ и во оваа драма. Во таа целосност е и успехот - сценската убед-
ливост, здравата и обмислена драмска ситуација и драмскиот проблем како кра-
ен резултат6. “Драмското дело не може да се ограничи исклучиво само на
претставата, а ниту пак може да се вреднува само преку претставата, иако самата
сценска изведба и може да има голема уметничка вредност без обѕир на кни-
жевната вредност на текстот. Драмското дело мора да се земе како единствено
уметничко дело, во кое текстот и неговата сценска изведба прават неразделно
единство”7. Значи, ако тргнеме од вистинската вредност на текстот, во што нема
потреба да се сомневаме за уметничкиот дострел во драмата на Зоран Пејковски,
за “Сон” тоа ќе можеме да го кажеме дури по нејзината изведба. Кон тоа треба
уште да се знае и тоа дека во текстот драмскиот дијалог како важно стилско
изразно средство и причинско последичната поставка на драмските ситуации,
на што Зоран Пејковски обрнал посебно внимание, се важни компоненти во
создавањето на драмскиот текст и во него уметничките стојности. Од тоа про-
излегува и мислењето дека во создавањето на драмското дело текстот мора да е
во функција за изведување на сцена. Тука и со една посебна претпазливост,
зашто класичното одамна е нарушено и, според ставот на заложниците на тоа,
драмата осовременета, растоварена од баласти. Таков е случајот и со драмата
трагедијата “Сон”, композициска оствареност само во сцени. Оној текст што е
без поголеми уметнички стојности можат да го “извадат” режисерот и уметничката
способност на актерите, и обратно како што можат да расипат добар текст.
Инаку, сосема очекувано, од добар текст да се има и добра претстава. Притоа,
секогаш уметничкото ниво би било повисоко ако драмскиот автор постави убед-
ливи противречности меѓу ликовите по карактер во разрешувањето на драмскиот
проблем, ако дијалогот го движи драмското дејство напред низ обмислени
драмски ситуации, ако добро се познаваат законитостите на сценскиот простор,
во што Зоран Пејковски има свој специфичен приод, и на крајот, ако режисерот
ја разбрал идејата на авторот. Има ли разминување меѓу режисерот и авторот,
нема добра претстава. Уметничкиот пад на претставата би бил уште поголем ако
кон слабиот режисер се приклонат и актерите. Спасот е во здружените уметнички
квалитети.




6 Tvrtko Čubelić: Književni leksikon", izdanje "Panorama", Zagreb, 1972, str. 116-117.
7 Исто, стр. 117.




71


3.
Драмското дело “Сон” по својата форма и по она по што се изделува од другите


драмски дела (драмата воопшто и комедијата), како и по трагичниот крај со
смртта на Младен, стожерниот лик во трагедијата, оној поет што западнал во де-
пресија од страв од смртта и од љубовта, е трагедија. Тоа овде и не е сосема та-
ка, зашто смртта на Младен не е предизвикана во директен судир со противникот
по мислење и цел во разрешувањето на драмскиот проблем, туку во несреќен
случај од што трагиката е пренесена во Јасна, втората важна трагична личност во
трагедијата која, всушност, завршува со нејзините зборови: “Сон... Ми треба само
сон”, што се поистоветува со смртта.


Во допирот со ова драмско дело и неговото исчитување може да се постават
следните две прашања: Кој е Младен и зошто токму писател, односно поет?
Одговорот треба да се бара во биографијата и автобиографијата на авторот на
трагедијата “Сон” и во реалноста на сегашноста. Главниот лик, па и другите во
делото, е преземен од животот на секојдневието, посебна бранша на луѓе - кни-
жевни творци и издавачи. Во нив авторот нашол богат материјал, како по себеси,
за создавање не на драма, туку на трагедија чиј носител на трагиката е “човекот
изгубен сам во себе”, ликот на времето од нашата сегашност, но како во сон во
таа изгубеност и во триаголна и трогателна поставка. Оттаму и првичната ра-
ботна насловеност “Писателот, жената и смртта” што сама по себе ја најавува и
драмската форма на делото и трагичноста во него. Тоа е така, зашто и авторот
така сакал. Затоа во делото е присутно и биографското и интимното. Сонот на
Младен е полн со кошмари, затоа авторот во своето обраќање кон публиката на-
гласува дека “животот не се живее само во сонот”, вистина поголема од вистината,
“туку сонот е и некое наше внатрешно спасение”. Во една подлабока метафо-
ричност тоа како да алудира и на смртта. Овој лик што наликува на вистински
самјак, сѐ до средбата со Јасна, во една чиста романтичарска поставка, од каде
што почнува да ја лекува депресивноста, нагризениот ум, се случува трагичното
очи в очи со смртта, дури и потсвесно восприемено. За нас упатува авторот дека
“напишав пиеса која во себе има еден нагласен театралистички симболизам, но
и пиеса за која слободно може да се каже дека прераснува во една поетска
мелодрама”.


