Млади поетски перформанси (Избор на поетски творби) Книга 3 Издава Национална...

Млади поетски перформанси
(Избор на поетски творби)


Книга 3




Издава
Национална установа


Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола


За издавачот
м-р Бојан Стефановски


Уредници
м-р Фатма Бајрам Аземовска


Илче Стојановски
м-р Зоран Јанакиевски


CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“,
Скопје


821.163.3-93-1(082)


МЛАДИ поетски перформанси : (избор на поетски творби). Кн.
3 / [уредници Фатма Бајрам Аземовска, Илче Стојановски, Зоран
Јанакиевски]. - Битола : Национална установа Универзитетска
библиотека “Св. Климент Охридски”, 2019. - 52 стр. ; 21 см


ISBN 978-608-4538-82-0


COBISS.MK-ID 111653130




Национална установа – Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ – Битола


Млади поетски перформанси
(Избор на поетски творби)


Книга 3


Битола, 2019






Избор на поетски творби. Книга 3


5


Предговор


Националната установа - Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ – Битола започна да го реализира проектот
„Млади поетски перформанси“, наменет за млади автори на
поетски творби од Пелагонискиот регион, за ученици од основните
училишта, ученици од средните училишта и млади на возраст од 18
до 24 години.
Целта на проектот е да ги поттикнеме и мотивираме
младите литературни творци да пишуваат, да го промовираат и
афирмираат своето креативно творештво, за прв пат да објават
свои творби во збирка поезија со што ќе им се даде можност да се
претстават пред пошироката јавност. Во поттекст на проектот
е заложбата за силна и директна стимулација на творештвото на
младите автори од нашата земја.
Проектот опфаќаше конкурс за доставување на поетски
творби, кој беше јавно распишан во текот на 2019 година.
Најдобрите и најквалитетните творби кои беа доставени
се објавени во оваа заедничка збирка поезија.


Од уредниците
м-р Фатма Бајрам Аземовска


Илче Стојановски
м-р Зоран Јанакиевски






Избор на поетски творби. Книга 3


7


Ти ми беше ѕвезда


Една солза од твоите очи
моето срце го кочи,
како ѕвезда што паѓа,
љубовта се раѓа.


И секогаш во ноќта
јас се будам,
се прашувам зошто?
Понекогаш и се чудам.


Чекам глас од тебе
сакам да го слушнам,
секогаш да те прегрнувам,
и нежно да те гушнам.


Ти ми беше ѕвезда
желба што не се враќа,
една солза твоја
како љубов да ми праќа.


Ти ли ми беше
ѕвездата во моите очи?
ти ли ми беше радоста
што сега во тага се претвори ?!


Ти ми замина
со поглед тажен,
ти, само ти
остана за мене важен.


Нина Стефановска
ОУ „Даме Груев“ - Битола


Ментор Александра Лазаревска




8


Млади поетски перформанси


Уредна и чиста природа


За природа уредна и чиста
за шумата да ни листа,
за здраво да ни минат дните
се вклучивме во акција сите.


Сите заедно се здруживме
и во еден глас извикавме:
Чиста природа сакаме
за нашата планета Земја.


На нашата планета Земја
природа чиста ни треба.
И затоа ние за неа
треба да се грижиме.


Не ја загадувај водата
таа е дар од природата.


Природата да се чува
размислувам често
за нас треба да биде
убаво и чисто место.


Маја Најдовска
ОУ „Даме Груев“ - Битола


Ментор Александра Лазаревска




Избор на поетски творби. Книга 3


9


Месечина


Ја сакам ноќта зашто што тогаш се појавува месечината.
Одам на моето место и ја гледам месечината таа што го менува
својот облик, но истата е.
Си велам таа расте како нас децата
Месечината ми шепоти нешто, тоа се тајните на животот,
Не е какви се моите оценки во дневникот на учителката.
Таа ми кажува како да се снајдам во животот,
кои тајни ги кријат моите блиски.
Тоа го прави мојата месечина.


Леона Аземовска
ОУ „Даме Груев“ - Битола


Ментор Нела Неделковска




10


Млади поетски перформанси


Јас кога помагам многу внимавам!


Многу сакам кога мама прави колачиња
Да помагам да сецкам бананчиња,
Да мелам со машината оревчиња,
а мама остава сè, внимава на мене
со ножето да не се исечам,
во машината прсте да не сомелам.


