Креирај – слемирај
(Избор на поетски творби)
Издава
Национална установа
Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
За издавачот
м-р Јелена Петровска
Уредници
Фатма Бајрам Аземовска
Илче Стојановски
Соработник
м-р Зоран Јанакиевски
Национална установа – Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ – Битола
Креирај – слемирај
(Избор на поетски творби)
Битола, 2018
CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје
821.163.3-1(082.2)
КРЕИРАЈ - слемирај : (избор на поетски творби) / [уредници Фатма
Бајрам Аземовска, Илче Стојановски]. - Битола : Национална установа
Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, 2018. - 43 стр. ;
21 см
ISBN 978-608-4538-69-1
COBISS.MK-ID 108081930
Содржина
Nevermore ...................................................................................................................... 9
Град ................................................................................................................................... 10
Бесконечен .................................................................................................................... 12
Кратка биографија на вечниот бандит ............................................................. 14
„КрисТелевизија" ........................................................................................................ 15
Љуби ме .......................................................................................................................... 17
Нечуен крик .................................................................................................................. 19
Оди... ................................................................................................................................. 21
Персона нон грата ..................................................................................................... 23
Несклоплива сложувалка ....................................................................................... 25
Таа е .................................................................................................................................. 26
ГрадоТ .............................................................................................................................. 27
Паланечки синдроми ................................................................................................ 28
За унинието ................................................................................................................... 30
Мрзлива ем полна со жар ...................................................................................... 31
Ќебе................................................................................................................................... 32
ТАО .................................................................................................................................... 35
Јас сум човек и емоција ........................................................................................... 36
Тврдоглава и чувствителна .................................................................................... 37
Нова страна, ново секојдневие............................................................................ 38
Први март ...................................................................................................................... 40
Треба, ама и не мора ................................................................................................ 41
7
Nevermore
Ја отплеткувам и заплеткувам твојата коса.
Ја отплеткувам и заплеткувам твојата насмевка.
Ја отплеткувам и заплеткувам твојата фанелка.
Ги отплеткувам и заплеткувам твоите гради,
месести усни, силни раце.
Лежиме како сомови во тава
чекајќи да се испржат на врелото сонце.
Ја чекам нашата љубов сокриена во
Ѕвезда, да блекне
во јагне, во срнче, во еленче,
во младо младенче.
Ги раѓам нашите поминати спомени.
Спомени, носени, месени, печени, доени,
капени, милувани, бакнувани,
лулани, жртвувани, болувани
тажени и оттажени.
Те отпетлувам и запетлувам во мојава утроба.
И двајцата мирисаме на смрт во ново раѓање.
Лежиме како трупови во земја,
чекаќи животот да нè изгори.
Да нè изроди и изгони во заборав.
Се сеќаваш ли, за да се сеќавам?
Се сеќаваш ли на таа љубов?
Неродена. Секната. Од денот.
Од ноќта. Од тебе. Од мене.
Од мене кај тебе – никогаш.
Од тебе до мене – никако.
Јас зад тебе, ти зад мене – бездруго.
Ќе помине.
Елена Богдановска
8
Град
Град...град...град…
Град во јад - јад во град!
Млад во јад-јад во млад!
Буи! Bуи, буи, буи…
Зуи! Зуи, зуи, зуи...
Вашиот глас во средето на вашето јас,
па јас, па јас...
А кој е вашиот глас?
Ве прашува мајката која роди
тела со сокови од цвеќе
глави со трнливи венци
усти затворени со раце,
раце без раце
заби наострени да касаат
од сопственото месо.
А кој е вашиот глас?
Ве прашува таткото
кој со камен темелник го обележа
секој ваш миг, секој збор, секое влакно
од вашите глави, за ништо да не ви фали.
За ништо да не ви фали!
А, што ви фали!?
Што и фали на вашата младешка пот
со мирис на пелин?
Што им фали на вашите тесни фармерки
со голи потколеници?
Што им фали на вашите
дизни ишарани тетратки?
Ништо. Буквално ништо!
9
Па, тогаш каква ли ми треба провокација
За да ја разбудам вашата младешка рекреација?
Да го размрдам вашето долгочасовно
кафе, кафе, кафе
шмркнато, засркнато,
подголтнато, недоголтнанто?
Ми треба ли историска иновација
За да создадам докази за човечка креација?
Не!
Ми треба само вашиот ГЛАС,
оној кој буи, зуи, пени
Нараснува и никогаш не згаснува!