Токму тој лик, што припаѓа на оваа невротична сегашност, а за која авторот
вели дека е “човекот изгубен сам во себе”, во драмското дело се враќа таму од
каде што дошол, но со сета онаа невротичност и трагичност и во себе, што ја по-
седува самиот тој, од една, и средината, односно општеството, во која живее, од
друга страна. Преку тие две компоненти е граден ликот и неговата судбина. Про-
сто, истрган од таа сегашност сосе ликот на тоа време и човекот во него, тргнувајќи
од она реалното дека секое време го носи својот товар, а човекот од него, овде
поетот Младен, што може да се поистовети со авторот, ја носи сегаш-носта на тоа
време. А од тоа на Младен како да му останале уште “спалната, креветот и смрт-
та”. Авторот допрел до голема реалност, но преку подруга стварност независно
од реалното, во оној недопирлив сосема таен свет на живеачката која не секогаш
е отворена и податлива за окото на авторот. Оттаму, читање преку симболи и
синтагми кои бараат откривање и сфаќање. Зоран Пејковски во оваа драма, пре-
ку свој приод на психоанализа, успеал да пронајде клуч и за во потсвеста на
ликот и на тој начин да го открие стравот и од смртта и од љубовта, бегајќи од
реалниот свет и затворајќи се во осаменост самјачки и најромантичарски во
средбата со Јасна. Ова можело да биде и во подруга поставка. Зошто токму ро-
мантичарски? И колку таа случајна средба со Јасна е вистинска композициска
поставка во драмското дело? Или, за авторот таа поставка е само одраз на про-




72


гонот од смртта потсвесно и во потсвеста инсталирана како излез за спасение, а
можеби и како сосема реален излез од сегашноста што доаѓа несвесно во
депресивната растроеност на личноста преполна со кошмари и соништа. Таков е
Младен во трагедијата “Сон”, поетската мелодрама, како што уште и авторот ја
нарекува. Тука преовладува дијалогот, збирката “Самопрогон” и песната “Додека
те има” како мост на два брега и воспоставен однос на туку изртена љубов: “Да,
ти дојде како птица, јас пак неук за летот, нејак за толку многу небо, останав како
вклештен камен под сите бури. Ти си прелесна за лет, јас сум претежок за нов
чекор, но, сепак, оваа средба е радост и излез за мртвите нозе”, раскажувајќи го
дијалогот со смртта.


Првата сцена во драмското дело го содржи едноставниот експозиционен
почеток, драмска линија - судир сам со себе, судир на разочаран и растроен лик
кого смртта го прогонува и во сонот: “Луѓе, јас полудувам!” Смртта како посебна
нотка се провлекува до крајот на драмското дело. Со ваквата поставка веќе е
свртено вниманието и на читателот и, најверојатно, и на гледачот откако ќе биде
поставена на сцена, давајќи му на делото една подруга димензија што го отвора
прашањето: Што потоа? Се отвора дијагоналата на животот од која се тргнува и
се враќа назад пак на почетокот и пак во стварноста и кошмарниот сон, во некој
безизлез од ваквата геометриска исколченост. Може во бескрај само во сонот.
Токму затоа, сѐ што се случува во драмското дејство и она што му се случува и на
Младен, е како во сон кога вели: “оти секогаш сум наидувал на празен простор во
мигот на конечноста и во пресекот на дијагоналите на животот”. Смртта му се
јавува, го следи како руски рулет и заминува во некакво исчекување кога може
да се случи целосниот погодок. Врвното мајсторство на Зоран Пејковски е пси-
холошкото во ликот со што го пленува читателот, а во театарската поставка и
гледачот. Значи, ликот е предаден и вграден во драмското дело во ситуација на
пренесеност, а во реален и невротичен свет, психички надвор од него. Ваквите
сцени придружени со кошмарност се со психичка и психолошка длабочина, што
би рекле, отслик на ликовите во состојба на изместеност. Тие психолошки сос-
тојби, драмскиот текст и песните се надополнуваат во некаква меѓусебна вза-
емност што го оправдува приодот во поставката. Уште повеќе, кога е сочувано и
мајсторски издржано преклопувањето на сцена со сцена во драмски континуитет,
во причинско последична поставка што го бара драмското дејство. Илустрација
на ваквата поставеност се шестата и осмата сцена во една стегната оформеност
и по стил и по дијалог. Тука, се чини, дејството највисоко стои, особено во осмата.
Од крајот на овој дел е преодот на превалецот и разрешувањето на драмскиот
проблем со прибежиште во прегратките на Јасна. Може да се дадат и други
мислења.