Мојата мајка се загрижува,
Јас ѝ сум од се поважна,
И торта и колачиња остава,
во доцните саати сама да ги доправа.


Мама не забележала
колку многу сум пораснала
Дека умеам за себе да се грижам,
Дека знам ако се повредам
Најмногу неа ќе ја растажам.


Јас кога помагам многу внимавам!


Михаела Димовска
ОУ „ Даме Груев“ Битола


ПУ Долно Оризари
Ментор Наташа Настевска




Избор на поетски творби. Книга 3


11


Земјата има силна убавина


Птиците имаат преубав лет
Се радуваат на секој цвет,


Секоја птица весело пее
сонцето милно сите ги грее


Воздухот воздишки секаде сее,
Облачето бистар дождец лее


За секое дете во секој миг да се смее
Сечие обравче со радост да руменее


Земјата има силна убавина
Дарува здравје на сите како планина


Ана Марија Радевска
Долно Оризари - Битола


ПОУ „Даме Груев“
Ментор Наташа Настевска




12


Млади поетски перформанси


Песна за мама


Прекрасна си мамо мила
Единствена си за мене
Секогаш си во мислите мои
Насмеана да ми бидеш
Ако некогаш те повредам
Знај ненамерно било
Ако ти затребам тука сум
Мила си и нежна како свила
Ако денес постојам тоа е поради тебе
Мајко драга како сонце грееш
А кога те гледам среќна срцево ми трепери


Емилија Врчковска
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


ПУ с. Цапари
Ментор Маја Јанакиевска




Избор на поетски творби. Книга 3


13


Загаден воздух


Загадениот воздух за здравјето е штетен,
а децата од мака плачат
и да дишат се мачат.


Маските им станаа најдобри другари,
но, сепак, загаденоста
ги плаши со своите удари.


Децата своите домови не ги напуштаат,
бидејќи лоши вести се објавуваат.
Секој ден губиме по еден човек,
па затоа треба да се слуша совет.


Андреја Поповска
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


ПУ с. Цапари
Ментор Маја Јанакиевска




14


Млади поетски перформанси


Единаесетти октомври


Во гората тажна,
таа есен за Македонија,
се донесе одлука,
голема и важна.


Пламено жарче оган
во гради развија,
за слободна татковина
херојски живот дадоа.


Датуми разни во историјата,
но како 11 Октомври
не може ни еден
да не направи толку горди и силни.


Петар Џоџадинов
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Маја Јанакиевска




Избор на поетски творби. Книга 3


15


Крајезерски бранувања


Се слуша бранување милно,
по камењата езерски силно.
Воздух убав, мирис на охридска пастрмка се шири
луѓето скарани ги мири.


Бисер, езерски, бисер, бел
секој во својата колекција би го зел.
Песочни јагули си пливаат,
изгледот, го надополнуваат...


Бистра вода, чиста
би ја изложила на биста.
Поубаво езеро, нема на целава планета.


Ги слушам крајезерските бранувања,
и нема никакви стравувања...
Шлапкаат по брегот елегантно, мило.


Ех, сакам да застанам во водата,
да го осетам приливот,
да го милувам одливот,
да уживам во водата, во животот,
ех...ЖИВОТОТ,
ЖИВОТОТ...


Анастасија Огненова
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Искра Поповска




16


Млади поетски перформанси


Гоце Делчев


Горди сме на нашиот херој,
Од него легенда стои,
Цела Македонија пишува песни
Еднаш соништата ќе му се лесни.


Да го дадеш животот свој,
Ех, како ли го правел тоа тој?
Легна тој во крв со куршум врел,
Човек тој бил толку смел.
Едноставно беше јак.
Во Македонија нема таков херој да се види пак.


Антонио Јанкуловски
ОУ „Елпида Караманди“ - Битола




Избор на поетски творби. Книга 3


17


Училишна хип-хоп рапсодија


Прво, второ, трето
со многу букви, бројки затрупано сето.
Четврто и петто
со екстерни тестови
да не бидеме раат пола лето.
Во шесто и седмо
нови предмети, наставници бројни
проекти еден куп
и се почна да се врти во круг.
Стани, седни
пиши, бриши
претпладне, попладне
не остана време слободно да се диши!
Осмо дојде и брзо ко да пројде.
Полуматуранти во деветто
стигнавме за час
и посакаа сите да се куртулат од нас.
Пак проекти,
домашни без крај,
натпревари, конкурси
хаос во главите се до мај.
Дружења, екскурзии
и по некоја сопка
Се затвори кругот,
летна ко топка
Во нов правец
со свидетелства во раце и и прашалници тон
Сега којзнае каде
ќе го слушнеме првиот средношколски ѕвон.