Оној глас кој во средето на своето јас
ќе пушти некој да пробуричка,
промени,претури, создаде:
прво Ти па Јас , па Ти па Јас.
Ние – Ти и Јас!
Ние ќе останеме овде да се љубиме
под уличните светла
со замижани очи и без очи.
Ние ќе останеме овде да се грееме
по влезовите од зградите
со здив и без здив.
Ние ќе останеме овде
каде што се родивме, искапивме,
облековме, заљубивме и одрековме...
родивме, искапивме облековме,
заљубивме и одрековме...
Овде каде што...дишеме...
Зашто ова е мојот град без јад.
Овде јас сум вечно млад.
Елена Богдановска
10
„КрисТелевизија"
Репортажа,
Во живо од „КрисТелевизија",
Гледачите ни се јавуваат со одредена визија.
Дали ова е мојата наредна мисија?
Никој не знае кај тера,
Велат, имај надеж, имај верба.
Па во што веќе да верувам јас?
Ехо, тишина, нечуен глас.
Сите сакаат да припаѓаат на некоја колектива,
Без да направат една мала ретроспектива.
Се движат кон црна бездна,
Безвредна и бедна.
Нема назад, нема ни напред,
Стагнираме во овој очаен свет, без ред.
Хаос, монархија,
Едните владеат, другите гнијат,
Подобро би било да е анархија.
„Емитувам мислења,
Стравови и ставови,
За подобра иднина, без туѓите гнили гревови."
Да ги лишиме царевите од нивните "златни" рува,
Да видиме како нивниот режим набрзина се соборува.
„Годините им врват,
Убедени во една фејк вестерн култура,
Верувајќи и само на обична испечатена брошура."
11
Младите едвај чекаат да заминат од тука,
Во туѓина, некоја земја друга.
Мислат ќе се збогатат,
Не им е јасно дека и таму ќе робуваат.
„Пари, пари, пари,
Сакаме пари и луксуз!
За сите вас, еден голем бакнеж на образ и аплауз!"
Парите ги сметаат за нешто свето,
А всушност тие биле направени за да го контролираат светот.
„Кристина, сестро, позајми ми некој денар,
Беше да работиш во странство,
50 долари ништо не ти менват!"
А јас викам, викам на цел глас,
Да се свестат сите од овој делириум, овој транс,
Време е за револуција,
Да се разбуди целата нација,
Не со оружје, не со насилсво,
Љубов ни фали, обединетост, братство.
„Кристина, привршувај со емисијата,
Време е за лагите, остави ја вистината,
Дали мислиш дека некој ТЕБЕ те слуша,
Дека овде има останато некоја чиста душа?“
„ Драги гледачи, толку е за денес,
Се надевам допрев до вас, до вашата совест,
Во наредна емисија ќе има повеќе придонес,
Ваш интерес, самосвест, медиумски земјотрес."
Кристина Ставревска
12
Кратка биографија на вечниот бандит
Само осамени ноќи и кревет полу-празен.
Ме чекаат кога сум заразен и згазен.
Од болеста на сите векови, времиња.
Мачнина од која викаш, душата дајте ми ја!
Верувам во празноверија, во урбани сказни.
Смислени од криминалните умови, со цели разни.
Го љубам бетонот и му се поклонувам.
Зошто тој ми даде мотив, јас пак да сонувам.
Самотијата е мојата сенка, мојот сопатник вечен.
Каде мојата крв, го оформи својот тек речен.
Извалкан во гревови и измиен од стравови.
И јас имам приказна за моите подеми и падови.
Имам место во пеколот, загарантирано.
Зошто во играта на ѓаволот, добро се имам уиграно.
Но во мојот свет е проклето ладно.
Додека одам по работ, и се однесувам гадно.
Од надежта крадам, за да имам што да јадам.
Крволочно се вљубувам, за некако бар да се возбудувам.
Смислата на денот, предизвикот на секојдневието.
За мене е, како да го зголемам влијанието?
Совршениот престапник, несфатениот социопат.
Кој што ги прави истите грешки, пак и пак.
Кој со општеството е секогаш во конфликт.
Ова е кратката биографија на вечниот бандит.
Гоце Мукевски
13
Бесконечен
Пред две години...
Пред две години
Јас бев Јас или Јас сум Јас.
А, можеби Јас ќе бидам Јас.