Меѓу смртта и болката е распнат човекот што го носи товарот на љубовта како
чиста разголеност и невротичност на сегашноста. Сѐ во некоја редоследност:
љубовта, смртта, вечноста, од кои смртта е вечниот страв наспроти постоењето
со што се отвораат прашањата: Кое постоење? И какво? Всушност, се алудира
дека смртта е ослободување од болката и погрешната љубов која во трагедијата
останува недоотсликана. Затоа Младен како да е распнат меѓу Рајот и Пеколот,
којзнае дали за сите во поголема убедливост, романтичарски и можно, кога се
знае дека по библиската убеденост се само две дестинации, секако како заблуда,
до кои може да се стаса во вечноста. Тоа е најнеможното, освен ако не е сон и
заблуда. Од тоа произлегува дека смртта е вечниот сон, но и јавето. “Тоа е само
страв од пораз”, создаден под притисок на смртта. На што Младен возвраќа: “Ти
си единствениот вистински пораз”. Тоа мора еднаш да се случи без реприза и не
како во бајка. И тогаш, што е вечното во јавето на постоењето или некаде во




73


измислените дестинации - Рајот и Пеколот? Тие, всушност, се тука на Земјата во
сегашнава реалност.


Тука е оној напнат дијалог меѓу смртта и човекот, воопшто, за кој Зоран Пеј-
ковски вели “дека драмската пиеса е следена од стилскиот симболизам. Колку е
тоа уточнето е друго прашање. Младен, свесен за нејзиното извикување, е сосема
на брегот од амбис, е сам со себе како во сон со смртта. Значи, наспроти обете -
смртта и љубовта. Тука, во неа, таа е вечното, а не љубовта и овоземското. Смртта
не е можно да се убие иако Младен пука во неа, освен потсвесно во симболика
дека го пребродил стравот и го нашол излезот во Јасна. Драмското дело, тра-
гедијата “Сон”, не е во таква драмска форма само по трагичното што се провлекува
низ неа сѐ до самиот крај, туку и по крајот на драмското дејство и смртта на
Младен во авионската несреќа. Авторот Зоран Пејковски има и други потходи за
целосно завршување на драмската мозаичност. Така, ги вградил мудрото, фило-
зофското, посебно еротското, многу оригинално и автентично според барањата
на авторовата идеја и сценскиот простор за реализација, но со една мерка до
потребното без да стрчи забележително, сработено без дијалог, чувствено, само
преку сценски дејствија што ѝ даваат на драмската линија сочност и реалност на
нашава сегашност. Според сценските законитости, успешно го разрешил прила-
годувањето на сценскиот простор не само по време, туку и по намена на сценското
дејство и дијалогот, повеќе сам со себе, двојник како во огледало, но и во ди-
ректни судрувања по своите убедувања и цели. Сепак, вака поставено драмското
дело може неговата содржина многу побргу да биде пренесена со камера, отколку
на сцена. Но, идејата и замислата си се на авторот. Тој треба да нѐ убеди во тоа
во нејзината сценска реализација.


Младен, оној самјак, за каков го определува и авторот, обраќајќи ѝ се на Јасна,
во гласот како напукната камбана, ја доотсликува неговата состојба: “Јас имам
дом, ги имам ѕидовите, но немам топлина во него. Немам никој со кој би можел
да ја поделам и радоста и тагата. Напати се чувствувам изгубен во просторот...”,
преку што се насетува неговата исповедност и изместеност, некоја неубеденост
во првите контакти со Јасна, вториот стожерен лик, ако така може да се рече. Од
друга страна, пак, во драмското дело тоа е убедлива поставка што може целосно
сценски да се долови. Тоа Зоран Пејковски нагорно го надминува и го затвора
како сценско барање само преку сценски дејствија какви што ги има повеќе во
драмското дело, особено ако со тоа се поврзе еротското, но и во други случаи,
како и во репликите со одделни текстови за потполно разбирање на дејството на
сценскиот простор, со што се заокружува драмската ситуација. Авторот употребил
и други надополнувања и на драмското дејство во целина и на драмските си-
туации. Во тие дополнувања се вклучени стихови, поголеми исечоци или цели
песни на поетот Младен поистоветен со авторот на драмското дело, кои се кон-
тактибилни со неговата поетска збирка “Да не ми е сон”, сѐ уште во ракопис. Во
шестата сцена во дијалогот со Јасна збирката е насловена и како “Самопрогон”.
Најверојатно, подоцна преименувана во веќе спомнатиот наслов. Независно од
насловеноста, песните се одраз на Младеновата психичка и психолошка изместе-
ност од она што го притиска и му ги нагазува нозете. И, во оној дел од драмското
дело кога му е на дофат љубовта со Јасна, сѐ уште постои стравот, и не само во
Младен, туку и во Јасна - едниот плашејќи се што го презема него како “товар”, а
кај Јасна онаа помисла на прифаќање. Оваа дилема што ја потстава авторот овоз-
можува создавање на сигурна драмска поставка. Тоа, уште повеќе ќе го продла-
бочува стравот и во нив и меѓу нив. Овде на показ е дека ја бара и ја сака љубовта
на Јасна, но истовремено и се плаши. Тој сега не ја вика смртта, туку ја прет-
чувствува во сопствениот сон преку стиховите: “Можеби и затоа/ мојот тивок




74


сон/ за мене е земја дом,/ оти во мојот сон/ ја сонував и мојата смрт”, чувствено и
исповедно испеана, и што е важно, во функција на драмското дејство. Од стравот
се раѓа дилемата што останува во нив и меѓу нив, засилувајќи ги драмските
ситуации со психолошкото што го исфрла судирот на површина и го завјасува
дејството. Тоа е судир за себе и во себе, одделно за секој од обајцата, па сега во
онаа меѓусебна прифатена љубов оној “човек изгубен сам во себе” како да се
осознава, но повеќе привидно, отколку реално, зашто стравот од смртта демне
во сонот. Едноставно и драмски многу изнијансирано. Моќната причина за тоа е
Јасна.