Антим Атанасоски
ОУ „Елпида Караманди“ - Битола




18


Млади поетски перформанси


Планетата Земја


На планетата Земја
има многу нешта
но за да ја одржуваш
треба да си вешта.


Пластики, гуми,
стаклени чаши
сето тоа поминува
низ рацете наши.


Насекаде има планини,
езера и реки,
а тие како
злато во вреќи.


Глобалното затоплување
шири глас,
а планетата Земја
за сето тоа бара спас
и вика на целиот глас.


Ива Ивановска
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Сузана Петковска




Избор на поетски творби. Книга 3


19


Фантазија


Бујна е мојата фантазија
колку од тука па до Азија.
Се случуваат секакви чуда
во оваа моја глава луда.


Со мислите шетам
и на небото летам,
а се качувам на ѕвездена комета
за да ја видам секоја планета.


Во истиот миг космонаут сум смел
ја освојувам планетата дел по дел,
а господар сум на планетата цела
и фантазија имам смела.


Кога ќе погледнам околу себе
покриен сум со моето ќебе,
лежам во мојата соба,
касно е во ниедна доба,
а мислите далеку заминале
и самите се надминале.


Филип Санковски
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Сузана Петковска




20


Млади поетски перформанси


Спортски час


Здраво драги ученици
од овој школски клас.
Јас сум Дарко
кој сега ќе ви одржи
еден спортски час.
Да почнеме прво со фудбалот
кој го сака секое дете, кое што
знае со топката мрежа да плете.
Фудбалот го сакам и јас, но
само да гледам, зашто со топката
можам да направам подвиг
така што ќе паднам во истиот миг.
И кошарката е убава многу
нели дечиња мили,
но за да играм кошарка
немам ниту висина, ниту сили.
Пробав и одбојка да играм деца јас,
но во следниот час
се најдов на подот
и почнав да бројам ѕвезди на глас.
Верувајте сакав да играм
и тенис со рекет,
но изгледа од ударот мој
неколку птици почнаа со крекет.


Но можам да се пофалам сега
дека ракометот е спорт број еден
и во него јас сум најголем ас,
та добивам пофалби секој час.


Дарко Петковски
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Сузана Петковска




Избор на поетски творби. Книга 3


21


Велосипедски спас


Колони возила на улица,
сообраќајот е во полн ек,
вистински метеж, врвулица,
хаос на кружниот тек.


Мириса на издувен гас,
од старите коли опасност вири,
низ ауспусите отров се шири
загадено е сè околу нас.


Замислете кога секој автомобил
со велосипед би се заменил,
колку воздухот почист би бил,
а нашиот живот би се сменил.


Затоа, одете со велосипед на работа,
возете се со нив и во недела и во сабота,
здравата околина е важна за сите нас
на нашата планета и должиме спас.


Павел Наумовски
ОУ „Елпида Караманди“ - Битола


Ментор Сузана Петковска




22


Млади поетски перформанси


Есенска песна


Летото беше убаво,
се одмора и се патува,
но брзо тоа си замина
со есента веќе се ракува.


А, есента е уметник прав
има прекрасни бои,
на секое дрвце и ливче
шарено фустанче му крои.


Таа тука не застанува,
си продолжува да патува,
кај секој плод во нивите
не заборава, си свратува.


Исто така и училиштата
широко отвораат врати,
оти прекрасната, златна есен
учениците ќе им ги прати.


Иво Илчевски
ОУ „Елпида Караманди“ – Битола


Ментор Сузана Петковска




Избор на поетски творби. Книга 3


23


Копнеж


Сонце ме гали, исчезнува мрак
утрото блеска со нежен зрак.
Над мене небо и птици во лет,
пред мене поле и пчелка во лет.


Денот се буди, песна се пее,
поточиња жуборат, вода се лее.
Планини високи, езерски сон,
стада на падини, волшебен ѕвон.