Пред две години
јас бев исплашен и сам
во непознат свет.
Нова страница од
приказната наречена живот.
Патека без почеток
и отсуство на знакот СТОП!
Јас бев јас
жртва, кукавица
која кука силно
чиниш вели
неможам ова, неможам она.
Срамот е победен!
Стравот е победен!
Пред две години, чувствувајќи се
како затвореник на поголема казна
доживеав совршенство,
претворено во балон
кој ми беше страв да престанам
да го полнам со воздух.
За миг совршенството
можеше да пукне
пред моите нови очекувања,
нови луѓе, нови авантури.
14
Пред две години
моето Јас повторно
се роди во место каде што
грешките се дозволени.
Грешки од кои човекот учи.
Грешки кои никој не ги зема за зло.
Во ова место, чиниш фантазија
за човечкото будно око.
Моето око сино. Бескрајно.
Ме научи да се ценам
и сакам само себе си.
Ме научи дека Јас
доаѓа на прво место.
Да, јас сум најубав и најпаметен.
Себично? Не! Вака ми е најубаво.
Судете ме!
Кудете ме!
Тој сум, кој сум!
Промената доаѓа како жар.
Не плашете се, нема да ве изгори.
Таа само ќе го изгони стравот.
Но, запомнете, Јас бев Јас тогаш
Јас сум Јас сега,
Јас ќе сум Јас и понатаму,
Бесконечен.
Прероден и обновен.
Ви се верува ли?
Борис Богдановски
15
Љуби ме
Љуби, љуби, љуби ме
не, оставај ме.
Заборави на времето!
Тик-так, тик-так, тик-так.
Мислам младоста ми помина
веста низ глава се обиде да кука.
Ммм...
Не! Поминаа само три секунди без тебе
ама како сто години да беа
затоа да, не се повтори оваа, брука.
И кафето кое
ми го заслади со твојата насмевка.
Шмрц, шмрц, шмрц.
Ооо...
преслатко е.
Nа усни мед ми остави и љубовта само,
како гулаб, гука
Љуби, љуби, љуби ме
сега и до бескрајот.
Шшш...
Потивко за да слушнеш.
Фрррр фрррр фррр
Пеперутките во стомакот се тоа.
Повторно е пролет во душава,
ги разбуди и сега прават бука.
Луп-туп, луп-туп, луп-туп
16
Љуби, љуби, љуби ме
срцето за тебе ми чука,
а светот ми го преврти наопаку
со љубовта
но, затоа до вечноста остани,
со мене тука.
Биљана Тодоровска
17
Нечуен крик
Зборот од центарот на душата се
проектира.
Во мене се врти и превртува,
осцилира.
На сите комори притиска,
пулсира.
Низ телото
продира.
Глас.
А сепак уште трагам...
Центрифугално левитирам.
Околу оската зборовна осцилирам.
На зборот значењето го пребарувам, бирам.
Залудно.
Библиско-вавилонски чинам, не се разбираме
зошто сме сакале боговите да ги имитираме.
А еве сме денес, живи и здрави,
половина животинки, половина божества
а сепак се попразноглави.
И глуви... и слепи... и неми...
И со затнати носеви, кога сме веќе на темата...
И не е дека не се разбираме зошто тебе ти треба слушен апарат,
мене диоптриски очила, него знаковен субстрат...
Не е дека не се разбираме
зошто не се слушаме, гледаме, допираме...
Не се разбираме зошто „не се разбираме“ ...
Не се разбираме зошто не емпатираме!
18
Зошто главата своја врз други ја проектираме,
и ништо друго освен истата не перцепираме.
Потенцирав? Не се разбираме зошто не емпатираме!
Само големата – рѓосана – цивилизциска машина ја придвижуваме,
општественото - чисто материјално тркало го ротираме.
А што? Тебе не ти се учествува во подлата игра? ОК. Следниот!
Потенцирав? Не се разбираме зошто не емпатираме!
Главата високо крената, моралите ниско спуштени
Мирно, позор, сад! И... Јуриш кон целта!
Чекај.... Која цел?
- Здраво, која е целта на твојот живот?
- М... Извини, то не е тема на муабет...
- А... Извини ти шо те задржвам.
Дали потенцирав? Не се разбираме зошто не емпатираме!
Ако потенцирав... Зошто овде заглавивме?
Ако не... Жал ми е што не се разбираме.
Само сакав да си позборуваме, нешто надвор од себе да креираме.