Навидум сцените што следуваат се одликуваат со смиреност и разнеженост
што се однесува на односот Јасна - Младен и обратно, но и набиеност од прет-
чувства како пред бура скришна притаеност. Тука читателот е оптоварен со
прашањето: Колку може да се сфати заминувањето на Младен како бегање и од
смртта и од љубовта? Или, колку би било големо откривањето на овој лик во
дијалогот со издавачот и на кое рамниште е неговата издавачка куќа што ја
печати Младеновата поезија. Овој дијалог, а уште повеќе мислењата на Младен
во него, е од важноста на саркастичното и ироничното директно упатено до изда-
вачите, воопшто, што се карактеризира со актуелност на сегашниве состојби,
особено кога тоа се врзува со читањето на поезијата итн. Значи ли тоа дека
поезијата стагнира и се провира низ иглени уши? Тие состојби ја наметнале и
поставката - омаловажување на книгата од оние издавачи што ја употребуваат
деградирачката шифра: “Поезијата не се чита”. Добар погодок и тешка шлаканица.
Вистина е дека постои такво нешто, но не сосема така. Секоја книга си ги наоѓа
своите читатели. Кон тоа, како пример, тешки се сценските реплики: “Па кој чита
денес поезија? Поезија повеќе не читаат ниту поетите. Ако не се читате сами,
повеќе никој не ве чита. Со ова интернетот народот ја изгуби душата. Ти си уште
последниот што пишува на рака, а потоа на машина за пишување. Сите други се
модернизирани”. Ова е чиста вистина колку што е вистина возвраќањето на изда-
вачот што се противи на комјутерската техника: “А бре, што да ти расправам,
компјутеров, место само ми фаќа на масава. Понекогаш кога грми, ми е страв да
не ме отепа гром преку него”, и контра одговорите на Младен во духот на тоа.
Ова е, исто така, голема вистина во зависност од тоа кој како ја сфаќа и разбира
оваа драмска линија во делото. И точно е тоа, зашто таквите издавачи и таквите
писатели веќе ги прегазило компјутерското време. Вистински се прегазени само
оние што се исплашени од новата техника каков што е издавачот Перо и писателот
Младен. Таткото од романот “Татко и отец” од Трајче Кацаров, само дигресивно,
да го фатеше компјутерското време прв ќе купеше и компјутер. Колкава разлика
во гледиштата помеѓу овие два лика!


Авторот ја зафаќа поезијата, воопшто, и посебно во драмското дело, песните
од неа кои се во целосна функција само во трагедијата, но не и во збирката “Да
не ми е сон”, дури и безразлично од тоа, зашто целосноста на поетската збирка
се создава во поинаква поставка на стил, лирска оформеност, по мотив и тема,
како и по постигната уметничка стојност. Друго прашање е како е употребена
песната во драмското дело и со каква цел. Од нејзината поставеност во “Сон”
произлегува намерата поетот сам да ја разголи душата, прилагодено кон драм-
ското дело со потставка и на критика свртена и кон себеси. Од опусот на Младен,
кој со сигурност се поистоветува со авторот на трагедијата, последните две пес-
ни, “Пат кон вечноста” и “Скулптура”, ја сугерираат трагиката што се случува во
авионската несреќа и со смртта на Јасна, заокружена со репликата: “Сон... Ми
треба само сон”.




75


4.
Ете, тоа е трагедијата “Сон” во чие јадро е судбината на Младен, човекот што


се плаши од смртта и ја бара љубовта. Неа ја наоѓа во дамата Јасна, а смртта го
стасува во уривањето на авионот. Ова драмско дело, навистина поседува обмис-
лена концепција и драмска композиција низ рамно дваесет и четири сцени што
нудат широка и современа поставка, оформен главен лик, драмско дејство низ
сценски ситуации што ги бара формата на делото, а што се префаќаат во про-
должен континуитетски редослед со опфатност на драмска целина, како офор-
мено драмско дело во трогателна драмска приказна. Драмата носи и критика на
општествените состојби во нашава сегашност.


Ова, најсетне, е видување само по драмскиот текст и неговите уметнички
стојности, врз кој и само по него не се донесува оценка, а уште помалку само по
театарската претстава. Реалната оценка ја гради видувањето на текстот и на
претставата во целост и воопшто.