Штом кротко ќе погледнам на твојата лика
срцево мое во радост блика.
Копнеам по ливади да трчам боса
и ветрови да ја галат мојата коса.


О, татковино мила!
Да можам, во прегратка би те свила.
Би те погалила со рака,
за да ти покажам колку те сакам.


Нектарија Илиевска
ОУ „Елпида Караманди“ - Битола


Ментор Сузана Петковска




24


Млади поетски перформанси


Мојот сон


Во ноќите кога тивката осаменост најсилно пече,
сонувам со очи отворени и во сонот шепотам...
Сонувам сон зачинет со волшебна прашина,
посегнувам по ѕвездите, зборувам со месечината!
Сонувам за љубовта...
Тече како река без брани и мостови,
пробивајќи си го лесно патот.
Сонувам за среќата...
Го бришам дождот од очите мои,
собирам спокој, мир, насмевки...
Ги потиснувам трнливите чувства
и го слушам говорот на срцето мое.
Сонувам за пријателството...
На крајот од хоризонтот,
каде сонцето се претопува во полната месечина,
ние се нишаме на виножитото
и ги мешаме белите и сивите облаци на небото.
Во сонот подавам рака на слабите и болните,
на сиромашните, на несреќните...
Им помагам да станат, да ги избришат солзите,
да се исправат и заедно напред да чекориме!
Сонувам за мирот...
Оружјето да се замени со добри зборови
и со топла насмевка!
Сонувам како сите заедно
живееме во свет без страв и болка човечка!


Време е да започнеме да сонуваме поинаку
и да направиме ноќите да милуваат бескрајно!
Нека си замине темнината,
нека се слеат врз нас среќата, љубовта, верата...




Избор на поетски творби. Книга 3


25


Да живееме во љубов, дарувајќи љубов!
Мирот е во нас, да го разбудиме,
да му дозволиме да ни се случи,
бидејќи тој ни е во срцето!


Антониа Цветаноска
ОУ „Гоце Делчев“ – Битола


Ментор м-р Емилија Прчкова




26


Млади поетски перформанси


Еко порака


Планетата Земја за помош моли,
свестете се, сè почнува наоколу да гори:
и паркови, и шуми, и пасишта красни,
долови и полјани во бои живописни.


За да ја заштитиме природата ќе ве советувам вака:
велосипедот секогаш да ви биде при рака,
а фрлањето отпадоци в корпа да не претставува мака.
Во чиста околина секој да живее сака,
на оној кој греши да му се укаже, за и тој да преземе нешто -
разумот да надвладее, секој да постапува еколошки вешто.


И птиците знаат да запеат со тажен глас,
да побараат и тие спас
од отпадоците кои ги фрламе наоколу секој час.


Загадувањето на воздухот е тема ранлива и тешка,
затоа дрвјата и цветовите да ни се мили,
да ги чуваме и заштитуваме со сите наши сили.


И за крај, слушнете ја мојата порака гласна:
Здравјето е богатство, треба да внимаваме,
а што е она што можеме и самите да направиме?
Со добри дела да ја чуваме природата цела,
за да чекориме кон иднината со насмевка,
задоволство и спокој во душата!


Анастасија Трајковска
ОУ „Гоце Делчев“ – Битола


Ментор м-р Емилија Прчкова




Избор на поетски творби. Книга 3


27


Моите желби


Некој посакува авион,
некој посакува автомобил,
некој посакува никогаш
да не чувствува болка,
други само ги затвораат очите
кога ќе видат ѕвезда.


Јас сум жедна да пливам в океан,
каде водата носи мир.
Сонувам за розови неба,
а добриот ден никогаш да не заврши.


Посакувам сите да се држиме за раце,
борејќи се против глад и насилство.
Посакувам да одам по виолетови песоци,
да живеам со мечти и предизвици.


Сакам свет каде
не се плашам од ништо,
место каде можам да ги држам
тие што ги сакам -
толку блиску, цврсто.


Заслужуваме среќа,
заслужуваме мир.
Сакам да го боиме светот со љубов
и да имаме некој кој ќе седи до нас
и ќе ни подари леснотија и спокој.