Јас...
Сакам збор надвор од мене да проектирам,
да зборувам, говорам, дебатирам, потенцирам,
и ако ништо повеќе не ми преостанува,
само со врвот на прстот да вибрирам.
Дозволи ми да те допрам.
Дозволи да допрам.
Waruna Kali Vidhi
19
Оди...
Ти биди Ти,
не биди како него.
Не оди по патот негов.
Нели знаеш дека греши?
Или оди...
Оди по него,
слепо верувај му, иако знаеш дека греши.
Оди по него
и тој одел по некој.
Залутал, заглавил, па не се вратил.
Оди по него,
по тесните улички од градот мртов,
по калдрмите со крв.
Оди... Или сепак се плашиш?
Плаши се... И треба да се плашиш.
Залутал, заглавил, па не се вратил.
И да те вика, не го слушај!
И да те моли, заврти му грб.
Не го слушај, знаеш дека греши.
Згрешил што го слушал тој пред него.
И тој пред него згрешил што го послушал тој пред него...
И пред него, редица изгубени души.
Празни, попразни, најпразни.
Се двоумеле кој пат да го фатат
и по инерција го одбрале тој погрешниот.
Почнуваш со една пијачка, на мајтап, онака.
Друштвото да те сака.
И...? Се докажаа ли? Или пропаднаа?
Одиш...? Зошто застана?
Или се плашиш? И треба да ае плашиш!
Каде завршија тие што тој пред тебе ги следел?
Под земјата црна, кобна,
20
некаде длабоко, подлабоко, најдлабоко!
Самите се закопаа, во црната дупка се изгубија!
Се изгубија засекогаш!
Оди, изгуби се и ти!
Се враќаш? Или се лажам?
По тие тесни улички,
по таа калдрма крвосана,
некогаш лежеле полумртви,
или ако сакаш полуживи деца...
Деца во умот...
Па, и децата повеќе знаат што треба да прават.
Оди...
Оди, само да го слушнеш
плачот што и понатаму ечи!
Оди да го слушнеш
врисокот мајчин што и понатаму ѕвони!
Немој, не дозволувај
уште еден врисок на мајка
со својата моќ и други срца да откине...
Да ги зграпчи и на милион парчиња да ги разнесе...
Те преколнувам, аман!
Не е спасот во дрогата,
во шприцевите оставени на калдрмата!
Не е спасот во смртта!
Трчаш кон мене? Или очите погрешно гледаат?
Или се враќаш за последен пат
да видиш што си оставил?
Сè уште ништо не си оставил.
Ќе заминеш и ќе оставиш...
А, да ти кажам што?
Само малку премногу пролеани солзи
и потопени души.
Оди!
Но, ќе залуташ, ќе заглавиш, не ќе се вратиш!
Андреа Наковска
21
Персона нон грата
Затворен во катакомба под притисок на дадена норма.
На радио слушаш „СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО НОВА ФОРМА!“
И вака и така си матат, туку
„Денес ќе ни покачат плата?“
Правен систем и закони – фекалија,
А убиства, убиства баталија.
Ако еден живот е помалку вреден, до кај сме?
Кој од нас е следен? Ти? Ти? Јас? Ти? Тој? Кој?
Статус на господа во скап костум,
шо си чуват лешој ко ајвар в подрум.
Персона нон грата, пристап на разврат.
Животот оди напред, а се враќа.
Само... до каде со измислената депресија?
Давање душа на вересија.
Провокација, чисто за рекреација, проследена со дискриминација.
Мислиш голема креација, АПЛАУЗ! ПУБЛИКА!
Нулта реакција.
В огледало се гледаш, те копка немирот.
Гледаш, ама стил на безличност.
Персона нон грата, долга е алчната рака.
Рани душа, ова де, рани его да те слуша.
Прими почит, па на чоек плукај.
Површниот пристап е врежан.
За расипани срца – лек нема.
Пренесваш болка за да те бодрат,
Илјада и една шанса коцкаш
И се криеш како п**** во ќор-сокак!
До кога?! До кога?!
Лажи, плати, дај ми, на ти, земи, врати, за љубов на рати.
За љубов на рати.
22
Персона нон грата, сè се враќа.
Кармата е кучка,
мава ко ќе не си свесен,
со иста мера во лев предел.
Добиваш поклон да одиш по работ до одрон.
Дури ти сонваш и планираш за рајот,
Данте во пеколот ти го чува крајот.