ул.„Кирил и Методиј“ бб




77


Зоран Пејковски


ПРИКАЗНА ЗА ХАОСОТ И ПО 205 ГОДИНИ
(Кон претставата “Травничка хроника”, според романот на Иво Андриќ, во
режија на Бранко Брезовец, Народен театар - Битола, 31.10.2012 г.)


Овој историски роман на Иво Андриќ говори за тоа како им било на тогашните
конзули во далечната 1807 година, што сѐ морале да прават на обединувањето на
Европа, (се разбира преку војни) и што претставува едно дете во споредба на сето
тоа што се одигрувало околу нив. Но, овој роман, а преку режијата на Бранко Бре-
зовец на истоимената претстава на публиката ѝ го прераскажа, или прикажа хао-
сот на годините од 1807 до 1814 година во кои се живеело, за жал, или за волја на
вистината, што по многу нешта може да се компарира и во 2012 година, или по-
следните дваесетина години кога сите се мразеа и живееа во кошмари и хаоси.
Сакам да кажам дека и по 205 години се одигруваат состојбите на Балканот и во
Европа, а уште повеќе во “обединета” Европа, кој сѐ повеќе се разнебитува, како
многу одамна.


Самата претстава е составена од пролог и епилог што му дава посебност во
режисерската тајновитост на Брезовец, кој не е непознат за битолската публика.


Седумте години, кои се опфатени во претставата, се премногу динамични,
силно интерпретирани, со брза сценска игра и актерска вештина, со силен дра-
матуршки набој и музичко отпеани реплики, на една силна партитура, создадена
од извонредниот Марјан Неќак што претставата како сон поминува за миг, иако
таа трае 105 минути.


Исто така, може да се напомене дека претставата изобилува со богата доку-
ментаристика, којашто, впрочем, ја користи и Андриќ (во својот роман) и тоа од
историјата на цивилизациите, од етнологијата, со автентични историски личнос-
ти, кои и денес се присутни меѓу секојдневието на народот.


Пиесата започнува со доаѓањето на францускиот конзул Жан Давил во Трав-
ник, човек кој светот го чувствува слободоумно, со поетски вкус за убавото. Тој
доаѓа, на, (за него) туѓа територија, во Босна, во Травник, меѓу тугинци, меѓу луѓе
кои дотогаш не видел таква раса, а ниту пак ги познавал обичаите, како што е, да
речеме, ауденцијата кај турскиот везир. Но, најмногу, тој е збунет и можеби згро-
зен од навиката на рајата (народот) да се плука на недобредојдениот гостин, што
му се случува и нему. Средбата на францускиот дипломат и турскиот везир на
кому конзулот му чита цитати од една класична трагедија кај турскиот големец
предизвикува иронија и болно смеење. Францускиот дипломат, обидувајќи се да
го наметне француското влијание во исламското царство, и самиот тој станува
дел од вечната Травничка меланхолија и од демагошката политика на исламската
царштина.


Ако Андриќ во романот “Травничка хроника” сакаше да го прикаже судирот
помеѓу четири света и четири различни култури, тогаш режисерот Брезовец, на
многу посуптилен и помодерен јазик (режисерски се разбира), нам ни покажува
повеќе различни култури и светови кај народите на Балканот. Но, тој отиде по-
далеку, па таа разлика ја направи и меѓу Европјаните кои го предизвикуваат
хаосот и болката врз помалите етникуми на еден голем простор. Всушност, ние
гледаме една шизофренија на колективното европско живеење.


Тука е и полковникот фон Митерер кој е австриски конзул-дипломат. Овој, по
малку збунет поранешен офицер, целосно е изгубен во Травник, оти е фрлен во




78


меѓупросторот на повеќето различни цивилизации, од кои не може ниту да из-
лезе, ниту да ги разбере, а притоа, тој е обележан и со бракот со жена која драс-
тично се разликува од него. Тој не ги разбира ниту еден од тројцата турски везири
кои се сменуваат за време на неговото службување, оти секој бил полош од прет-
ходниот и чинам дека актуелниот везир секогаш настрадувал (или бил убиен) од
наследникот, па така, секој бил полош од претходниот. Ниту светот на молкот,
ниту тајните заткулисни состојби тој не можел да ги осознае. Но, згора на сѐ, овој
австриски конзул не го разбрал ниту новиот граѓански свет на француската
држава, чиј претставник е Давил, со кого и честопати доаѓаат во судир. Дури и
светот на неговата убава, но по многу нешта чудна жена, тој не го разбира, а ниту
богами и таа, во кој свет, таа често преку сопствените фантазии навлегува толку
многу до лична неразбирливост.


Но, двајцата дипломати често се случува кога се сретнуваат во “домот” на ве-
зирот да се впуштат во меѓусебна караница, па во една своја реплика везирот ќе
рече:… “Две кучиња кои се убиваат во мојата авлија”… Или посликовито кажано,
ако Австрија не војува со Турција, тогаш таа војува со Франција. Ако Османлиското
царство слабее во освојувачките намери, тогаш се јавуваат нови освојувачи. Овој-
пат, во Европа тоа е, на пример, Наполеон.