28


Млади поетски перформанси


Кога посакувам некого
да стегнам за рака,
тој се појавува во моите мисли
и ми вели:
„Не воздржувај се
поради бојата на твојата кожа,
твојата вера или националност,
ајде да одиме надвор
и да го живееме денот.“


Ема Фердинанди
ОУ „Гоце Делчев“ – Битола


Ментор м-р Емилија Прчкова




Избор на поетски творби. Книга 3


29


Каде е сонцето?


Бурата ги однесе...
Моите чувства,
болките и страдањата.


Ветрот ги развеа
гранките на спомените,
моментите и надежта.


Дождот ја натопи
сета среќа во срцето,
а тагата сè уште стои.


Го повикав сонцето,
да ми врати сè,
сè што ми зема воздухот.


Ивана Христова
ОУ „Ѓорѓи Сугарев“-Битола


Ментор Марјан Тасевски




30


Млади поетски перформанси


Мајчиниот јазик


Мајчиниот јазик е нашата основа, нашиот корен
од нашите предци со голема љубов створен.
Тој е наше духовно наследство, национално богатство
нè обединува и зближува, го штити и чува нашето братство.


Тој е јазик на кој говориме, пишуваме, твориме
непресушен извор за кој до крај ќе се бориме.
Тој е идентитет на народот, со кој сите се гордееме
а наша должност е да го сакаме и владееме.


Тој е како ѓердан, со златни зборови реден
секој е значаен, секој е скапоцен и вреден.
Тој е најзначајно обележје на една нација
и најголема гордост на секоја генерација.


Христина Гроздановска
ОУ „Св. Кирил и Методиј“


Ментор Софија Јанкова




Избор на поетски творби. Книга 3


31


Мајка


Мајка ми е како цвет,
таа е најубава на свет.
Мајка ми како сонце блика,
убава е како слика.


Нејзината коса е ко најмека свила,
кога ми зборува е ко ангел без крила.
Таа најубаво ми пее,
од нежната уста најубава песна се лее.


Како ѕвезди се нејзините очи,
од нежната душа добрина се точи.
Мајка ми ми топли како сончев зрак,
кога се враќам од училиште ме чека на праг.


Мојата мајка многу ме сака,
нежно ме гали со својата рака.
Од срце таа љубов ми дарува,
на нејзиното лице секогаш насмевка царува.


За неа би дала сè на светот,
и за нејзиниот убав мирис како цветот.
Кога сум со неа е како во бајка,
НАЈМНОГУ ЈА САКАМ МОЈАТА МАЈКА!


Ана Ноческа
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Битола


Ментор Катерина Маруши




32


Млади поетски перформанси


Подај ми рака другар да ми бидеш сакам


Другарче мое мило
без тебе како би ми било?
Убаво ни е кога се смееме
и песнички кога си пееме.
Убаво ни е кога се дружиме
и кога радост си пружиме.
Но и кога тагуваме,
поткрепа си подаруваме.
Затоа, другарче мое мило,
не сакам да знам без тебе како би ми било.
Сакам да сме заедно во радост и тага,
секогаш заедно да си пружиме рака.


Јана Марковска
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Битола


Ментор Катерина Маруши




Избор на поетски творби. Книга 3


33


Детство


Нашето детство е
како во бајка,
што ни ја чита
навечер нашата мајка.


Соништата од секојдневието
кои ги посакуваме,
стануваат вистина
кога пораснуваме.


Детските срца
невини и чисти,
секојдневно разиграни
ко потоци бистри.


Летаат, летаат
детските денови
итаат, итаат
младешки сонови.


Бисера Салевска
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Битола


Ментор Катерина Маруши




34


Млади поетски перформанси


Стоп за насилството


Знаеме дека насилството,
Само насилство раѓа
И омразата како студен дожд
Врз сите луѓе паѓа.


Најтажни од сè,
Се очињата детски што плачат,
Кои треба секој насилник
Вечно да го мачат.


Застанете! Не ги кршете
Детските соништа веќе еднаш,
Запрете ги војните,
Дома, насекаде-веднаш!


Дечиња мили од сите страни,
Подајте рака,
Да го научиме светот
Како се сака!


Да изградиме пријателство,
Нескротливо, силно,
Да ги гушнеме сите,
Во прегратки милно.
Среќен дом за сите,
Светот да ни биде,
Тага, глад, солзи, страв,
Детското срце никогаш да не виде.