Валерија Дамчевска
23
Несклоплива сложувалка
Јас сум несклоплива сложувалка
Се прашувам има ли крај бездната?
Слушам глас што ме довикува
Гледам само тага и страв насекаде, а
Сакам само да летнам високи в небеса.
Јас сум несклоплива сложувалка.
Се преправам дека сè е во ред и уживам, а
Чувствувам бес голем колку планина.
Допирам нежно топло тело, додека тивко во ноќта
Се грижам за утрото што доаѓа, и она после него.
Плачам и врискам позади смирениот поглед и си шепотам нечујно:
Јас сум несклоплива сложувалка.
Разбирам дека сум само миг во вечноста, и затоа
Јас велам живеј го моментот, и само
Сонувам да одлетам далеку, а сепак
Се обидувам да си ја оддржам постојаноста и мирот, но бездруго
Се надевам дека ќе ја преминам бездната, зашто
Јас сум несклоплива сложувалка.
Весна Денкина
24
Таа е
Лавица, а човек-жена.
Зошто прерано се придружи на ангелскиот хор, горе на небото?
Ете, сега повторно го слушам тој ангелски глас.
Те гледам покрај цвеќињата, испровоцирана од детската насмевска-
светиш.
Сакам уште да те имам до мене и да ме топлиш, ти одбери дали со
збор или гушка.
Лавица, а човек-жена.
Се преправам дека сум дел од розевиот систем украсена со цвеќиња
на рамката.
Чувствувам топлина со помислата дека си со мене во собава,
ја допирам твојата снажна, кралска рака.
Ме загрижува тоа што чувствувам дека и ти чувствуваш дека тука си,
ама не си.
Солзите се тркалаат како луди по лицево, мислиш поплава ќе биде
местово.
Лавица, а човек-жена.
Знам дека и ова е дел од животот, но НЕ сега и тука.
Убедена сум дека сега конечно успеа целосно да се тргнеш од
лицемерието и непочитта.
Затворам очи, помислувам на тебе-гледам светлина и ти упорно ме
чуваш
од канџите.
Сакам и јас да избегам,
се надевам дека ќе успеам храбро машки до крај-како тебе.
Лавица, човек жена.
Зашто таа е.
Наташа Николоска
25
ГрадоТ
Припаѓам на градот од моето детство
кој ги дели луѓето на овие и оние
јас сум од Оние дојдените, иселените па населените
па преселените, незаживеаните и никако закотвените
- соседи на секого.
Кога некој ме прашуваше од каде си, велев од градов,
а сакав да речам не сум оттука,
но не велев јас така, туку тие.
Кога некој ме прашуваше на кого си, велев на Тој и Таа,
а сакав да речам на тато и мама,
но некогаш и велев така,
ме изморуваше да го кажувам моето родословие
и на крај да ми речат - не ги знам чупе кои се.
Не сфаќав зошто е тоа токлу важно - дете бев и
припаѓав на градот кој никогаш не ме прифати
град - градче со паланечки синдроми.
Ана Гегова
26
Паланечки синдроми
На паланката најважно и е да си медиокритет!
А каков е тој ентитет?
Да не прифаќа поразличен сензибилитет?
без никаков вид на надареност,
ревност, себеоствареност
А да чувствуваш осаменост
малодушност, поквареност
Како да кажам... хм
Паланката сака само „нормални“ луѓе
Нормални? - Ако има воопшто такви?
А како е да се биде нормален туку-така
кога другиот ти вели дека треба да правиш вака и вака
и му годи кога му даваш нешто под ракa
и ти вели: ова не е ништо, само онака
Значи ова се „нормалните“ меѓучовечки односи?
- да, да така е,
само ова те молам да остане во границите на нормалата,
меѓу нас, за да не ги бие лош глас.
ете гледате:
нормалните имаат исти потреби и сфаќања
и без многу именувања и јавни обраќања.
На паланката најважно и е да си медиокритет!
Еве пак прашувам:
- Па каков е тој ентитет?
кој проценува, пресметува,
пресудува, осудува со задна цел
27
ти одава почит само ако има интерес
а тоа ќе произведе само немоќ и бес
и веќе одамна ние не знаеме за чест
и не е важно дали е брачен, интелектуален
или материален
интерес си е интерес
и без многу, многу стрес
ќе успее да ти направи поткожен влез
кој ќе се обиде да ти ја измери
длабочината на џепот
позицијата во светот
наслагите и парите во сефот
На паланката најважно и е да си медиокритет!