Емисарите пак, во денешен жаргон – дипломати и душегрижници (кои и денес
крстарат по Балканот), се најдоа на мал простор кои имаат намера никогаш да не
се обидат да се приближат едни кон други, и да се разберат воопшто. И рајата
(народот), и најблиските соработници и на австрискиот и на францускиот конзул,
постојано се наоѓаат во меѓусебни препирки и постојано ги интерпретираат и
вербално и физички, дури и нечовечките, човекови нагони.


За несреќа, единственото заедничко својство во различитоста на тие цивили-
зации е непочитувањето на човекот, што преоѓа во едно суштествено непочиту-
вање на човековото достоинство. Како што реков и претходно, шизофренијата на
колективното европско живеење.


Гледајќи ја “Травничка хроника”, човек лесно може да дојде до заклучокот,
каков е нашиот живот (?), на што сѐ сме подготвени да направиме, оти таква е
човековата природа. Секој од нас, (што впрочем може и да се види во претставата),
себе си, си зема за право, не обрнувајќи внимание на другите и не размислувајќи
како нивните постапки влијаат врз околината и дали, во краен случај, ја загро-
зуваат.


Во претставата се запознаваме со внатрешната алиенација, која е длабоко со-
криена во секој, би рекол од нас, но во еден миг и излегува на површина, што е
прикажано преку пренагласениот сценски хаос, или масовната хистерија. Нај-
веројатно, а според режијата на Бранко Брезовец, Европа, или сите оние што го
предизвикуваат хаосот, не обрнуваат внимание на последиците, туку нѐ репро-
грамираат како роботи, или, поблаго речено, како марионети, кои ќе им служат
за исполнување на нивните лични планови. Тие го окупираат телото и ги заземаат
сите водечки позиции на кои само до неодамна се “управувало со здрав разум”.


Омразата е таа, која сега владее со човекот, која нѐ обзема од потребата за
одмазда, а притоа, не бирајќи ниту средства, ниту начини, а згора на сето тоа, не
плашејќи се, ниту од Бога како ќе им пресуди и ним Бог, заради сите злодела
направени врз човештвото.


Огорченоста, која е присутна на сцената, ги раздвојува луѓето, ги отуѓува. Ни-
кој од нив не умее да прости, туку постојано ја бараат грешката во другите, како
другите да им се виновни дека се дел од хаосот сеприсутен во кој се чувствуваат
најубаво и играат во него.




79


Со претставата се сакаше да се покаже дека никогаш, и по ништо, и колку да е
“отворена” Европа за нас, нема да се нормализира човештвото, и да се врати, да
речеме, на помирен и похармоничен живот, (тоа е илузија), а пак, најмалку тоа ќе
се случи меѓу различните етникуми кои виреат, условно речено, на мал простор.
Но, сметам дека ни Балканот, а ниту Европа, не се толку мали за да не се живее
меѓу луѓето. Но, сепак, едни на други “си вријат” и р’жат како бесни кучиња.


Режисерот Бранко Брезовец ѝ е познат на битолската театарска публика, затоа
што досега направил неколку претстави кои ѝ останаа во паметење на публиката.
Така и овојпат прави извонредно квалитетна претстава затоа што на сцената
актерите максимално даваат од себе да ја прикажат силината на играта преку
постојниот хаос кој се одвива на сите страни, или во кругот, кој само се надоградува
и надоврзува со нов почеток на хаосот и трае, сето тоа, трае сѐ додека актерите,
а преку режијата на Брезовец не нѐ натераат да сопреме и размислиме каде сме
сите ние во тој цикличен циклус на битисувањето.


Се разбира, она што Брезовец го направи, или го осмисли како хаос е про-
грамиран, и тој како таков не е лесно да се “сработи”. Па според неговата режија,
тој сака да ни покаже дека сите хаоси мора да бидат организирани, не само за да
не се испоубијат меѓусебе актерите, туку тој хаос, така осмислен и подреден по
одредени правила би требало да создаде еден ред и смисла, онолку колку што
можат да бидат хаосот и редот заедно, и како такви да функционираат.


Но, ако Иво Андриќ ни пишува за хаосот на универзумот (космичкиот хаос),
тогаш режисерот Бранко Брезовец ни го прикажува, или претставува, хаосот кој-
што се вгнездил во нас во последните дваесетина години, и не само на Балканот,
туку претежно во големата и стара дама Европа, која, всушност, е иницијатор на
хаосот.


Всушност, Брезовец ни покажува силен, еруптивен, имплузивен и експлозивен
хаос кој ја уништува нашата лична индивидуалност, нашите животи, и тие ста-
нуваат целосно непотребни и неупотребливи за во иднина. Впрочем, и Андриќ во
еден дел од “Травничка хроника” вели:… “Човекот треба да исчезне без трага и
потоа ништо да не остане од човекот”….