Аурора Де Ангелис
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Битола


Ментор Катерина Маруши




Избор на поетски творби. Книга 3


35


Верба во себе


Патот по кој патувам,
денот на кој се радувам,
среќата во која се наоѓам,
тоа е успехот во кој верувам.


Добрината која ја поседувам,
љубовта која ја дарувам,
милиот збор не го занемарувам,
радост ширам и остварувам.


Знам да се надевам,
на љубезност да заблагодарам,
на сонцето да се воодушевам,
и како надеж да го доживувам.


И сега, кога ова го пишувам,
сакам да учам, изучувам,
на секој писател му се восхитувам,
и на светот песни му ветувам.


Лела Стојановска
ОУ „Св. Климент Охридски“ - Битола


Ментор Соња Петровска




36


Млади поетски перформанси


Книга


Кога читаме, патуваме
низ светови разни
и пловиме низ сказни.
Книгата е да се чита,
книгата е да се учи
и во мозокот да ни бучи.
Книгата е да се сака,
бидејќи таа на секого
му отвара врата.
Од неа учиме приказни, сказни
и уште многу чуда разни.
Кој книгата ја сака
во животот никогаш
нема да има мака.
Книгата не учи во
секоја ситуација
да се снајдеме
и на секој проблем
решение да најдеме.


Викторија Петковска
ОУ „Св. Климент Охридски“ - Битола


Ментор Билјана Печипајковска




Избор на поетски творби. Книга 3


37


Мила сестра


Мојата сестра е мила
и нежна како свила.


Леона се вика
и од неа имам убава слика.


Таа е слатка како мед
и убава како цвет.


Понекогаш ме кара,
а потоа ме бара.


Барбара Василевска
ОУ „Св. Климент Охридски“ - Битола


Ментор Билјана Печипајковска




38


Млади поетски перформанси


Мојот свет


Во мојот свет-
секој човек мирно спие,
радост, желба, добрина
и љубов не крие.


Во мојот свет-
сите другарчиња мои
го прават светот весел
ко виножито во сите бои.


Во мојот свет-
секоја ѕвезда небото го краси,
за секого е иста
без разлика на сите раси.


Во мојот свет -
добрината царува
и секој на секого
радост му подарува!


Искра Нечаковска
ОУ „Св. Климент Охридски“ - Битола


Ментор Соња Петровска




Избор на поетски творби. Книга 3


39


Годишни времиња


Есента-
Овошна со круши зрели
Што беа од сонцето врели.
Пролетта-
Полна со цвеќиња шарени
И букети од нив се правени.
Летото-
Во летото е жешко
Повеќе алишта
да се носат е тешко!
Зимата-
Искрено ми е ладно,
И малку ми е гадно.
Од настинки ми се мати,
Пази те молам,
Бидејќи ќе те префати.


Андреа Цветкоска
ОУ „Коле Канински“ – Битола


Ментор Лидија Павловска




40


Млади поетски перформанси


Татковината моја


Татковино моја мила
ти си моја, ти си наша.
Ти ни шириш крилја
со љубовта наша и ваша


Татковино моја мила
ти си извор што блика.
Во секоја доба
најубава си ко слика.


Татковино моја мила,
гордост си на сите.
Со тебе во радост
ги врвиме дните.


Михаела Биневска
ОУ „Коле Канински“ – Битола


Ментор Лидија Павловска




Избор на поетски творби. Книга 3


41


Tешко е


Чувствувам душата ми се згужвала,
како кошула фрлена, износена.
На грбот чувствувам тежина
и неизмерна тага
зошто ти ми кажа страшна лага.


Ми кажа до крај на свет си со мене,
а сега ме притиска бреме.
Те видов, одиш со друга.
Со поглед ја стрелаш, ја сакаш.
Ти погледнав в душа – ја љубиш,
видов како од моите дланки
полека како се губиш.


Болката нека ја снема,
Да те заборавам, нека те нема.
Ако животот повторно не спои,
Знам, другата пак меѓу нас ќе стои.


Мила Бошевска
ОУ „Стив Наумов“ – Битола


Ментор Магдалена Сајкова




42


Млади поетски перформанси


Другарство


Другарството е птица,
Што секаде лета.
Другарството е цвеќе ,
Што најубаво цвета.