И нема го прифатам овој ентитет
па нека останам сама во тој затворен свет
но срце ме стега и ми е мака
што ситуацијава останува вака.
Ана Гегова
28
За унинието
Изворот на радоста се наоѓа во мене самата
во благодата која сум ја побарала
и сум ја нашла во срцето.
Амбицијата да се биде или не
повеќе од тоа што сум, а не сум
ме помрачува и ме фрла во униние.
Животот е убав си велам...
кога успевам умерено го дозирам со среќа и тага
Аристотеловата златна средина!
Тоа не е да се биде медиокритет, никако
(тоа е заблуда на современите интерпретатори)
Златната средина е борба со крајностите
Таа е распетието наше меѓу острастеноста и рамнодушието.
Тој што успеал да ја добие битката со унинието се здобил со самата
Љубов.
Ана Гегова
29
Мрзлива ем полна со жар
Јас сум ем мрзлива, ем полна со жар,
Се прашувам: Каде почива правдата?
Слушам политичари кои божем се расправаат што сака народот.
Гледам само FOX, никако македонски телевизии.
Сакам бебето да ми заспие и да спие подолго (за и јас да се наспијам).
Јас сум ем мрзлива, ем полна со жар.
Се преправам дека сето ова со политикава не ме засега.
Чувствувам дека понекогаш местово ме гуши.
Допирам маж кој тивко ме љуби.
Се грижам дали бебето ми е најадено и наспано.
Плачам само кога ја читам „Тристан и Изолда“.
Јас сум ем мрзлива, ем полна со жар.
Разбирам дека глаголот го означува дејството во реченицата.
Јас велам дека е убаво да се учат повеќе јазици.
Сонувам за подобар свет. Не, лажам; Сонувам за она што ми се
случува или сцени од филмови и серии.
Се обидувам да научам да програмирам.
Се надевам дека некогаш ќе заминам од овде.
Јас сум ем мрзлива, ем полна со жар.
Валентина Ѓорѓиевска Павлеска
30
Ќебе
Откако знам за себе
се кријам под ќебе.
И кога студи и кога се плашам
И кога нешто ми е тешко и не можам да го кажам.
И тогаш кога на избори ТИЕ добија
И кога за работата, која само јас ја заслужив, ме одбија.
И кога писмото, во кое пишуваше: „Примениот кандидат има
партиска книшка“, дојде,
Мојата радост во неповрат појде.
Јас сакав:
Да викам,
Да кршам,
Да врискам,
Да пискам,
Да псујам,
Зашто горев во себе,
Но веднаш потоа се пикнав под ќебе.
И да знаеш, ќе те насамарат убаво тие и тебе и тебе и тебе!
Од сите слушав дека вреди да се борам,
Но, јас знаев дека со вакви идиоти, џабе е, што и да сторам.
А да си се пикнам јас под ќебе...
И тивко да си речам: МА КОЈ ВЕ ЕНЕ!
Ми велат дека такви зборови не ми долкувале мене...
А јас сакам:
Да викам,
Да кршам,
Да врискам,
Да пискам,
Да псујам,
Зашто не ми е убаво мисливе да си ги кријам во себе,
Но сепак на крај ќе си се пикнам јас под ќебе.
31
„Чупеее, не можиш така! Сега си возрасна и мајка.“ – А уште ме
третираат како дете.
Но, јас сум таа што роди бебе!
А бебе ко бебе.
Мало е.
Слатко е.
Мило
Најубаво мене ми е.
Кога за прв пат во раце јас ја земав,
Целиот живот си го сменав.
И кога сестрите со ќебето ме покрија,
Слушнав само: „Уш малку ќе те болит; Болката сокриј ја.“
Нешто силно почна да ме штипи,
А мене ми се чинеше како да чкрипи.
И-у, и-у, и-у (имитирам звук на шиење на кожа)
А сакав:
Да викам,
Да кршам,
Да врискам,
Да пискам,
Да псујам,
Зашто боли бре, боли!
Ама ќебе силно си стиснав и сè се стори.
Веднаш потоа станав мајка,
И мислев животот ќе ми биде како во бајка.
А и сега ми иде да им карам и мајка и шајка,
На сите кои во болница една недела ме викаа мајка.