И навистина, човекот е создаден многу одамна во историјата, траел некое
време и ќе го снема за сите времиња и ќе остане само еден универзум кој не е
хаотичен, односно е среден, мирен, и нема, ама баш никаква врска со ова што ние
го преживуваме како страдање, како наша љубов и наша омраза, и сето тоа што
не е реално, слободно речено, нѐ опкружува. Па, според тоа, универзумот е пре-
многу рамнодушен за сето околу нас.


Исто така, режисерот Брезовец повторно на сцената нѐ облагороди со екс-
плозивниот еротизам. Во претставите кај Брезовец, тој еротизам е силен и зна-
чаен исто како и сите сегменти на нашите животи: политиката, културата, заба-
вата, па дури и порнографијата. Тој сите овие сегменти ги третира подеднакво.


Се разбира, како што рековме и претходно, еротизмот кај Бранко Брезовец е
пожесток од кај Андриќ, оти Андриќ во една смисла е малку поголем пуританец
во врска со тие сцени. И тоа посебно, сцените коишто се случуваат во Австрискиот
конзулат. Па, слободно можам да констатирам дека Брезовец отиде малку пода-
леку и поексплицитно, отколку тоа што го замислил Андриќ и го ставил во ро-
манот.


Брезовец е препознатлив и по политичкиот театар, кој е испомешан, како што
рековме и претходно, со силната еротичност. Тој секогаш прави силни енергетски
претстави, кои се енергични, кои се раскинуваат и составуваат, понекогаш и на
некој политички начин, и дејствуваат безпоговорно сериозно, а не спротивно.




80


Но, Брезовец за своите претстави (сакајќи, заради, очигледна скромност) да
рече, дека тие се еден вид на метафизички комедии и нема ништо сериозно со
политиката, можеби и е во право, но во овој случај тоа не е така. За волја на вис-
тината, има комични секвенции, но во целост претставата е друга приказна. Или
да објасниме малку подробно, претставата “Травничка хроника” сака да го при-
каже аспектот на човечкото постоење, кое не е толку изразито политичко, но,
сепак, а според мене, политика е и човековото постоење.


Преку, пак, видеологизацијата ги видовме и војните коишто се случувале на
балканските простори, и не само на овие простори, така што, покрај останатото,
режисерот Брезовец со филмска брзина ни ги дава сите атрибути како дејствие
што се случува на паралелна сцена.


За крај на режисерскиот врв на Бранко Брезовец треба повторно да напоменеме
дека претставата има и пролог, но и безброј епилози (што се уште еден белег за
автохтоноста на режисерот Брезовец), трудејќи се претставата да трае и да за-
врши што е можно подоцна, да има што повеќе краеви и што повеќе можни ре-
шенија на една експлицитна загатка, која никогаш не ќе можеме да ја решиме
како индивидуи.


Сценографијата во претставата “Травничка хроника” е на Валентин Светозарев,
човекот којшто постојано експериментира и прави досега мајсторски, невидени,
би рекол загатни сценографии, кои дополнително ја збогатуваат претставата и
нејзината масовност. Така и овојпат затворениот круг во кој внатре е сместена
публиката на шеесетина столчиња ја прави претставата уште позагатна, а на пу-
бликата ѝ дава посебен однос - актер - публика, дури и блискост. Иако од лична
скромност, сценографот ќе рече едноставна сценографија, според мене, таа ни
малку не е едностава, туку напротив.


А сценографијата на Валентин Светозаров ме врати во Москва, во музејот на
Бородинската битка, која се смета за една од најзначајните битки во 19-от век,
затоа што, во еден ваков затворен круг, би рекол кафез, посетителот има можност
да биде под силната импресија на битката од тоа време, што ми се чини дека и
Валентин Светозарев поаѓа оттаму градејќи ја сценски претставата како Боро-
динската битка, така што публиката постојано ќе биде “бомбардирана” и визуелно
и аудитивно, но и емоционално, сѐ со цел да го долови тоа што сака заедно со
целата екипа кои се дел од претставата, а тоа е големото прашање за Европа.


Дури и преку сценографијата може да се заклучи дека никој не нуди одговор
на ова драконско прашање, туку го остава отворено, за да може, едноставно ре-
чено, публиката сама да го бара одговорот.


Претставата “Травничка хроника” покрај тоа што по многу нешта е посебна,
за нејзината посебност двојно придонесува и музиката на композиторот Марјан
Неќак, затоа што и таа е дел од целото чувство за начинот на којшто се сака на
шеесетина гледачи, кои ќе ја гледаат претставата, да им го отвори вистинскиот
проблем, бидејќи покрај тоа што во претставата има и музичка какафонија (во
позитивна смисла на зборот), таа е составена од конгломерат на моќна музика и
моќно пеење. Таа мешавина на мелоси, поаѓајќи од Босна, па сѐ до Битола (затоа
што и Битола во тој период беше конзулски град), којшто беше поголем и позна-
чаен од Травник, дава едно чувство на демистифицирање на комуникацијата на
музиката со публиката. Најверојатно за композиторот Марјан Неќак беше неиз-
бежна таа мешавина, тој колорит на различни музики од различни народи и вери
да биде толку силен и толку значаен, затоа што постојано постои борбата за
обединување на Европа, што на некој начин и преработката на Бетовен го
докажува тоа.