Другарството е пеперутка златна,
На крилја среќа што носи
Другарството е сончев сјај,
Во секој кат, во секој крај.


Другарството цена нема,
за него нема замена.
Биди другар без маана
другарството е неопходна храна.


Но другарството е роза нежна
посебна за душите наши,
солза е тешка
заробена во срца тажни.


Годините поминуваат,
косите побелуваат
но, вистинските другарства
не дозволувај да избледнуваат.


Марија Илковска
ОУ „Стив Наумов“ – Битола


Ментор Магдалена Сајкова




Избор на поетски творби. Книга 3


43


Фантазија


Еднаш патував во една чудна земја
низ планини и гори
од доцна во ноќта
па сè до рани зори.


Патував со брод
па со чуден камион
и наеднаш се најдов
во еден воен авион.


Слетав со падобран
во светли песочни дини,
а околу мене се шетаа
камили, зебри и газели фини.


Пешачев неуморно по пустината
богата со песочна прав
па наеднаш видов и зборував
со еден страшен лав.


Чекорев тешко и нозете ми пропаѓаа
во песокта со златна боја,
па наеднаш здогледав натпис
„Ова беше само фантазија моја“.


Лина Чашитовска
ОУ „Стив Наумов“ – Битола


Ментор Ана Динковска-Божиновска




44


Млади поетски перформанси


Јана и Иле


Пискоти татнат од сред село
лелекања на сите страни.
Дал Јана млада е армасана?
Дал Иле на гурбет оди
ил в борба се бори?


Не, Јана мома не се мажи
нит Иле на гурбет оди...


Тук Јана, мома ја покри црна земја
селото во мрак се дави,
а Иле плаче и вика
оти на Јана за навек нема да ѝ види лика.
Тој млад в солзи облеан,
а Јана со земја покриена.


Сите во тага ја испраќаат до гроба...
Колку ли тажна е оваа доба?
Иле плаче, врз гроба паѓа
само болка в срце му се раѓа.


Својот револвер тој го зема
пожално од ова ќе да нема.
Истрелот на оваа љубовна болка е мед,
зашто нивната љубов ќе биде вечна на другиот свет.


Патрисија Темова
СОУ „Таки Даскало“ - Битола


Ментор Николина Поповска




Избор на поетски творби. Книга 3


45


Љубов неискажана


Ќе се сетиш на мене,
кога на испарениот прозорец ќе го прочиташ
моето име.
Ќе се сетиш на мене,
кога капките од дожд ќе прозборат за една пролетна љубов
што никогаш не се остварила.


Ќе се сетиш на мене,
кога ќе поминеш покрај потокот
од моите солзи
и ќе го чуеш мојот плач по тебе.


Можеби само така ќе се сетиш на мене
и ќе знаеш дека вечно ќе те сакам тебе.


Александра Петровска
СОУ „Таки Даскало“ - Битола


Ментор Николина Поповска




46


Млади поетски перформанси


Погребај го моето срце


Ова срце што те љуби безусловно
ова срце подготвено да се распарчи за тебе
зарем толку си суров да го изгориш?


Раните, никогаш нема да заздрават.
Дојди, биди едно со морето,
посоли ги стравовите в неврат!
Одведи ја болката што не сака да стивне.


Туркај ме, повреди ме, скрши ме,
но не напуштај ме.
Повреди ме повторно и повторно...
врати ми колку те боли.


Пушти ме во твојот свет, да ја украдам болката,
за да ја заклучам со сета темнина и сите стравови
за тебе да остане само љубов и светлина.


Те сакав тогаш и сега
ќе те сакам до века,
во времиња и места празни
ќе најдам начин
злосторниците да заслужат казни.


Избриши ги солзите, сакан мој,
тие болат во моето срце.
Лажните насмевки, не лечат рани-
ако крвариш ти, крварам и јас.




Избор на поетски творби. Книга 3


47


Мрази ме, скрши ме, а потоа спаси ме!
Спаси ме и не ме казнувај со твоето отсуство
спаси ме од зборовите што ми го погребаа срцето!


Магдалена Дандушевска
СОУ „Таки Даскало“ - Битола


Ментор Николина Поповска




48


Млади поетски перформанси


Илузија


Од зборовите твои ѓердан нанижав,
Со мислите мои пат до небесата ти поплочив,
Ти одеше по патот,
А јас, маѓепсана, веднаш позади тебе.