„Ам, мори мајкаааа, сама не смејш да ко к’пиш и преслеквиш овде
бебено!“.
А јас три дена, бликајќи крв на сегде, нестрипливо си ја чекав,
завиткана во ќебено.
Потоа сагава мајчинска ја продолжувам,
Иако немам инспирација сега, римава не можам да ја одложувам.
Треба пелена да сменам,
И на никој не ми иде телефон да му кренам.
Сега повторно да дојам,
32
А ноќните минути наситно ги бројам.
Спие? – Не спие.
Спие? – Не спие.
Спие? – Ах... пак не спие.
И откако целото млеко го испи,
Со сопругот среќни си отвораме чипси.
„Конечно заспа. Дојди си под ќебе,
Зашто сакам јас да изгледам еден филм со тебе.“
И штом филмот стигнеше до крајот,
Таа наспана се будеше среде ноќ во мајот.
И под ќебе се пикав, не можам да лажам,
И сега искрено пред сите ќе кажам:
„Е, не можам веќе ете!“
„Не беше рекламата: Имајте трето или петто дете?!“.
И тогаш за убавоно на мојон да му дадам вето,
Јас не знам како ли успеваат оние во гето.
А штом ја земам и добивам насмевка топла,
Се претворам јас во матена хопла.
Ја пикам заедно со нас под ќебе
И си ја сакам само за себе.
Сега доволно за неа зборувам,
Но во умов „If you happy, happy, happy clap your hands” ќе си
повторувам.
Дека целава песна ја напишав не можам да си поверувам
А за ќебето дека е утеха, верувајте, не претерувам.
Валентина Ѓорѓиевска Павлеска
33
ТАО
Ливади...
Бумбари...
Ветер...
Глуварчиња...
Глуварче во десна,
Бумбар во лева.
- Ги држам со нежен стисок
Треперат во моите прсти,
Сакаат да избегаат,
Сакаат слобода,
Целта им е да најдат место каде што ќе положат семе,
Ќе родат плод...
И така ќе се качат на возот на вечноста.
Бумбарот: ззз... го користам сето мое тело, сите членови мои, и моите
влакненца,
Ко лостови за силата на ветрот,
Да се спасам да избегам...
Глуварчето: (со звукот на ветрот) го користам сето мое тело, сите
членови мои, и моите влакненца,
Ко лостови за силата на ветрот,
Да се спасам да избегам...
Јас кон вас: каде е мудроста и вештината повозвишена?
Кај рибарот што го движи чунот со весла,
Или кај оној што пред ветрот раширил едра!?
Васко Цветковски
34
Јас сум човек и емоција
Јас сум човек и емоција
Се прашувам дали е воопшто можно да ме сакаш
Слушам не
Гледам не
Сакам да се сакаме – јас и ти, ти и јас
Јас сум човек и емоција
Се преправам дека сум по твоја мерка
Чувствувам прегратка
Ја допирам твојата коса
нежно со показалецот на лицето те галам крај ушето
Се грижам за тебе
Сакам во моиве прегратки да најдеш сигурност
Плачам по тебе и за тебе и врз мене
Јас сум човек и емоција
Разбирам дека дозволата за тебе е мачнотија
Јас велам сруши ѕидови, отвори
Сонувам дека прегратката не претворила во столб од мермер, но
топол
Се обидувам да ми слеташ на рака
Се надевам безнадежно
Јас сум човек и емоција
Васко Цветковски
35
Тврдоглава и чувствителна
Јас сум тврдоглава и чувствителна.
Се прашувам зошто некои луѓе се толку полни со омраза.
Слушам како ѕвездите разговараат со небото.
Гледам како изгрејсонцето го гали езерото.
Сакам сите деца да бидат среќни.
Јас сум тврдоглава и чувствителна.
Се преправам дека знам добро да готвам.
Чувствувам како дрвото во дворот сака да ми биде најдобар
пријател.
Допирам летен и прашлив воздух.
Се грижам за моите родители.
Плачам за секој неостварен предизвик.
Јас сум тврдоглава и чувствителна.
Разбирам дека секој не може да биде богат.
Јас велам дека сите треба да имаме исти права.
Сонувам за среќен и безгрижен живот.
Се обидувам да ги толерирам луѓето околу мене.
Се надевам дека сите ќе научат да се сакаат и помагаат меѓу себе.
Јас сум тврдоглава и чувствителна.
Устијанка Скрческа Пишмановски
36
Нова страна, ново секојдневие..