81


Се разбира, преку моќната, но и силно концизна и складно компонирана
музика, композиторот Неќак нѐ потсетува на фактот, колку сите ние, сме свесни
што значи тоа (обединување на Европа), оти ситуацијата е идентична и тогаш,
кога се одигрува дејствието на “Травничка хроника” во 1807 година, и сега, 205
години потоа, што ми се чини дека Неќак преку музиката сака да нѐ натера на
размислување дали е вредно (?) или невредно тоа што го правиме?!


Познавајќи го целокупниот ансамбал на Народниот театар од Битола, ми се
чини со својата изведба отиде чекор повеќе и чекор понапред.


Прво, со сигурност можам да потврдам дека се надмина себе си, затоа што и
партитурата, компонирана од Неќак, е многу комплицирано создадена, бидејќи
колку што имаше дијалошки сцени, толку имаше и пеење, односно музички ре-
плики. Буквално може да се рече дека претставата започнува со музика, а и се-
која реплика, и секое пеење е според такт.


И второ, од самата актерска игра може да се заклучи дека актерите ја знаат
музиката, т.е ја знаат целата партитура наизуст за да можат да ја постигнат
взаемната синхронизација.


Исто така, што се однесува до музиката, можеме да кажеме дека таа е ком-
плицирана, и затоа што музиката во “Травничка хроника” не е музика која се
влева, т.е. влегува една во друга на сцената, туку целата таа музика претставува
една конкретна целина која на почетокот се пушта и не се сопира до крајот на
претставата, а актерите ја чувствуваат како нивен патоказ и пат во играта.


Што се однесува, пак, до актерската игра, слободно можам да кажам дека,
иако некои од актерите сметаат дека “Травничка хроника” е колективна претстава
и нема поединечни главни ликови, сепак, јас би напоменал дека и покрај тој
колективизам што е присутен на сцената, сепак, имаше лично истакнување на
одредени актери, и од машкиот дел на екипата, и од женскиот дел на екипата. Со
еден збор, сите заедно бравурозно и фантастично одиграа и овојпат на сцената
на Народниот театар од Битола.


Ме радува и тоа што го видов на сцената, дека екипата која игра во “Травничка
хроника” е подготвена и одлична, и не им се поделени улогите на актери кои се-
когаш се протнувале и се закитувале со “слава” благодарение на други, или на
ансамблот - екипата која учествува во одредена театарска претстава.


Оваа режија на Бранко Брезовец јасно алудира дека во театарот не им е мес-
тото на оние, што се, да карикираме малку, “турниме да кинисам”, туку на оние
што театарот го чувствуваат длабоко во дамарите на актерските души.


А такви овојпат беа: Габриела Петрушевска, Илина Чоревска, Валентина Гра-
мосли, Огнен Дранговски, Никола Пројчевски, Викторија Степановска, Филип
Мирчевски, Елена Моше, Васко Мавровски, Борис Чоревски, Сашо Огненовски,
Петар Спировски, Љубен Најдовски, Игор Трпчевски, Марија Стефановска, Маја
Андоновска, Катерина Аневска, Марјан Ѓоргиевски, Александар Стефановски и
Мирко Лазаревски.


Кореографијата е на Кире Миладиноски, костимографијата на Благој Мицев-
ски, светлото е на Илија Димовски, а видеото е на Сергеј Светозарев.


И на крај, ме радува што оваа премиера е посветена на прерано починатиот
режисер Владо Цветановски, кој досега режирал над петнаесетина претстави на
сцената на Народниот театар од Битола.




Саат кулата до средината на 20. век




С О Д Р Ж И Н А


ПРЕДГОВОР ................................................................................................................... 5


ИНТЕРВЈУ ........................................................................................................................7


Културата е една од приоритетите на Општината Битола................................... 9


ПОЕЗИЈА ........................................................................................................................13


Панде Манојлов ........................................................................................................15
Зоран Пејковски .......................................................................................................19
Милица Димитријовска - Радевска ....................................................................... 23
Бранко Наумовски ................................................................................................... 29
Весна Мундишевска - Велјановска ........................................................................ 33
Мирјана Стојановска ................................................................................................41
Биљана Т. Димко .......................................................................................................47


ПРОЗА ........................................................................................................................... 49


Никола Кочовски ......................................................................................................51
Добре Тодоровски ....................................................................................................61


КРИТИКИ ......................................................................................................................67


Радован П. Цветковски ........................................................................................... 69
Зоран Пејковски .......................................................................................................77




МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО-БИТОЛА
Центар за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво


За издавачот:
Проф. д-р Игор Неделковски


Нацрт на корица:
Горан Трсунов


Илустрација – цртежи:
Панде Петровски


Технички уредник
и компјутерска обработка:
Горан Трсунов


Печати:
Печатница “Графопром” - Битола


Тираж:
500 примероци