Одев по патот на мојата илузија,
Толку реална, а сепак невистинита.
Засакав нешто нереално,
Створено во моите сништа.


Летав со тебе до другиот свет,
Каде децата никогаш не стареат,
Во земјата на чудата,
Како Петар Пан и Винди.


Ех, ти моја нереална невистино,
Што во срцето мое гнездо направи,
И во сонот мој се појави,
Така сама ме остави.


Ми подари неколку часа во сонот,
Со ветување дека повторно ќе се вратиш.
Но години поминаа,
А ти ме остави така,
Со надеж дека повторно ќе те видам.


Ева Домазетовска




Избор на поетски творби. Книга 3


49


Иако мала но сепак богата


Имаме јазик-тоа е македонски.
Имаме љубов-тоа е Македонија.
Имаме надеж-таа е македонска.
Имаме гордост-таа е патриотска.


Колку е убава Македонија,
колку се прекрасни
нејзините полиња,
високите планини и
Прекрасните сини езера.


Ќе отидеш во природа
славејот, со песна ќе те пречека,
овошките слатко ќе те нахранат,
зеленилата милно ќе те заспијат.


Вода од потокот ќе се напиеш,
век ќе проживееш,
среќен ќе останиш,
Македонец ќе остариш.


Баба, Солунска глава,
Кораб и Јакупица,
Јабланица и Даутица,
душевно ќе те заведат,
на Вардар ќе те одведат
во Охрид ќе те освежат.


Низ чаршија ќе поминеш
Гоце Делчев ќе го поздравиш,
Миладинов ќе го благословиш
на Кирил и Методиј ќе им заблагодариш.




50


Млади поетски перформанси


Книга ќе прочиташ
збор ќе научиш
Песна ќе запееш
милно ќе се насмееш.


Оо кој сме ние?
Оо колку сме ние?


Ние сме македонци,
ние сме борбеници
Ние сме деца на просветителци.


Филип Иваноски




Содржина


Предговор ..................................................................................................................... 7
Ти ми беше ѕвезда ...................................................................................................... 9
Уредна и чиста природа .......................................................................................... 10
Месечина ........................................................................................................................ 11
Јас кога помагам многу внимавам! ..................................................................... 12
Земјата има силна убавина .................................................................................... 13
Песна за мама ............................................................................................................... 14
Загаден воздух ............................................................................................................ 15
Единаесетти октомври ............................................................................................. 16
Крајезерски бранувања .......................................................................................... 17
Гоце Делчев ................................................................................................................... 18
Училишна хип-хоп рапсодија ................................................................................ 19
Планетата Земја ........................................................................................................... 20
Фантазија ........................................................................................................................ 21
Спортски час ................................................................................................................. 22
Велосипедски спас .................................................................................................... 23
Есенска песна ............................................................................................................... 24
Копнеж ............................................................................................................................ 25
Мојот сон ........................................................................................................................ 26
Еко порака ..................................................................................................................... 28
Моите желби ................................................................................................................. 29
Каде е сонцето? ........................................................................................................... 31
Мајчиниот јазик........................................................................................................... 32
Мајка ................................................................................................................................ 33
Подај ми рака другар да ми бидеш сакам ....................................................... 34
Детство ............................................................................................................................ 35
Стоп за насилството .................................................................................................. 36
Верба во себе ............................................................................................................... 37
Книга ................................................................................................................................ 38
Мила сестра .................................................................................................................. 39
Мојот свет ...................................................................................................................... 40




Годишни времиња ...................................................................................................... 41
Татковината моја ......................................................................................................... 42
Tешко е ............................................................................................................................ 43
Другарство .................................................................................................................... 44
Фантазија ........................................................................................................................ 45
Јана и Иле ....................................................................................................................... 46
Љубов неискажана .................................................................................................... 47
Погребај го моето срце ............................................................................................ 48
Илузија ............................................................................................................................ 50
Иако мала но сепак богата ..................................................................................... 51




Издава
Национална установа


Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола


Млади поетски перформанси
(Избор на поетски творби)


Книга 3


Дизајн на корица и
компјутерска обработка


м-р Зоран Јанакиевски


Печати
Графопром – Битола


Тираж 200


Проектот е реализиран со
финансиска поддршка од


Министерството за култура на
Република Македонија