Чуден и несекојдневен мирис ме мами да ги отворам очите.
Мирис на нова соба, нова завеса,
која крадешкум ја душкам додека збунето го набљудувам просторот
надвор.
Мал поглед на штотуку ново и од тој момент секојдневно место
ме носи во непознат свет.
Нова трепезарија, нов куќен ред и распоред...
Трудејќи се да ја извлечам покривката завиткана околу мене
како бебе од неколку часа дојдено на свет,
нешто ме гребна по стомакот и за миг заблеска.
Моите раце се црни од блесокот на сонцето, а сјајани од тој предмет.
Чуден и НЕСЕКОЈДНЕВЕН МИРИС...
Го отворам прозорецот за трошка чист воздух кој иако го нема.
Градот испарува од цела површина на земјата
и мислиш асфалтот е некоја лента која постојано бранува од
топлината.
Наеднаш гледам човек пред мене.
Висок младич кој решил да клекне и да го слушне од мене
судбоносното ,,Да“.
Мислиш дошол да бара прошка или да реши не толку битен момент.
Солзите сами навираат, прегратките се бесконечни, љубовта е
посилна од сè.
Уште еден мал поглед во тоа дијамантско чудо.
Чуден и НЕСЕКОЈДНЕВЕН МИРИС...
Сега сум сопруга, снаа, внука и на други баба и дедо, мажена ќерка.
Нови личности, нови карактери, нови поврзувања.
Секој те чека со отворена врата благопријатно да те прими,
да ти помогне, научи и извади од лавиринт.
И не изгледа толку тешко кога човек е тука да ти го отовори патот.
Чуден и НЕСЕКОЈДНЕВЕН МИРИС...
Упс, господин младич пред тебе сега е твој маж.
37
И сега?
Две мајки, една мајка? Двајца татковци или еден... свекор, свекрва,
девер..
За среќа поминаа оние времиња
кога човек е принуден на нештата да ги прави без да сака.
И самите луѓе ти даваат потполна слобода да избераш,
да се чуствуваш опуштено и да постапуваш како што си решил.
Први кифли изгорени и прва кошула не толку лошо испеглана.
Запршка со половина зејтин во неа или цвеќе посадено
една недела кај плаче за вода.
Еден буџет, а толку работи чекаат да се платат.
Од една страна сине дојдете да се видиме,
од друга ќерко од кога се мажи не заборави.
Слатки главоболки, слатки семејни проблеми.
Две семејства водат борба да зачнат трето
и како што е редот: молитва за свадба, дечиња, крштевка.
И тука ние двајца , живеејќи во нашиот едногодишен брак.
Бакнеж за добро утро и добра ноќ.
Насмевка за убав ден и сладок сон.
Младешки дух, кој не тера да правиме убави глупости
со нашето веќе заедничко друштво
Чуден и веќе СЕКОЈДНЕВЕН МИРИС...
Устијанка Скрческа Пишмановски
38
Први март
Елегија на една сцена.
На двајцата џебојте ни се полни со ветришта
крвта ни подрипнува од никотинот,
срцата ни ритмираат ко ударни вести.
Јас пијано го цитирам Исус
ти се колнеш дека за сè е во право Буковски.
Да ми си жив.
Публиката занесено и на двајцата ни ракоплеска
Мене ми се восхитуваат на речовитоста
ама воопшто не ме разбираат.
Тебе те распнуваат,
а во меѓувреме си планираат сексуално преслушување.
Не знаат дека вечерта на први март
си заминавме заедно рака под рака,
ко питко старо вино течевме по улиците
им ги броевме белите влакна
кои тие не ги забележуваа
и неспретно ги киневме сметките од топлификација
глупаво е да се грееш на промаја.
Биљана Т. Димко
39
Треба, ама и не мора
Сега што ќе правиме?
Сега ќе се смееме и ќе се сликаме.
Така треба?
Веројатно.
Сега што ќе правиме?
Сега ќе потонеме, ќе играме неми и слепи.
Така треба?
Не!
Ами!?
Животот ги јаде бестрашните,
Слабите сами пропаѓаат.
Биљана Т. Димко
Издава
Национална установа
Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ - Битола
Креирај – слемирај
(Избор на поетски творби)
Печати
Графопром – Битола
Тираж 100
Проектот е реализиран со
финансиска поддршка од
Општина Битола – БИТФЕСТ 2018